Почетна » македонска литература » современа македонска литература » Радован Павловски, живот и поетско творештво

Радован Павловски, живот и поетско творештво

Радован Павловски е роден во Ниш, 1937 година. Студирал право и литература во Скопје. Живеел и творел во Загреб, Хрватска (1964-1982), па во Белград, Србија (1982-1985), а од 1985, живее и твори во Скопје. Пишува поезија, есеи и патеписи, а преведуван е на многу јазици. Напишал многу збирки поезија од кои попознати се: Суша, свадба и селидби“, Корабија“, Високо пладне“, Боемија на Природата“, Зрна“, Молњи“ и Клучеви“ (трилогија) и др.

Поетско творештво

Поезијата на Радован Павловски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент на поетовиот роден крај наречен Железна Река.
Циклусот песни Зрна“ го сочинуваат 26 песни во кои зрното претставува многузначен симбол. Во својата основа зрното има вегетативно значење и симболизира раѓање, плодност. Тоа никогаш не умира, а преку неговата бесмртност ја претставува и судбината на човекот.

           
            Зрно
            Во мене живее житието на народот
            А со мене
            И судбини по светот се пребројуваат
            Да не ми остане семето во темнина
            Земјата да не ми огрубее, овенее
            И низ камен отварам пат
            Породот кон сонце го водам
            Во невреме јас знам химна да запеам
            Потоа кон ѕвездите да се оддалечам
            и да бидам вечна светлина
            Над шари од жита и народи.

Уште на почетокот на песната го гледаме поистоветувањето на зрното со човекот (со народот). Во поетовото срце е присутен целиот негов народ, од постанокот па до денес, сите Македонци со своите судбини по светот се слични на него.
Во продолжение ја изразува својата загриженост за сопственото семе, за наследството, да не остане во темнина и на тој начин земјата да огрубее, овенее“. Всушност загриженоста е за целиот негов народ и за неговата иднина.

Сепак, во наредните стихови оптизмизмот надвладува – низ камен отварам пат“ – зашто тој нема да дозволи семето да се уништи, тој ќе му овозможи пат до сонцето, до животот, до иднината. Знае тој дека ќе има и тешки моменти, невреме, но тој и неговиот народ ќе успеат да ги совладаат. Дури тогаш, кога ќе се ослободи од стравот, кога ќе биде сигурен во успехот, тој ќе може да се упати кон ѕвездите“, кон вечна(та) светлина“ и од горе да ја набљудува убавината на неговата земја.
Во наредните песни на циклусот, Павловски ги расветлува разните облици и форми на зрното, го разгледува односот на поединецот кон минатото, сегашноста и иднината (Првородни зрна“), за војната и последиците од неа (Зрно на воинот“), за бунтот против насилството (Бунт на зрното“), за вечното постоење на Македонецот (Зафрлено зрно“) итн.

            Младичот што спие на пладне

 

            Звукот на смртта
            те занесува да спиеш
            о младичу
            разбуди се
            Имаш поле озвучено од билки и мотики
            Утинското сонце е голема трпеза
            на која орачите го кршат својот леб
            Пладнето крие црни конци на ноќта
            Ти под себе си закопал камење и месечина
            Десет коњаници од заседа
            Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта
            сè додека не и доделиш
            замрачен бакнеж среде пладне
            Од тревата се крева хор на мртвите љубовници
            Разбуди се о младичу
            Мојот брод граден од винова лоза
            со засипнато грло е на море
            Има час кога сè е мртво од сон
            Има час кога се проучувам дали сум луд
            Вечер е
            и доаѓаат многу луѓе да те разбудат
            Ти ја црташ картата на ѕвездите
            и длабоко дишиш
            Разбуди се о младичу
            и раскажи ни ги соновите
            па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река
            да нè освежи ветерот до водениците
            Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер
            и влегувам дома о љубов
            кажи со каков пијалак се служиш во сонот
            што не се разбудуваш о младичу.

Песната Младичот што спие на пладне“ е испеана во носталгичен тон, во постојаната желба на поетот да се врати во својата родна Железна Река, да им се врати на своите корени. Сонот и јавето; животот и смртта се основните мотиви во песната. Поставени во постојан контраст тие го преокупираат поетот. Сонот, замаеноста, небудноста се блиски до смртта и метафорично се претставени преку црни конци на ноќта“, под себе си закопал камење и месечина“, нежна билка ти ги врзува прстите за земја“, замрачен бакнеж среде пладне“, мртвите љубовници“, сè е мртво од сон“ итн. Наспроти таа замаеност и темнина во младичот, сè околу него е полно со живот (поле со мотики, орачи, утринско сонце), но животот поминува покрај него. Поетот му се обраќа во вокативна форма (младичу), повикувајќи го да се разбуди и да почне да живее, а животот започнува и завршува таму од каде што ти се корените (за него Железна Река).

Scroll to Top