Историјат на македонската драма

Македонската драма има богата традиција. Нејзините почетоци се во кусите дијалози на обредните игри од кои се развила народната драма.

Но, ако зборуваме за современата македонска драма, нејзините почетоци се во средината на 19 век.

.
Прва етапа – почетокот на 20 век
.
Први печатени драми се текстовите на Јордан Хаџи Константинов Џинот, дидактички театарски претстави изведувани од учениците во скопското училиште „Света Богородица“ (средина на 19 век).
Малку подоцна, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, се појавуваат драмите на Војдан Чернодрински. Тоа се првите драми со уметничка вредност, сведоштво на опстојувањето на македонскиот народ за време на османлиското владеење. Чернодрински ја означува првата етапа во развојот на македонската драма и тетатар.

На 7. ноември 1900 година, на сцената на Софискиот театар, ја поставил драмата „Македонска крвава свадба“.

Успехот на претставата го поттикнала да формира македонски театар. Ја оформил драмската група „Скрб и утеха“ (1901), која подоцна прераснала во „Столичен македонски театар“ (1902), со кој патувал низ Бугарија, Србија и Македонија.

Освен „Македонска крвава свадба“, тој ги напишал и едночинките: „Дрвари“, „Во меаната“, „Мајстори“; драмите: „Македонска емиграција“, „Зло за зло“, „Од глаата си патиме“, „Робот и агата“, „Срешта“ и др.

 

Македонска крвава свадба

Инспирација за пишување на драмата е вистински настан, прочитан во весник.

Според жанрот таа е битово-социјална трагедија.

Темата во драмата е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег).

Идејата, пак, е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот народ во последните години на турското владеење.

Композициски драмата е градена класично, во пет дејствија со: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е драма на конфликтот (судирот).

Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со народни поговорки, на свадбата ги имаме обичаите на земањето на невестата, исто така, проследени со песна, потоа верувањето во сонови и нивното толкување. Во драмата е прикажан судирот меѓу доброто и злото, меѓу поробените и освојувачите, меѓу сиромашните и експлоатирани селани и богатите паши и бегови кои се претерано самоволни.

Како драма на судирот, сите ликови во неа се претставени црно-бело, како претставници на едната или другата страна. Од една страна се сиромашните македонски селани кои кулучат на нивите од поробувачите, но иако се поробени, се борат да ја зачуваат честа, името, верата, обичаите, самобитноста и гордоста, а на друга страна се поробувачите на чело со Осман-бег. Односно, сите македонски селани се претставени позитивно: како чесни, мирни, достојни, а Турците поробувачи, негативно, како: злосторници, насилници, убијци.

Борбеноста, спротивставувањето и револуционерноста во драмата е предводена од Дуко, братот на Цвета. Тој секогаш се наоѓа во првите борбени редови. Тој ја убива змијата на нива (симбол на злото, непријателот, поробувачот), тој ги предводи селаните во бунтот пред сарајот на Осман-бег барајќи ја сестра си, тој го води Спасе во Битола на суд, тој го крева гласот за време на судењето, но, исто така, тој прв загинува за време на крвавата свадба.

Непокорот и чувството на припадност кај Цвета е во постојана градација. Од целосна незаинтересираност на почетокот, по грабнувањето и средбата со потурчените Македонки во харемот, револтот кај неа расте. Таа се осмелува да му влепи шлаканица на моќниот Осман-бег, за на крајот да го убие, да се жртвува себеси и да ги каже познатите зборови: „Умрев, ама Турчинка не станав!“. Односно, и по цена на животот да не отстапи од своето. Од својот народ, од својата вера и од својата чест.

.
Иако Марко Цепенов е еден од нашите најзначајни собирачи на народни приказни, сепак, не е само тоа. Тој, со својата драма „Црне Војвода“ придонел за непрекинатиот континуитет во развојот на македонската драма.
.
Втора етапа – драмите меѓу двете светски војни
.
Следниот, во непрекинатиот процес на развој, по Балканските војни е Никола Киров Мајски.
Но, најзначајни се секако авторите што се појавуваат меѓу двете светски војни: Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов, кои ја означуваат втората етапа во развојот на македонската драма.
Тие со своите битово-социјални драми го означуваат растежот на македонското драмско творештво. Нивните трајни естетски вредности се докажани со тоа што и денес се се` уште актуелни.
Васил Иљоски „Чорбаџи Теодос“
Трета етапа – повоен период
Во повоениот период појавата на Коле Чашуле ја означува третата етапа на развој, свртувајќи го своето творештво кон истриските црнила на македонскиот народ, но и кон современите.
Забрзаниот растеж на драмското творештво го надополнуваат: Томе Арсовски обработувајќи ги современите проблеми, потоа Иван Точко навраќајќи се кон минатото, Бранко Пендовски. Вистинско осовременување на македонската драма доживуваме со Горан Стефановски и Јордан Плевнеш, а во поново време и Дејан Дуковски и Сашко Насев.
Scroll to Top