„ Пиреј “ е првиот роман на Петре М. Андреевски.Насловот на романот е симболичен, односно преку троскотната трева пиреј, авторот го прикажува својот непокорлив народ. Лазор Ночески (спореден лик од романот, народен мудрец) јасно нагласува:„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“Всушност преку оваа симболика изразена е и темата и идејата во романот. Темата е животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, а идејата е дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува.Времето на случување е Првата светска војна, но и годините пред и по неа. Местото на случување е селото на Јон и Велика, во Македонија каде тогаш биле стационирани многу војски – српски, бугарски, француски, англиски, германски и австриски, но војниците биле најмногу од Македонија. Дел од случувањата се на фронтот.Многу е интересна композицијата на романот. Фабулата е предадена преку три сижетни линии. Првата е раскажувањето на Дуко Вендија – составено само од првата и последната глава, а другите две се 28 делови, по 14 на Јон и Велика каде тие во прво лице, значи од свој агол, го раскажуваат сопствениот живот. На почетокот дејството се одвива хронолошки, во средината паралелно (додека сопружниците се одвоени), за на крајот да заврши повторно хронолошки.
Пиреј“ (аудио) – Аудио-запис на оваа лекција може да чуете ако кликнете на врската.
Содржина на романот „Пиреј
Романот започнува со погребот на Велика на кој од градот доаѓа нејзиното шесто дете, Роден Мегленоски. Тој не знае многу за своите родители и не знае зошто неговата мајка и кога е умрена не сака да ѝ се измешаат коските со неговиот татко. Дуко Вендија му раскажува, но како што му кажувале тие за нивниот живот.
-
Македонски Јазик
Прирачник за матура – НОВО ИЗДАНИЕ
Original price was: 700 ден.560 денCurrent price is: 560 ден. Додај во кошница
Раскажувањето на Јон
Со раскажување започнува Јон присеќавајќи се на своето сиромашно и несреќно детство. Најмногу го боли суровоста и нечувствителноста на татко му. Потресна е сцената од неговото детство, кога неговата мајка се разболела, па таткото, бидејќи не му требало болен човек во куќа ја враќа кај нејзините родители:
„— Ајде, сега, деца, вели, простете се со мајка ви, вели, оти ова ќе ви биде последно видување, вели.
Ние отидовме над неа и таа нè гледаше, а очите ѝ се завируваа. Не може да зборува жената. Сака, а не може. Само нè гледа и ѝ се полнат очите со солзи, претекуваат.(…) Кога ја видовме таква мајка и ние почнавме да плачеме. Татко тогаш ги удри воловите со прачка, ги потера и тие тргнаа.“
Потоа таткото ги дава децата во манастир, без понатаму да се грижи за нив. Тие никогаш повеќе не го виделе. Само еднаш дошол вујкото, ги посетил и толку.
Како одминувало времето, Јон растел и потрезвено го прифаќал животот. Во манастирот заштита и поткрепа наоѓа во отецот Висарион кој го охрабрува и поттикнува да учи и да се описменува. За жал, мирниот манастирски живот кратко траел бидејќи доаѓаат комитите кои го убиваат Висарион, а го тераат Јон да им се приклучи (го натерале и ножот да го извади од прободениот отец). Оттогаш неговиот живот станува многу суров. Тој ќе поживее како комита, но ќе се обиде да го продолжи животот нормално. Затоа вели:
„Со комитите и одев и не одев. Одиш, колеш и чекаш да те заколат. Пред женењето слегов в село.
— Пушката е со мене, им реков, а јас сум пак, со вас. Пушката никому не му родила дете, реков.
И така, се разбравме.“
-
Македонски Јазик
Прирачник за матура – НОВО ИЗДАНИЕ
Original price was: 700 ден.560 денCurrent price is: 560 ден. Додај во кошница
При изборот на жена, воопшто не била пресудна убавината, туку нејзината сила и работливост. Така, тој ја здогледал Велика на нива како работи како „ламја“ и одлучил таа да му биде жена.
Велика, пак, своето раскажување го започнува со Јон и дека таа не го познавала од порано бидејќи биле од различни села. Но, при првото гледање нејзе тој многу ѝ се допаднал, бил строен, убав, со дупче на брадата.
Следува плодното време, време на раѓањето на децата и на раскопачувањето на новите ниви. Како што вели Велика – жената по мажењето станува нива. Породилните болки со првото дете ја фаќаат на жнеење, додека сите работат на нива. Јон ја засолнува на страна, а таа се мачи цел ден, па цела ноќ и дури другиот ден го раѓа Ангелета. Потоа ги раѓа едно по друго: Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан. Живеат заедно со деверот Мирче, а потоа и јатрвата Уља.
Набрзо, Мирче трга во Америка на печалба, а со почетокот на Првата светска војна Јон го земаат да се бори од српската страна. Тој го опишува војничкиот живот кон кој е рамнодушен. Тој не се бори за свои интереси, ниту за свои идеали. Почнува да тагува по домот и децата, па затоа решава да зароби бугарски војник и така да добие отсуство. За несреќа, го заробува брата си Мирче, кој на патот кон Америка бил прибран во бугарската војска. Така, планираното отсуство му пропаѓа. Сакајќи да дознае нешто за дома, праќа писмо, но одговор стига дури по завршување на војната.
Јон ја осудува војната и смета дека таа уништува сè – и луѓето и животните и природата. За неа тој вака размислува:
„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчам. Цел живот трчаме да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер. Кај што ќе заврши нашето тркалање. Нашето постојано паѓање. Пред малку само тргавме еден кон друг: и од една страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши луѓе. Околу нас само куршуми цивкаат, ама ни еден не ме погаѓа.“
На фронтот тој се спријателува со Витомир со кого често разговараат и добро се разбираат бидејќи потекнуваат од слични средини. Двајцата се загрижени за своите ниви, за добитокот кој го оставиле и за семејствата. Во тоа пријателство, Јон доаѓа до својата вистина за луѓето и нивната националност:
„Се разбираме некако со Витомира. И еба го, не ќе се разбереме! Оти да не се разбереме? Тукуречи исти зборови зборуваме. Само тие ги вртат наонаму, а ние наваму зборовите. А некогаш, во старо време, сите сме биле едно исто гомно, иста лепешка. Ама поминала некоја кола и со колцата ја пресекла лепешката надве, па поминала друга кола и пак ја пресекла лепешката. И така, врвеле коли и ја испресекле лепешката и ние од една лепешка сме станале многу лепешки, многу гомна… Сите ги видов овде и сите исто смрдиме.“
Сликите од фронтот често се многу страшни, дури и катаклизмични. На сурово-реален начин се опишани борбите по планината Козјак и Пелистер. Ужасно потресни се сликите кога Јон се обидува да му помогне на ранетиот војник кој моли за вода и силувањето на мртвата девојка:
„Дали ме разбра или не ме разбра, тој пак си мрмори. Од сите зборови само водата ја разбирам. Друго ништо не му разбирам. Врвам така низ буките, засмрдени од барут и од раскопана земја. На едно лединче гледам жена. Млада жена, а гола. Излегла да бере трески утрината, уште кога беше мирно. Го погодила времето за трески! Ја нашла некоја извидница и ја силувале. Подзапирам крај неа и ја загледувам. Жената и мртва е убава за гледање. А мене ми е прво видување на гола жена. Батти среќата на вакво гледање. Главата и е потпрена на нарамникот трески што го носела и едната рака ѝ е поткрената кон челото. Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците. А лицето ѝ е бело, небаре варосано ѕитче. Мислиш спие жената.
— Во војно време, велам, сите луѓе се лоши. Само на крв рикаат, му велам на војничето што го носам, ко волови, ко јунци рикаат, му велам.
Војничето ништо не ми кажува, ништо не ми мрмори на увото. Насетувам како да станува потежок. Го сметнувам од рамо и го легнувам на земи. Го гледам, а никаде го нема. Погледот му го нема и дишењето му го нема. Ниедна жила не му мрда, не му работи. Го простил Господ на мене, си мислам. Си остинал човекот на моите рамена.“
Апокалиптични се и сликите од битолската болница исполнета со луѓе на распаѓање во која Јон е однесен по повредата на ногата. Таму му го сечат палецот, како што вели „како шупливо јаболко ми го отребија“. Кога се враќа на фронтот борбите се уште пожестоки. Во раце ќе му умре и пријателот Витомир. По завршување на војната, тој се враќа во селото.
Раскажувањето на Велика
Паралелно, Велика го раскажува животот што таа го живее во селото за време на војната. И тој живот не е ништо помалку ужасен од оној на фронтот. Велика е силна, изгржлива, работоспособна жена. Таа, по заминувањето на Јон во војна, врз својот грб го зема товарот на целото семејство. Преку нејзиното раскажување, во исповеден тон, во постојана прогресија дознаваме за нејзините патила. Таа раскажува и за другите селани кои се учесници во животот зад фронтот, за сиромаштијата, суеверието, заостанатоста, обичаите и немоќта да се живее и преживее во такви услови.
Во селото Велика останува сама со петте деца да ги чува и храни како знае и умее. Единствена што останува со неа е јатрва и Уља, со ќеркичката Горица. Преку раскажувањето за Уља, Велика ни ги кажува сите обичаи поврзани со раѓањето и чувањето на бебињата.
Бидејќи Уља нема никој друг, Велика е таа што ја подучува и ѝ помага. Таа ѝ го пресекла папочето со срп (на машките бебиња се сече со секира), па го подврзала со малку коса од мајка ѝ; ја подучила да не спрема ништо за бебето зашто тие што многу спремале не фатиле живо бебе во рацете; потоа да не ги остава пелените надвор да ги зајде сонцето; како да го чува млекото; на задојување ѝ ставила сито на главата – за да биде сито детето, па книга – за да учи, црвено јаболко – за да биде убаво; исто така, до шест недели како леунка да не излегува надвор (зашто шест недели гробот ѝ е отворен); па кога и никнувале заби нанижале низа од варена пченица која ја обесиле на дрво – за лесно да никнат запчињата итн. итн. Во една таква грижа, кога Горица ги менувала забите, Велика го пратила својот најстар син, Ангеле да ги потера кравата и магарето покрај реката. Се случува првата трагедија во нејзиниот живот. Дотрчуваат децата и ѝ кажуваат како собирале куршуми и ги фрлале в огин и дека Ангелета го погодил еден куршум:
„И таму, во ливадата, го наоѓам Ангелета, ангелот мој златен, со потсечени крилја… Децата се разбегале, ама Ангеле мој не добегал. Еден куршум беше го втасал. Ангеле, Ангеле, му викале децата, стани, не преправај се, му викале, а тој ни да мрдне ни да претне… Лежи ничкум плеснат над земјата. И утопен во крвта негова млада. Тој лежи, а до него кучето, Чако, квичи, завива, гребе со ноктите, копа земја. Го душка Ангелета мој и пак завива, кобно. Ангелот мој ништо не гледа, ништо не слуша. Му ја кревам главата, му ја бришам устата од крвта што му се подсирила и го бацувам в лице, в уста, му ја давам душата моја. Ама тој е веќе остинат. Како да бацувам некој студен камен, некоја мраморна гробница. И јас мрамор се мраморам, си ја тепам главата, а солзите само ми врнат. Олкави вака солзи, ко лешници ми капат в уста и на лицето од Ангелета мој. Го молам да се опули, да ми проговори, а тој молчи. Ни клепка му клепнува, ни прсте му мрднува. Лицето му е крпа и уште помазно. Не дочека, убавиот, и да се забричи. Ноктите помодрени, никаде нема живот, запрена воденица.(…)
И којзнае колку време сум се тепала, така, кога сетив дека некој ме крева. Се опулувам: јатрва ми, Уља, стои над мене. И мојата рака си ја наоѓам во нејзината.
— Немој мори, Велико, немој сестрице, ми вели, што е тоа што работиш, вели, зар и ти треба да се отепаш, вели, нека ти се живи другите, вели, имаш и други деца за гледање, вели, зар сакаш сираци да ги оставиш, вели. И плаче. Се засркнува од солзите. Се држиме така сами двете, ко утки во полето и пиштиме, ко потполошката што пиштеше по Ангелета. После, го доведе магарето и го товаривме Ангелета мој. Го префрливме, пресвиснат преку ’рбетот, наголо. Потеравме за в село. Одиме по магарето и само липаме. Една солза падни, друга завири се, стокми се и истркалај се на земја. Којзнае колку солзи истекоа, цело поле го навадив со солзи. Со дожд солзи си го запишав денот. Оти кога го закопувавме дожд немаше, а времето чека стушено. Ама само што се вративме, небото се дупна и потече.(… ) И тогаш удри дождот. Господе, си мислам, ова дека секнаа очите мои, ова дека немам повеќе солзи, си мислам за дождот. И небото плаче за Ангелета мој, си мислам. Ум недоветлив, човечки.“
Смртта на Ангеле, за жал, не е последната несреќа што ѝ се случува на Велика, напротив, таа е првата. Оттогаш несреќите почнуваат да се нижат. Зимата, се разболува Роса, а немоќната мајка ја гледа како ѝ се топи пред очите. Се обидува да ѝ помогне со сите лекови што ѝ ги кажала Маса Ќулумоска (селската треварка и бајачка), со мачкање на ракија, киселина, лук, саѓе, катран, но друга помош нема. Селото е затворено со војски од сите страни, нема шанси да ѝ помогне вистински лекар. Откако умира девојчето, Велика цел ден се мачи да ѝ го ископа гробот, бидејќи имало снег до пазува. На крајот успева да дојде до земјата и да ја запрета Роса до Ангеле. Заедно со Уља, тажат и плачат покрај двете гропчиња. Тогаш на Уља ѝ текнува дека не чини толку да се плаче и да се предизвикува ѓаволот, туку за да го избркаат ѝ предлага да играат и пеат околу гропчињата. Немоќна пред сопствената несреќа, веќе споулавена од болка, Велика пее и игра и на крајот изнемоштено се онесвестува.
Долгата зима Велика едвај ја пребродува, без храна и без огрев. Кога се крева снегот, селаните живнуваат, имаат колку-толку нешто за јадење: штавеј, коприви, лобода. Почнуваат да доаѓаат војници и да тропаат по куќите барајќи храна, но селаните се кријат. Летото, Германците прават пат, па многу од селаните одат да работат за корка леб. Оди и Велика. Гладот е толку голем што таа работи по цел ден за да им донесе на децата малку лепче за да преживеат. Многу селани умираат од глад. Но, војниците носат и заразна болест (колера) од која селаните не знаат како да се одбранат. Првите предлози од Маса Ќулумоска се луѓето да јадат лук, а куќите да се премачкаат со катран. Тие тоа и го прават, но како што вели Лазор Ночески – од болеста и од смртта не може да се побегне. Тогаш се разболува Здравко. Велика нема што да му даде, со што да го лекува. Едвај наоѓа малку шеќер да му стави во водичка, за да не го боли мешето. Таа бдее над него со денови и ноќи:
„Се топи детето ко сапунче оставено во вода. Боледува тој, боледувам јас за него. А Капинка и Ѕвездан ми плачат за јадење. Јас ги тепам и ги бркам од собата на Здравка. Од понеделникот до петокот така. Во петокот, кај пладне, како да се поврати детето од несвестицата.(…)
— Облечи ме, вели Здравко, облечи ме и намести ме.
— А, за кај да те наместам, сине златен, му велам, и почнува вода да ми шопа од очиве. Не знам што да правам. Му ја држам раката оти ништо друго не може да ми досегне. За кај се спремаш, Здравко, здравец мој попарен, викам и сеќавам дека неговата рака се лади во мојата. Само уште еднаш се насмевнува, свртен кон прозорецот и истрпнува, се предава. Од раце ми избегува детето.“
Во селото, болеста и понатаму се шири. Селаните гасат вар и ги премачкуваат куќите, некои дури и крововите ги премачкале, но спас нема. Маса Ќулумоска предлага за да ја избркаат големата болест – да направат голема смрдеа. Таа вели да се соберат сите кучиња од селото и да се запалат средсело. Немајќи друг избор, селаните се сложуваат и ги даваат своите кучиња, но Велика успева да го скрие Чако (тоа е кучето на Ангеле и таа не сака да го даде). Ужасна и потресна е сцената на палењето на живите кучиња намачкани со катран.
Бидејќи ни на тој начин не успеваат да ѝ се спротивстават на болеста, Маса Ќулумоска дава нов предлог – да се фаќаат врапчиња, сојки и грлици и да им се плукне во клунот – така да им се предаде болеста, а тие да ја однесат в гора. Селаните и тоа го прават.
Но, болеста ги стигнува и последните две деца на Велика, Ѕвездан и Капинка. По последниот предлог на Маса Ќулумоска да избегаат во шумата од болеста, Велика се закрева со болните деца, кравата, телето, магарето и Чако. Болеста ги достигнува и таму. Откако сфаќа дека нема спас, Велика тргнува назад во селото, за децата да ѝ умрат дома и да може да ги закопа. Прво умира Капинка, која сама на магаре ја носи до другите гропчиња, ја закопува и немајќи сила повеќе, моли Ѕвездан да причека со умирањето барем до утредента. Но, вечерта и тој умира. Тогаш доаѓа Лазор Ночески и ѝ помага да го закопаат последното дете и да го заколат телето за душа на децата.
Откако ѝ умираат сите деца, Велика повеќе нема цел во животот. Таа оди кај што одат сите селани, работи што работат сите, механички, без срце, без душа. Единствена надеж гледа во враќањето на Јон и во утехата што може да ја најде кај него.
Заедничкиот живот на Јон и Велика по војната
Кога завршува војната, Јон се враќа. Потресна е сцената на нивната повторна средба:
„Одам до него и му се фрлам, го прегрнувам. Тоа беше прво наше прегрнување. Го грнам така, а како сув шип да прегрнувам. Не е тој човекот, се изменил.
— Кај се децата, прашува Јон и гледа кон скалите од кај што слегов.
— Е кај се де, велам, не знам како да му кажам.
— Кај се децата, вика Јон и гласот го истанчува.
— Ами немале ангел да ги чува, велам, и си ги собирам рацете од рамената негови.
— Јас ги оставив со тебе, вели, а не со ангели.
— Болест, Јоне, голема болест фати, велам, немаше кај да ги скријам. Од господ ништо не се крие, велам.
— Кој господ, бре, бамити господот, вели, јас сум сега господ, вели и се наддава кон мене. Му чкрта дишењето на човекот, слушам како му чкрта дишењето, мислиш неподмачкана кола. И остана така подзинат. Нешто наеднаш го жегна, го прободе и го одзеде. Му ги одзеде и рацете и нозете, го улогави.
И човекот, часот, побеле во косата.“
По враќањето, Јон сосема се променува, почнува многу да пие, да ја малтретира и тепа Велика, да ја понижува и навредува пред селаните. Вината за смртта на децата, вината за неговото пропаѓање, тој ја гледа во неа. Сиот свој бес од сопствената изгубеност, тој го истура врз неа. Таа ја разбира неговата болка и го моли да го остави алкохолот и да се ослободи од лошото во себе. Но, Јон не може. Тој ѝ се приклучува на власта и заедно со нив оди по куќите на соселаните да ги посрбува. Оди и кај неговиот пријател Дуко Вендија, кој одбива да си го смени презимето. Чувствувајќи се силен со власта, тој таа сила ѝ ја покажува и на Велика. Кога ќе се врати навечер, ако таа спие и не го чека – ја тепа; ако не спие и го чека, пак ја тепа; ако облече нова облека – за кого се дотерува, ако ја преврзе шамијата – зошто ја преврзала. Таа вели:
„Не знам што да облечам, што да обујам. Ако ја кренам главата:
— Кај гледаш, вели.
— Кај да гледам, му велам, кажи кај да гледам, да не прогледам.
— В земја, вели Јон, оти ќе се сопнеш.“
Лошотијата на Јон постепено се зголемува. Колку повеќе пие, толку болката му станува поголема. Ги коле кокошките, зашто влегле кај него, сака да го убие и кучето Чако, зашто го погледнало накриво, од истите причини го отепал магарето итн. Еднаш, пијан некој го заѕидал со камења, другпат за малку што не се удавил во реката, а Велика не ја поштедува во ниеден момент. Враќајќи се дома пијан, ќе ја тера ноќе да оди по вода, за да се гаси, еднаш, двапати, трипати, до утро, додека сè не наполни со вода. Безмилосен е Јон кон неа. Кога таа е бремена со шестото дете, веќе со голем стомак; додека наведната перела, нему му се чуло дека таа испуштила гасови и затоа ја казнува и ја тера на една нога да скока околу куќата – трипати. Се собираат соседите, луѓе, деца, а тој им кажува што направила таа. Децата се смеат, луѓето ја сожалуваат.
На крајот, додека таа се пораѓа во плевната, Јон умира во куќата.
Раѓањето на последното дете, Роден, е единствената светла точка во животот на Велика, тој е надежта, тој е поттикот да се живее понатаму. Роден е нејзиниот пиреј, тој е и македонскиот пиреј.
Предлог-писмена работа за романот „ Пиреј “ од Петре М. Андреевски
Ликови
Велика, таа чиста, искрена, бескрајно издржлива македонска жена нѐ пленува со својата човечност и благородност. Таа е носител на македонскиот патријархален морал, на сѐ македонско и човечко.
Велика е селска девојка, срамежлива, работлива, сериозна, која не си дозволува своите љубовни чувства директно да ги изразува кон момчето. По мажењето, таа целосно му се предава на раѓањето и мајчинството, но и на работата и грижата за целото семејство. Времето на плодноста и напредокот, за жал, кратко ќе потраат. Таа останува сама за време на војната, за време на болестите и безизлезот. Но, нејзината големина и издржливост ја гледаме токму тука. Во нејзиното раскажување речиси нема ништо друго освен тага, смрт, очај и немоќ. Велика е сама во најтешките моменти и затоа е неутешна. Утехата ја очекува со враќањето на Јон, но нема да ја добие. Во својот очај таа не потклекнува. Наоѓа сили да го оправда однесувањето на мажот, па дури се обидува да му помогне. И покрај неговите нечовечни тортури таа е крајно попустлива и добра кон него. Неговата смрт ја растажува, но и ја ослободува. Таа сè уште има сила да продолжи, да го одгледа и шестото дете. Величината на Велика е бескрајна, таа е мајка – херој, жена – херој, таа е Македонија.
Јон рано останал без родители и самиот морал да се грижи за себе. Се сеќава на топлината на мајчината љубов, но се сеќава и на суровоста и бесчувствителноста на таткото. Детството го живее во манастирот, а потоа е присилен да им се придружи на комитите, на еден суров живот (одиш, колеш и чекаш да те заколат). По женидбата тој е подготвен многу да работи за да го обезбеди семејството, но тој живот кратко потрајува. Всушност, неговиот живот е војничкиот живот. Војувајќи во српската војска, тој се надева дека и неговата татковина ќе биде ослободена, дека и Македонија ќе добие нешто. Но, по завршувањето на војната и преживувањето на најстрашни случувања во неа, тој ги губи илузиите дека ќе се живее подобро. Уште пострашно за него е сознанието за смртта на децата. Тој во истиот миг побелува во косата и овенува. Се наоѓа во безизлез. Добродушниот, вреден, мирен, посветен родител и татко станува ѕвер. Тој е всушност трагична личност. Јон нема сила како Велика за да продолжи понатаму. Почнува да пие, да се губи себеси, целосно да се однародува и посакува да умре. Тој не бара излез за живот, тој бара пат кон смртта, кон крајот.
Неговиот брат, Мирче, има сопствена судбина. Тргајќи на пат за подобар живот и тој е зафатен со виорот на војната. Него го земаат во бугарската војска и на Солунскиот фронт се среќава со Јон, но од спротивната страна на борбената линија. Тоа е слика на борбата на брат против брат, за туѓи интереси, тоа е слика на судбината на Македонецот во текот на Првата светска војна.
Дуко Вендија, блискиот пријател на Јон, негов девер, раскажувачот на настаните е посебен во својата одлука да не учествува во војната. Тој останува во селото, тој останува Македонец кога доаѓаат да му го менуваат презимето, колку што му дозволуваат условите, тој останува свој. Единствено тој му префрла на Јон дека е продадена душа, поради што ќе биде истепан.
Зборовите на Лазор Ночески ги изговараат сите во селото. Тие мудри изреки се присутни во сите ситуации, во секое време. Имаме впечаток како тој да е фиктивна личност, како глас на народот, но сепак, тој и реално постои. Неговата судбина е слична со другите, тој живее и страда во воените времиња. Мудрите изреки се резултат на неговото искуство и претставуваат показ на народната мудрост. Еве дел од нив:
Уште многу ликови го надополнуваат целиот колорит на романот: Јоше Свирачот, Давиде Недолетниот, Мисајле Ковачот, Доксим Тренчески, Неделко Сивески итн.
Прочитај за циклусот песни „Дениција“ од Петре М. Андреевски.