Почетна » пишување и читање » библиотека » „ Бели мугри “ од Кочо Рацин (целата стихозбирка)

„ Бели мугри “ од Кочо Рацин (целата стихозбирка)

Стихозбирката „ Бели мугри “ од Кочо Рацин содржи дванаесет песни:

Денови

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

 

Печал

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема,
љубов за живот човечна
у вија гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце – на срце срцето,
срце – ширини широко
срце – длабини длабоко –
цел свет да збере, па да е
за вија гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите –
ден – сонце вишен високо
ден – море ширен широко,
сонце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвара
и шири ширно широко –
целиот свет да загрне!

 

Селска мака

Покрај ниви, покрај лаки,
покрај сниските брегови,
вода тече – вода влече
селски солзи, селски маки
селски таги и јадови.

Извор вода извираше
плодно поле наливаше –
плодно поле род народи.

Ноќе чума ли одеше
плод од поле ли береше –
амбар селски пуст остана!

Сонце светло ми светеше
гора ми се зеленеше –
в гора пиле песна пее.

Камен ли му в гради легна
стија ли го в коси стегна –
срце селско – векот тажно!

Кој ја сипе, кој ја роси
таја слана што покоси
по нивјето пшениците
по лозјето гроздовите?
Та се житце не зелени
та се грозје не румени,
та од пуста селска мака
аир нема дур од века?

Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!

Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.

По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та не знаеш ли?

Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.
Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!

Ленка

„Билјана платно белеше…“

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето ѝ се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.

Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.

Прва година помина
грутка в срцето ѝ легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.

И ноќе кога месечко
гроб ѝ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална ѝ тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“

Проштавање

На печалбарите

Не ли ти кажав, не ли ти кажав,
нели ти реков на проштавање?
Ич не ме чекај, ич не ме пекај
Белград е ламња, во Белград ја роб
снага по туѓи палати оставам,
снага во усни несити клавам,
и дома — дома не ќе се вратам,
не ќе ги пијам очите твои
не ќе ја гледам снагата твоја –
далеку негде сувата рака
по тебе, Вело, пустата мака
пуста ќе остане…

Знам оти ѓердан веќе не нижеш,
знам оти чеиз и ти не везеш,
знам, Вело, пусто остана сичко –
не ли си и ти аргатка клета?
Тутуни садиш, тутуни нижеш,
тутун таговно у монопол редиш,
ме споменуваш и ем си жалиш
денови — крепи тешки си редиш –
Величко, мори, другачко златна!

Но почуј, Вело, што ќе ти кажам!
Не ми се, Вело, жали и клети!
Подигни очи — очи засвети
нија очи, што душа горат!
Тој што ни, Вело, однесе сичко –
тој ни остави од темно темен
веков за мака — но и за борба.
Има на вој свет како нас многу!

Има ги, има — мачат се, копат,
копачи копат по темнината,
копачи копат и тунел дупат.

И има, има — радост голема
радост длабока во темнината:
да светиш, Вело, жар да се стопиш –
во борба гроб ти душа не зема!

Балада за непознатиот

Натаму – в поле битолско
чемрее врба проклета –
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.

Лежи од војна световна,
лежи – и веќе земјосал –
силно го тога изела
задека тука загинал.

Никој крај него немаше –
вишното небо врз него,
земјата скришна под него –
над гробот врба стушена.

А таде – в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии – одбор јунаци
за татковината паднати.

В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силно свиваа –
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.

И од ним – самовилите
една по една идеа –
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак – на оро.

И кога сите минеа
покрај врбата стушена –
делии се запираа
незнаен брат си викаа:

„Ја стани, море, јабанец
на оро со самовили!
зора се зори – петлите
скоро ќе в село пропеат!”

А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: –
„Минете, браќа, врвете,
Не сум ви лика – прилика!

Кој умрел за татковината
и за човечки правдини –
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.

Вие му песна пеете,
вие го со песна жалите –
така се сите раѓате
и така си умирате!

А тука – зошто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна –
за кого лудо загинав?

Кажете, браќа, кажете,
кажете – па поминете –
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е – карасмрт!”

Делии глави веднеа,
немеа самовилите –
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!

Немеа – туку петлите
в селото веднаш писнаа –
самовилите в горите
с делии в раци лиснаа!

Пусто остана полето,
пусто зазори зората –
чемрее в поле врбата,
чемрее – тажи непознат.

 

Елегии за тебе

1.

Вчера си појдов наминав
низ таја гора зелена
под тија буки високи
по ќилим сенки широки.

Одев со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одев со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат – ти плачеш,
сонцето грее – ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тија темни дубрави –
зошто ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

2.

Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее –
мое срце ми црнее.

Ископајте длабок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку —
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над мојата татковина?

3.

Два брега – двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава –
тече и мие ранава.

Тече од векот вековит
и нова и сѐ понова,
тече, а тука маките
сѐ стари и сѐ постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!

Течи ми водо студена!
Течи си — рони брегови!
Течи – и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?

4.

Скотски е, скотски живот аргатски
у темно заѕидан,
до скот сме сниско попритиснати
на овој свет убав.

Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?

И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид?
И кој направи, и кој направи
човек на човека роб!

Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб!

5.

Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум имаш –
работник си – и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.

Луњи ли ќе пусти дојдат
сонце ли ќе јасно грејне –
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.

Како смртта вечна што е
така борба долго трае.

Но од смртта е посилна
по патиштата борбата!

6.

Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.

Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете
срце лудо наранете.

Угаснете и светлини!
Мрак да биде – каракамен.

Има, има – в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.

Болка боли – болка гори
болка тече, душа мори.
А болката кога свети –
тешко, тешко, тешко клети!

 

Утрото над нас

Од далечнините модри се веат
на сонцето златните далги,
од далечнините модри се леат
на утринта росните влаги.

Под долги, меки ширини рамни
магла се танка крева
и по селата мали – заспали
шумоли скришно врева.

Шумоли – в срце тага налева
за црноземните робjа,
шумоли скришно за мртви поља
за села и градови – гробjа.

Ех, тија долги ширини рамни!
Ех, тaja мака пуста!
Мртви и темни сурови гламњи
скршена гранка маслинка!

По тиja пот се човечка дими
и снага крвава цвили,
по тијa радост никого нема
а сонце радосно има!

Но тиja росни утрини пресни
копнат во гради и тлеат.
Копнат и како бура пеат
и како огин палат.

 

Татунчо

На Бана

Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!

Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта наjвисока,
срце – куќа наjширока.

Ако жена не донесов
ѓул – трендафил во одаjа
верна, добра млада љуба –
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
сонце cjae, сонце трепти!

Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосеjав –
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Аjдутин мајкa не рани… “

И ако не умрам дома
туку кaj што стии пиштат
в борба искри кaj што л’штат –
блазе, речи на душата
има зошто душа да е!

 

На Струга дуќан да имам

„занаетот е златен… “
Народна пословица

Изгори, – мерак, изгори,
изгори – пепел се стори!
Сал не скоривај јадови
на стари, добри мајстори!

Времиња тешки дојдова
уште по тешки прокуди,
од ден на ден се умира
и душа бере с години.

Не пеј песната страдална –
в гората капат лисjата,
водите течат – ронат брег
и влечат млади јасики.

Чаршиите изумреа,
дуќаните запустеа —
пропадна сичко, прокопса
занает златен – ‘рѓоса.

2.

Ние имавме чаршии
и рој – кошница пазари
и ред редени маази
полни, преполни со стока.

Слегнеш ли долу в чаршиjа,
минеш ли покраj дуќани –
пукот и врева – работа
и алтан полно чекмеџе!

Сами ковавме кондури
правевме бочви, мотики,
с нашите раце маjсторски
дигнавме бели градови.

Кој ни ги срина, кој ни ги
очумаве градовите?
Кој ни запусте, затвори
дуќани, куќи високи?

3.

Наквечер доjди, наквечер,
наквечер – в прва темница,
мини го прагот раскапан
влези во трошна одаја,
на миндер седни накривен
со каракамен на гради:
каде е, каде радоста
каде е куќа весела?

Штамата чмае, штамата
дебнее пуста проклета,
како ли, боже, чумата
в косите, сичко стегнала.

По сокацитe чекорат
кондури с клинци ковани,
штамата сечат с ножови
и пиjат вино румено.

А в бафчи трендафилите
слушат ги – со темницата
шепотот севда без мерак,
шепотат – златни времиња!

4.

Прикаски си останаа
старите бочви со вино!
Прикаски болни, таговни
грутки во срце снеговни!

Раскапани, буѓосани
со обрачи ‘рѓосани,
по темни изби мемливи
риjат ги црвци смрдливи.

Никоj не кова, не прави
старите бочви големи!
Старите бочви – преполни
со рујно вино црвено!

И ноќе – слушаш! – баботат
по бочвите саjбиите!
Деца се плашат – бегаат
сништа за стари времиња…

5.

Банки дигнаа палати
распнаа мрежи широки,
банки дигнаа палати
и кули танки, високи:
нагоре кула висока
надолу земjа длабока.

Од сичко носат кајмакот
од потта цедат го сокот,
од сичко носат кајмакот
маката нам оставаат!

Банки дигнаа палати,
банки на нови имами,
кондури друзи коваат
с мотики гроб ни копаат –
паjдоса, златен, ‘рѓоса
нашиот чесен занает!

6.

Aj, на наломи излези
бело Фиданче писано,
прошетаj долу в чаршиjа
кога седам на ќепенци!

Ако со око погледнам
око е – да го ископам,
ако со рака посигнам
рака е – да ja исечам.

Но ако срам ме залиса
оти сум жив закопан,
кажи ми, кажи, Фиданче
кaj да се кpиjaм со лице?

Majcтop бев и устабаша
мajcтop бев – станав чираче:
за борч продадов дуќанот
за борч продадов алатот –
с две раци сум, и тијa две
скапаjа се без работа!

7.

Тешката тага, тeшката,
тешката тешко засвири!
Севда е тешка, голема,
уште по тешка прокуда!

Наточи вино крваво!
Наточи на вepеcиja!
Донеси да ja коваме
на Крали Марко сабjата!

В горите лисjа капале –
в избитe веди м’cкajaт!
В поле над млади jаганца
ножеви остри л’скаjат.

На Струга дуќан да имам
на ќепенците да седам,
да видам, само да видам
и на ќепенкот да умрам!

Копачите

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

На работа!
На труд!

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел, троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

Ораме со рало
но земjата ни златна
колку е богата!

На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јaд!

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

И в тaјa мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та биjат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јaд!

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

На работа!
На труд!

Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!

Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

Scroll to Top