Во август 2013 на државната матура за „ Крпен живот“ ја имаше следната задача:

Прочитај ги извадоците од романот „ Крпен живот“ од Стале Попов и одговори на прашањата.

Прв извадок

Доста слуша натажена, дури се поразлигави малку. Се исекна неколку пати во шамивчето, што му направи голем впечаток на дедот Петка, ги забриша солзите и откако си ја кладе раката пред устата, потпрена на лактот и колената, отвори да зборува не полошо од дедовците:

— Море, дејди вујко, дејди родителу. Лели ме ватил такцирот — сè ќе ми дојде, и до уши, и до глава. Ногу арно зборуа дедот Петко; ошче поарно ти. Јас су решила црн Ѓуптин да зема, вдовица до векот нема да седа. Лели пак к’сметот го навеја вој сирома, јас су готова да ода макар во сињо море. Токо, едно сакам дедот Петко да му каже: јас не сакам од него ни лири, ни вранги, ни бели меџудии. Не су кобила да се продавам. Колку за нишан, нека прате колку му душа кабули. На дедот Петка да му купи едно рало чевли и да го напои. За тебе и други поблиски роднини по некој дарчок да ве подаруа, колку да не речат наште комшии оту Доста за бадијала отиде: „Ни едно бришалче не му зе на зетот“.

Ете, тоа е јас шо има да го кажа. Нека сјоде дедот Петко. На негова душа, на негова бога. Јас не го ни виду човекот и кандисана су. Ама пак да не рече после оти невидена појду, нека дојде најпосле и он утре со дедот Петка, па и нека ме виде, немој утре пишман да се праве, да ви а к’не душата како на дедот Петка, така и тебе, а мене да ме тр’е сол на главата. Сакате ли по арен одговор од вој?…

— Е, побратиме, ти се направи ли ќевот? А? Си се уплашил не ќе кандиса! Море, дури „мајко“ ќе рече… А’ виде ли ти, лесицата една? Отаде-одоваде, пак сака да го виде. Ѓоа она неќе, токо он да а видел неа. Леле, леле, пусти Илко, шо арно ќе виде!

 

Втор извадок

Бино ја фати Нешка за рака, ја поведе кон клупата и ѝ го покажа местото каде ќе седи. Наместувајќи ја во клупата, тој со навирени очи се обрна кон присутните родители:

„Драги селани и браќа! Денешниот ден е голем ден. Како за мене како даскал на воа училиште, така и за децата, така и за вас родителите шо ми и дадоте вашите рожби да се грижа за ниј. Но, денешниот ден е голем за сето село, ако не и за сето наше Мариово. Го гледате ли? — тука Бино ја покажа Нешка. — Го гледате ли? Меѓу нашите ученици прозрни и една ученичка, едно женцко дете седна на скамијата и сака да учи книга. Е-е-еј, докаде достигнаме ние мариовците. Ни по градишчата чупињата не одат на школо, а ние во Мариово тргнаме веќе. Нека ни е добредошла новата ластовичка во нашето градинче, да ѝ даде господ здравје и живот и шо ѝ срце сака!“ — заврши Бино, очигледно трогнат, бришејќи си ги солзите со ракавот од шајачното палто.

Селаните се размрдаа лево десно и сите погледнаа во Доста Рожденката, која веќе ја криеше главата од погледите да не ѝ се насмеат уште тука, в очи, во првиот судбоносен момент.

 

1. Што е решена Доста да направи (во првиот извадок)?

 

да се омажи

2. Кој обичај е прикажан преку постапката на ликот на дедото Петко во делото?

 

да се склопува брак преку стројници/ наводаџии/посредници

3. Каков е одговорот на Доста Рожденката кога Илко сака да ја купи како невеста?

 

„Не сум кобила да се продавам.“/негативен/ еманципирана е во однос на обичајот

4. Зошто даскалот Бино изјавува дека тоа е голем ден за сите (во вториот извадок)?

 

бидејќи првото девојче тргнало на училиште

5. Кој лик во делото „Крпен живот“ е прикажан како носител на низа промени во семејниот и општествениот живот?

 

Доста/ Доста Рожденката

6. Во исказот на даскалот Бино: „Нека ни е добредошла новата ластовичка во нашето градинче…“ употребена е стилската фигура:

 

метафора

7. На кој вид роман припаѓа делото „Крпен живот“?

 

битово-социјален роман

8. Авторот на делото го користи ____________________ народен говор при создавањето на делото.

 

мариовски