„Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, како тема за прашања од матурски тест беше во јуни 2014.

 

Прочитај го извадокот од драмата „Македонска крвава свадба “ од В. Чернодрински и одговори на прашањата.

Извадок A.

ЦВЕТА: (исплашена потскокнува и вика) У! Мајко! Татко, змија! (покажува со прст)

СИТЕ: (изненадени) Што! к’де е?

ЦВЕТА: Ево ја! Ено ја, бегат, удрете!

ДУКО: (со стап во рацете) Бегајте! Чекајте да ја отепам. (удира со ластегарката) А, пустина ниедна! (продолжува да ја удира)

ТРАЈАН: Удри. Удри отепај ја синко!

БОГДАН: По глаа, по глаа удри. Змија инаку не се отепува.

ТРАЈАН: Бре, пустината ни една, колка е!

ДУКО: На ти тебе касање. (ја крева ластегарката)

БЛАГУНА: (исплашена). Леле, колкаа била, штурината! Фрли ја тамо, синко!

ТРАЈАН: Не, не, остај ја тука! Да не оживит пак, да ја гледаме. (кон Цвета) Се уплаши, ќерко, много?

БОГДАН: Како да не се уплашила, не е играчка, умират чоек од неа.

ЦВЕТА: Леле, за малку ќе ме укасаше.

БЛАГУНА: (кон Цвета) Земај напи се вода, ќерко, земај. Види колку пож‘лте. Дуко, подај го стомнето одтаде.

БОГДАН: Море убо оту не ја укаса.

БЛАГУНА: (Крстејќи се) Сполај ти тебе господи, оти ми го заварди момичево. Варди нѐ и чувај нѐ сите од лошо.

ТРАЈАН: Напи се, ќерко, напи се. На уплав водата помага.

ДУКО: Арно е кажав! Здроби ѝ глаата, напрај ѝ на парчиња ако мојт нека касат после. Така требит и на Турците да им сториме за да не касаат.

БЛАГУНА: Колко луѓе умреле од змија, колко жетварки! Току…

ДУКО: Много умреле од змија, ама ја велам много појќе умреле од другиве змии со две нозе што со уста не касаат тие, а со куршум и нож. И колко илјади има умрени, број немат…
(Дејствие прво, сцена прва, стр. 136)

 

Извадок Б.

СЕКРЕТАРОТ: Има ли да чека некој надвор?

ЗАПТИЈАТА: Много, баш ќатип ефенди!

СЕКРЕТАРОТ: Кој?

ЗАПТИЈАТА: Сѐ ѓаури.

СЕКРЕТАРОТ: Доб’р ќар ќе имат; дојдоа ли тија ѓаури, што чинат давија за момичката што граби Осман-бег?

ЗАПТИЈАТА: Тука се.

СЕКРЕТАРОТ: А тој овчарот?!

ЗАПТИЈАТА: Од сабајле чекат?…

СЕКРЕТАРОТ: Брго да го викаш овде!

ЗАПТИЈАТА: Пеќи (Тргнува, но се враќа) Ами…ефенди…денеска дали ќе капнит нешто?

СЕКРЕТАРОТ: Елбета…кога имат ѓаури давија да чинат, тогаш и алашвериш за нас имат. Скуби, колко што можиш…без арен бакшиш ни еден каурин не пуштај, ни при мене, ни при Вали-паша.

ЗАПТИЈАТА: (Ниско се поклонува до земја и излегува)

СЕКРЕТАРОТ: Скуби тија ѓаури дури се будали, пари да паднат…После некоја година кој знае што излагат…
(Дејствие 4, појава прва, стр. 196) („Одбрани драми“ – В. Чернодрински „Мисла“/ „Македонска книга“, 1985)

 

Прашања

 

1. Преку извадокот А е даден опис на

тешкиот аргатски живот

2. „Змијата“ во извадокот А претставува симбол за

насилници, поробувачи, (Осман-бег)

3. Целото драмско дејство во драмата „Македонска крвава свадба“ се темели на конфликот помеѓу

поробувачите (Осман-бег) и селаните

4. Кој е гласноговорникот на новите, на револуционерните заложби?

Дуко/Спасе (Дуко и Спасе )

5. Власта во извадокот Б е претставена како

поткуплива/коримпирана/подмитлива

6. Низ целата драма единствениот лик во развој е ликот на

Цвета

7. Како се вика театарската група која ја основал Војдан Чернодрински кој се смета за основоположник на македонскиот театар?

„Скрб и утеха“

8. Во која година првпат изведена драмата „Македонска крвава свадба“?

1900

 

Внимание!
Само понудените одговори се прифаќаат за точни.