Матурски прашања, август 2014 година за драмата „Печалбари“ од Антон Панов беше зададена оваа задача:

 

Прочитај го извадокот од делото „Печалбари“ од Антон Панов и одговори на прашањата.

 

 

ЧИН ТРЕТИ

СЛИКА ПРВА

ЈОРДАН: Годинава рано пролет дојде…

БОЖАНА: И под нашава стреа ластовиците гнездо си прават. Истите од лани лето….

КОСТАДИН: Едно добро за печалбарите: чисто време, чист пат…Годинава доста ги има…

ЈОРДАН: Од година на година сè повеќе ги има… Се готват, азар се чинат. Ги гледам одат кај поп Гаврила на причесна… Е, секој си има мува на капата…

КОСТАДИН: (Скокнува.) Ајде, вие жени, не сте за машки разговори.

БОЖАНА И СИМКА: (Излегуваат.)

КОСТАДИН: Што сакаш со тоа да кажеш?

ЈОРДАН: Па секој си има мува на капата. Тоа е јасно речено.

КОСТАДИН: Сосем не те разбирам…

ЈОРДАН: Ама, сакам да кажам, де, дека секој си има долг на главата… Секој си мисли: „Со ред сум земал, со ред и да вратам“.

КОСТАДИН: А! Тоа значи: „Кој од каде што земал, мисли и да врати; Костадин, зет ми, не мисли да врати“. Имај лице, Јордане: што ти е на мисла, тоа и на уста! Кај мене е така, нема друго!

ЈОРДАН: Е, де, е де! Ако ти реков, не те фатив за гуша…

КОСТАДИН: Подобро е за гуша!

ЈОРДАН: Не лути се, Костадине, ама мене ми е најдобро, да си имам чиста сметка. Сметка е тоа. Јас сум човек еснаф, образ имам!…

КОСТАДИН: Ти имаш образ! Јас го немам!

ЈОРДАН: Шест месеци поминаа од свадбата, ни за долгот абер имаш, ни на печалба мислиш!…

КОСТАДИН: Молчи! За печалба не зборувај!…

ЈОРДАН: Јас сум човек трговец, пари ми требаат.

КОСТАДИН: Јас пари немам, ама образ имам: Ќе дојде ден, ќе ти ги вратам!

ЈОРДАН: Ништо не знам! Јас имам деца за гледање, ти немаш ни куче ни маче! Сега ти е полесно да плаќаш.

КОСТАДИН: (Помислувајќи на Симкината положба, помирливо.) Слушај, Јордане. Оста ви ме уште една година, уште оваа година дома да останам… Си бил татко, знаеш колку е мачно, колку е тешко во туѓина да чуеш дека прв пат си станал татко… Пушти ме уште оваа година! Татковска радост да сетам, со рака да го погалам!…

ЈОРДАН: Ич што не бидува работа! Ти не си жена, дете в рака да држиш! На пари мисли, на пари! Тоа е твое, не пелени!…

КОСТАДИН: Ти немаш срце, Јордане!

ЈОРДАН: (Потсмешливо.) Море, парите ти се и срце и душа! Без нив ништо не можеш!… Секој чесен печалбар си ја стега торбата…

КОСТАДИН: Молчи, не зборувај!… Тие се толку чесни, та дури и не знаат дека за за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане! Засрами се!

ЈОРДАН: Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми требаат!…

КОСТАДИН: Трај! Во домот си ми!

ЈОРДАН: Не траам! Јас, или ти имаш за давање!… (Скокнува.) Море, пари, пари бре голтар! (Крева рака на Костадин).

КОСТАДИН: (Го зграпчува за гуша.) А, куче чорбаџиско! Си дошол огништето да ми го растуриш!…

ЈОРДАН: (И тој го фаќа Костадина за гуша.) Пари, пари, бре!

БОЖАНА: (Дотрчува Заедно со Симка.) Аман, Костадине! Немој, синко!… Чедо, чедо мајкино.

СИМКА: Костадине, Костадине… Татко, татко! (Ги разделуваат.)

КОСТАДИН: Излегувај! Надвор! Си дошол домот да ми го запалиш!… Надвор.

БОЖАНА: Не слушај го свату… Млад е…

КОСТАДИН: Надвор!

ЈОРДАН: Таму! Таму! На печалба! Со торба на печалба! На печалба!… (Излегува.)

КОСТАДИН: (На Симка.) Татко ти облечен, а ние голтари!… Да не беше тоа што иде по мене, со заби ќе го заколев!… За него ќе одам, за него! Моја крв е!… За него ќе одам и на крај на светот!… (Излегува.)

СИМКА: (Плаче.)

БОЖАНА: (Крстејќи се и сеќавајќи скриена радост и олеснување.) За него и за нашето огниште, господи!

 

Прашања:

 

1. Според наведениот извадок, зошто Јордан доаѓа во домот на Костадин?

а) За Костадин да му го врати долгот; б) За да добие пари на заем; в) За да го одложи враќањето на пари; г) За да го отфрли долгот.

 

а) За Костадин да му го врати долгот

2. Симка во делото е претставена како:

а) патријархална жена; б) жена бунтовник; в) жена со напредни идеи; г) жена со неморално однесување.

а) патријархална жена

3. Која појава во тогашното општество ја критикува авторот преку ликот на чорбаџијата Јордан?

а) неморалот; б) отуѓеноста; в) лихварството; г) отфрлањето на верата.

в) лихварството

4. Зошто Костадин се согласува да замине на печалба?

а) поради детето (што треба да се роди); б) поради долгот кој го има сопругата; в) поради сиромаштијата на братот; г) поради потребата да избега од домот.

а) поради детето (што треба да се роди)

5. Кој друг лик, освен Јордан, ја одобрува традицијата на одење на печалба на младите?

а) Симка; б) Божана; в) Невена; г) Калина.

б) Божана

6. Кои други драмски автори припаѓаат на периодот меѓу двете светски војни?

а) Славко Јаневски и Ацо Шопов; б) Горан Стефановски и Дејан Дуковски; в) Васил Иљоски и Ристо Крле; г) Владо Малевски и Стале Попов.

в) Васил Иљоски и Ристо Крле