Почетна » пишување и читање » библиотека » „Македонска крвава свадба“ (целата драма)

„Македонска крвава свадба“ (целата драма)

 

„Македонска крвава свадба“ е најпознатата драма од Војдан Чернодрински. Во продолжение прочитајте ја целата драма:

МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА

 

ЛИЦА ШТО УЧЕСТВУВААТ:

ДЕДО КУЗМАН, 80-90-годишен старец

БАБА КУЗМАНИЦА, негова жена

ТРАЈАН, БОГДАН – нивни синови

БЛАГУНА, жена на Трајан

ДУКО, син на Трајан

ЦВЕТА, ќерка на Трајан, 15-17-годишна

МИТРА, жена на Богдан

НИКО, ЃУРЕ, АРСЕ – ситни деца на Богдан,

МОЈСО – кум на Трајан

МОЈСОВИЦА, кума

СПАСЕ, овчар, љубовник на Цвета

ТРЕНКО, I ОВЧАР, II ОВЧАР – пријатели на Спасе

ОСМАН-БЕГ, чифлик сајбија

РАСИМ, ШЕФКИЈА, ИСМАИЛ – полјаци и другари на Осман-бег

КРСТА, ПЕТКАНА – потурчени рисјанки

ТЕФИК ПАША, валија

СЕКРЕТАР НА ВАЛИЈАТА

СЕЛИМ ОЏА

ЕДЕН ТУРЧИН (пијан)

I ЗАПТИЈА

II ЗАПТИЈА

III ЗАПТИЈА

ЗАПТИЈА КАЈ ВАЛИЈАТА,

МЕЗЛИЧ, КОНЗУЛСКИ ПРАТЕНИЦИ, АРХ.НАМЕСНИК, ГРАЃАНИ, СЕЛАНИ, СЕЛАНКИ, ЖЕТВАРИ, ЖЕТВАРКИ, ТУРЦИ, ДЕЦА И ДР.

 

ДЕЈСТВИЕ ПРВО

 

СЦЕНА ПРВА

Опстановка: широко поле со неожнеани ниви, покриени со крстини, полози и снопје. Целото поле е оживеано од жетвари. Самата сцена претставува започната, но неожнеана нива. Во неа Трајан, удобно седнат, од мократа долга слама прави појаси. Богдан, потпрен на левото колено, врзува снопје притискајќи ги со десното колено. Благуна и Цвета жнеат. Околу пладне е. Пред кревањето на завесата започнуваат да пеат:

Саракино, варај, варај, малка моме.

Овчар свири варај, в`долно поле

(Завесата полека се крева)

ПОЈАВА ПРВА

Ќе да идам варај, да го видам

Да го видам варај, в`долно поле.

ТРАЈАН, БОГДАН, БЛАГУНА, ДУКО И ЦВЕТА

ТРАЈАН: (Бришејжи ја потта од челото). Страшна горештина, бреј! Изгоревме!…

БОГДАН: Времето му е, бре брате, та асли требит да е горештина.

БЛАГУНА: Камо да подржит вака времево, дур да се соберит бериќетов, та нека е лошо после.

ТРАЈАН: И много горештина не чинит. Ево… (Се раскопчува) На, жива вода сум.

БОГДАН: А бре, ама нема што да прајме, сиромаси сме, селани; да сме граѓани, ќе работевме под сенка, ќе седевме и на готово ќе јадевме.

(Цвета започнува да пее, а по неа и другите)

Ако ми е, варај, род роднина:

Надеја се, варај, след недела!

Ако ми е, варај, јабанџија:

Надеја се, варај, след година!

ЦВЕТА: (Исплашена потскокнува и вика) У! Мајко! Татко, змија! (покажува со прст).

СИТЕ: (Изненадени). Што! Змија, к`де е?

ЦВЕТА: Ево ја! Ено ја, бегат, удрете!

ДУКО: (Со стап во рацете) Бегајте! Чекајте да ја отепам. (Удира со ластегарката). А, пустина ниедна! (Продолжува да ја удира).

ТРАЈАН: Удри, удри, отепај ја синко!

БОГДАН: По глаа, по глаа удри. Змија инаку не се отепуа.

ТРАЈАН: Бре, пустината ниедна, колка е!

ДУКО: Не ти тебе касање. (Ја крева ластегарката).

БЛАГУНА: (Исплашена). Леле, колкаа била, штурината! Фрли ја тамо синко!

ТРАЈАН: Не, не, остај ја тука! Да не оживит пак, да ја гледаме. (Кон Цвета) Се уплаши ќерко, много?

БОГДАН: Како не се уплашила, не е играчка, умират чоек од неа.

ЦВЕТА: Леле, за малку ќе ме укасаше.

БЛАГУНА: (Кон Цвета). Земај, напи се вода, ќерко, земај. Види колко пож`лте. Дуко, подај го стомнето одтаде.

БОГДАН: Море убо оту не ја укаса.

БЛАГУНА: (Крстејќи се). Сполај ти тебе господи, оти ми го заварди момичево. Варди не и чувај не сите од лошо.

ТРАЈАН: Напи се, ќерко, напи се. На уплав водата помагат.

ДУКО: Арно е кажав! Здроби и глаата, напрај и на парчиња ако мојт нека каста после. Така требит и на Турците да им сториме за да не касаат.

БЛАГУНА: Колку луѓе умреле од змија, колку жетварки, току…

ДУКО: Много умреле од змија, ама ја велам многу појќе умреле од другиве змии со две нозе што со уста не касаат тие, а со куршум и нож. И колко илјади има умрени, број немат…

БОГДАН: Море, да се далеку од нас и едните и другите.

ТРАЈАН: Ами и мене колку пати ќе ме укасале и од едните и од другите. Џанам требит да се чинит дикат чоек.

БОГДАН: А бре, брате, дикат, дикат, ама и дикатот не помогат; што му е пишано на чоека, ќе му врвит преку глаата.

БЛАГУНА: И не е арно змија да види чоек.

ТРАЈАН: А! Тамам работа, ти ќе кажиш некој женски будалштилок; не било на добро, јок!

БЛАГУНА: Така кажуваат, чунким. (Блеат овците, ѕвонци, оддалеку кавал свири оро)

ТРАЈАН: Ајде, ајде тамо! Слушај како свирит кавалон, та не ти требит тебе такви ни солени ни печени.

ДУКО: (Игра) Хај-де, хај-де, опа!

БОГДАН: Де, бре! Де бре из полозите!

ТРАЈАН: Бре, да му е алал, ама свирење свирит! Кој ли ќе е аџаба?

БОГДАН: (Кон Дуко). Некој овчар ќе е.

ДУКО: Овчар е, ами кој свирит други по тоа време, и така убоо, ако не е овчар. Овчарлок, џанам пашалок!

БЛАГУНА: Си терат овците пред себе и си свирит, бре луѓе!

БОГДАН: А бре, да ти е алал!

ТРАЈАН: Види го, види го, земјана е кревет! И… да сакат да дојдит да ни посвирит.

ЦВЕТА: (Зад нив игра. На себеси). Белки е тој?

БЛАГУНА: А, мори ќерко, не е далеку, бргу ќе ти играме на свадбата.

ЦВЕТА: (Засрамена сопира). Ама убоо свирит, мори мајко!

БОГДАН: Нека е жива саде и тоо ќе бидит. Еден јунак шо сум и нашол во веков го немат. Ем личен е, ем попски син е! Учен до тамо!

БЛАГУНА: Попските синој не се за фалење, брате!

БОГДАН: Ами ако попските синој не чинат, на гојадарот чинат.

ТРАЈАН: В` град, в` град ми ја сакаат. Тамо живот да живејт. Тамо барем не е толко страшно од Турците, ја!

ДУКО: К`де ќе сакат та`, тамо ќе ја дајме.

БЛАГУНА: Бре, кој те научи така синко? Али даскалот? За тоа ве берит околу него? Ве учит да не слушате мајка, татко, да мрсите в пости и да креате глаа, комитлок да прајте.

ТРАЈАН: Де, де, а де! К`де отеравте вие работава; рибата в море, тавата на оган! Е, у-ааааа!

БОГДАН: Ја велам, кај ќе бидит касмет тамо ќе а дајме. (Глас од овци и ѕвонци се слуша наблизу).

ТРАЈАН: А, така да ми си жив бре братко! Тој лаф на место го кажа. (Го здогледува овчарот). А, ето и овчарот идет да ни посвирит. Ела бре брате, да не повеселиш малку со кавалот.

СПАСЕ: (Од надвор). `Рррр пустине.

(Влегува Спасе)

 

ПОЈАВА ВТОРА

ИСТИТЕ И СПАСЕ

(Цвета и Спасе често крадешкум се погледнуваат).

БОГДАН: Тамам, тамам! За в`лкот зборувавме и в`лкот на врата.

СПАСЕ: Ајрија да е, со здравје да се јадит, до година појќе, поубоо браќа.

СИТЕ: Амин брату, амин!

ДУКО: Ние работиме, а други ќе го јадат брате.

СПАСЕ: (Со воздишка). О, знам, знам… Бериќетов арен ми се гледа оваа година.

ТРАЈАН: Абре, сполај богу, арен е. Греота е да се плачеме, ама што марифет…

СПАСЕ: Пченките малу не ќе чинат, оту голема суша е, ама пак арни ќе бидат.

БОГДАН: Абре, се арно не может да бидит!

ДУКО: И житото арно е, ама за нас не, за други, за други.

БЛАГУНА: Сушата за овчарите ич не чинит, ама за жетварите многу убаа си е.

СПАСЕ: За то` така си е, мори стрино. Трева ич немат, та овците и гладни си и дотеруваме дома.

ДУКО: Кога нема трева овчарот знајт и во нивјето да си напасуват овците. (Се слуша ѕвонење на ѕвонци и блеење на овци и тоа многу близу).

ЦВЕТА: (Покажува кон овците). Ено ги, си се напасија во јачменон!

СПАСЕ: (Се свртува кон овците). Бре види ги еднош пустињето. (Вика). Арррр, пустиње, аррр в`лкот да ве јадит. Абре Шарко! (Кучето лае). Држ бре! Држ бре! (Се враќа) Бреј! МНого немирни овци имам… Ни една да не останит.

ТРАЈАН: Џанам шо е кабил, и да не сакат овчарот овците ко ајвани влагаат и во нивјето. Толко години ја сум бил овчар, та `и знам тие работи.

БОГДАН: Убоо нешто е чоек да бидит овчар, ама да си имат и свој овци.

СПАСЕ: А, бре братко, вистина, убоо е, ама сега ич не чинит; не е сега ко пред година коа имаше пасалишта. Сега Турците пасалиштата `и напраија нивје, та остана саде по междите да `и пасеме овците, стрико! Ако се твој овците и да те види полјакот, оту и пасиш покрај нивјето тешко тебе; ама ако се на некој бег, ништо не ти прајт. И цела нива да ја запустат, ама наша да е нивата. Ако е турска, голем ќотек ќе има.

ДУКО: То се знајт оту така ќе бидит. Турчин на Турчин никојпат не прајт вреда, а ние рисјаните еден со друг ќе се изедиме.

СПАСЕ: Лоши времиња дојдоа, бараќа, лоши!

ДУКО: Полоши не можит да бидат; лоши луѓе, лоши времиња току трпи душо, црнеј кожо!

СПАСЕ: (Со воздишка). Е, ќе трпиме до кога ќе можеме, а после… да се живи р`це!…

ТРАЈАН: (Погледнува кон овците). Машала, арна стока си имал. Твој се, бре брату?

СПАСЕ: А, мој. Да имам ја толку овци со мене не ќе се зборват!

БОГДАН: Ами чиј се?

СПАСЕ: На Имер ага; крвникот, не го знајте?

ТРАЈАН: Како да не го знајме, да му се запустит името…

ДУКО: Страшен крвник е! Пред две години ништо немаше, а сега цел чифлик има, а пак колку души е истепал, број нема!

СПАСЕ: Турчинот лесно се обогатуат, браќа, дур има плашливи рисјане да се праат на ќори, кога некој Турчин им зема стоката.

ДУКО: Сите полјаци голичи биле, а бегој станале.

БОГДАН: Сила им е царство им е, што сакат ти праат.

СПАСЕ: Дип не е то така бре стрико, ама ние сме им дале та сила, за така да ни праат; ако малу се завардуваме, не би не скубале.

ДУКО: Така е брате! Секој чоек од глаата си патит, а ние пак има много да птиме со овие глаи…

ТРАЈАН: Ами од кое село си, бре синко?

СПАСЕ: Од Црвена Вода сум, стрико.

БЛАГУНА: Имаш мајка, татко?

СПАСЕ: А, немам.

ТРАЈАН: Ами како така?

СПАСЕ: Ја сум бил много малечок кога татка ми го отепале Турци. Одвај малу го паметвам, а мајка кога ја бев десетина години, и та` умре од жал по него.

СИТЕ: Е, завалија! (Пауза).

СПАСЕ: Та ја сум сирак.

БОГДАН: Сирак?

ЦВЕТА: (настрана). Ах, кутриот!

ДУКО: Ами зошто го отепале бре брате?

СПАСЕ: Е, бре брате, што ми п равиш, ја и ти оште ништо не знајме од патилата в`ова пуста земја…

ТРАЈАН: (Тажно). Допрва, допрва има да тргате, синко.

БОГДАН: Зошто и како станало?

СПАСЕ: Мајка на младо време, била мошне убаа. Сите јунаци се натпретекнувале, кој побрго стројници да пуштит и да ја посакат. И голема кавга станала за неа. Еден непрокопсаник роден саде за пакост, некадарен да ја сврши сам работата, ти го поткупуват полјакот селски за да му бидит стројник.

То куче се пофалуват на деда, татко е на мајка ми, да не ја даат на други, а да ја дајт на тој ѓавол.

ТРАЈАН: Види мрсното куче.

СПАСЕ: А мајка и татко толко много се сакале, што еден за други в`огон се фрлале. Полјакот се зафалил на сите да ја не земат, оту лошо ќе и најдит; од страх сите тргнале р`ка…

ДУКО: И јаз`к, страшливци!

СПАСЕ: Саде татко не сакал да чует за флабите на полјакот и се оженил за мајка. Полјакот, три години после свадбата, го пречекал татка на пустија и го отепал.

СИТЕ: Господ да им платит на тие кучиња.

СПАСЕ: Ако бидам жив, ја ќе им платам за крвта таткоа и мајкина!

ДУКО: Да ти е јаз`к ако не им платиш!

ТРАЈАН: Еј гиди, гиди, патила наши!

БЛАГУНА: (Настрана). Да е далеко од нас.

СПАСЕ: : Ето виѓате како си ваѓаме очите еден со други.

ДУКО: Е, бре брате!

СПАСЕ: Ако еден овчар е страшлив, убајте јагниња в`лкот ќе му `и јадит; така е и за нашите убај момичиња.

СИТЕ: Така си е, вистина!

ТРАЈАН: Ама остана нешто малку од татка ти, бре брате, или не? Куќа, кошара, нивје?

СПАСЕ: Остај, остај, сполај му, колку да не е без ич.

БОГДАН: Али си женет, али не си женет?

СПАСЕ: А, женет? Не сум, кој ми даат жена мене бре стрико.

ЦВЕТА: (Радосна, на страна). Ах, неженет!

БОГДАН: Ако ти е ќеф, посвири ни малу, со кавалот, убоо свириш, не му мисли много…

СПАСЕ: Биѓат, биѓат, како не, за атарот ваш, а колко за мислење ич не му ја мислам; една душа сум; како да е ќе поминам; ама господ да не ми земат душава, дур не платам на душманите…

ДУКО: Ја сум ти другар во тие работи, а сега ајде речи некоја, ама…

ТРАЈАН: Старовремска…

ДУКО: А, не таква, некоја нова, нова.

БЛАГУНА: Некоја кумитска сакат тој; даскалот го учит такви песни да пејт.

СПАСЕ: Кумитските се убај стрино! Сега му е времето; кога ќе се ослободиме, тогај не ни требаат кумитските песни. Тогај саде љубовни ќе пејме. Ајде ќе ви посвирам сега кумитска, а други п`т љубовна. (Ја свири „Море ој, Јоване“ и често скришум погледнува во Цвета).

ТРАЈАН: Е – у-аааа! Де, терај брату!

СПАСЕ: (Продолжува, а по малку прекинува). Ова песна е убаа стрико да ја пејт некое чупе што имат арен глас, тогај…

ТРАЈАН: Ааааа, што ѓавол си ми. А, ајде речи ја ти, мори ќерко, ако е знајш?… Речи ја!

БОГДАН: Ко чупе се рамит.

ДУКО: Ајде сите да ја речиме.

СИТЕ: (Пеат).

Море ој Јоване, мој мил побратиме,

Ајде, дал те болат седемдесет рани?

Ајде, болат, болат, како да не ме болат;

Море да умра, дури не омрса,

Ајде дур не омрса ножа во Турчина.

Ајде дур не освобода раја од султана.

СПАСЕ: (Прекинува и потрчува да ги избрка овците што влегле во нивата). Аррр, арррр, уааа, уааа, ооооо! Киш, киши, в`лк да ве јадит! А бре Шарко… (кучето лае, излегува и пак се враќа). Пладнина е веќе, браќа, ќе одам да `и соберам овците да `и клам под сенка.

ТРАЈАН: Пак дојди, брату, па ќе си поприкажуваме.

СПАСЕ: Седите со здраве!

СИТЕ: Со здраве и со добро, брате, ама пак да се вратиш.

СПАСЕ: А, а, ќе се вратам, ќе се вратам. (Излегува кришум погледнувајќи ја Цвета).

ЦВЕТА: (На себе си). Ќе си одит, ама пак ќе се вратит.

ТРАЈАН: Бре свирење, да е жив! И како ми се виѓат, блага душа е.

ДУКО: Јунак е. И кога да е ќе отплатит за крвта на татка му и на мајка му.

ТРАЈАН: Да му е алал, така требит!

БЛАГУНА: Веднуж ти го бендиса синко, оти ко тебе е во умот.

ЦВЕТА: Оти, лоше е Дуко наш, мори мајко?

БЛАГУНА: Не, мори ќерко, како лош, му летат умот малу, ама ќе му дојдит попосле.

ТРАЈАН: Ко на секој млад човек, мори жено.

ДУКО: Чунким коа бевте вие млади, не бевте такви.

БЛАГУНА: Во нашето младо време не мислевме ко вас за слободија, синко! Прашај го татка ти, да видиш, што ќе ти речит.

ТРАЈАН: Ја, вистина, не мислев за тија работи, (на шега) саде за тебе мислев мори жено, како да те земам; а сега ми е жал многу, оти не сум бил ко Дука. Ама не бевме ние криви за тоа. По она време немаше чоек кој да не научит што да прајме. Да се борит чоеко за слободија е мошне убаа работа. Од мене синко, имаш изин да работаш; така ќе се ослободиме ние, инаку уште много ќе киснеме и ќе тргаме м`ки од Турците.

БЛАГУНА: Море м`жу, што зборуваш така? Али таков ум дааш на сина ти?

ТРАЈАН: Ете тој ум, е ко шо требат.

БОГДАН: Јас велам нас не ни требит да се мешаме во тиа рабоќе, и пред други не требит да зборуваме; денеска станае времињата, што брат на брата да се не веруват. Овчерот го гледаш вака мирен, добар, ама од каде го знајш, оти тој не е предавник?

ДУКО: А, колку за него, ја станувам ќефил! Ја сум слушал за него мошне убај рабоќе, на кумитите лани тој им носеше леб; камо сите да се ко него, та нека се лоши.

ТРАЈАН: Овој чоек бре?

ДУКО: Ете, овој е, зер!

ТРАЈАН: Да му е алал! Виѓате, јунак дете?

(Нико и Ѓуре зад кулисите пеат).

Ниво, моја ниво,

Ниво позлатена,

Кај ште да те жане

Нивичко свештена.

(Влегуваат Нико и Ѓуре).

 

ПОЈАВА ТРЕТА

ИСТИТЕ, НИКО И ЃУРЕ

БОГДАН: О, синчиња мој! Што носите за ручек?

НИКО: Пиперки печени и леб татко.

ДУКО: Е, е!

БЛАГУНА: Ами ти што сакаш, синко?

ТРАЈАН: Мазник и некоја кокошка.

ЦВЕТА: Ами саде турците да јадат!

ТРАЈАН: (Кон децата). Што прават дедо ви, баба ви, мајка ви, бре пилиња? А, сиромаси, боси ко Татарчинња.

НИКО: Арно се, стрико. Дедо си ја полнит луличката и си ја палит, а баба туку претат во огнот и на две три места си ја изгоре кошулата.

СИТЕ: (Се смеат).

БЛАГУНА: Пак? Нејзината кошула ко решето стана, сосема ја парчоса…

БОГДАН: Ајдете, ајдете да ручаме, луѓе оти ми се јадит.

ДУКО: Ајдете, оти ќе остинат пиперките!

ТРАЈАН: Види го.

ЖЕТВАРИТЕ и ЖЕТВАРКИТЕ: (Оддалеку се слуша пеење што постепено се засилува).

Подуна вет`р пиле-ле Стано,

Подуна вет`р.

Де гиди, ашик Стано, мори јагне,

По вардарско поле.(2)

 

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

ЖЕТВАРИ и ЖЕТВАРКИ

(Се поздравуваат)

СИТЕ ЖЕТВАРКИ: Аирлија работа!

СИТЕ: Сполај ви…

БОГДАН: Ајдете да ручаме…

СИТЕ: Готој сме, ајдете…

СИТЕ: (Пеат).

Подуна вет`р пиле-ле Стано,

Подуна вет`р.

Де гиди, ашик Стано, мори јагне (2).

Ток се малки моми.

БЛАГУНА: Ај да појдиме онаму, под букана, арна сенка имат.

СИТЕ: Ајде да појдиме. (Излегуваат пеејќи).

На жетва к`одат пиле-ле Стано,

На жетва к`одат

Де гиди ашик Стано, мори јагне

Слатки песни пејат. (2)

БОГДАН: (Кон децата). А вие соберите плачкиве и после дојдите каде нас. (Излегоа.)

НИКО: (Кон Ѓуре). Мене појќе лешници ми даде овчарот.

ЃУРЕ: Ааа, не, мене појќе.

НИКО: Е, тогај дај ми неколко мене.

ЃУРЕ: А, бре! Сакаш?

НИКО: (Му грабнува). Дај, дај! Нели појќе имаш ти?

ЃУРЕ: О, леле, о, леле ќе викнам татко!

НИКО: Дај, барем два, дај… дај…

ЃУРЕ: Не ама ајде да си ојме.

НИКО: Ќе си ојме и лешници ќе собериме. (И двајцата собираат наоколу).

ЃУРЕ: А, мене ми е страв.

НИКО: Од ошто бре?

ЃУРЕ: Од Турците што седеа еј тамо, горе. (Посочува со прстот)

НИКО: А, од ним ќе се плашиш? Заборај како ни велеше Дуко и даскалот оти од Турците ич да не се плашиме? Ајде, ќе поминеме од каде татка и после ќе си собереме лешници. (Излегуваат. Влегува Спасе)

 

ПОЈАВА ПЕТТА

СПАСЕ (Сам).

СПАСЕ: Ич трпи ли ме срце да седам кај овците! Нека лежат под сенка. (Се обѕрнува). Ај к‘де се? Алиштата си ги собрале? Да не си ошле? А, не можит да бидит. Нивава ја остајле недожната, полозиве лежат пак и децата сега им донесоа ручек. Мутлак се тамо, под букана, ручаат. Јас овде ќе си поседам, ќе ‘и почекам. Али да си одам? А, не! Не си одам дури не ја видам. Лична, лична на веков ја немат! С о очи ке ме испиеше… Да ја посакам, кој знае дали ќе ми ја даат? Овчар сум, пак и сирака сум; а без неа не ќе можам да живееам. Ко срцево да ми го украде, во умов се `та ми е. (Се вслушува; оддалеку се слуша тивко пеење). А, пејт некој. (Се поткрева на прсти и гледа кон кулисите).

ЦВЕТА: (Пее зад кулисите).

Легнала Ѓурѓа на мала врата,

Ѓурѓо ле, нема Ѓурѓа да станит.

Леле до бога, кучка глава не креват и тн.

СПАСЕ: Дали не е таа? Ах таа е! Нејзиниот глас се слушат! Ах, бре пиле, али ќе ме сакаш, аџиба? Како да сторам? Немам чоек што да ме научит! Немам мајка, немам татко, немам род, роднина, та да ме научит, мори душо, како да те земам! Чекај, ја да е посвирам малку, таа ако ме љубит ќе дојдит да се видиме. (Ја засвирува на кавалот истата песна). Татко е мајка е, ми се виѓат добри луѓе, а брат и од нашата вера е толку речи. Јунак дете е било, сум слушал. Да му е алал, така требит. Јунаци, јунаци требит да бидиме, та така саде ќе се ослободиме побрго… Ќе пуштам стројници ќе ја посакам, белки ќе ми ја даат. И зашто да ми ја не даат… Пак не сум толку сиромав…

ЦВЕТА: (Пее поодблиску).

Донесите и првото либе

Болаки лудо, море, ќе станит.

СПАСЕ: (Потскокнува). Бреј, та` ме нагази! Што праам сега? Ах! Ете ја. (Се крева на прсти). Колко е лична! Ах, мори душо! Сега ќе те прашам! Али стои да и се скријам. (Се сокрива зад кулисите. Влегува Цвета).

 

ПОЈАВА ШЕСТА

ЦВЕТА (Сама).

ЦВЕТА: (Крши лешници со заби). Пак колку благи са! Можит за то се благи зашто са негој, пак како можеше да `и стретит и да им дајт лешници ? Колко ми горит лицево! И како силно ме затупуват срцево, кога си помислам за него. Ах, да можиме да се земеме со него. Еј, кога свиреше, срцево ми го трупеше. Да можит да пуштит стројници да ме сакат… Ама кој знајт али ме сака? Ах, блазе на та`, што ќе го земит. И завидувам. Кој знае, мајка и татко за кого ќе ме даат? Кој знае како ќе бидит? Пусти адет, срамота било чупето да кажит оту ового го сакам, а оного го нејќум! А да не е то, би рекла на мајка ми и на татка оту го сакам. (Крши лешник, тој е црвлив, го плука). Ах, ах! Колкав црвец! Ама овчарче, какви лешници ми праќаш, со црви? Пак тој не бил внатре. Овчарче, меракот што ми го кладе, ќе ми изедит срцево, ко овој црвец, што го изел лешников… Засвире пак се зам‘лче; ја реков, запирка оту ќе го најдам и ќе го уплашам и белки… У! Што зборувам вака? Ако ме чует мајка, тешко мене, ќе ме отепат… Их, да дојдит до некаде да се видиме, арно ќе бидит. (Потпевнува. Овчарот се приближува. Влегува Спасе)

СПАСЕ И ЦВЕТА

 

ПОЈАВА СЕДМА

СПАСЕ: (Ја плаши). Бу!

ЦВЕТА : (Уплашена потскокнува). Ај, леле!..

СПАСЕ: Што прајш овде мори душо?

ЦВЕТА: Их бре, колку ме уплаши!

СПАСЕ: Де мори стоко, толку си плашлија?

ЦВЕТА: Ми излета срцево.

СПАСЕ: Толку многу се уплаши, џанам?

ЦВЕТА: Ама како не ке се уплашам? И ти да си и ти ке се уплашиш.

СПАСЕ: (Се приближува кон неа, а таа се повлоекува). Што бегаш, мори јаребицо, што бегаш?

ЦВЕТА: Како не ќе бегам! Што си ѓавол ти.

СПАСЕ: Не плаши се, луѓе не јадам, не сум ни в’лк ни мечка.

ЦВЕТА: Аааа! Какви очи имаш…

СПАСЕ: (Ја фаќа за рака). Стој!

ЦВЕТА: (Се брани). Бегај, бегај ќе викам…

СПАСЕ: Стој душо, стој, ќе те прашам за нешто.

ЦВЕТА: Бегај ќе викам! Пушти ме, пушти ме! (Тивко вика). Таткооо, таткоо…

СПАСЕ: Слушај, слушај, ти се молам.

ЦВЕТА: Бегај, пушти ме!

СПАСЕ: Кажи ми душо, али ме сакаш да се земаме?

ЦВЕТА: Како? Пушти ме, пушти ме бре ќе не видит некој.

СПАСЕ: Никој немат! Дури не ми кажеш, не те пуштам. Кажи ми, али ме сакаш.

ЦВЕТА: Не те сакам.

СПАСЕ: Не ме сакаш? Ја те љубам и ке умрам, ако не те земам. Голема севда има имам по тебе.

ЦВЕТА: И јас имав, ама сега, кога ме уплаши, ми остина срцево.

СПАСЕ: Прости ме душо златна, прости ме, јас на шака го сторив, на шака.

ЦВЕТА: Аааа, на шака?

СПААСЕ: Вистина ти велам, на шака, верувај!… Кажи ми севдо моја што те прашам,? (ја фаќа).

ЦВЕТА: Пушти ме, еднаш, после ќе ти кажам.

СПАСЕ: Кажи ми, та после ќе те пуштам.(ја бакнува).

ЦВЕТА: Аааа!… Не ти кажвам, кога ми прајш вака.

СПАСЕ: (Ја пушта). Јас пак чув…

ЦВЕТА: Што си чул ти?

СПАСЕ: Чув се, што зборуваше овде.

ЦВЕТА: Кога?…

СПАСЕ: Сега кога беше сама.

ЦВЕТА: (Со престорување). Ништо не сум зборувала.

СПАСЕ: Ти си знајш што си зборувала, ама не сакаш да ми кажиш.

ЦВЕТА: Ти од кај чу пак.

СПАСЕ: Јас бев скриен онде, (покажува во ржта).

ЦВЕТА: Види еднош што ѓавол…

СПАСЕ: Јас те видов кога идеше и се скрив.

ЦВЕТА: Мамиш! Заклни се!

СПАСЕ: Не те мамам, море јагне, жими тебе.

ЦВЕТА: Заклни се во господа…

СПАСЕ: Жими господ, верувај ми, жими тебе! Кажи ми, али да верувам во тоа што зборуваше?

ЦВЕТА: Ако сакаш, верувај.

СПАСЕ: Да верувам?

ЦВЕТА: (Прислушкува). Бегај, идет татко, стрико, бегај!

СПАСЕ: (Давајки лешници). На, за тебе сум и брал. Да верувам? (таа ги зема лешниците. Двајцата се готови да бегаат).

ЦВЕТА: Верувај, те имам на срце, (излегува).

СПАСЕ: Ах бре, душо златна (излегува).

(се смрачува, силен ветер, облаци, молскавици. Влегуваат: Трајан, Богдан, Дуко и Благуна.)

 

ПОЈАВА ОСМА

ТРАЈАН, БОГДАН, ДУКО И БЛАГУНА

ТРАЈАН: Ајде луѓе да се стегнеме сега, та побргу да ја свршиме работава, оту време не остануват, пак излоши места има да врвиме.

БОГДАН: Требит, требит, оту арамии сега колко сакаш имат, пак и времево глеам ќе се расипит. (грми).

ДУКО: Чунким недовршена не мојме да ја остајме.

ТРАЈАН: Арна работа, леба ми, утре требит да идеме пак, малу денеска отиде денот бадијела, толку и утре.

ДУКО: Зашто бадијела?

БОГДАН: Оти ангарија работиме овде на Осман-бега.

ДУКО: Бреј! Ама зошто?

ТРАЈАН: Зашто сите така му работаат. Силен е, а пак каде сила таму прајна немат.

ДУКО: А! Јас да знаев ич не работев…

ТРАЈАН: Море што се стори Цвета? (Цвета запејува далеку од нивата)

Руса мома, русин брала

Русин брала ден гинала

Кај го брала, загинала

Пропаднала т`мна м`гла,

Та згрешила патиштата

Ја пресретил млад овчар.

Руса мома му зборува:

Ти се мољам млад овчарче

Да м` отнесиш дори дома

Ќе ти дам тонка риза,

Мека ленена кошула

А мој братец тонка пушка“.

А овчарот и говори:

Ај ти моме, русо моме,

Твојта куќа е далеку

За то моме ќе те носам

Во мојата кошарица“.

 

(Сите слушаат со зголемено внимание.)

БЛАГУНА: (Здогледувајќи ја). Ааа, ете кај била.

БОГДАН: Та` денеска е многу весела, туку на добро да е.

БЛАГУНА: Не е убоо толку, ама …

ДУКО: Јок, не било убоо! Ами како е убоо! Кога е чоек жаловит, кога плачит, али малу плачиме и тргаме м`ки.

БЛАГУНА: Спроти глаа излагат тоа, пак и змија се потокми да ја укасат.

ТРАЈАН: Пак ти мори жено се ќе најдиш нешто да гаташ женски работи. (Вика кон Цвета). Цвето! Ела ќерко ела да поработиме малу, пак да си ојме побрго.

(Влегува Цвета)

 

ПОЈАВА ДЕВЕТТА

 

ЦВЕТА: (Кршејќи лешници) Зер вие фативте да работате?

БЛАГУНА: Ами, ами ќерко. Ами кој ти даде лешници, мори стоко?

ЦВЕТА: Нико и Ѓуре, мајко. И многу убај лешници, мошне благи.

ТРАЈАН: А, елбете, многу благи. Може затоа, зашто ги брал овчарот.

ЦВЕТА: (Со пристореност) Кој овчар?

ТРАЈАН: Тој, што дојде преѓе овде.

БОГДАН: Море, тој фати да се врти околу нас, ама на добро да е.

ДУКО: Ко млад чоек, елбете.

БЛАГУНА: А тебе како да ти ујдисвет!
(Се слуша истрел од пушка)

СИТЕ: (Уплашени) Бреј!

ТРАЈАН: Што ќе е ова?

(Се слуша втор истрел)

БОГДАН: Море, што се овиа пушки!

ЦВЕТА: Над нас поминаа куршумите и чинеа фиууу, фиууу!

БЛАГУНА: (Се крсти). Господи, чувај не и брани не!

ДУКО: Што се уплашивте бре? Кој знае, ловџии са. И!

БЛАГУНА: Како, море синко да не се уплашиме.

ТРАЈАН: Ко од мартинка пиштее куршумите. Турците и на луѓе фрлаат.

(Уште два истрела еден по друг)

Легнете, луѓе, оту ќе не утепаат. (Сите легнуваат освен Дуко).

ДУКО: А, али немам една мартинка, та да им пуштам неколко куршуми.

БЛАГУНА: Молчи синко, Турци се, легни.

ТРАЈАН: (Кон сите). Лежите и молчите, оти по лошо ми се глеат.

БЛАГУНА: Куршум да го отепат тој што фрљат. Очите да си истерат да дајт господ.

(Влегуваат: Осман бег, Расим, Шефкија и Исмаил).

 

ПОЈАВА ДЕСЕТТА

 

ИСТИТЕ, ОСМАН БЕГ, РАСИМ, ШЕФКИЈА И ИСМАИЛ

ОСМАН БЕГ: У, бре ѓаур!

СИТЕ: (Исплашени стануваат) Аааа.

ОСМАН БЕГ: А, вака жниете нивата моја ор?

РАСИМ: Тие ѓаури си легнале да спијат!

ТРАЈАН: Ама ага, фрљаше некој.

ОСМАН БЕГ: А! Фрљал!

БОГДАН: И куршумите пиштеа преку нас.

ОСМАН БЕГ: Бош лаф!

БЛАГУНА: Да им се исушит р’ката, ќе не отепаа.

ШЕФКИЈА: (Кон Благуна). Молчи ти, мори ѓаурко, кој си арчит куршум на вас?

ДУКО: Ама вистина ага, фрлае на нас ко на нишан.

ИСМАИЛ: (Кон Дуко). Сус бре ќелеш, кој ти прашал тебе. (Пауза).

ОСМАН БЕГ: (Кон Трајан). Ор Трајан!

ТРАЈАН: Поели ага…

ОСМАН БЕГ: Убаа ќерка имаш, ор жими вера.

ТРАЈАН: Е, убаа е, ага, не е мамејнца.

СИТЕ СЕЛАНИ: (уплашени). А!

ОСМАН БЕГ: Да даваш ор, да носам на чифлигот. На гости ќе земам. (Кон Цвета). Сакаш, мори ѓаурко?

ЦВЕТА: КАко? У Турчин на гости не одам!

БЛАГУНА: У ага, што е тој збор? Али си го пуштам детето!

ОСМАН БЕГ: Ќе пуштиш мори ѓаурко, ќерката

ЦВЕТА: (Исплашена, плачејќи). Мајко!

РАСИМ: Ан’мка ќе те правим на Осман-бега, мори што плачиш?

ДУКО: (Налутено) Што! Ага седите мадро!

БЛАГУНА: (Кон Дуко). Молчи синко, со добро.

ШЕФКИЈА: Ан`мка мори ќе правим, ќе јадиш, ќе спиеш.

ЦВЕТА: (Плаче) Јас сум рисјанка, нејќум!

ОСМАН БЕГ: Ајде со добро, оту со лошо ќе бидит!

БЛАГУНА: Вие, навистина зборувате, али на играчка ?

ОСМАН БЕГ: Како мори на играчка? Ќе даваш момата, ќе турчим.

БЛАГУНА: Леле ! Господи! Ќерко?

ЦВЕТА: Мајко! (Се прегрнуваат Благуна и Цвета).

ТРАЈАН: Ага саде тоа не можит да бидит!

ДУКО: (Разгневен кон Турците) Што сакате да прајте вие, кучиња!

ОСМАН БЕГ: Бре (Кон другарите). Ал бу свиња бре. (Другите Турци го фаќаат Дука и го тепаат).

ДУКО: (Се спротивставува). Кучиња, пуштете ме бре!

СИТЕ: Аман ага пуштете го.

ОСМАН БЕГ: (Кон другарите). Фатите другите, извајте јатаганите. И кој прави инат колите. (Турците ги тепаат селаните). (Сите пиштат).

ТРАЈАН: Што е ова да видит господ!

ОСМАН БЕГ: (Грабнувајки ја Цвета од рацете на мајка и). Ајде мори, ѓаурко!

ЦВЕТА: Леле мајчице, леле! Загинав!

БЛАГУНА: Цвето, ќерко!

ТРАЈАН: Ќерко! Браќа селани, поможите!

ДУКО: Сестро, немој, удри, не давај се!

ЦВЕТА: Брате, татко, стрико, откинете ме! (Македонците се нафрлуваат на Турците. Турците ги навртуваат пушките). Стојте тамо!

ОСМАН БЕГ: (Ја грабнува Цвета) Сус!

 

(ЗАВЕСАТА СЕ СПУШТА)

СЦЕНА ВТОРА

Сцената претставува гора низ која минува пат што води кон чифлигот на Осман бег. Се слуша блеење на овци и ѕвонење на ѕвонци.

 

ПОЈАВА ПРВА

(Влегуваат I овчар и II овчар )

I ОВЧАР: Ами к`де одеа тие кучиња, бре брате?

II ОВЧАР: (Потсвирнува) Зер требит прашања за то?

I ОВЧАР: Осман-бег имат нивије од ова ст`рна, да можит да `и разглеат.

II ОВЧАР: И за то, ама и за друго , бре брате.

I ОВЧАР: Можит за да видет, али сме паселе в нивните нивје.

II ОВЧАР: (Се смее). Х-ха.. Та ние не сме гојда, та да пасиме,бре!

I ОВЧАР: Абре, не ние, ами овци да пасет.

II ОВЧАР: А, то друг есап, така кажи.

I ОВЧАР: Ја много се улашив, хи, хии.

II ОВЧАР: А, за плашење, што стока сме, остај се, врапче да пролета ние, на (покажува со раката), ардар!

I ОВЧАР: За страв е бре брате, не е играчка. Сите најлоши крвници са.

II ОВЧАР: (Настрана). Ете, со тој страв ќе тргаме оште много м`ки.

I ОВЧАР: Е, кажи, погодоив зашто дошле агите по поле сега, во ова горештина?

II ОВЧАР: Не…

I ОВЧАР: Е, кажи ти, за ошто? Хи-и-и-и!

II ОВЧАР: Сега е жетварско време. Аргати и м`жи и жени и момички е п`лно по поле. Летно време селските куќи запустуваат а полињата оживуат. Турците се кучиња, поганска вера, ти одат по поле, ѓоа за да разгледаат нивјерто свој, а идат за да гледаат по убајте невести и момички и после …

I ОВЧАР: (Исплашено вика). А!

II ОВЧАР: Што е бре?

I ОВЧАР: Шумит нешто… (Трепери).

II ОВЧАР: (Гледајќи кон кулисите). И, јаз`к да ти е… Ко заек се плашиш.

I ОВЧАР: Што е бре?

II ОВЧАР: Магарето твое тебе те барат.

I ОВЧАР: Ама то е? Хи, хи, хи … Марко.

II ОВЧАР: То е зер. (Пауза). Бре, пак толко страшлив не сум видел.

I ОВЧАР: А бре денеска ни го немат Спасета… Што се стори?

II ОВЧАР: Али знам! Можит покрај нивјето `и пасит овците.

I ОВЧАР: Тој мутлак требит да се вратит покрај нивата, к`д жниет девојчето на Трајана. То чупе му влегло в око, вчера лешници цел ден бра за него. Хи-и-и-и!

II ОВЧАР: Имат право… Ние со тебе си избравме по една, ајде и тој да си изберит…

I ОВЧАР: Ние пребрзавме со тебе, та зедовме много црни, а тој ќе земат поубаа од нашите.

II ОВЧАР: Оти, ти му завидуваш?

I ОВЧАР: А бре за завидување е! Ако го сака та` арно. Девојчето е ко симитче. (Се кикоти).

II ОВЧАР: За обесување си (Се смее). Остај ги тие работи. Сега тебе ти е редот, оди собери овците и дотерај ги навамо.

I ОВЧАР: А, чинит, тамам времето наближива за да си ојме. (Излегува).

II ОВЧАР: (Сам). Страшно будалиште, бре, и страшлив до крај… Асли така си е: чорк што немат м`шко срце не можит да имат и здрав ум… Страшливиот чорк нр можит да мислит… Од страв му искокнува срцето, а од тоа му искокнува и чивијата… Абабам Спасе, навидум ништи чоек е… Ти се чинит оту ништо не знајт, а тој што ѓавол е, што глаа носит… Малу зборуват, ама секој лаф на место го кажуват… Да му е алал, ете од такви ќе има спасибог за народот, а од овој тиквеник, будалштолоци и друго ништо…

ПОЈАВА ВТОРА

I и II ОВЧАР

II ОВЧАР: Што е бре?

I ОВЧАР: Ооостај, и … се`…лошо.

II ОВЧАР: Оти бре? Кажи…

I ОВЧАР: Чууув: пиштит некој!

II ОВЧАР: А, си чул.

I ОВЧАР: Вистина бре! Пиштит!

II ОВЧАР: Море, молчи тамо, витосај се, си чул вет`р. Кој знајт, ја овциве блеале, ја магарињата рикале, а тебе ти се сторило оти му пиштит некој … Ајде оди, собери овците, та не играј играчки да не те ждрапнам со стапов.

I ОВЧАР: (Се подготвува да злезе).Ама…
(Цвета плаче на глас)

I ОВЧАР: Вистина бре, што ќе е ова?

I ОВЧАР: Али знам. Страшно!

II ОВЧАР: Ајде да појдиме, да видиме кој е…

I ОВЧАР: А, али идам?

II ОВЧАР: Ајде, бре не страши се … Да видиме ако е иктизајлија за нешто ќе му помножиме…Убооо нешто е во лош сат да поможит чоек на чоека…Ајде
(Излегува).

I ОВЧАР: (Излегувајќи). Ама…(Излегува).

II ОВЧАР: (Од надвор). Ајде бре! И да ти е јаз`к за бојот. (Излегуваат, но по малку влегуваат исплашени и двајцата , ветер, грмотевици).

ПОЈАВА ТРЕТА
I и II ОВЧАР


II ОВЧАР: А бре, што ќе бидит тоа?

I ОВЧАР: Виде, кога ти велев!

II ОВЧАР: (Гледајќи кон местото од каде влегоа).
Гледај, гледај! Бреј!

I ОВЧАР: Бегај да бегаме, да не патиме некоја бела… Бегај… (Излегува).

II ОВЧАР: Ем кон нас идат. Чекај и јас да се скријам… (се сокрива. Однадвор плачењето на Цвета станува се` посилно. По малку, влечена од Осман бег и Расима, сосема премалена влегува, а по нив Шефкија и Исмаил, насочувајќи ги пушките во правец од каде влегоа, стрелаат по еднаш).

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

ЦВЕТА, ОСМАН БЕГ, РАСИМ, ШЕФКИЈА И ИСМАИЛ

ЦВЕТА: (Плачејќи, вика премалена со зарипнат глас). Оф, мајко.

ОСМАН БЕГ: Сус, не викај оту овде парчиња ќе правам.

ЦВЕТА: (Преморена). Оф! (Паѓа).

ОСМАН БЕГ: (Взирајќи се кон Цвета). Бреј ќе умри таа ѓаурка.

СИТЕ: Што?

ОСМАН БЕГ: Вода, вода. (Кон Цвета). Слушај мори ѓаурко!

ШЕФКИЈА: (Носејќи вода во фесот). Ете вода, кардаш…

ОСМАН БЕГ: (Ја прска). Стани мори ѓаурко! (Налутено ја фаќа Цвета и ја влече за раката). Кревај се! Ако не оживит ќе фрлиме во трапот таа свиња. (Сите брзо ја влечат и излегуваат, а по малку влегуваат I и II овчар, претпазливи и со сосредоточено внимание кон Турците).

ПОЈАВА ПЕТТА

I и II ОВЧАР

I ОВЧАР: Виде? (Трепери од страв).

II ОВЧАР: А, видов, видов, ама чие ли беше тоа девојче? Ах, кутрто?

I ОВЧАР: Е, да чуват господ…(Плука).

II ОВЧАР: Ете зошто ти одат по поле тие мрсни кучиња! (Трчајќи, влегуваат изморени Спасе и Дуко).

ПОЈАВА ШЕСТА

ИСТИТЕ, СПАСЕ И ДУКО

ДУКО: (Капнат). А, сестро, сестро. (Паѓа изморен, а овчарите се исплашуваат)

I ОВЧАР: (Исплашено вика). Ааа…Бегај!

СПАСЕ: (Кон овчарите). Браќа, трчајте, поможите. (Кон ДУКО). Дуко брате, стани. (Го крева). Поможите бража, рисјанско девојче грабнаа да го турчат.

ДУКО: (Станува и со нова сила се впушта напред). Ајде браќа! Сестро! Брат ти иде!

СПАСЕ: (Се затрчува кон Дуко). Ах, кучиња мрсни! Нема да ја остајме во вашите р`це.

II ОВЧАР: (Кон првиот). Ајде бре!

I ОВЧАР: Бегај, бела!

II ОВЧАР: (Плука во него). Јаз`к!

(ЗАВЕСАТА СЕ СПУШТА)

 

ДЕЈСТВИЕ ВТОРО

 

Селска соба во куќата на дедо Кузман, татко на Трајан и Богдан и дедо на Цвета. Огниште, оган, до него грне. Над огништето виси синџир. Од страна врата, на спротивната страна килер. Баба Кузманица ту чарка во огнот, ту шета низ собата често офкајќи. Вечер. Надвор е темно. Одвреме навреме ветер, молскавици и грмење.

 

ПОЈАВА ПРВА

БАБА КУЗМАНИЦА

Баба Кузманица: Оф, оф!… (седнува). Опустел му и животот! Не идет пуста умирачка да ме земат… Се наситив веќе. Ох! Какви м`ки сум тргала, се чудам, како не сум умрела до сега… Еј гиди живот наш! (Молскавици и грмење). Ох! Ох! Пак и луѓево што се забавија, што не си дојдоа порано? Агинската работа никојпат не се довршува… Ќе `и фатит лошо време. Ох!… Ох!… (Вика). Невесто! Невесто! К`де отиде пак таа? (Гледајќи кон стомните со вода). А, а, на вода отишла; сурој се дрвата, а остана граот неварен, кој ти глеат друго! Ох! А старецот што ли се забај? Чудна работа!

(Влегува Митра со стомни во раце).

ПОЈАВА ВТОРА

 

МИТРА:Уф!… Капнав!

БАБА КУЗМАНИЦА: (Се свртува).Невесто, ти си?

МИТРА: Јас сум мајко, јас сум.

БАБА КУЗМАНИЦА: Не горит огнов, мори невесто, што да му чинам?

МИТРА: Господ го запустел. Опште не е варен граот?

БАБА КУЗМАНИЦА: Не е, не е. Ела дуни малу, оту душа немам веќе.

МИТРА: (Дувајќи го огнот). Сурој дрвата, мори мајко, та за тоа не горит.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ох!… Ох!…

МИТРА: Што ти е, мајко, што ти е? Да не си болна нешто?

БАБА КУЗМАНИЦА: Не, мори ќерко, не туку така си јачам, остарев ќерко!

МИТРА: Крепи се мајко, крепи се, дури да ожениш внучиња и на стари години да се порадуваш малу.

БАБА КУЗМАНИЦА: Еве, се крепам, мори невесто, токо… Не ме држат веќе нозеве. Ох!

МИТРА: Што се саклдисуваш мори мајко, биди си раат; ако не работиш, седи си, никој не те терат да работиш. Ти дал господ синчиња, внучиња, снај …

БАБА КУЗМАНИЦА: Сполај ти, мори ќерко, сполај ти, ама како да се не саклдисувам, кога виѓам оту и вие не можите да привтасате, а пак мене срцево ми се стегат. Ах … Пуста младост, како летна, ни видена ни чуена. Ох!

МИТРА: Али мало си се мачила на времето, та и сега пак да се мчиш не чини?

БАБА КУЗМАНИЦА: За мка сме родени, мори невесто, мори ќерко!

(Влегуваат бркајќи се Нико, Ѓуре и Арсе).

ПОЈАВА ТРЕТА

НИКО: Дај ми лешниците, дај ми тек беа.

АРСЕ: (Бега и се сокрива во едно ќоше). А, не, чиф беа, чиф. (Нико и Ѓуре му ги грабаат). Олеле, олеле мајко.

МИТРА:Што е тоа, бре кучиња ниедни? (ги раздвојува). Остајте го бре, остајте го , оту ќе ве тепам.

БАБА КУЗМАНИЦА: Немојте бабин, немојте биро, не карајте се.

ЃУРЕ: (Плачејќи). А мори бабо, тој ми ги украде лешниците.

МИТРА: И којкај суртуци сте, со малиот се задирате. (Мукаат крави, блеат овци). Ете, гоедата дошле.

Ќе напраат некоја пакост, (Кон Нико). Ајде ти, бре суртук пред мене, со малите играш. (Кон баба Кузманица). Мајко, потприбирај во огнот да се свари граот побргу (Излегува).

БАБА КУЗМАНИЦА: Аааа, невесто. (Дува во огнот, седнува на столчето и вика). Ела ми синко, ела ми кај баба на скут. (Арсе оди кај баба си, и седнува на скутот, таа го милува). Оооо, сугаренцето … Ох!

ЃУРЕ: (Од далеку кон Арсета). Арсе, ела да играме чиф, тек.

АРСЕ: А, нејќум, ти си илјаџија.

БАБА КУЗМАНИЦА: (Кон Арсе). Седи ми, биро, седи ми, Ох, бабиното детенце. (Го милува).

АРСЕ: Бабо, кажи една приказна, бабулето.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ќе ми ти кажам синко ќе ми ти кажам биро! (Му ги фаќа двете раце и ги крева и нагоре и надоле една по една). Китири, китири рчиња, прела баба вретенце, си и клала на полица, дошло маче лизнало, дошло куче гризнало. Чит прстиња, ошт штурина.

ЃУРЕ И АРСЕ (се смеат). Ха, ха, ха!

БАБА КУЗМАНИЦА: Оф леле.

ЃУРЕ И АРСЕ: Кажи бабо оште една, кажи!

БАБА КУЗМАНИЦА: Чекајте бабини, чекајте оту огнот не горит. Оф! Ќе дојдит татко ти, стрико ти, ќе сакаат да вечераат и да си легнат побрго, оту изм`чени се денеска.

(Кон Арсета, оставајќи го настрана): Седни овде, синко да дувнам во огнов. (Зема стомна со вода и сипа во грнето, ја остава стомната и шета нагоре надолу и офка.) Оф, оф, леле!

ЃУРЕ: Јас ќе имав појќе лешници, ама Турци имаше горе, во леските та не собрав.

БАБА КУЗМАНИЦА: К`де имаше Турци, бре синко?

ЃУРЕ: Еј, тамо горе во лескине, на ридон бабо.

БАБА КУЗМАНИЦА: (На себеси): Турци, Турци виделе!

(Влегува дедо Кузман).

 

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

ИСТИТЕ И ДЕДО КУЗМАН

ДЕДО КУЗМАН: (Гледа налутено, свртувајќи се). И, магариња ниедни, да им е јаз`к! За парите верата си ја менуваат јаз`к.

АРСЕ И ЃУРЕ: (Се стрчуваат кон дедо Кузман). Дедо, дедо што ни носиш?

ДЕДО КУЗМАН: Ништо, биро, ништо. На ви по едно шеќерче.

БАБА КУЗМАНИЦА: Што си се разлутил така, бре старо? Камо ти добар вечер?

ДЕДО КУЗМАН: Добар вечер, старо, добар вечер. Се разлутив, та сега ќе си пукнам од м`ка.

БАБА КУЗМАНИЦА: Зашто?

ДЕДО КУЗМАН: Зашто напаклок!

БАБА КУЗМАНИЦА: Еле, еле?

ДЕДО КУЗМАН: Ошол в град коџобашијата и попот и за пари се посрбиле.

БАБА КУЗМАНИЦА: Та како така?

ДЕДО КУЗМАН: Е, така, си ја мениле верата.

БАБА КУЗМАНИЦА: Се потурчиле?

ДЕДО КУЗМАН: Бетер од Турци станале!

БАБА КУЗМАНИЦА: Ами кој им дал пари, море старо?

ДЕДО КУЗМАН: Зар не знајш? Консулата српски, за да кажуваат оту са Срби.

БАБА КУЗМАНИЦА: Их, јаз`к да им е!

ДЕДО КУЗМАН: Јаз`к, ем голем јаз`к. За коџобашијата и така и така, ама за попот, за тоа магаре дрво, дрво требит; убо е да му ја оскубам брадата.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ама требаше тој да го сторит тоа?

ДЕДО КУЗМАН: Море тој е за обесување, ама нема кој, да види тој како си ја менуваат верата за пари. Ете ти сега работа за судојте; али имаш пари за рушвет. И мене ме викна консулата и ми кажуваше оту ние сме биле Срби, ем стари Срби, зашто Србите славеле слава и ние сме славеле слава.

БАБА КУЗМАНИЦА: Каква слама, море старо?

ДЕДО КУЗМАН: Не мори стара, слама не, слава, слава, кога чиниме свети Никола, али Петровден, али Митровден, тога вељат Србите. „Славиме славу!“

БАБА КУЗМАНИЦА: А, ама после што ти рече консулата?

ДЕДО КУЗМАН: Ми даваше пари да се потпишам на српско.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ти даваше пари?

ДЕДО КУЗМАН: Ми даваше, ама јас му ги вратив и му реков оту за пари верата не си вртам; јас не сум ко овие магариња кочобашии, попои; греота да се кинеме на парчиња… И него поп го сторил владиката! За свињите не чинит тој едепсас.

БАБА КУЗМАНИЦА: Не зборви така, старо ќе те фатит некој грев, поп чоек е.

ДЕДО КУЗМАН: Ѓавол чоек е, уште рогој и опашка му се ексик. Ах, веричката негова!

БАБА КУЗМАНИЦА: (По подолга пауза). Море, луѓево што се забаиле олку? (Луња, светкање, грмотевица).

ДЕДО КУЗМАН: Ич не знам како да ти речам, мори стара: јас реков, оту дошле веќе. Време лошо…

БАБА КУЗМАНИЦА: Ох! Олку забаање не било други п`т. (Кон Ѓурета). Ѓуре бре!

ЃУРЕ: Што мори бабо?

БАБА КУЗМАНИЦА: Имаа многу за жниење, бре синко?

ЃУРЕ: Малу беше бабо, малу. Ајде одете си, ни рекое, ние ќе си дојдиме.

ДЕДО КУЗМАН: Ами камо `и да си дојдат?

БАБА КУЗМАНИЦА: Многу ми е гајле, туку господ да `и вардит и да `и чуват! Ох!

ДЕДО КУЗМАН: Ќе им бериме гајлето, ами што ќе им прајме.

БАБА КУЗМАНИЦА: И какви соништа лоши виѓам овие дни, туку господ на арно да `и истерат. Оф!

ДЕДО КУЗМАН: А, вет`р се соништата, јас не верувам.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ох, не е диб за неверување, старо: сонот се истеруват на нешто, туку болаки на добро да е.

ДЕДО КУЗМАН: А, ништо.

БАБА КУЗМАНИЦА: Многу ми е страв, ама господ.

ДЕДО КУЗМАН: За страој, страој е мори старо. Во турско сме, во пуста земја; зиме ќе умираме за леб и од студ, а лете така ќе се топиме од страој и од мераци.

БАБА КУЗМАНИЦА: Оф! Окутра му животот наш што го живејме. Оф!

(Силен ветер и грмотевица. Влегуваат: Нико и Митра со котел во раце).

 

ПОЈАВА ПЕТТА

ИСТИТЕ, НИКО И МИТРА

ДЕДО КУЗМАН: Што се сторија луѓево, мори невесто?

МИТРА: Али знам татко, многу се забае.

БАБА КУЗМАНИЦА: Оф, не е на добро ова забајње.

ДЕДО КУЗМАН: Чудна работа?

НИКО И ЃУРЕ: (Ги грабаат лешниците од Арсе). Дај ни, дај ни.

АРСЕ: Олеле, олеле, мајко, бабо!

БАБА КУЗМАНИЦА: Бреј, бреј, што му прајте на детето.

АРСО: Лешниците пак ми грабат овие, бабо!

МИТРА: Пак се степувате, кучиња ниедни?! (Ја зема машата, ги брка, кого ќе го фати, го удира). Чекајте да ве научам како да живувате братски (Ги тепа).

ЃУРЕ: (Плачејќи). Јас не му грабав, мори мајко.

ДЕДО КУЗМАН И БАБА КУЗМАНИЦА: Прости ги невесто, прости ги оште сега.

МИТРА: (Го удира Арсета) На ти и тебе шепардан ниеден. (Сите тројца плачат и се смеат).

ДЕДО КУЗМАН: Ете ти, по играчка и плачка.

НИКО: Тек беа, ама тој не `и дааше бре дедо.

АРСЕ: А, бре чиф беа, не беа тек.

БАБА КУЗМАНИЦА: Ајде, не карајте се, бре биро, браќа сте, оф!

ДЕДО КУЗМАН: Не требит да се карате, бре синчиња, не требит; уште од мали да се учите да се слагате, та кога ќе порастите да живувате како браќа, а не да се изделите на парчиња; од карање немат аир, синко! Тие пусти карајнци не сторие нас да се тепаме по судој. Да се слагавме, да бевме се слушале, не би било вака, турско, а сега сами би се поелале. Едни Срби, други Грци, други Власи, други Евреј за пари ќе станат! Се испокинавме! А гледам мрсниот току не јават ко магариња; така не карајте се, та кога ќе порастите да бидите јунаци, та земјава да ја откинете од Турците. Ајде сега речите една песна, како што ве учит даскалот.

(Нико, Ѓуре и Арсе одат кај дедо си и запејуваат)

Македонијо, мајко мила,

Страдна земјо, света,

Много мајко, си теглила

В м`ки и несрета!

ДЕДО КУЗМАН: Аферим бре синчиња, да сте ми живи! (Кучињата лаат).

ГЛАС: Дедо Кузмане бреј! Дедо Кузмане!

МИТРА: (Излегува на вратата) Кој викат? Кој викат?

ГЛАС: Богданице!

МИТРА: Чуја.

ГЛАС: В`село Турци дојдоа и еден на конак кај вас ќе дојдит, да му приготвите вечера. Чу, али не чу?

МИТРА: Чув, чув… (Се враќа). Ете ти сега.

ДЕДО КУЗМАН: Што е мори невесто?

МИТРА: В` село Турци дошле и еден кај нас на конак ќе дојдел, та да му зготвиме вечера.

ДЕДО КУЗМАН: А? Тамам работа, то беше ексик.

БАБА КУЗМАНИЦА: Да му се невидит и конакот. Оф! Се кај нас `и пуштат на конак; ко ан стана нашава куќа. Вчера двајца беа, сега пак…

ДЕДО КУЗМАН: Оште многу ќе пуштаат мори стара, оште многу, нели сме з`т со коџобашијата.

МИТРА: Ни еден да не останит! Една вечер раат не мојме да спиеме.

ДЕДО КУЗМАН: Дошло да се тргат, ќе тргаме; земај постели му тамо да легнит, да се скапит, да дајт господ!

МИТРА: Од која страна да му постелам татко?

ДЕДО КУЗМАН: Од онаа страна оданде, одавде ние ќе спиеме. (Кучињата лаат).

МИТРА: И! Ете, тоа куче идет!

ДЕДО КУЗМАН: Кучињата да му јадат глаата, да дајт господ. (Оди кон вратат да го пресретне) Пак, навистина да не го раздрпаат кучињата, та беља да си налепиме…

(Влегува Турчинот).

 

ПОЈАВА ШЕСТА

ИСТИТЕ И ТУРЧИНОТ

ТУРЧИНОТ: (Налутено). Што не излезете ор, да вардите од кучињата, ќе ме јадил.

ДЕДО КУЗМАН: Да ти се многу години, ага, нашите кучиња на пријатели не лаат. Поели, седни ага!…

ТУРЧИНОТ: Анасана, ќафир. Што сте правиле за вечера, ор? Носите да вечерам овде.

БАБА КУЗМАНИЦА: Што дал господ ага, сега, сега ќе приготвиме.

ТУРЧИНОТ: А оште не сте зготвиле бре ѓаур? Што чекате? (Го удира дедо Кузмана).

ДЕДО КУЗМАН: Аман, ага, аман, сега ќе бидит готоо.

ТУРЧИНОТ: Ајде чабук; сакам да јадам, кокошка да пржите. Жи ми вера, сите ќе кољам.

БАБА КУЗМАНИЦА: Сега ќе бидит, ага, сега. (Тивко кон Митра). Невесто, пијано е кучено, пак кокошка сакат.

МИТРА: Ќе заколиме кокошка, што ќе прајме, да пукнит од неа.

ТУРЧИНОТ: И алва сакам да прајте, ама да не го пржите со вашата маст! Да миете арно тој тиганот, зере жи ми вера, коските ќе ви кршам.

ДЕДО КУЗМАН: Биди раат ага, биди раат, се ќе бидит.

ТУРЧИНОТ: Ќиди, домус!…

ДЕДО КУЗМАН: (Кон Митра). Невесто, ајде фати една кокошка за агава да го нагостиме.

ТУРЧИНОТ: Ајде мори ѓаурко, чабук, чабук, оту чудо ќе праа, гиди верата! Донеси ракоја да пијам овде.

(Баба Кузманица и Митра излегуваат)

ДЕДО КУЗМАН: (Кон Ника) Нико, подај го пагурчето, во долапот е, да се напиеме со агава. (Нико излегува и го донесува пагурчето).

ТУРЧИНОТ: Носи да пијам, бре ќе ти… анасана (Кон Арсета). Ела ти бре овде, кумита. (Кон Ѓурета) А и ти, бре шејтан!

ЃУРЕ И АРСЕ: (Уплашени) Дедо, дедо!…

ТУРЧИНОТ: Ја не јадил деци, елате бре!

ДЕДО КУЗМАН: (Умилно). Елате пилиња, елате при агава. (Децата одат кај дедо Кузман).

ТУРЧИНОТ: Елате бре при мене, бре домус! Зашто ти не идел при мене, бре! Кажи де?

АРСЕ: (Плачејќи) Ми е страв ага.

ТУРЧИНОТ: Од мене бре? Ај утре ќе носам на град.

АРСЕ: А, не идам.

ТУРЧИНОТ: Зашто бре? Ќе носил при моите деца, таму ќе јадил пилаф, алва, шеќер, (кон Ѓурета), а ти идеш бре?

ЃУРЕ: А, и ја не идам.

ТУРЧИНОТ: Бак шејтан чоџук. Ќе турчам бре, жи ми вера. Ајде в град ќе носил.

ЃУРЕ: Неќиме! Оџите викат на џамиите ко магариња.

ТУРЧИНОТ: (Налутен станува да ги тепа децата) Бре ќопек, пис милет, комита гаур! (Арсе и Ѓуре бегаат надвор плачејќи).

ТУРЧИНОТ: Сус, сус, оту ќе ве колам!

ДЕДО КУЗМАН: (Го подава пагурчето) Поели ага, поели напи се, не се лути, деца се, не им врзви за кусур.

ТУРЧИНОТ: Деца, а? Кој учел да зборви така?

ДЕДО КУЗМАН: Напи се џанам, напи се!

ТУРЧИНОТ: Анасана тој таткото, деците, се комити.

ДЕДО КУЗМАН: Не, џанам ага, шо е тој лаф?

ТУРЧИНОТ: Тој келеш да речел таков збор? Тој дете, ама татко му ќе патит! Еден бег денеска го грабил една ѓаурка на нивата да турчит, ја ќе турчам сите жими вера.

ДЕДО КУЗМАН: (На страна) Грабиле момичка да турчат? (Кон Турчинот). Напи се ага, напи се! (Силен ветер и грмотевица).

ТУРЧИНОТ: (Го подига пагурчето) А, од тој ја не пиел, од тој ѓаурите пијат. Носите овде со шише, со бинлак ракија сакам овде. (Го фрла пагурчето настрана).

К`де ошол тој коконата? А, бргу викај овде да стоит диван пред агата.

ДЕДО КУЗМАН: Таа отиде да заколит кокошката.

ТУРЧИНОТ: Сус! Ја оди да викаш, да дојдит таа овде, а ти да колиш тој кокошката. Викај и тој убавата ќерка што имаш. Чапрас диван да стоит и двата.

ДЕДО КУЗМАН: Не е овде ага, на работа е таа. (На себеси) Ах, пусти м`ки наши!

ТУРЧИНОТ: Викај! Викај! Чини што ти вељам оту коски ќе ти кршам!

ДЕДО КУЗМАН: (Излегува од вратата и вика) Невесто, невесто, ела ваму.

ТУРЧИНОТ: (Кон Нико) Носи овде ракија бре ти домус! Ај кумита ѓаур, бак шинди. Кренил глаа тој ѓаур.

ДЕДО КУЗМАН: (Се враќа). Оф! Ага, кумити овде немат.

ТУРЧИНОТ: Анасана и деците си праил кумити.

НИКО: (Подава шише со ракија на дедо Кузмана) На, дедо!

ДЕДО КУЗМАН: Појли ага, со шишево напи се.

ТУРЧИНОТ: Анасана и деците си праил кумити, ѓаур. Ќе бесим сите. Викај невестата да седит чапрас диван пред мене.

(Влегува Митра).

 

ПОЈАВА СЕДМА

ИСТИТЕ И МИТРА

МИТРА: Што е татко, што ме викаш?

ТУРЧИНОТ: Ела вамо, мори, дај ракија!

МИТРА: У, ага, јас ќе готвам вечера, не можам!

ТУРЧИНОТ: (Ја дига пушката) Ела вамо!?

МИТРА: Татко!?

(Задишена влегува баба Кузманица).

 

ПОЈАВА ОСМА

ИСТИТЕ И БАБА КУЗМАНИЦА

БАБА КУЗМАНИЦА: (Брзо и уплашено). Луѓе али не слушате?!…

ДЕДО КУЗМАН: Што е мори жено, што е?!

ТУРЧИНОТ: Бреј!

(Децата исплашени плачат)

БАБА КУЗМАНИЦА: Леле Трајаница идет и плачит.

ДЕДО КУЗМАН: Што се сторило мори? (Излегуваат дедо Кузман, баба Кузманица и Митра).

ТУРЧИНОТ: Давај ракија мори, што бегаш?

(Влегуваат Благуна, плачејќи, со расплетени коси, Богдан, Трајан, Митра и баба Кузманица)

 

ПОЈАВА ДЕВЕТТА

ИСТИТЕ, БЛАГУНА, ТРАЈАН, БОГДАН

БЛАГУНА: (Плачејќи). Леле ќерко леле до господа! Цвето, што ти било пишано.

БАБА КУЗМАНИЦА: Што е мори Трајанице! Оф! Камо ви ја Цвета?

БАБА КУЗМАНИЦА, ДЕДО КУЗМАН, МИТРА: Што?!! Турци Цвета е грабнале!!!

ДЕДО КУЗМАН: Оф, ја сиромав! (Плачејќи). Цвето, чедо! (Кон Трајана). Синко, што таксират не најде!… Брго кажи на уќумат?

ТУРЧИНОТ: (За себеси) Не бу, шашарма?!

(Влегуваат Дуко и Спасе).

 

ПОЈАВА ДЕСЕТТА

ИСТИТЕ, ДУКО И СПАСЕ

ДЕДО КУЗМАН: (Кон Дуко). Синко, али си жив?

ДУКО: Жив сум дедо, жив, ама зашто сум.

ТРАЈАН: Што сторивте. Али не можевте да ја откинете?

СПАСЕ: Ах!… Не можевме ништо да напрајме…

ДЕДО КУЗМАН: Трчајте кај валијата и кај консулите да кажете за нашиве м`ки што ги тргаме!

ДУКО: Ако не свршиме ништо кај валијата и кај консулите, тогај?…

СПАСЕ: Така и така сме `и клале глајте в торба, али ќе ја откинеме, али ќе умриме м`шки! Јас сум со тебе.

ДУКО: (Налутено). Ајде брате!

ТУРЧИНОТ: (Налутен станува). Не бу бе, шашарма? (кон сите) Ја вечера сакам!….

ДУКО: Што барат овој пес овде? (Кон Турчинот) Што сакаш т бре, куче?

ТУРЧИНОТ: Вечера бе домус, ракија!

СПАСЕ: (Го фаќа Турчинот). Надвор куче, да те немат овде. (Го турка надвор. Сите мажи го тепаат Турчинот).

ДУКО: Ајде, да му светиме масло барем на овој!

 

(ЗАВЕСТА СЕ СПУШТА)

 

ДЕЈСТВИЕ ТРЕТО

 

Сцената претставува соба во чифликот на Осман бег. Утро. Цвета уморена од тага спие на миндерот.

 

ПОЈАВА ПРВА

ЦВЕТА (САМА)

ЦВЕТА: (Блада). Мајчице! (се стреснува). Мајчице, Турци идат, леле! … Оф, каде сум (Разгледува наоколу). Турска куќа? ! (плаче). Оф, пусти живот мој!… Мајко, каде си да ме видиш? Брате, зошто не дојдеш да ме откинеш од мрсни, погански раце! Татко, златен татко, али бараш чаре, за да ме извадиш од таа пуста куќа? … Ах, тешко мене, јас сирота?! Загинав!?… Мајко, о мила мајко!… Што грев сум сторила, та овие м`ки за мене? Оф, пусти таксират мој!… Ах, зошто сум се родила девојче во ваква пуста земја?!… Ќе ме потурчат?!… Туркина да бидам!? У!? Чувај ме, Господи, умирам , ама Туркина не станувам!… Не, тој саде не мојт да бидит!… Не… Мајчице, татко, Дуко, братенце мое, каде сте?… Мајко. (Се замислува). Не! Требит од овде да избегам! (Оди кон прозорецот) Ах, сонце, ти се мољам кажи за мојте м`ки. Ти виѓаше кога ме грабеа. Јас секое утро тебе сум те пречекувала, сонце!… (Се замислува). Од овде, низ пенџерава ќе избегам. Али ќе избегам, али ќе се отепам! Многу поубоо е да умрам (Се обидува да ја протне главата низ решетките). Ах, не можит од овде и сила немам да скршам едно железо. (Оди кон вратата, ја побутнува, ја наоѓа затворена). И овде затворено! Ах, господи, али не ти е грев?!… Четири дни сум затворена, ко пиле во кафез!…

(Паѓа на миндерот и задремува. Влегува Осман бег)

 

ПОЈАВА ВТОРА

ЦВЕТА И ОСМАН БЕГ

ЦВЕТА: (Како да се сепнува). Мајчице, ти си? (Испискува кога го здогледува Турчинот). Оф!…

ОСМАН БЕГ: Што си станала толку рано, мори!… Да не мислиш на жетва да одиш?!… Спи раат, спи раат; Осман бег не ти пушти на жетва да ти гори тој бело лице; има кој да работат за тебе… Како спа сама овој вечер? Кажи де, што молчиш?!… Али уште плачиш?!… Грев ти на душата, мори ѓаурко, ако на тој меки душеци не спиеш раат. (Се приближува до неа, сака да ја фати за рака). Зборувај де!

ЦВЕТА: Бегај!

ОСМАН БЕГ: Не си љути мори ѓаурко, не си љути!

ЦВЕТА: Бегај ти кажувам!!!

ОСМАН БЕГ: Јас те милувам, мори стоко.

ЦВЕТА: Бегај, не ти сакам милувањето твое!… Бегај!!!

ОСМАН БЕГ: Не си љути мори, стопанка ќе ти праам на чифликот, жи ми вера. Тој сета стока моја, твоја ќе бидит.

ЦВЕТА: Нејќум, нејќум! Држи си стоката за тебе, а мене пушти ме дома да си одам!

ОСМАН БЕГ: Да те пуштам? А! Тој саде не может да бидит!… Ти, ести, си моја.

ЦВЕТА: Твоја?!.. Не!…

ОСМАН БЕГ: Ти Туркина ќе бидиш.

ЦВЕТА: Кој? Јас Туркина? Не! Никогаш!…

ОСМАН БЕГ: Оџата ќе чинит Туркина, мори будал.

ЦВЕТА: Туркина?

ОСМАН БЕГ: За твој атар, денеска викав чалгија, да свирит на чифликот. На гости дојдоа много ан`мки, да конуштисаш со ним и да видиш каков добар живот живеит. Гледај сега! (Плеска со рацете. Музиката засвирува чочек. Неколку млади каднки лесно облечени, како турски играорки му се поклонуваат на Осман бег и под такт на музиката играат чочек. Осман бег се насладува, а Цвета со омраза гледа на сето тоа и плаче. Разнежен Осман бег оди кон Цвета и сака да ја бакне).

(Приближувајќи се) Стој, стој! Ќе љубам тебе!

ЦВЕТА: Бегај, тргни се ти кажувам!

ОСМАН БЕГ: Стој, мори ѓаурко!

ЦВЕТА: (Му удира шлаканица) На ти тебе, куче!

ОСМАН БЕГ: (отпуштајќи ја) Бре анасана! (Ја грабнува за косата и ја турка).

ЦВЕТА: Оф! Мајчице! (Паѓа).

(Сите анамки уплашени бегаат).

ОСМАН БЕГ: Домус, дур бакалам, ја ќе колам тебе! (Излегува).

ЦВЕТА: (Плачејќи) Мајко! Ох! Пусти м’ки мој! (Паѓа)

(Влегуваат Крста и Петкана)

 

ПОЈАВА ТРЕТА

ЦВЕТА, КРСТА И ПЕТКАНА

КРСТА: Плачит, кутрата!

ПЕТКАНА: Ами, шо ќе прајт, сирота? Плачи, плачи, и плач не помага.

КРСТА: (Воздивнува). Е, и јас плакав, плакав, ама залудо.

ПЕТКАНА: Ами јас, току опустел му животот наш, мори сестро!

КРСТА: Шт, шт, молчи! (Се приближува кон Цвета и ја побутнува). Доста! Доста си плакала мори сестро!

ЦВЕТА: (Уплашено срипува). Ага! Пушти ме!!

ПЕТКАНА: (На страна). О, сирота!…

КРСТА: Не плаши се, сестро, не плаши се, не е овде агата.

ЦВЕТА: (Плачејќи). А, ама вие што барате овде?

КРСТА: Дојдовме да те видиме.

ПЕТКАНА: Е, мори сестро, чоек со чоека живејт.

ЦВЕТА: Така е, ама со секој чоек не можит да живејт.

КРСТА: Зашто?

ЦВЕТА: Е, вам ви е широко околу вратот, та за тоа така велите, а прашајте не нас, рисјанките, што тргаме од вашите м’жи.

ПЕТКАНА: (На страна) Клетите рисјани!

КРСТА: Ела ќерко, ела да те рашетаме низ другите одај, та тамо по на техна ќе си позборуваме.

(Излегуваат трите. Влегуваат Осман-бег и Селим-оџа).

 

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

ОСМАН-БЕГ И СЕЛИМ-ОЏА

ОСМАН-БЕГ: (Зачуден) А! К’де ошле тие ѓаурки?

СЕЛИМ-ОЏА: Да не избегале?

ОСМАН-БЕГ: А, јок! (оди кон вратата што води кон харемот низ кој излегоа двете анамки и Цвета). Тука са, к’де ќе бегат… Кој можит од мојте р’це да бегат. Е, жи ми турска вера, оџа ефенди, сите ќе турчам, сите каури.

СЕЛИМ-ОЏА: Евет, беим, друго чаре нема… Дури не турчиме тие ѓаури, царстввото на падишахот раат нема да има.

ОСМАН-БЕГ: Еле, тој ѓаур комита, што терсене е од некое време, жи ми вера да имат царство сите би не исклал, ама дип не му е царството.

СЕЛИМ-ОЏА: (Се смее). Ха, ха. Се плачат оту сме ги м’чили…

ОСМАН-БЕГ: А шо ќе им прајме?!… Ако не мачиш, ако не колиш, ќе се наплодат ко мрави… Коли! Коли!

СЕЛИМ-ОЏА: Трнот ако не сечиш, ќе ископат очите…

ОСМАН-БЕГ: Царот дават изин да колиме ѓаурите… Сите би колел, ама дип… много креват ѓурултија тој Московот, Инглизот и Френгот.

СЕЛИМ-ОЏА: На секое зло има лек. Ако тие ни се душмани имаме и пријатели. Тој Немецот… Алеман паша и тој како се викаше Швабата – Австриецот со нашиот цар се. (Покажува со прстите доближувајќи ги).

ОСМАН-БЕГ: Арен девојка грабнав, оџа… Ама инаетчија е… много. Не се турчи и верселам…

СЕЛИМ-ОЏА: Јас неа ќе турчам… Јаваш, јаваш…

ОСМАН-БЕГ: Ќе турчам сите ѓаури… Илјаким, братот и овчарот за еден инат, два пати ќе турчам.

СЕЛИМ-ОЏА: Евет, тие се нај-баш кумита. (Ослушнува и станува). Бејм, идат!…

ОСМАН-БЕГ: Идат?! (Оди кон вратата).

СЕЛИМ-ОЏА: Нека остајме раат, белким ќе кандисат да се турчит?

(Излегуваат. По малку влегуваат Цвета, Крста и Петкана).

 

ПОЈАВА ПЕТТА

ЦВЕТА, КРСТА И ПЕТКАНА

КРСТА: Е, мори ќерко, и јас праев така инает ко тебе.

ЦВЕТА: Како, зошто инает сте праиле?

КРСТА: Нејќев да се потурчам, ама после си кандисав.

ПЕТКАНА: Та и јас така мори сестро!…

ЦВЕТА: Ама кој сакал вас да ве потурчит, џанам, кога вие Туркини сте се родиле?!

КРСТА: Не, ние рисјанки сме се родиле, мори сестро.

ЦВЕТА: Рисјанки сте се родиле?!

ПЕТКАНА: (Нажалено). Рисјанки бевме, мори сестро.

КРСТА: Ама не потурчија!

ЦВЕТА: Ве потурчиле?!!!

ПЕТКАНА: (Воздивнува). Ах, не потурчија!

КРСТА: На сила, сестро, ко тебе што ќе те потурчат.

ЦВЕТА: (Разлутена). Ах, бегајте од мене вие, вртоверки!

КРСТА: Немој, не ни кажви така сестро.

ПЕТКАНА: (На страна). Рисјанки бевме, а сега Туркини, пусти робинки.

КРСТА: Ете така… Е, да знајш какви са лоши нашите маки.

ЦВЕТА: Како можат да ве потурчат, ако вие не сте сакале?

ПЕТКАНА: Царство им е, сѐ можат.

ЦВЕТА: (За себе): Овие ме мамат. (Кон нив). Вие ме мамите, вие сте Туркини.

ПЕТКАНА: Не мори сестро, верувај, не.

КРСТА: Нема зошто да те лажиме.

ЦВЕТА: Бегајте, се гнасам од вас. Вие сте Туркини, вие ме мамите.

ПЕТКАНА: (Кон Крста) Кутрата, не ни верува, ама има и право.

ЦВЕТА: Ако вие не бевте Туркини, то не ќе ме кандисувате за да се потурчам, а ќе ми поможевте да избегам од овде.

КРСТА: Ние не те кандисуваме, ами ти кажуваме како е работата, оти на сила ќе те потурчат сестро.

ПЕТКАНА: Би ти поможиле, мори сестро, да избегаш и ние би избегале со тебе, ама не вардат, та не мојме.

КРСТА: (Кон Петкана). Покротко, покротко зборви Петкано, оту можит да слушат, бегот.

ЦВЕТА: (Кон Петкана). Тебе Петкана те викаат?

ПЕТКАНА: (Воздивнува) Ах! Петкана.

ЦВЕТА: (Кон Крста). Ами тебе?

КРСТА: Мене Крста ме викаат.

ЦВЕТА: Крста? Ами од кои места сте?

КРСТА: Јас сум од Каменица, а Петкана е од село Црвен Брег.

ЦВЕТА: А имате ли нешто роднини?

ПЕТКАНА: Имавме, имавме сѐ мори сестро, а сега ништо немаме. (Плаче).

КРСТА: (Плачејќи). Јас имав и мајка и татко, и браќа и сестри, а сега ко што ме гледаш сум. Татка го утепаа кога ме грабиа, мајка умре од мерак по мене, брат ми, едниот го утепаа на Пирин Планина, а другиот е во Бугарија и секоја пролет идет со комити. Ете, така се запусти нашата куќа.

ПЕТКАНА: А јас саде една мајка и еден брат си имам.

ЦВЕТА: Ами живи се сега?

ПЕТКАНА: (Плачејќи). Мајка е жива и кукат ко црна кукавица…

ЦВЕТА: А, кутра мајка. (Плаче).

ПЕТКАНА: А брат ми во Анадол го пуштие, и сега не знам, али е жив или умрен.

КРСТА: Ето, такви се патилата наши ќерко!

ПЕТКАНА: (Кон Цвета). А ти?

ЦВЕТА: Ах, јас си имам, татко, мајка, брат, стрико, баба, дедо; јас сѐ си имам. (Плаче).

КРСТА: Ееее, сиротите!

ПЕТКАНА: Пусти живот наш, пусти живот наш!

КРСТА: (Гледа кон прозорецот). Шт, молчите, идет бегот. (Кон двете). Како да му кажиме?

ЦВЕТА: Кажете му оту ја нејќум да се потурчам!

КРСТА: Ах мори сестро!

ЦВЕТА: Нејќум, не! Ќе умрам, ама Туркина не станувам!

ПЕТКАНА: Ах, кутра, сирота!

(Влегува Осман-бег).

 

ПОЈАВА ШЕСТА

ИСТИТЕ И ОСМАН БЕГ

ОСМАН БЕГ: Е, како го велит тој ѓаурка?

КРСТА: Не кандисува беим.

ОСМАН БЕГ: Бреј! А оште прајт инат?! (Се доближува кон Цвета). А, вистина мори свињо, а?

ЦВЕТА: Оф, мајко!…

ОСМАН БЕГ: Кажи де?!

ЦВЕТА: (Решително). Јас ти кажав, сто п’ти не ти кажувам.

ОСМАН БЕГ: (Ја приближува). Кажи пак, бре!

ЦВЕТА: Бегај на ст’рна!

ОСМАН БЕГ: Аааа, анасана!

ПЕТКАНА: (Зашеметена). Ах, сирота!

ОСМАН БЕГ: Ќе ти колам мори ѓаурко!

ЦВЕТА: (Налутено). Коли ме, беси ме, што сакаш прај, ама јас Туркина не бидувам!

КРСТА: (На страна). Бреј!

ОСМАН БЕГ: (Го извлекува јатаганот и ја фаќа за коса). Ќе турчиш?

ЦВЕТА: (Смело). Пушти ме! (Пишти). Оф, мајчице!…

КРСТА: (Притрчува, го фаќа Осман-бег и го трга на страна). Аман ефенди, немој, немој!

ПЕТКАНА: (Ја фаќа Цвета). Немој мори сестро, не прај вака, немој со лошо.

ЦВЕТА: Леле мајчица. (Кон Осман-бег). Ах, куче!

ОСМАН БЕГ: (Разлутено). Пуштите да колам тој ѓаурка.

КРСТА: (Го тргнува). Прости ја беим, ќе кандисат!

ОСМАН БЕГ: Анасана, ѓаурка! Коски ќе кршам.

ПЕТКАНА: (Кон Цвета). Сакај му мувлет, за да си помислиш малу, мори сестро, оту тој ќе те заколит.

ЦВЕТА: Ох!

ОСМАН БЕГ: (Налутено). Пуштите ќе дробил на парчиња.

ПЕТКАНА: Сабур, беим ти се молит за мувлет, мувлет ти сакат.

ОСМАН БЕГ: Мувлет, а? (Се смирува).

ЦВЕТА: Ах, пушти ме малу надвор да рашетам, ми е лошо. (Паѓа. Крста и Петкана ја дигаат).

КРСТА: Стани ќерко, стани, што прајш вака?

ЦВЕТА: (Поткрепена од Крста и Петкана). Оф, мајчице!…

ОСМАН БЕГ: (Малу посмирено). Остајте мене тој ѓаурка, ја ќе рашетал низ бавчата. (Кон Цвета). Зошто ми лутиш, мори, а?

КРСТА: Со добро беј, со добро ќе кандисат.

ОСМАН БЕГ: (Излегувајќи со Цвета вика). Адемааа, Адемааа, Суљо. Стојте тамо на капеџиците?

(Глас). Пеки ефенди!

(Крста и Петкана сами)

ПЕТКАНА: Кутра!

КРСТА: Јака душа мори, Петкано, ич не се страшит од бегот.

ПЕТКАНА:Што ќе се страшит, кога сторила ниет да умрит, ама да не се турчит!

КРСТА: Голем инат прајт.

ПЕТКАНА: Ах, пусто царство им е, мори, оту да е инаку…

КРСТА: Е, да е инаку, ние не ќе бевме во турски р’це, туку м’чи се молчи… Зер јас сакав да се потурчам, ами шо ќе прајш, кај е сила прајна не е.

ПЕТКАНА: Ах! Али су сакала, али сум мислела за ваков живот, затворена ко в апцана. Запусти го, да не зборуваме, оту ми се кинит срцево од мака.

КРСТА: Ами шо да прајме, мори сестро. Сега немаме ни рода, ни роднина, пак и сите бегат од нас. Туркини сме… Пак аџиба, можиме да живејме при животот на овие кучиња? Ах, ни било пишано да си загинеме, Туркини да бидеме. (Погледнува кон прозорецот). Гледај, кутрана, во бунарот се загледала…

ПЕТКАНА: Ама што да чинит сиротата?

КРСТА: (Уплашено со вкочен поглед погледнува кон прозорецот). Ах! Мори, што напрај та?! Леле, во бунарон се фрли…

ОСМАН БЕГ: (Од надвор). Адемааа, Суљооо, гелбурда, чабук, чабук!!!

ПЕТКАНА: Ќе се удајт кутрана!

КРСТА: Ето зашто сакала надвор да излезит.

ОСМАН БЕГ: (Од надвор). Слези бргу бре, фати тој шејтан ѓаурка! (Пауза).

КРСТА: Ах!… Ено ја, ја изваја!… Гледај, гледај сирота. (Кон Петкана). Забули се сестро, да излеземе! (При излегувањето се сретнуваат со Осман-бег и Цвета)

ОСМАН БЕГ: (Ја отвора вратата). На во тој будала ѓаурка, ќе давел.

(Цвета влегува)

 

ПОЈАВА СЕДМА

ИСТИТЕ И ЦВЕТА

КРСТА: Што напрај така, мори сестро?

ЦВЕТА: Оф, мајчице! Како не се удајв?!…

ПЕТКАНА. (На страна). Ах! Никој не слушат нашите м’ки. Пусти цар далеку, а господ високо.

КРСТА: Стани да се преслечиш, оту ќе настиниш вака.

ЦВЕТА: Остајте ме, остајте ме, да умрам поубоо.

ПЕТКАНА: Немој мори, белким имат господ, белким ќе излезиш од овој пекол.

КРСТА: Ако ја извадат на уќумат пред пашата, белким ќе имат спасибог да ја отпуштат.

ЦВЕТА: Ах! Камо тој господ да ме пуштат пред пашата да му кжам сѐ.

КРСТА: Брат ти, татко ти, можит да сториле давија на уќумат за да те изваат пред пашата.

ЦВЕТА: Пред пашата ќе ме изваат?

ПЕТКАНА: Ќе те изваат, ќе те изваат.

КРСТА: Саде тебе не ти требат да се инатиш; ако им велиш оту не се турчиш, тогај ич не ќе те изваат, ќе те скриат, ко нас што не скрија. Сега вели оту ќе се потручиш, а тамо кажи што сакаш. Така многу се откинале.

(Забрзано влегува Осман-бег)

 

ПОЈАВА ОСМА

ИСТИТЕ И ОСМАН БЕГ

ОСМАН БЕГ: (Брзо) Бегајте, скрите се тамо!

КРСТА: Што е ефендим?

ОСМАН БЕГ: Ајде гит орда, заптие гељор, чабук, капу капи. (Цвета, Крста и Петкана бргу излегуваат. Влегуваат тројца заптии, Дуко и Спасе)

 

ПОЈАВА ДЕВЕТТА

ОСМАН БЕГ, I, II, III ЗАПТИЈА, ДУКО И СПАСЕ

I ЗАПТИЈА: (Кон Осман-бег). Мерхаба ефендим!

ОСМАН БЕГ: Мерхаба, мерхаба, бујрун (Покажува кон миндерлакот).

I ЗАПТИЈА: Ејвала.

ДУКО: (Кон Спасе). Ето го, ето го!

СПАСЕ: Тој е крвникот.

I ЗАПТИЈА: По поелата на Вали-паша сме дошли овде да бастисаме вашата куќа, и сакаме да ни дајш изин.

ОСМАН БЕГ: Ја немал качак тутун, ор!

ДУКО: Не сме колџи та за то да идеме.

II ЗАПТИЈА: (Заканувачки кон Дуко). Сус бе ѓаур.

СПАСЕ: Зашто да молчит?

III ЗАПТИЈА: Сус бе и ти, домус, кој те праша тебе?

ОСМАН БЕГ: Ами тиа ѓаури што барат овде?

ДУКО: Има што да бараме, за то сме дошле.

II ЗАПТИЈА: Сус бре ешек, жими вера…

СПАСЕ: (Кон Осман-бег). Тој си сакат сестра му, што ја грабна од полето пред четири дни.

I ЗАПТИЈА: Ај анасана!

III ЗАПТИЈА: (Кон Спасета). Ти ќе молчиш, бре или ќотек сакаш?

I ЗАПТИЈА: Тија ѓаури праат поплака не тебе, оту на сила си зел една ѓаурка.

ОСМАН БЕГ: (Гордо) Ха, ха, ха (Кон Спасета и Дука) Па вие прајте поплак ор’ жими вера.

ДУКО: Ние, ние!

ОСМАН БЕГ: Зашто бре домузлар?!

СПАСЕ: Не нѐ познаваш, бре Турчине?

ОСМАН БЕГ: Не, жими вера, ор каур.

ДУКО: Не нѐ познаваш, а, а? К’де е сестра ми?

ОСМАН БЕГ: Каква сестра го сакаш од мене, ор?

СПАСЕ: Ти, заедно со тројца другари коо тебе, ја грабнаа на сила сестра му на овој чоек?

ОСМАН БЕГ: (Кон првиот заптија). Што сакат од мене тија ѓаури?

I ЗАПТИЈА: И тие не знајт што сакат, беим.

СПАСЕ: Како не знајме?! Охо!!!

ДУКО: Мошне убоо знајме! Сестра ми ја сакам од ового. (Покажува кон Осман-бег). Од ового, разбравте, али не?!

ОСМАН БЕГ: Од мене? А? Ја не сум арамија, бре свиња!

СПАСЕ: Бетер од арамија си!…

ОСМАН БЕГ: (Го удира Спасета) Ти мене ќе кажел арамија, бре ешек.

СПАСЕ: (Не отстапува). Удри, удри!

ДУКО: (Кон заптиите). Вие царски луѓе сте, али ортаци на Осман-бега? За да не тепате дојдовме овде со вас?!

I ЗАПТИЈА: Арно ви прајт, кога сте отвориле тој уста, ко врата, ор!

СПАСЕ: (Кон Дуко). Нека тепат брате, ќе им платиме за сѐ ќе дојдит ден!

II ЗАПТИЈА: Море, ќотек за вас.

ДУКО: (Кон Осман-бег). Сестра ми тој ја грабна и од него ја сакам!

СПАСЕ: (Кон заптиите). Вас пашата не ве пушти да не мачите, да не плашите и да не тепате!

ОСМАН БЕГ: Нека барат, ете куќата моја.

I ЗАПТИЈА: (Кон Дука и Спасета). Барајте бре, што стојте?!

ДУКО: Ќе бараме зер! Виѓаме оту во оваа одаја е немат (Покажува кон собата каде влегоа Цвета, Крста и Петкана). Сега да видиме во онаа одаја тамо.

ОСМАН БЕГ: (Застанува на вратата). А, јок тамо саде не можел да барал. Сак’н тамо е аремот мој.

ДУКО: (Кон Осман-бег). Секаде сакаме да бараме.

I ЗАПТИЈА: Китапот не дават, бре, да влагаш при аремот на бегот.

СПАСЕ: (Кон Дуко). Тамо е скриена, брате.

ДУКО: Тамо е, тамо ќе влеземе!

СПАСЕ: (Кон заптиите). Во таја одаја е скриена.

ОСМАН БЕГ: (Вади револвер). Назад! Умрени не можите да влезите овде, а живи ич, бре домус! Ајде барајте тамо на другите одаи. (Осман бег му климнува на чаушот да ги тргне двајцата селани).

СПАСЕ: Не! Во таа одаја си ја скрил.

I ЗАПТИЈА: (Кон Спасета). Еј, ѓаур. (Го тргнува). Аремот на бегот е тамо, бре будала.

ОСМАН БЕГ: (Претпазливо). Чик’ дишери тој ѓаур, ќе ме клајт во некоја бела. Барајте во другите одаи. (Ги бараат во другите одаи).

ЗАПТИИТЕ: (Кон Спасета и Дука). Ајде оди малу надвор, после ќе пуштел пак. Надвор, бре! (Ги фаќаат и ги истуркуваат надвор).

ОСМАН БЕГ: (Сам). Ај, анасана, кој има кажал на тија ѓаури, оти е овде? Ама дур бакалам, сега ќе криел арно. Заборајл, оту ќе дојдат заптие. (Чука во ан’мската соба).

ГЛАС: Ким дер?

ОСМАН БЕГ: Бен’м, бен’м ач капи.

ГЛАС: Не истерсан, беим?

ОСМАН БЕГ: Донесите брго ѓаурката. (Отварајќи го капакот на подот). Овде ќе кријам, а после ќе пуштил да барат, колко за лице!

(Влегуваат Цвета, Крста и Петкана)

 

ПОЈАВА ДЕСЕТТА

ОСМАН БЕГ, ЦВЕТА, КРСТА И ПЕТКАНА

ОСМАН БЕГ: (Ја фаќа Цвета). Ајде, влагај овде, мори шејтан ѓаурко?

ЦВЕТА: (Уплашено). Овде?!

КРСТА И ПЕТКАНА: (Уплашени за себе си) Уууу! Богоројчице мајко, ќе ја м’чит.

ОСМАН БЕГ: (Луто) Ајде, влагај побргу, оту жими вера…

ЦВЕТА: Аман!

ОСМАН БЕГ: (Ја бутка во дупката) Сега аман, заман јок, влагај!

ЦВЕТА: Оф, мајчице!

КРСТА: Прости ја беим, ќе се потурчит.

ОСМАН БЕГ: Не, јок!… Влагај!

ПЕТКАНА: (За себе си ). Ах, пусти м’ки наши!

ЦВЕТА: (Паѓајќи во дупката) Мајчице, леле!

ОСМАН БЕГ: Молчи тамо, не викај! (Го затвара капакот, дава знак на анамките да си одат, од другата соба го отвора главниот влез и вика.) Чауш!

(Глас од надвор). Пеки беим!

ОСМАН БЕГ: Пуштете тие ѓаури овде да барал.

(Влегуваат: заптиите, Спасе и Дуко).

 

ПОЈАВА ЕДИНАЕСЕТТА

ИСТИТЕ, СПАСЕ, ДУКО И ЗАПТИИТЕ

ОСМАН БЕГ: (Кон Спасета и Дука) Ајде барајте и во таа одаја.

СПАСЕ: (Стрчнувајќи се и кон анамската соба). Ела брате Дуко.

ДУКО: (По Спасета). Сестро, к’де си?

ОСМАН БЕГ: (Самозадоволен се смее). Ха, ха, ќе најдеш!

СПАСЕ: (Излегувајќи од анамската соба). Ах, и тука е нема!

ДУКО: (По Спасета замислен). Ах, сестро! (Држи во раката шамија која претпазливо ја фрла во ќошето).

СПАСЕ: Ах, Цвето, к’де си?

ОСМАН БЕГ: (Кон Спасета). Е, го најдовте вашата ѓаурка? (Дуко и Спасе молчат замислени).

I ЗАПТИЈА: Е, има да сакате уште нешто?

ДУКО: (За себе си). Сестро к’де те потонија? (Погледнува кон шамијата) Ако ѝ паднит в р’це ќе разбере оту сум дошол.

I ЗАПТИЈА: (Претпазливо кон втор и трет заптија) Ајде, извајте тие ѓаури.

II ЗАПТИЈА: (Кон Спасе). Ајде сега, надвор!

СПАСЕ: (Излегувајќи кон Осман-бег) Турчине, мисли си арно! Нема да ја остам во твои раце! (Излегува).

II ЗАПТИЈА: Ајде надвор. (Излегува).

III ЗАПТИЈА: (Кон Дука). Ајде бре и ти ѓаур, што стоиш?

ДУКО: (Излегувајќи). Еј, крвнику, не мисли оти така лесно ќе ти поминит. – Е-е! Ќе ти платам за сестра ми!

III ЗАПТИЈА: Ѓит-ѓит, фираун. (Излегува).

(Осман-бег и првиот заптија)

ОСМАН БЕГ: (Кон чаушот) Дур! (Го отвара капакот). Ќе видиш тој ѓаурка. (Вика над дупката) Излези мори ѓаурко! Излези бре, ќе кољам ако слезам долу… Ја анасана, да не го умрел тој свиња внатре?

I ЗАПТИЈА: (За себе си) Бреј, шејтан бил тој Осман-бег, жими вера, баш дирек, ести, тој на царството.

ОСМАН БЕГ: Излези мори!

(Цвета излегува од скривницата)

 

ПОЈАВА ДВАНАЕСЕТТА

ОСМАН БЕГ, ЦВЕТА И I ЗАПТИЈА

ОСМАН БЕГ: Голем инат прајш, мори ѓаурко, ама…

ЦВЕТА: Ох, мајчице!

ОСМАН БЕГ: (Кон заптијата). Е, чауш како ти фатит окото?

I ЗАПТИЈА: Убава ѓаурка си зел, беј.

ОСМАН БЕГ: Та да е лоша ич не гледам на неа.

I ЗАПТИЈА: Зошто, мори ѓаурко не си чиниш каил да турчиш?

ЦВЕТА: (Изнемошетна) Ох!

ОСМАН БЕГ: Кажи мори, што ти праша агата!

I ЗАПТИЈА: Да турчиш, да турчиш, мори, бегот ќе те имат баш во аремот.

ОСМАН БЕГ: Ја тој велел, на тој будал ѓаурка, ама, мене не слуша, ќи!

I ЗАПТИЈА: Слушај, слушај бегот што ти велит, оту ако не турчиш, жива не ќе излезиш од овде. Турчи, живот да живел… Ја ќе идел сега на град и абер ќе носил на пашата, оту ти ќе турчиш и тој тебе ќе викал.

ЦВЕТА: Ах, господи, зашто не ми ја земиш душава побрго!

I ЗАПТИЈА: (Излегувајќи со Осман-бег). Така, слушај бегот и турчи. (Излегуваат).

ЦВЕТА: (Сама). Ах!… Сон беше; али навистина?… Му го чув гласот; ко долу да беше и тој? А, не можит да бидит! Јас го барав, викав, ама гласот не му го чув веќе… Ах, сон требит да беше!… Кога паднав в’ дупката умот ми се заврте и од то можит така ми се стори (Тишина).

Викаше: „Сестро, сестро, к’де си“. Саглам сон требит да е било… Гласот на брата ми го чув, ама пак и на овчарот; тој викаше: „Си ја сака сестра си, што ја грабна ти?!…“ Што беше то тропање и зашто беа дошле тие заптии! Да не са дошли да ме бараат? Ах, да си го видев Дука, брата ми, да го видев и него, што ми влезе во срцево; ко сега паметвам, кога ми велеше: „Али ме сакаш да се земаме“, а ја му реков: „Веруј, ја те имам на срце“, а кога ме грабнаа го видов од далеку, трчаше и се пушти кон Турците. Викаше: „Удрите, браќа!“… Ах, али ќе бидит к’смет да се откинам и да се земеме со него! (Плаче. Здогледувајќи ја шамијата во ќошето).

Каква ќе е онаа шамија? Мојата? (Ја разгледува). Таа е негоата! Ах! Ете и го и прстенот негов. Брате! Ти овде си дошол? Ти си ме барал, брате! А сега, разбрав, оту не бил сон, брат ми дошол овде!!!!…. Дали и овчарот не е бил со него?… (Радосно). Двајцата дошле за мене! Ох, брго ќе се откинам од рацете на тој пес…. (Избезумена од радост). Господи, научи ме што да праам!… (Паѓа на миндерлакот. Осман-бег пее од надвор).

Цветано, мори ѓаурко,

слушај што велит, сам бегот:

– „Чифликот ќе си продадам

Илаќим тебе ќе турчам.“

(По долга пауза Цвета низ солзи, но смело запејува)

Ај, море Турчин будала.

Колку ти чини чифликот,

Дваж ми по чинит верата!!!

(Влегува Селим-оџа).

 

ПОЈАВА ТРИНАЕСЕТТА

ЦВЕТА И СЕЛИМ ОЏА

ЦВЕТА: Брате! (Уплашено). А!

СЕЛИМ ОЏА: Не плаши се мори, ќерко, не плаши се.

ЦВЕТА: (Го сокрива лицето). Мајчице, што е овој ѓаол?

СЕЛИМ ОЏА: Како си, мори ќерко? Не плаши се, не плаши се, ја ќе бидел од сега тебе татко и мајка.

ЦВЕТА: Ох, али оште ќе ме м’чат?

СЕЛИМ ОЏА: Јас ќе те праам тебе Туркина, мори.

ЦВЕТА: Туркина! Ти кој си?

СЕЛИМ ОЏА: Јас сум Селим-оџа и ќе учил тебе како да молел, за да те пушти Муамед, мори будал, во рајот.

ЦВЕТА: Да се молам на Муамеда?!

СЕЛИМ ОЏА: Ќе молиш да ти прости гревоите.

ЦВЕТА: Гревоите? Ах! Греоите ми се простени.

СЕЛИМ ОЏА: А, после ќе носам на град, таму ќе рашетал.

ЦВЕТА: В’град?! (За себе си). Белки ќе ме однесат пред пашата? (Кон Селим-оџа). Зашто ќе ме носите в’град?

СЕЛИМ ОЏА: Тамо ќе дојдел при мене на гости и после, ако турчел, ќе изваал пред пашата.

ЦВЕТА: Ох, мајко! Се за турчење ми зборват?

СЕЛИМ ОЏА: Зашто нејќеш да турчиш?

ЦВЕТА: Нејќум.

СЕЛИМ ОЏА: Мори ќерко, нашата вера е баш во сите вери, валај и балај. Кој молит на нашата вера, тој мутлак, во рајот ќе одит; а во рајот, мори ќерко, знаиш колку е убоо!… Хеееее!. Големи планиње со пилав, ефендам сенмисан, реки од масло, млеко и мед течат, саде да јадел и да спиел. Турците и анамките на меки душеци лежат и на готово чекаат, а вашите ѓаури сите измеќари се, затоо турчи… Пак и не виѓаш, мори будал, Туркините како живеат овде? Вие ѓаурите работате саде за Турците.

ЦВЕТА: (За себе си) Ох! Што да чинам?

СЕЛИМ ОЏА: И ти ќе бидиш на баш место тамо, пак и бегот ќе љубит мори!…. На…. (Вади една низа жолтици). Тој на гушата ќе клеваш. (Ѝ ги подава).

ЦВЕТА: (Кога ја погледнува низата, ја зема). Што е ова?

СЕЛИМ ОЏА: Алт’н ѓердан! Осман-бег ти дава тој, мори, бакшиш, саде да турчиш.

ЦВЕТА: (Ја фрла низата) Нејќум неговиот бакшиш.

СЕЛИМ ОЏА: Ако ти нејќеш да турчиш со добро, со лошо ќе бидит!

ЦВЕТА: Господи, Богоројце, мајко.

(Влегува Осман-бег)

 

ПОЈАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТТА

ИСТИТЕ И ОСМАН БЕГ

ОСМАН БЕГ: (Кон оџата). Е?!

СЕЛИМ ОЏА: Нејќет ефенди!

ОСМАН БЕГ: Ај, анасана! Шо ќе праел со тој ѓаурка!

СЕЛИМ ОЏА: Јас велам да носам на град, при мене и јас тамо ќе учам, ќе кандердисувал. Јас многу сум кандердисувал и неа ќе кандердисам.

ОСМАН БЕГ: (Кон Цвета) Ајде, пред мене, мори ѓаурко, на град ќе носел.

ЦВЕТА: Ах, белким тамо ќе најдам чарето да избегам.

ОСМАН БЕГ: (Влечејќи ја). Ајде, со кочија ќе одиш, ќе те носам ко царица.

ЦВЕТА: (Излегувајќи). Ах, Господи! Жива да се не вратам во оваа пуста куќа.

(ИЗЛЕГУВААТ СИТЕ)

ЗАВЕСАТА СЕ СПУШТА

 

ДЕЈСТВИЕ ЧЕТВРТО

 

Сала за седници во уќуматот, мебилирана со сите нужни потреби, за да биде таква.

При подигањето на завесата, уќуматскиот секретар влегува во еден куп книги и папки под мишката и ги реди на масата. Заптијата влегува по него и застанува мирно пред вратата.

 

ПОЈАВА ПРВА

СЕКРЕТАРОТ И ЗАПТИЈАТА

СЕКРЕТАРОТ: Има ли да чека некој надвор?

ЗАПТИЈАТА: Много, баш ќатип ефенди!

СЕКРЕТАРОТ: Кој ?

ЗАПТИЈАТА: Се ѓаури.

СЕКРЕТАРОТ: Доб’р ќар имат; дојдоа ли тија ѓаури, што чинат давија за момичката што граби Осман бег?

ЗАПТИЈАТА: Тука се.

СЕКРЕТАРОТ: А тој овчарот?!

ЗАПТИЈАТА: Од сабајле чекат ?…

СЕКРЕТАРОТ: Брго да викаш овде!

ЗАПТИЈАТА: Пеќи (Тргнува, но се враќа). Ами… ефенди… денеска дали ќе капнит нешто ?…

СЕКРЕТАРОТ: Елбета… кога имат ѓаури давија да чинат, тога и алашвериш за нас имат. Скуби, колко што можиш… без арен бакшиш ни еден каурин не пуштај, ни при мене, ни при Вали-паша…

ЗАПТИЈАТА: (Ниско се поклонува до земја и излегува).

СЕКРЕТАРОТ: Скуби тија ѓаури дури се будали, пари да паднат… После некоја година кој знае што излагат…

ЗАПТИЈАТА: Ефенди, Вали паша идет!…

СЕКРЕТАРОТ: Идет !?… Да не заборајам, момичката, Осман бег и Селим оџа во друга одаја да пуштиш (Тргнува и се затрчува кон соседната соба. По пауза влегува заптијата, а по него Спасе).

 

ПОЈАВА ВТОРА

Заптијата и Спасе

ЗАПТИЈАТА: Влези! Влези, бре ѓаур, што мериш стапките ко црвец!…

СПАСЕ: Со опинци сум, ага, ќе накалкам килимот… (Претпазливо стапнува).

ЗАПТИЈАТА:Ништо… ќе платиш за тоа…

СПАСЕ: Е, вистина, плаќаме… али малУ… арач, вергија, емлјак, иџар, низамие… даваниње.. много…

ЗАПТИЈАТА: Е, доста доста… плати и молчи (Ја протега раката).

СПАСЕ: Што сакаш, ага?!

ЗАПТИЈАТА: Не знајш?! А, гиди иманс’с… Вчера даде малу, денеска требит појќе да дајш…

СПАСЕ: Зер на секое идење требит да ти давам?

ЗАПТИЈАТА: На секое идење кал носиш овде со опинците… Ајде плати побрго.

СПАСЕ: Немам ага…

ЗАПТИЈАТА: Е, ајде надвор тога!… Не те пуштам ни при ќитапот, ни при валијата, ни при мезличот, надвор!

СПАСЕ: Ама ти ме викна.

ЗАПТИЈАТА: Сус! Надвор!

СПАСЕ: (Претпазливо вади од пазувата платнено кесе, брка во него и подава една монета на заптието.) На!

ЗАПТИЈАТА: Толко се дават кога има давија за една крстава коза, а не за една убава ѓаурка… Дај ошта, али излагај надвор!!!

СПАСЕ: (Буричка во кесето и му дава уште). Не би ме пупштиле в град, а камо ли на уќумат… Е! Да ја откинам од рацете на тој пес, па макар и гол и бос да одам!

(Влегува секретарот).

 

ПОЈАВА ТРЕТА

Секретарот и Спасе

СЕКРЕТАРОТ: (Го здогледува). А, ти си ?

СПАСЕ: Е, дојдов ага, со надежба оту кај тебе и кај валијата ќе најдам правина.

СЕКРЕТАРОТ: Елбете… Одовде потамо немат.

СПАСЕ: Дојдов да кажам што видов и чув кога Осман бег грабна момичката на Трајан Кузман.

СЕКРЕТАРОТ: Знам…

СПАСЕ: Пред десет дена стана таа работа.

СЕКРЕТАРОТ: Знам… Знам…

СПАСЕ: На нивата работеше со…

СЕКРЕТАРОТ: (Подналутено). Знам де, знам!

СПАСЕ: Е, ако знајш ага, зошто ме викаш?

СЕКРЕТАРОТ: Кажи друго.. друго!

СПАСЕ: Е… Осман бег беше со тројца…

СЕКРЕТАРОТ: Чини друго бре, инсар!

СПАСЕ: Што друго, ага?

СЕКРЕТАРОТ: Кога одиш на црква што чиниш, бре домус? Нели свеќа палиш? Трбит да знајш оту кога идеш на уќумат со полн џеб да дојдиш, пред агите да остајш нешто…

СПАСЕ: Што ага, јас не те разбирам!

СЕКРЕТАРОТ: Не разбираш! На агата бакшиш требит да даваш! Јас бадиава чатипл’к не правам!

СПАСЕ: Ама ага, ние на царот плаќаме, а царот тебе ти плаќа.

СЕКРЕТАРОТ: Ако не платиш, ништо нема да пишам, а ако пишам пак накриво ќе пишам.. Ајде давај калем параси. Јас знам оту носиш… Току давај побрго. Пак и друга работа ме чека!

СПАСЕ: Носам! Колко носам? Јас сум сиромав, немам… Пак и на валијата требит да дам…

СЕКРЕТАРОТ: Требит, зер! Тој бадиала ли ќе ти вршит работа!

СПАСЕ: (Вади од кесето и му надава). Поели, ага…

ЗАПТИЈАТА: А, така… ја сега ќе се молам на дојдит ќатипот на пашата (Излегува).

СПАСЕ: Убоо, ага!… Заптијата без една лира бакшиш не те пуштат право да побараш, ќатипот шо ќе сакат… А јас сиромав … отовде оданде и натокмив дваесет лири. А, дали ќе втасат… А без рушвет!

СЕКРЕТАРОТ: А, бре ѓаур ти книгата не плаќаш со толко, а тука мастраф станува за вашите ѓурултии. Кими книг , кими мураќеп, кими калем, кими песок, кими захмет… Ти за евтино правда…

СПАСЕ: Ете и тебе оште…

СЕКРЕТАРОТ: А, така… во пишувањето со двете очи ќе гледам…. и на пашата риџа ќе чинам да пуштит момичката. (Ѕвонење). А’ разгеле, Вали паша ме вика… (Брзо влегува во собата на валијата).

СПАСЕ: Боже, в’ какво царство живиме!… Треска тригодишна да те тресит и турски суд да те судит се едно е. Господ да ни е на помош!… Ете тука се арамииите… Ништо не се разбојниците по п’тиштата што ограбуваат рајата пред овија арамии без пушки!

(Влегува валијата).

 

ПОЈАВА ЧЕТВРТА

Спасе и валијата

СПАСЕ: Да ти са многу години, Вали паша!

ВАЛИЈАТА: Да си жив…. Како те викаат тебе, бре синко?!

СПАСЕ: Мене ме викаат Спасе.

ВАЛИЈАТА : Што си ти на момичката ?

СПАСЕ: Јас… јас не сум ѝ ништо…

ВАЛИЈАТА: Роднина не си ѝ ?!… А што те болит тебе за таа момичка ?

СПАСЕ: За да се види каде е првото дојдов, Вали пашо!

ВАЛИЈАТА: Ти да не имаш севда по таа момичка?

СПАСЕ: Е, …. коо млад човек можит и да имам, ама сега не е тамо работата. Јас дојдов да ти кажам, Вали пашо, оту четворица Турци крвници…

ВАЛИЈАТА: Какви крвници?!

СПАСЕ: Турци!…

ВАЛИЈАТА: Кои се тија крвници.

СПАСЕ: Едниот беше Осман-бег.

ВАЛИЈАТА: Осман бег крвник?!

СПАСЕ: Како да не е? Тој една цела нахија држит за коси.

ВАЛИЈАТА: Е, е, е!…

СПАСЕ: Другиот беше Расим… полјак е в Селци, ама бег стана.

ВАЛИЈАТА: Кажи друго, кажи!

СПАСЕ: Другиот беше Шевкија и тој полјак е в с.Могила, тој сам на своја глава расфрлат данок по селата.

ВАЛИЈАТА: А, бре ти што не кажиш што те прашам?

СПАСЕ: За то ти кажувам паша, ама чекај да ти докажам и за четвртиот… за да знаеш што луѓе са тија, што ти ја откинаа момичката од мајчиното срце… Та другиот беше Исмаил.

ВАЛИЈАТА: Кажи друго , бре домус!

СПАСЕ: Тој отепа две деца, обесчести многу моми и закла една стара баба.

ВАЛИЈАТА: Сус!… Иманс’с … ѓаур!….(Нервозно се шета).

СПАСЕ: Аман пашо… ти и господ, при тебе идеме, ко при татко… (Му го остава на масата ќесето со останатите пари за мито). Поели, пашо, то што имав то ти давам, саде момичката да ја пуштиш…

ВАЛИЈАТА: (Оди кон масата, го зема ќесето го отвора, ги брои парите, потоа со голема љубезност се обраќа кон Спасета). Е, башка, синко, што ќе кажиш?… Ела поблизу, вакви чорбаџи, што знајш!

СПАСЕ: Е, Вали пашо м’ките што тргат народот се големи. Ти сам ѝ знајш.

ВАЛИЈАТА: Евет… Така е.

СПАСЕ: Момичката си работеше со татка си, мајка си и брата си на нивата Осман бегова, ангарија работеа, чунки со сила сите селани така му работат.

ВАЛИЈАТА: Мегер Оснам бег таков човек е!?

СПАСЕ: Лош, много лош…. Та дојде биат жетварите, врза братот и грабна момичката со сила… Та’ пиштеше, плачеше, гласот дури до небеси се слушаше. Мајка ѝ и татко ѝ се здрвие. Ако имаа пусат со себе, бездруго крв ќе се пролеееше на нивата: ама ние коо раја на царот, знајте, не носиме пусат со себе.

ВАЛИЈАТА: Та насила ја грабнаа?

СПАСЕ: Насила, насила, Вали пашо, сите жетвари видоа таја работа…

ВАЛИЈАТА: Таман, ако е така, работата е на ред…

СПАСЕ: И ако судите право, Вали пашо, ќе ја пуштите момичката, не ќе ја остајте в р’цето на тој крвник.

ВАЛИЈАТА: Елбети … биду си раат ти … таа работа ќе се свршит убаво… А сега ти оди мало надвор и чекај, кога ќе викам другите селани и тебе ќе те викам.

СПАСЕ: Е, Вали пашо, до тебе е работата. Ако ја пуштиш момичката, ќе има вера народот и уште оту при вас можит да најдит правда и закон . (Излегува).

ВАЛИЈАТА: Ај серсем ѓаур …. Ти веруваш оти ако ми дајш рушвет ќе зборувам кон ваша ст’рна… Ич расипувам атарот на Осман бег.

 

ПОЈАВА ПЕТТА

ВАЛИЈАТА И ЗАПТИЈАТА

ЗАПТИЈАТА: Ќатип ефенди!

ВАЛИЈАТА: (Ја подига главатa).

ЗАПТИЈАТА: (Кога гледа дека е валијата се стреснува). Илјади пати ве молам да ме простите, Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: Што има?!

ЗАПТИЈАТА: Селим оџа моли да го примите…

ВАЛИЈАТА: Пушти го да влезе.

ЗАПТИЈАТА: Слушам. (Излегува).

ВАЛИЈАТА: Да видам, што абер носит тој.

(Влегува Селим оџа).

ПОЈАВА ШЕСТА

ВАЛИЈАТА И СЕЛИМ ОЏА

СЕЛИМ ОЏА: (Се поклонува). Селјам аљуќм Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: (Љубезно). Аљуќум сељам, Селим оџа ефенди… бујрунус, седни…

СЕЛИМ ОЏА: Ејвала ејвала, Вали пашо!

ВАЛИЈАТА: Е, како одит работата!… Кандиса таа ѓаурката?…

СЕЛИМ ОЏА: Со силата на Алаха и Муамеда се убоо одит кандиса!

ВАЛИЈАТА: Кандиса а?

СЕЛИМ ОЏА: Евет, Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: Ќе турчит, а?

СЕЛИМ ОЏА: Голем инает праеше, ама виде не виде кандердиса.

ВАЛИЈАТА: Аферим, аферим оџа ефенди… Ами како мислиш, ќе кажит овде, што ќе прашаме?

СЕЛИМ ОЏА: (Гордо и надуено). А, валај и билај се ќе кажит… Ја дадов да се напие една вода, еден илач, та да зборвит ко макина, се што сум учил ја! (Му ја подава книгата во која се напишани неколку прашања). Бујрунус, Вали пашо! Ја овде сум пишал што да прашате.

ВАЛИЈАТА: (Откога го прочитува книвчето зачуден и радосен). Е, аферим, Селим оџа ефенди ти голем дирек си на нашата вера… За тебе на Стамбол ќе пишам. Ајде чабук донеси овде момичката и да свршиме таа работа, чунким бела со неа…

СЕЛИМ ОЏА: Пеки, тука е момичката (До земја се поклонува и излегува).

ВАЛИЈАТА: Арно ќе бидит, ќе турчит, таа ѓаурка.

(Влегува заптијата)

ПОЈАВА СЕДМА

ВАЛИЈАТА, ЗАПТИЈАТА И ПОТОА ОСМАН БЕГ

ЗАПТИЈАТА: Осман бег сакат да влезит

ВАЛИЈАТА: Нека влезит.

ЗАПТИЈАТА: (Се поклонува и излегува. По малку влегива Осман бег).

ОСМАН БЕГ: Сељам аљуќум Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: Аљиќум сељам, Осман беј бујрун, бујрун?

ОСМАН БЕГ: Ејвача, ејвала, Вали пашо. (Седнува на миндерлакот по турски).

Е, како е овој работа, Вали пашо? Си кажал да донесат момичката овде, пред мезличот.

ВАЛИЈАТА: Е, така ќе станит, нема што да чинам друго.

ОСМАН БЕГ: Е, зашто ести, велевте, оту саде со бастисувањето ќе поминит работата, а сега ќе извајте пред мезличот?

ВАЛИЈАТА: Ама инаку ѓелдиса работата; тија ѓаури консулите, ефендам кренале една ѓурултија, та работата ошла дори до Стамбол. Ништо, ќе викаме овде таа Ѓаурка и ќе прашаме пред мезличот, колку за лице; Селим оџа овде беше сега и ми кажа, оту научил таа ѓаурка како да кажува. Ето тој писмото, по него ќе прашам.

ОСМАН БЕГ: (Чита во себеси)… А, ако не турчит, жими вера ќе кољам, ќе тепам сите рисјани, така да знајш, Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: За то имаш изин од мене и од падишахот.

ОСМАН БЕГ: (Станува). Пеки, да видам како ќе станит. (Излегува).

ВАЛИЈАТА: Ту, што работа се отвори за една ништо ѓаурка! Коџа царица си менат верата за добар живот и салтанат, а таа ѓаутка неќит… (Влегува заптијата)

ПОЈАВА ОСМА

ВАЛИЈАТА И ЗАПТИЈАТА

ЗАПТИЈАТА: Консулските векили дојдоа…

ВАЛИЈАТА: Саи-ми?!

ЗАПТИЈАТА: Евет, Вали пашо!

ВАЛИЈАТА: Ту јаз’к!… Ја мислев, нема да дојдат тија ѓаури. (Кон заптијата). Викај да дојде баш ќатипот!

ЗАПТИЈАТА: Пеки (Се поклонува до земја и излегува).

ВАЛИЈАТА: Ако таја ѓаурка речит, оти не сакат да турчит, работата ќе излезит бузук. Ќе видиме!

(Влегува секретарот).

ПОЈАВА ДЕВЕТТА

ВАЛИЈАТА, ЗАПТИЈАТА И СЕКРЕТАРОТ

СЕКРЕТАРОТ: (Се поконува до земјата). На вашата заповед сум паша!

ВАЛИЈАТА: Надвор чекат консулските векили. Иди дочекај и најучтиво, покани ги да влезат во приемниот кабинет. Ја сега, ќе дојдам кај нив. По тоа нареди да бидат пуштени тука, мезличот, селаните од село Страдалово и овчарот. Ајде гит, чабук!

СЕКРЕТАРОТ: (Се поклонува до земја и излегува) Пеки!…

ВАЛИЈАТА: А ти заптија!

ЗАПТИЈА: Бен’м пашо!

ВАЛИЈАТА: Ти гледај тука ред и чистота да има и да си поприбран. Ептен боса команда!

(Излегува. Заптијата ги реди столовите, ја чисти и си ја поправа тоалетата.).

(Влегува Секретарот).

ПОЈАВА ДЕСЕТТА

ИСТИТЕ, СЕЛАНИТЕ, КОНЗУЛИТЕ И АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК

СЕКРЕТАРОТ: Мехмед!

ЗАПТИЈАТА: Бен’м!

СЕКРЕТАРОТ: Пушти да влезат: Трајан, Кузман, Трајаница, Дуко, овчар Спасе и другите селани од село Страдалово.

ЗАПТИЈАТА: Пеки. (Излегува надвор и вика). Трајан, Кузман, Трајаница, Дуко, Спасе чобан и селаните да влезат.

(Повиканите застануваат пред влезот на салата).

СЕКРЕТАРОТ: Кажи на папаз ефендија и мезличот да влезат!

ЗАПТИЈАТА: Пеки. (Излегува. По пауза влегува архиерејскиот намесник и мезличот).

СЕКРЕТАРОТ: Бујрунос, бујрунос!…

(Архиерејскиот намесник и мезличот седнуваат).

ЗАПТИЈАТА: (Влегува). Консулските векили идат.

СИТЕ СЕЛАНИ: (Израдувани. Влегуваат консулските преставници и седнуваат на определени места).

ЗАПТИЈАТА: (По пауза објавува тржествено). Вели паша!

(Со тешки чекори влегува валијата. Сите стануваат и учтиво се поклонуваат на валијата, кој влегува придружен од секретарот).

ВАЛИЈАТА: (Дава знак да седнат). Ќатип ефенди, дајре ми арзоалот на Трајан Кузман! (Секретарот му го подава материјалот). Ефендилер! Во нашите вилаетски уќумат е подаден еден арзоал од царскиот раја и поданик во падишахот Трајан Кузнам од село Страдалово. Со тој арзоал Трајан Кузман се плачит оти пред дваесет дни Осман бег, чиглигсајбија е грабнал со сила неговата ќерка Цвета, кога работеле на нивата.

Во името на правдата, повикав во уќуматот самиот Осман бег, за да дајт каршилок.

Од каршилокот на Осман бег се виѓат, оту ќерката на Трајан Кузман не била со сила грабната, а сама сакала да примит верата на правоверните чунки имала силен мерак по Осман бег. Распитав овчарот Спасе, што видел, оту вистината Осман бег грабнал Цвета… За да нема никаков кусур работата, да го заповед да се доведат овде момичката Цвета е пред нас да се распита.

СЕЛАНИТЕ: (Радсоно). Ќе ја донесат овде! Ќе ја видиме!!

ВАЛИЈАТА: Ама така требит да бидит: падишахот, на кого благоволението, љубовта и милоста  кон рајата е голема, сака и вие да чуете и да решите сами кон која страна е правот. (Кон Трајан). Е, како ќе бидит работата ор, Трајан?

ТРАЈАН: Да ти са много години Вали паша, јас ќерка ми си ја сакам што ми ја грабна Осман бег. Еве три п’ти идеме овде и царот не мисли да ја турчит рајата.

ВАЛИЈАТА: Саде то не можит да бидит.

ДУКО: Ако судите право, ќе ја пуштите сестра ми да си ја земеме дома.

ВАЛИЈАТА: Никога криво не сум судел и сега нема да судам!

ТРАЈАН: И за то ние тука идеме!

ВАЛИЈАТА: (Кон заптијата). Кажи на Селим оџа и на Осман бег да ја доведат момичката.

ЗАПТИЈАТА: Пеки.

(Излегува. Сите селани го очекуваат со нетрпение влегувањето на Цвета. Сите ги впериле погледите кон вратата од каде ќе влезе Цвета. Цвета водена од Селим-оџа и Осман-бег, облечена во фереџе, одвај пристапува, поткрепена од двајцата. Селаните кога здогледуваат дека влегува неочекуваната од нив Цвета, туку некоја друга анамка, се повлекуваат вџашени, нажалени и вчудовидени).

ПОЈАВА ЕДИНАЕСЕТТА

ИСТИТЕ, ЦВЕТА, ОСМАН БЕГ И СЕЛИМ ОЏА

ВАЛИЈАТА: (покажува на Цвета). Ето вашата ќерка, довлет! (Консулските пратеници прават белешки во тефтерчињата).

ТРАЈАН: (Зачуден). Што?!

БЛАГУНА: (Изненадено). Нашата ќерка?!

ДУКО: (Остро). Вие сте ја потурчиле веќе, а?!

ВАЛИЈАТА: Не е потурчена. Ако сакат ќе турчиме.

СПАСЕ: ( Жално). А зошто е облечена во фереџе вали паша!

СЕЛИМ ОЏА: Зашто та’ сакаше, бре синко!

СИТЕ СЕЛАНИ: (Изненадени). Та’ сакала?!

СЕЛИМ ОЏА: Та’ сакаше зер и да турчит сакат.

СИТЕ СЕЛАНИ: Да се турчит? О, не! Со сила ја грабнаа!

ВАЛИЈАТА: Чекајте… Јаваш, јаваш… остајте јас да питам момичката. (Претпазливо го зема книвчето, што му го остави Селим-оџа и по него и поставува прашања на Цвета. Кон Цвета). Сакаш мори, да се турчиш?

ЦВЕТА: (Одвај одговара). Са-а-кам.

СИТЕ СЕЛАНИ: (Изненадени). Сакат!!!

ВАЛИЈАТА: Турската вера поуба ти се виѓат?

ЦВЕТА: (Бавно и збор по збор). Поуба е.

СИТЕ СЕЛАНИ: Поуба е?

ВАЛИЈАТА: Аферим, аферим. Осман-бег на сила те зеде, али ти сакаше?

ЦВЕТА: (Полека). Јас са-ка-в!

СИТЕ СЕЛАНИ: (Изненадени). Сакат!

БЛАГУНА: (Се втурнува кон Цвета). Цвето, ќерко!

ОСМАН БЕГ И СЕЛИМ ОЏА: (Ја сопираат). Дур! Назад!

ВАЛИЈАТА: Чекајте, чекајте. а ти љубиш Осман-бег?

ЦВЕТА: (Полека). Го љубам.

СПАСЕ: Не, не, исплашена е та’!

СИТЕ СЕЛАНИ: Не! Не е истина!

ТРАЈАН: (Кон Цвета). Ќерко! Што е то’ од тебе?

ВАЛИЈАТА: Е, чувте што рекол вашата чупа?

СИТЕ: Чувме, ама таа не е Цвета, не е, открите ја да ја видиме!

ВАЛИЈАТА: Ааа, саде тоа не может да бидит! Ќитапот наш не дават изин да гледат ѓаурите еден Туркина.

ДУКО: Како? Сега кажавте оту таа не е потурчена, а сега кажувате оту ќитапот не даал изин!

СПАСЕ: Да ја видиме, откријте ја!

БЛАГУНА: (Кон Валијата). Ја сум ѝ мајка. (Се спушта кон Цвета). Јас сакам да ја видам!

АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК: Вали-пашо, мајката е права. Таа треба да ја види ќерката.

(Консулските претставници даваат знак да ја пуштат).

ВАЛИЈАТА: Пуштите да видат!

БЛАГУНА: (Сметнувајќи го фереџето). Цвето (Се тргнува назад). Ах, (плачејќи се спушта кон неа). Ќерко!… (Ја прегрнува).

ДУКО: Сестро, али не заборај?!

ТРАЈАН: Ќерко, свести се!

СПАСЕ: Цвето, изгор мој! (Ја прегрнуваат сите).

АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК: Вали пашо, јас гледам дека момичката е во несвест, та’ не е здрава… та’ е опоена.

ВАЛИЈАТА: Сак’н. Кој може да прави тој?

АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК: Момичко, не бој се, кажи слободно дали сакаш да се турчиш?

ЦВЕТА: (Треперејќи се освестува). Мајко, татко, брате Дуко, али вие сте? (Кога го погледнува Спасета) Ах, к’де сум јас?… (Кон арх. намесник). Отче, прости моите прегрешенија, рисјанка сум!

АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК: Ете ја мајка ти, девојче, не бој се!

ЦВЕТА: К’де сум…. Мајко!…. Мајко!…..

БЛАГУНА: Ќерко, во црно фереџе си!

ЦВЕТА: (Го кине фереџето). Умирам, ама Туркина не станувам! (Кога ги загледува Турците). Да бегаме, оту Турци имало овде!!! (Сите рисјани бегаат кон вратата. Станува бркотница помеѓу консулските пратеници, тие вчудовидени погледнуваат кон валијата кој сосема се збркува).

АРХИЕРЕЈСКИОТ НАМЕСНИК: Видовте ли Вали пашо.

ВАЛИЈАТА: Пуштите момичката!

ЗАВЕСТА СЕ СПУШТА

ДЕЈСТВИЕ ПЕТТО

Двор, пред куќата на дедо Кузман, обграден со плот. Пред куќата наредени столови и клупи за одмор на свадбарите и др. На плотот бајрак од црвена крпа се развева. На врв на бајракот три јаболки позлатени и китка цвеќе се забодени. Во куќата и во дворот врева, веселба, песна, свирки и др. При подигањето на завесата гајда свири, а момите свадбарски песни пеат. Гости доаѓаат, ги поздравуваат старите.

ПОЈАВА ПРВА

ДЕДО КУЗМАН, БАБА КУЗМАНИЦА И СВАДБАРИТЕ

ДЕДО КУЗМАН: Е? Како си стара? Ти тупат срцето.

БАБА КУЗМАНИЦА: Најубоо старо најубоо, саде аирлија да е, со живот, да се кердосаат.

ДЕДО КУЗМАН: Амин, амин, стара! … Ее, сполај на господа, мори стара, оту не докрепи, за да дочекаме радост, на овие години много чинит радоста. Много тргавме, много м’ки видовме, пак сполај на господа.

БАБА КУЗМАНИЦА: Сполај му, сполај му, старо!

ДЕДО КУЗМАН: Детето е мошне убоо! Сирак е вистина, ама ништо; ќе си го земеме дома, ко домазет и ќе си го гледаме ко син.

БАБА КУЗМАНИЦА: Од сега не е веќе сирак, старо не е? Трајаница од сега му е мајка, Трајан ќе му е и татко и со Цвета ќе си поминет мошне убоо.

ДЕДО КУЗМАН: Така е, стара, така е … како кажуваат, ако да не беше неговата јунаштина и сега можит да беше Цвета во раците на мрсниот.

БАБА КУЗМАНИЦА: Море, јунаштина негоа поможи, ама кажуваат, оту дваесет лири дал на валијата, за да зборвит кон нас; тој трчаше колку Дука, ко брат нејзин.

ДЕДО КУЗМАН: Виѓаш, стара? Е, то’ се велит љубов.

БАБА КУЗМАНИЦА: Душата, душата си ја даат за Цвета.

(Девојките во соседната соба почнуваат да пеат).

Черешна се од корен корнеше,

Девојка се од куќа делеше,

Делеше се од мајка и татка,

Делеше се од браќа и сестри,

Делеше се од род и роднина и т.н.

ДЕДО КУЗМАН: Стара! Слушаш, слушаш? Паметвеш? Така и нас ни пееја на времето; еј гиди младо време наше, каде одлетна!

(Влегуваат Трајан и Благуна во нова облека)

ПОЈАВА ВТОРА

ИСТИТЕ, ТРАЈАН И БЛАГУНА

ДЕДО КУЗМАН И БАБА КУЗМАНИЦА: За живот да им е, синко, со век, да се кердосаат, пак и за нова радост.

ТРАЈАН И БЛАГУНА: Амин татко, амин сполај ви.

БАБА КУЗМАНИЦА: (Кон Благуна). Пак и за Дука ќерко.

БЛАГУНА: Сполај ти мајко, и вие да дочекате.

ДЕДО КУЗМАН: Ајде, дај да се напиеме? Дајте на гостите да пијат, да се веселат.

(Влегуваат Нико, Ѓуре и Арсе).

ПОЈАВА ТРЕТА

ИСТИТЕ, НИКО, ЃУРЕ И АРСЕ

ДЕДО КУЗМАН: О, синчиња, елате, елате! (Ги гали).

НИКО: Бабо, Цвета е напраја невеста.

ЃУРЕ: Што е убаа да видиш, каква личнотија!

СИТЕ: И на ваши глај, синчиња, да дочекате.

АРСЕ: Ами се така се стојт промената, мори бабо?

БАБА КУЗМАНИЦА: Се така, синче, се така и твојата невеста ќе бидит така. (Ги бакнува).

НИКО: (Кон Арсета и Ѓурета). Ајдете бре, сега ќе дојдит, кумот да го чекаме. (Излегуваат. Влегуваат Богдан, Митра и Дуко облечени во нова облека).

ПОЈАВА ЧЕТВРТА
ИСТИТЕ, БОГДАН, МИТРА и ДУКО

БОГДАН: Ајде ајрлија да е, со живот, еднож за векот!…

СИТЕ: Амин и за синчиња, бог да дајт!

МИТРА: Сполај ви, сполај ви, и за Дука да исчекаме.

СИТЕ: Ти си рекла, господ да почул, невесто.

ДУКО: Ајдете, луѓе внатре да се повеселиме!

МИТРА: Елате, да видите Цвета што личнотија.

СИТЕ: Ајде, ајде! Е, у, аааа!!!

(Влегуваат Спасе и Тренко)

ПОЈАВА ПЕТТА

СПАСЕ И ТРЕНКО

ТРЕНКО: Не вервам Осман бег да ти простит… ако не можит тебе да ти сторит зло, на селово ќе направит некоја пакост… Тој е куче…

СПАСЕ: Можит да кроит нешто, не е чудно, ама и ние нема да му простиме… Тој е куче, ама ние не сме овци веќе… О о, за честта нејзина, ќе му платам, брате Тренко!…

Честа на Цвета е чест македонска, света чест и нам, на младите се паѓат да ја вардиме таа чест и да накажиме секого, кој посега на таа чест!… Ние требит да бидеме готој да умриме за нашата чест и слобода! Ех, Слободија, слободија!… Ако имаше слободија, не ќе ја газеше турската нога нашата земја! (влегува Дуко)

ПОЈАВА ШЕСТА

ИСТИТЕ И ДУКО

ТРЕНКО: Е, е… и на твоја глаа, Дуко.

ДУКО: (Весело). Сполај ти, од срце да си исчекаш! Ајде што сте застанале тука, што не се веселите?

ТРЕНКО: Али, малу… има време, од синоќа глаата ме заболе.

ДУКО: Сакам да ви кажам нешто.

ТРЕНКО И СПАСЕ: Кажи!

ДУКО: Вчера Исмаил отепал еден овчар, и не е лошо ако се вардиме да не…

СПАСЕ: Не плашите се!… Око да ви не клепнува! Ако умреме, не жалајте, прајте, чините појќе од мрсните да исчистиме! За лош саат земајте си револверите… кажите на сите покрстени наши браќа да си ги клајат в појас… Нека бидиме готои! Ако мрсен сторит ниет да ни расипит веселието… пуштите му куршум в’гради!…

ДУКО: Ти си го имаш таквото.

СПАСЕ: (Го вади револверот од појас). Еве го!!!…А вие? Без него нигде не одам.

ТРЕНКО: Ево ѝ златните спасители!

СПАСЕ: Ти, Тренко тајно подушни на сите другари да се готои!

ДУКО: Готој зер. Турците се кучиња.

СПАСЕ: Ако Турците се кучиња, ние требит да сме в’лци!!… (Влегуваат децата смеејќи се и викајќи; глас од чајда постепено наближува)

ПОЈАВА СЕДМА

ДЕЦА И ДРУГИ

ЃУРЕ: Е, кумот идет, кумот идет… Е, е? Така ќе го жениме и Ника!

ДЕЦАТА: Тебе ќе те солиме пак. (Општа смеа).

НИКО: (Се сретнуваат со Дуко) Братко… кумот ет.

ТРЕНКО: Ајде, Спасе, пречекајте го, а и ти Дуко!…

СПАСЕ И ДУКО: Ајде!… (Тргнуваат. Од куќата излегуваат: баба Кузманица, дедо Кузман, Трајан, Богдан, Трајаница, Богданица и други мажи и жени и се упатуваат со шарено пагурче на челото, накитено со цвеќе да го пречекаат кумот. Општа веселба, врева и песни)!

ПОЈАВА ОСМА

ИСТИТЕ, КУМОТ И КУМАТА

(Влегуваат кумот, кумата, гостите на кумот, свадбарите и другите).

КУМОТ: Помози бог! Ајрлија да е, со живот!!!

КУМАТА: Еднож за векот да им е… да се кердосаат.

ДЕДО КУЗМАН: Добро ми дојде, куме.. поели в’куќи.

ТРАЈАНИЦА: Добро ми дојде, кумо!… Пак у тебе… за Јордана да си исчекаш!… Поелите в’куќи…

КУМОТ: Ајде куме… ајде да свршиме работа, оту довечер п’лна бочва има да празниме. (Влегуваат в куќи кумот, кумата и постарите; гостите се наредуваат надвор, пијат и си разговараат).

ТРЕНКО: (Претпазливо со мимика ги прашува младите дали си ги зеле револверите).

МОМЦИТЕ: (Пеат)

Што ми е мило ем драго

На струга дуќан да имам (2)

На ќепенците да седам,

Струшките моми да гледам,

Кога ми одат за вода

Со шарените стомниња!…

ПОЈАВА ДЕВЕТТА

ВЛЕГУВААТ КУМОТ И ДРУГИТЕ МАЖИ

КУМОТ: Де, бре јунаци, веселете се, од мене изин имате. Нека се знајт кога се м’жила Цвета и Спасе и кога Мојсо кумувал!…

СИТЕ: Да е жив и кумот!

ПОЈАВА ДЕСЕТТА

ИСТИТЕ И ЦВЕТА

(Влегуваат неколку жени, потоа Цвета облечена во невестински фустан, по неа одат моми и пеат. Гајдата свири, Трајаница, Богданица и баба Кузманица плачат).

КУМОТ: Машала, машала!… Де зету… држ се!… Кумице! Жени што сте се расплакале?…

ЦВЕТА: (Се расплакува и Цвета безгласно, се наведнува пред кумот, дедото, бабата, кумата, татко ѝ, мајка ѝ и другите роднини и им бакнува рака).

КУМОТ: Ту, ја распакавте невестата… А, али плачит зетот!… (Општа смеа). Гледајте го! Чекат в’ликот да грабнит јагнето и да бегаат!

СИТЕ: (Се смеат гласно)…

КУМОТ: Ајде, моми, момци, зафаќајте ,, Дафино вино црвено“ и завртите орото. Де да ве видам кој сте готој за женење!!

(Играт и пеат)

Дафино, вино црвено,

Момчето ти е заспало

На кара-камен в планина,

На сува рида без вода.

Поминале клети ајдуци,

гунчето му го украле

На анот му го продале

За бела, лута ракија,

За рујно вино црвено.

Пусто остало гунчето

Нек ми е живо момчето.

(Општа веселба. Неколку истрели грмуваат. Сите се исплашени. Влегуваат Осман бег, Шефкија, Расим, Исмаил и други Турци)

ПОЈАВА ЕДИНАЕСЕТТА

ТУРЦИТЕ И СВАДБАРИТЕ

ОСМАН БЕГ: Држите тија ѓаури! (ги бркаат свадбарите).

ГЛАСОВИ: Бегајте, Турци! (Сите пискаат и бегаат).

ЦВЕТА: Мајчице, мајчице! (Се крие во куќата.)

СПАСЕ: Држите се браќа, удрите!

ДУКО: (Го вади револверот). Назад! (Пука во првиот Турчин).

ОСМАН БЕГ: Вурунус! (Го убива Дука, Со Расим влегуваат во куќата)

ДУКО: Оф! (Паѓа)

СПАСЕ: Удрите! (Пука со револверот во Турците). Удрите! (Селаните, кој со што може, излегуваат и се бијат, младите ги вадат револверите и пукаат во Турците).

ТРАЈАН: (Кон Дуко). Синкооооо, синко! (Кон селаните). Удрите браќа! (Селаните, кој со што може се спуштаат кон Турците и пак се тргаат).

ОСМАН БЕГ И РАСИМ: (Ја извлекуваат Цвета од куќата).

ОСМАН БЕГ: Стој, м’лчи ѓаурко?!

СПАСЕ: (Со револвер во рацете). Пуштите ја, кучиња!

ОСМАН БЕГ: (Пука во Спасета но не го погодува): Давран, давран!…

ЦВЕТА: (Ја вади од појас камата на Осман бег и ја забива во неговите гради). На ти тебе куче!

ОСМАН БЕГ: ОФ! (Паѓа)

ТРАЈАН: Удрите, браќа, м’шки да умриме!

ШЕФКИЈА: (Пука во Цвета). На, ѓаурко!

ЦВЕТА: Ооооох! (Паѓа)

СПАСЕ: (Го фаќа за гуша Шефкија и го убива со кама). Ааах, куче! (Го турнува на земја). Цвето!

ТРАЈАН: (Ја подига Цвета). Ќерко!

БЛАГУНА: (фатена за коси, паѓа на колена пред Цвета). Оф јас сирота!…

ЦВЕТА: Умрев, а-м-а… т-у-р-к-и-н-а  н-е  с-т-а-н-а-в! (УМИРА)

(ЗАВЕСАТА СЕ СПУШТА)

КРАЈ

Scroll to Top