На тестот по македонски јазик и литература – државна матура, јуни 2011, беа зададени следните прашања за „Тартиф“ од Молиер:

Прочитај го извадокот од делото „Тартиф“ од писателот Жан Батист Поклен Молиер и одговори на поставените прашања.

СЦЕНА VI
Валер, Оргон, Клеант, Елмира, Маријана, Г. Пернел, Дамис, Дорина
Валер:

(На Оргон)
Жалам дека носам лоши вести јас,
но друг излез немам в овој страшен час.

Еден другар мој, со кого блиско стојам,
и ја знае добро намерата моја,
макар да е тајна – службена и строга,
ми пренесе новост непријатна многу.

Да Ви кажам веднаш јас поитав ваму:
Ве товарат страшно за издајство срамно.

Лукавиот Тартиф, без чувство, без жал,
ве клеветел дури до нашиот крал,
и раце и јазик тој да Ви фати –
некој таен ковчег веднаш таму пратил!

Подробности не знам, нити што ќе стане,
но, наредил кралот веднаш да Ве фанат.
Јас верувам: Тартиф скоро ќе се јави
заедно со џандар в затвор да Ве стави!

Клеант:
Ја придоби власта за грабеж да служиш –
врз Вашиот имот цврста рака пружа!

Оргон:
Да, човекот си е животинче злобно!

Валер:
Секој минут Вас Ве чека судба кобна.
Ви донесов кола, а и нешто пари –
ниту жива душа в улиците стари.

Од громор, што гневен обрач над Вас стега –
Сал бегство може да Ве спаси сега.
На сигурно место ќе бидете скриен –
ќе останам со Вас дури громот врие.

Оргон:
Ах, Вашата љубов раната ја лечи,
но не можам сега јас сѐ да Ви речам!
Се надевам господ добри дни да прати
и моево срце со љубов ќе врати.
Грижете се! Збогум!

Клеант:
Збогум, добар час!
Ќе гледаме сите да најдеме спас.

Прашања

1. Според драмскиот вид делото од кое е наведен извадокот е:

а) трагедија; б) мелодрама; в) комедија.

Одговор

в) комедија

2. Тема во дадениот извадок е:

а) веста за посетата на Оргон; б) веста за вината на Оргон; в) веста за љубовта на Оргон.

Одговор

б) веста за вината на Оргон

3. Ликот на Тартиф е окарактеризиран како:

а) лукав човек; б) искрен пријател; в) чесен човек.

Одговор

а) лукав човек

4. Според наведениот извадок, Валер на Оргон ја открива:

а) вистинското „лице“ на Тартиф; б) сопствената желба за бегство; в) својата почит кон Тартиф.

Одговор

а) вистинското „лице“ на Тартиф

5. Во делото Тартиф писателот дава тематско прикажување на:

а) апсолутистичката власт; б) републиканското уредување; в) демократското уредување.

Одговор

а) апсолутистичката власт

6. Врз основа на делото, каков став зазема Молиер кон француското општество?

а) Индиферентен став; б) Критички став; в) Афирмативен став.

Одговор

б) Критички став

 

Одговори ги и прашањата од матурскиот тест од јуни 2009 година за драмата „Тартиф“ од Молиер, на следнава ВРСКА.