Во август 2010, за „Хамлет“ од Шекспир, на државната матура беа поставени следните прашања:
Прочитај го извадокот од драмата „Хамлет“ од В. Шекспир и одговори на прашањата.
3 чин – сцена прва
Хамлет:
Да се биде или не
Да бидеш или да не бидеш ти —
Еве во што е прашањето сега.
Без ропот, молкум да го трпиш стравот
И сите стрели на судбината дива
Или пак да се противставиш гневно, гневно
Да станеш веднаш, да победиш в борба
Или да паднеш, да умреш, да спиеш.
Да знаеш дека ќе ја скинеш така
Нишката на безброј лишувања, маки
На ова тело. Тоа ли е целта?
Да умреш. Да сонуваш. Да спиеш.
Да гледаш сништа? Да, тука е јазолот.
Но, што ќе сониш во смртниот сон
Пред ова земно одмотано клопче?
О, еве што го продолжува векот
На сите наши несреќи и беди.
Та кој би трпел подбивања, лаги
Измислени дела и заслуги лажни,
Гадости долни, преправања, хули.
И празни глави и глупи величија,
И тешка борба на презрена љубов,
Кога сè може просто да се реши
Со еден замав и удар на ножот?
Кој би го влечел тој животен товар
Под којшто стенка облеан со пот
Да знае каде по смртта ќе стаса,
Да не е тоа непозната земја
Од која никој не се вратил назад?
Тој страв ја гони волјата да молчи
Пред сите земни сознаени злини,
Да стои нема пред скриени тајни,
Во таква штура малодушна мисла
Ко цветје вене решеноста наша
И нема излез бесплодниот ум.
И така гинат замислите цели
Во таа немош, одлагања долги.
Но, доста веќе. Офелијо, нимфо,
Во својот тивок и молитвен шепот
Спомни ги сите гревови на Хамлет.

1. Темата на наведениот фрагмент е:
а) одмаздата на Хамлет кон кралот; б) размислување на Хамлет за животот и за смртта; в) спротивставување на Хамлет на благородниците.

б) размислување на Хамлет за животот и за смртта


2. Во композицијата на делото Хамлет овој извадок претставува:

а) дијалог; б) монолог; в) опис.

б) монолог


3. Според наведениот фрагмент, Хамлет е:
а) во дилеми; б) оптимист; в) решителен.

а) во дилеми


4. Во извадокот е претставена:
а) внатрешната состојба на ликот; б) состојбата во општеството; в) состојбата во данското кралско семејство.

а) внатрешната состојба на ликот


5. Во ова дело, Хамлет е лик кој сака да му се одмазди на:
а) неговиот пријател Хоратио; б) неговата сакана Офелија; в) неговиот чичко Клаудиј.

в) неговиот чичко Клаудиј


6. Делото Хамлет според жанрот е:
а) комедија; б) трагедија; в) мелодрама.

б) трагедија


7. На кој литературен правец му припаѓа творештвото на В. Шекспир?
а) Ренесанса; б) Романтизам; в) Реализам.

а) Ренесанса