Народна литература

Hародната литература води потекло од митологијата. Од обредните песни посветени на божествата и од митолошките приказни, подоцна се развиле нови литературни творби познати како народна литература.

 

Особености на народната литература се:

 

усно творештво — таа се појавила уште пред писмената традиција, па затоа се создавала и пренесувала по устен пат;
анонимно творештво — творецот на песната или приказната не е познат. Авторот не сакал да биде анонимен, туку не е запомнето, не е запишано кој е создавачот, затоа ова творештво е анонимно;
колективно творештво — обликувањето, дообликувањето и пренесувањето е колективно;
усно пренесување — главна особина е пренесувањето по устен пат од колено на колено (од генерација на генерација);
варијанти — творештвото пренесувано низ векови се преобразувало во зависност од времето, средината, условите и на тој начин се создавале варијанти на една иста песна. Песните кои не биле доволно квалитетни со време исчезнувале, а оние репрезентативните добивале повеќе варијанти;
импровизација — во зависност од приликата кога се кажувало творештвото, од публиката и од оној што ја кажувал, творбата доживувала одредени скратувања или продолжувања;
— без разлика на сите претходни карактеристики, творбите ги задржувале своите општи места, односно мотивите и сижето, како и композицијата (бидејќи за секој вид постојат одредни композициски шаблони).

 

Народната литература се дели на:

— народна поезија;
— народна проза, и
— кратки фолклорни видови (во стих и проза).

 

Народна поезија

 

Поделба на народната поезија

1. обредни песни:
– коледарски,
– велигденски,
– лазарски,
– ѓурѓовденски,
– за раѓање и крштевање,
– свадбарски,
– тажачки,
– додолски (за дожд);

1. неисториски (за настани и личности кои не ѝ се познати на историјата); 1. балада;

2. митолошки;

2. историски:
– јуначки (XV — XIX век),
– ајдутски (XV — XIX век),
– комитско-револуционерни,
– партизански.

3. религиозно-легендарни;

4. трудови:
– аргатски,
– жетварски,
– овчарски,
– занаетчиски,
– печалбарски;

5. љубовни;

6. семејни;

7. песни за деца:
– брзозборки,
– залагалки,
– бројаници,
– приспивни;

8. хумористични.

Лирските народни песни ги изразуваат чувствата и емоциите, но за разлика од уметничките, каде тие се субјективни, тука се типизирани (општи). Народната лирика го опфаќа секој сегмент од човековиот живот, таа е постојан придружник на човекот. Народните песни се поврзуваат со мелодија и игра (оро).

Кај нашите лирски песни во однос на метриката, најзастапен е осмерецот, но има и од другите: четверец — кај детските; шестерец — кај хумористичните; седмерец — кај лазарските итн.

 

[av_button label=’Прочитај повеќе за македонските народни песни’ link=’manually,https://makedonskijazik.mk/2009/10/blog-post_15-5.html’ link_target=’_blank’ size=’small’ position=’right’ icon_select=’no’ icon=’ue800′ font=’entypo-fontello’ color=’theme-color’ custom_bg=’#444444′ custom_font=’#ffffff’ av_uid=’av-32oqh5′]

Во епските народни песни се опева некој важен историски настан, поточно некој јунак кој е поврзан со настанот. Основна карактеристика на епската песна е нарацијата, односно раскажувањето на настанот. Во однос на метриката, стихот е подолг, најчесто десетерец (јуначки десетерец).

Јуначките песни се карактеризираат со:

 

— епска нарација (раскажувањето е со свечен ритмички говор и епска широчина, јунакот се опева во трето лице, тој е детално опишан, а, исто така, и настанот што се случува;

— епска широчина (се постигнува со епските повторувања, кои често се идентични од збор до збор и се нарекуваат епски ретардации, а нивната функција е да го забават или продолжат ритамот на епското дејство;

— шематизирана композиција (почетокот на песната е обраќање кон слушателите да чујат за настанот и јунакот за кој ќе се раскажува, а потоа следува типизирано епско дејство — дуелот или подвигот на јунакот);

— поетиката и стихот (во овие песни се користат силни поетски средства: хиперболи, споредби, контрасти, алегорија, словенска антитеза и др., а стихот е најчесто десетерец со цезура (пауза) по четвртиот слог);

— епски протагонисти и антагонисти (протагонистите се нашите јунаци, а антагонистите се нивните противници);

— јуначки атрибути (особините на јунакот, неговото оружје, коњот).

 

Народна проза

 

Во народното прозно творештво разликуваме:

митови (приказни со фантастична содржина кои во почетокот биле сакрални и не се сметале за литературни творби; ликовите и настаните опишани во нив не се историски потврдени);
легенди (исто со фантастична содржина, но за разлика од митовите тие се поврзани со вистински настани или историски личности);
преданија (се слични со легендите, но се поблиски до историската вистина и имаат пореалистична основа);
приказни — се делат на фантастични (сказни, бајки, басни и приказни за животни) и реалистични.

 

Кратки фолклорни видови (во стих и проза)

 

Кратките фолклорни видови може да бидат и во стих и во проза, а тие се:

 

анегдоти (мали хумористични приказни во кои се раскажува некоја смешна случка од животот на позната личност);
гатанки (се состојат од прашање и одговор, а прашањето е метафорично претставување на предметот или појавата која треба да се погоди со одговорот);
пословици и поговорки — многу слични по својата содржина и форма. Со нив се искажува некоја народна мудрост.

Разликата е во тоа што пословицата е двочлен состав (составени се од два дела), а поговорката е едночлен состав (составен од еден дел).

Поговорката често претставува дел од пословицата. На пример, може да кажеме: „Село гори“, како поговорка од целата пословица: „Селото гори, бабата се чешла.“

Пословици се, на пример: Ако е виното кисело, ама срцето ни е весело. Бадијала работи, бадијала не седи. Без татко полојна сирак, без мајка цел сирак. Поговорки, пак: Рани куче да те лае. Со игла бунар не се копа. Бара влакно во јајцето.

 

Scroll to Top