Писмена работа за „ Антигона “

Предлог писмена работа за драмата „ Антигона “ од Софокле

Ликот на Антигона

Од древноста до денес, ретко женскиот лик е главен и носител на насловот на делото. Едно од ретките е токму „Антигона“ на Софокле.

Иако во трагедијата, можеби носечката улога ја има кралот Креон, сепак, Софокле ѝ дал предност на ќерката на Едип, Антигона.

Својата трагедија Антигона ја носи во крвта. Трагедијата на татко ѝ Едип се пренесува на целото семејство – па и на неа. Родена во грев, ќерка на родители – мајка и син, таа не може да има среќна судбина. Но, сепак, тоа не е нејзината најголема трагедија. Таа е толку чесна, достоинствена, горда и посветена, што не може да дозволи нејзиниот брат, па каква и да му била вината, да го остави непогребан. Според неа, двајцата браќа што се убиле меѓусебно за превласт, се еднакво виновни и еднакво – браќа. Не сака да дозволи едниот да биде величан, а другиот фрлен на мршојадците. За неа тоа не е правдина. А за нејзината правдина, најголемата смелост е што го жртвува животот. Свесно останува безбрачна и бездетна, свесно ја жртвува својата среќа која не ја остварува со свршеникот Хемон – само за да ја зачува честа на семејството и до крај да ја искаже сестринската љубов и почит. Нејзините зборови дека мртвиот сопруг се заменува лесно, дека и ново дете може да се роди, но нов брат не може да се има поради мртвите родители – јасно го покажуваат нејзиниот став. За неа тука завршува сѐ. И нејзините желби, и нејзините копнежи, и љубовта кон свршеникот, и заповедта на кралот. Ништо нема значење. Само зачувувањето на достоинството, свое и на братот. Непоколеблива е во одлуката дури и кога сестра ѝ Исмена смета дека е лудо да се жртвува животот за тоа, непоколеблива е и кога таа со ништо не сака да ѝ помогне. Напротив, ја разбира сестрината желба за живот и среќа. А, Креон дури се плаши дека Антигона ќе биде помаж од него, па иако не е убеден во нејзината вина – ја осудува на смрт.

Антигона е еден од најцврстите и најпожртвувани карактери опишани во светската литература. Жена во сите нејзини особини, свесна за второстепената и подредена улога во општеството, но поцврста од маж во одлуките и подостоинствена од сите нив.

Scroll to Top