Васил Иљоски (1902-1995)

„ Чест “ од Васил Иљоски (целата драма)

Васил Иљоски

Ч Е С Т
драма во четири чина

ЛИЦА:
СТЕФАН, печалбар
МИЛКА,негова жена
ВАНЃА,негова мајка
МАГДА, негова сестра
НИКОЛА, Магдин маж
ПАНДОРКА, нивна роднина
БАБА МЕНДА, гледачка-бајачка
ЈОСИФ, рибар
ПЕТРУШ, рибар
ЈАНКО, рибар
СТАВРЕ, меанџија
Дејството се случува во Охрид во почетокот на втората половина на XIX век. Првиот и вториот чин во еден ден попладне, третиот истиот ден вечерта, четвртиот утредента во рана зора.

[av_tab_container position=’sidebar_tab sidebar_tab_left’ boxed=’border_tabs’ initial=’1′ av_uid=’av-9tsgck’]
[av_tab title=’ПРВ ЧИН’ icon_select=’no’ icon=’ue800′ font=’entypo-fontello’ av_uid=’av-701os4′]
Одаја во која се е чисто, убаво суредено, но и сиромашко, избледено и дотрајано. Во левиот агол исчадена икона со големко кандило обесено на таванот. Десно врата; леео од ѕидот шарен невестински ковчег, над него камара, а понатаму мусандра; во дното, пад миндер со перници, прозорци прекриени со темни завеси, низ кои попладневпата светлипа тешко се пробива во одајата, добивајќи во неа сив, бледпикае тон.
Кога завесите ќе се разгрнат, се открива поглед на езерото и на Галичица, во раскошни преливи од бои, и на исечоци од охридски куќи, со типичните издадени горни, катови и многу прозорци, накитени со цвеќиња во црепчиња, кои скоро се составуваат и се допираат над тесните стрмни сокаци.

ПРВА ПОЈАВА

МИЛКА

МИЛКА: (Со убаво, бело и облеано од загаснато румечило лице, на кое е втиснат израз па долготрајна, длабока тага, осенето со опора огорченост и во исто време озарена со блага продуховеност; седи, лево зад чекрик и напрегнато и бргу преде, иако е многу уморна. Жицата и се прекинува.) Везден се кинеш, пуста!… (Ја врзува жицата и продолжува да преде.) Ракава — ветка на ветар… трепери… (Очите и се наполнуваат со солзи.) Пред очи неколку жици играат… Од солзите… Мајка! (Ги избришува солзите и продолжува да работи.)
ВТОРА ПОЈАВА
МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Со жолто како восок и маченичко, длабоко избраздено лице, забрадена во темносива шамија, влегува полека, како сенка, се загледува долго во Милка и ја ниша главата тажно, по малку и благо прекорепо.) Уште предеш! Доста, невесто, почини си малце, мило! Рацете ти капнале!
МИЛКА: Не, мајко…
ВАНЃА: Е, криеш… Туку се познава тоа… Стани, исправи ја снагата малце…
МИЛКА: Уште едно вретено.
ВАНЃА: Уште едно, уште едно… Вретената, пусти, број и крај немаат. Се нижат едно по друго како дните… А дните — долги…
МИЛКА: Со работа побргу поминуваат…
ВАНЃА: Дните со раце да ги туркаш!… Со толку работа, дење-ноќе… А не сме за така: Стефан да ни е жив, ни праќа…
МИЛКА: Ни праќа, мајко. Туку ако, пак…
ВАНЃА: Знам: да не арчиме само од нив, да чува ме… Тој таму, ние овде… Повеќе да се собере… Побргу да си дојде…
МИЛКА: Јас… И порано работев…
ВАНЃА: Работеше, душо. И се со песна, песна радосна, што како бисер од грло ти се лееше… Секое катче во куќата ни светеше и ни пееше… А откако ни отиде… Песната ти се сврте на плач. Пак си плакала…
МИЛКА: Не, мајко…
ВАНЃА: Со пусто плачење ништо не може да се стори… Само се губи здравјето… Виделото се повеќе ми се зема и ми се замрежува: гледам како низ свилено сито… Ќе сретнам некого на сокак, не го познавам, се срамам… И умот
ветрее… Многу заборавам: за една работа се враќам по неколку пати… Ете, сега ми текна дека не го затворив пенцерето од визбата. Ќе влезе некоја мачка, чудо ќе стори… (Стакува.) А ти, стани малце, испружи ги нозете…
МИЛКА: (Станува.) Еве, мајко…
ВАНЃА: Така, мило! (Излегува.)
ТРЕТА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: (Доаѓа до прозорецот, ја дига завесата и се загледува во езерото. Малку од неговиот треперлив сјај, рефлекс, заигрува на нејзиното лице.) Мило езеро! Бистро! Како радосно око… Рибари ловат… Оф, Стефче ле, да не отиде на таа пуста туѓина, сега ќе те гледав… Во чунот, во сончевиот сјај… А вака, те гледам негде далеку, далеку… И длабоко, длабоко во земјата, без сонце и без виделина, копаш, риеш, копаш… (Седнува и продолжува да преде.) И ти го слушам гласот… Оној глас во ноќта пред разделбата… Ме гледаше во очите, ме бацуваше и ми зборуваше како да ја пееше песната:
Твоите очи черешови, филџанови…
Не жали, мило либе, не плачи,
јас ќе си дојдам…
ЧЕТВРТА ПОЈАВА
МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Влегува.) Немаме ништо за вечера, невесто. Лебот, господ да го придаде, сув како кремен… Треба малце чорба, да се накваси залак… Ќе одам да купам плашици. (Зема од камарата пари.ј Ќе купам и малку пастрмка да испржиме.
МИЛКА: Е, мајко, пастрмка…
ВАНЃА: Ако, душо, ако. Многу работиш, мило. Сака снагата да се крепи… А и јас — ме гледаш…
МИЛКА: А… ако, мајко, купи малку…
ВАНЃА: Ќе купам… Нека се пусти… (Поаѓа.)
ПЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА, ВАНЃА И ПАНДОРКА
ПАНДОРКА: (Вика однадвор.) Наумчевице! Милке!
ВАНЃА: (Од прозорецот.) А… Пандорка… Што мака ќе има?
МИЛКА: Пари ќе бара, што друго? (Излегува да ја пречека.)
ШЕСТА ПОЈАВА
ВАНЃА
ВАНЃА: Пари? Не давам! Што е ова? Син ми се мачи на туѓина, ние овде се стегаме, не дојадуваме. туѓо работиме… (Слушна разгавор однадвор.) А, Пандо, роднина нероднина, не давам!
СЕДМА ПОЈАВА
ВАНЃА, МИЛКА И ПАНДОРКА
ПАНДОРКА: (Влегува продолжувајќи. го разговорот започмат надвор со Милка, која влегува по неа.)… Ти велам, човек без свој да не остане, без роднина. … Помозибог, Ванѓо.
ВАНЃА: Дајбог добро, Пандо. Повели, седни.
ПАНДОРКА: (Седнува.) Како си ми, што ми правиш?
ВАНЃА: Сполај богу, арна сум.
ПАНДОРКА: Невестата арна ја имаш?
ВАНЃА: Сполај богу, арна.
ПАНДОРКА: Од Стефан имате писмо?
ВАНЃА: Имаме, земаме.
ПАНДОРКА: Да даде господ! Како е, што пишува?
ВАНЃА: Здравоживо на сите роднини и пријатели.
ПАНДОРКА: Да е жив и здрав! Како е со работата?
ВАНЃА: Арно…
ПАНДОРКА: Да даде господ, се арно да биде! И господ побргу да ви го донесе, да ве израдува!
ВАНЃА: Амин! Да си ми жива и радосна, Пандорке!
ПАНДОРКА: Е, блазе си ви, ви праќа.
ВАНЃА: Ни праќа, ни праќа да е жив…
ПАНДОРКА: А јас сиромашката саморана… Се скапав туѓо работејќи и — ништо! Децата, сирачиња без татко, ми се гладни и страдни за едно корче лебец… (Се расплачува.) Та затоа дојдов, сестри мили, како кај свои… да ви се помолам… за малку пари на заем.,.
ВАНЃА: Ама…
ПАНДОРКА: Голема добрина ќе ми сториш, Ванѓо! На децата гревот не им се гледа… Плачат, пиштат, бараат: малечки, не знаат од немање…
ВАНЃА: Децата.., Слатки дечиња… (Сосем совладана.) Немам, пусто, многу да ти дадам… Еве, малце… (Вади од камарата крпче, го одврзува и и дава пари.)
ПАНДОРКА: (Ги зема парите, ги врзува ео крпче и ги клава в пазува.) Да си ми жива, Ванѓо ле, радосна да те видам… Господ да ми ти даде илјада добрини за ова добро што ми го стори! Е, црна јас, вака ќе се мачам и ќе се срамам дури да ми потпорасте машкото, да го пратам на печалба.
ВАНЃА: Нека ти е живо. Пандо, нека ти порасте, само на печалба да не го пуштиш!
ПАНДОРКА: Ами што ќе му правам, сестро ле? Сака да се јаде. Тешка е црна немаштина!
ВАНЃА: Тешко е, вистина, туку уште потешко е туѓината! Нема ништо пострашно од пустата туѓина! Се прикажува, некое време имало во езероно ламја што ги јадела сите девојки по ред како која ќе стасала за мажење. Така сега туѓината како ламја ни ги голта децата уште неврзале машка снага… Слушај ме ти мене, зашто кој патил, тој најрано знае, — кога имаш, јади еден залак леб, кога немаш, гладувај, само син ти да си го имаш крај тебе, срцето и очите да ти бидат полни.,. Така. сестро ле… Проштавај, Пандо, треба да одам на пазар, па на чешма, а се стемни… (Излегува.)
ОСМА ПОЈАВА
МИЛКА И ПАНДОРКА
ПАНДОРКА: Оди, Ванѓо, оди, сестро. (На Милка.) Си го отвори малце срцето, сиромашката… Остаре веќе, клекна… А како носи полни ѓумови од чешма? Ич не правиш арно, Милке, што не одиш на вода. Барем на вода.
МИЛКА: (Тешко погодена.) Зошто…
ПАНДОРКА: Како зошто? Каде си излегла? Нигде од куќа надвор. Се во самотија. Си се склупчила меѓу четири студени и темни ѕида како во зандана… Само предеш и плачеш… И копнееш и венеш… Везден над чекрикот. Како некоја свилена буба во кожурката… Убаво е и работата, и свилата, туку како да не жалиш за убавата пеперуга кога не може да развие крила, да полета…
МИЛКА: (Со тешки напори, се совладува да не се расплаче.) Зошто ми зборуваш така, Пандорке?
ПАНДОРКА: Зошто? Зашто јас го знам тоа по се6е… Ајде јас веќе црна вдовица, црно ми било пишано… Туку ти — уште позацрнета, при жив маж! Ми е жал, Милке, за тебе, за твојата младост и убавина… Векот пуст и празен ти поминува…
МИЛКА: (Со тешка воздивка.) Пуста среќа моја, што да правам…
ПАНДОРКА: Па да излезеш, да прошеташ…
МИЛКА: Ќе излегувам, ќе шетам… кога ќе ми дојде Стефан…
ПАНДОРКА: Арно, сестро, туку ми е страв да не биде доцна… Зашто деновите си летаат како со крила и ни се скусуваат… Младоста си оди и не се враќа… А староста не е за нигде и за ништо… Ако мислиш пак за светот, што ќе презборува… тој и така, и без тоа…
МИЛКА: (На која во очите, насолзепи, и светнуваат искри на гнев, во гласот и звучи спора огорченост.) Уште зборуваат… за тоа со тој напасник во владичка руба?… Толку време веќе в црква не одам… Уште не се заборави?
ПАНДОРКА: А, за тоа…
МИЛКА: Ами што? Друго?…
ПАНДОРКА: А, не… ова… што друго… Сакав да речам… така иде зборот… (Се прекинува.) Туку… ова… јас многу се зазборував… Се забавив: дечињата ми се сами… Ај седи ми со здравје, Милке. (Излегува.)
ДЕВЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: Со здравје! (Ја испраќа малку, се враќа со длабоко неспокојство.) Што ми подрече?. (Од надвор се слуша нејасеп глас.) Поштаџијата! (Со едеп скок се најдува до прозорецот, ја крева завесата и гледо на улица.) Од кај Китановци излезе. Блазе си им! И тие одамна не беа… Ево го наваму! Боже, дали ќе има и за нас… (Занесена, не сакајќи., извикува.) Чи… (Веднаш се прекинува.) Што сум улава! Само се срамам… Ако има, тој и без мое прашање… (Гледа надвор напрегнато, испитувачки.) Не! Нема! По одот го познавам… (Ја спушта завесата.) Нема! И денес нема… Утре, ќе видиме… Утре! Се утре, утре! Се така си врват деновите… (Оди од камарата, зема плик, вади од него писмо и само прелетува со очите по пего, зашто го знае сето напамет.) Што ќе го читам! Од збор до збор го знам.., „Ќе си дојдам, бргу ќе си дојдам, уште малку…“… Во секое писмо… Се тоа! Со години… (Се тргнува и го остава писмото.) Ќе си дојдам… (Песната пак и се излева само од плачно растреперените усни.)
Не жали мило либе, не плачи,
јас ќе си дојдам…
ДЕСЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА И БАБА МЕНДА
БАБА МЕНДА: (Однадвор, со крештав глас.) Не можам, не можа-а-ам!
МИЛКА: А баба Менда! (Со брзи чекори доаѓа до прозорецот, ја поткрева завесата го отвора малку прозорецот и викнува.) Баба Мендо!
БАБА МЕНДА: Не можам, не можа-а-ам!
МИЛКА: Ти се молам, баба Мендо!
БАБА МЕНДА: Ич не моли ме! Уште на седум места сум викана, а еве се стемни-и-и!
МИЛКА: Само уште кај мене, баба Мендо! Ти се молам…
БАБА МЕНДА: Е, ајде, ајде, твојата молба е тешка како планина…
МИЛКА: Ќе дојде! (Бргу го посуредува миндерот.) Малку е пијана, туку ако, поарно гледа кога е таква.
БАБА МЕНДА: (Искачувајќи се сета заздивната, со фучење и со стенкање.) Тју’ нозете ми се скусија по овие скали!
МИЛКА: (Ја пресретнува пред вратата.) Стрмни се. Добро дојде, баба Мендо! Повели, седни!
БАБА МЕНДА: (Влегува астматично заздивната и седнува на миндерот, ладејќи се со двете раце.) Уф, задув! Добро те најдов, Стефанице. Само бргу. На што сакаш, на карти или во филџан?
МИЛКА: Па… двете.
БАБА МЕНДА: А, немам време. Кажувај!
МИЛКА: Е па… (Се решава.) Во филџан.
БАБА МЕНДА: Уф, пак кафе! Денеска ме потерало така. Крвта ми поцрне од него. Јас мислев — карти и — ракија. А и побргу ќе беше.
МИЛКА: Џезвето ми е на оган, веднаш ќе се свари. А и ракија ќе ти дадам, баба Мендо!
БАБА МЕНДА: Е, арно, ќе се измеша малце. Гледам ќерко, од срце даваш, не си како некои… Со раката ти дава, со срцето те колне. „Отрувачка да ти се стори!…“ Ама за тоа пак и јас за тебе со се срце работам! И ќе ти го донесам момчето! Бргу…
МИЛКА: Бргу?
БАБА МЕНДА: Бргу! Само побргу кафето! И ракијата!
МИЛКА: Еве веднаш… Е, само да си дојде… (Излегува со брзи чекори.)
ЕДИНАЕСЕТТА ПОЈАВА
БАБА МЕНДА
БАБА МЕНДА: Ќе си дојде и ќе потрча дури! Ја ујдисав јас работата. Климе веќе треба да стасал таму. „Што има, Климе, во Охрид наш, подома?“ — „Не чини, Стефе, картите на баба Менда лошо кажуваат: меѓу тебе и твојата невеста се вовлекол поп!“ — Како?“ — „Така! Ја исповедувал од гревовите…“ „Така! Поп!“ И — веднаш Стефе ќе си дојде како поп! А на поп Наум му летна веќе брадата! Е-е-е! Така знае баба Менда, така бае…
ДВАНАЕСЕТТА ПОЈАВА
БАБА МЕНДА И МИЛКА
МИЛКА: (Влегувајќи со брзи чекори.) Еве, се свари кафето, баба Мендо! Повели!
БАБА МЕНДА: (Земајќи го кафето.) Како ти што брзаше со кафето, Милке, така твој Стефе брза за дома. Тој веќе е на пат и е негде близу. (Пие, шмркајќи силно.)
МИЛКА: Е, камо да е! Се не ми се верува дека ќе го видам. (Го пие кафето со голема брзина.)
БАБА МЕНДА: Не веруваш? Тогаш зошто ме викаш? Зошто сум ти јас?
МИЛКА: Ама, баба Мендо…
БАБА МЕНДА: Ништо, ништо, кога било така… Јас кафето го испив жешко, јазикот си го изгорев… А сега измиј си го филџанот! Гледање не треба…
МИЛКА: Не, треба баба Мендо? Мене тоа ми е требно како лебот што го јадам, како водата што ја пијам! Без твоето гледање јас не би можела да живеам! Гледај ми, баба Мендо! (И го убуткува в рака филџанот.)
БАБА МЕНДА: Е, ајде… Слушај! Еве, овде стои пат… Се испружува… наваму води… Еве овде започнува, а овде се губи…
МИЛКА: Се губи…
БАБА МЕНДА: Тоа е вода, голема вода — море. Во морето не се познава пат, како на езероно. А еве овде, пак патот зафаќа на суво. Тоа е Солун. И еве, оди до… Близу до крај. Тоа е Охрид. Гледаш?
МИЛКА: Гледам.
БАБА МЕНДА: Уште малце… и ќе си дојде.
МИЛКА: Оф, само да си дојде! Повели, баба Мендо!
БАБА МЕНДА: А, ракијата… (Пие.) Ако не дојде, да не сум баба Менда! Јас веќе сторив да му се сврти умот за дома. Бездруго ќе си дојде!
МИЛКА: Оф, златна баба Мендо да ти се позлати устата!
БАБА МЕНДА: Поарно — раката. Од жолтите што ќе ги донесе Стефе — некоја за баба Менда.
МИЛКА: Само нека дојде, баба Мендо!
БАБА МЕНДА: Леле, се забавив многу! Ме чекаат. Има уште многу како тебе. (Станува.)
МИЛКА: (И дава пара.) Повели, баба Мендо!
БАБА МЕНДА: (Ја зема парата, ја загледува со светнати очи, ја врзува во крпче и ја клава в пазува.) А, копче големо… Ај за голема радост… (Тргнува.)
МИЛКА: Не ми кажа, баба Мендо, што си сторила…
БАБА МЕНДА: Е тоа не се кажува; тоа си е моја работа… Ај седи со здравје! И готви се за пречек! (Излегува.)
МИЛКА: (Излегувајќи. по неа да ја испрати.) Со здравје, со добро, баба Мендо! Пак дојди…
ТРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: (Се враќа замислена и многу неспокојна.) Леле јас сиромашка! Што правам јас со оваа… Овие се нечисти работи, маѓии… (Седнува да преде, Работи сосем механички, и е отсутна, на друго место. На лицето со голема
брзина и се слекуваат интензивни преживувања па надеж, очаеност, радост, тага.)
ЧЕТИРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МАГДА И МИЛКА
МАГДА: (Влегува и уште од вратата управува на Милка поглед полн со љубов и нежност.) Што ми правиш, Милке?
МИЛКА: (Скокнува, и притрчува, ја прегрнува.) Тебе те чекам, Магдо!… Со душа те чекам… ми требаш… Тешко ми е, Магдо ле, многу тешко…
МАГДА: Гледам… Пак си се разжалила, душо мила… Ела ваму! (Седнува на миндерот.) Седни долу…
МИЛКА: (Прави се како во хипноза.) Оф, Магдо ле!
МАГДА: Така! Навали ја главата на коленово мое! Така! А сега кажи се што те боли и што ти е на срце… Ќе ти олесне, душо мила!
МИЛКА: (Со насолзени очи.) Веќе полесно ми е, Магдо ле! Како некогаш на мајчиното колено…
МАГДА: Така… Го знам јас тоа, сум го поминала; тешка е пустата туѓина… разделба…
МИЛКА: И кога е толку долга!
МАГДА: Туку има, колку да е долга, крај — вракање.
МИЛКА: Враќање!
МАГДА: Се тој ден го чекаш, го мислиш. И дури некако му се радуваш, однапред!
МИЛКА: Мислиш, си замислуваш како ќе се врати, како ќе те погледа со очите… каков збор ќе ти каже… Се други, инакви зборови ти идат на ум, од убави, се поубави… Понекогаш силно ќе те занесе мислата, и ти се чини дека веќе се вратил, дека му ги гледаш очите, му го слушаш гласот, му ја сеќаваш раката, топла…
МАГДА: Така…
МИЛКА: Туку, почесто, и се почесто, мислата ти се враќа назад, на оној најтежок ден, ден на разделбата… ден исполнет со криени солзи и придушувани липања… на првата ноќ без него, ноќ — година! темна, студена… И, потоа, се такви дни и ноќи, со години, седумнаесет години! (Мала пауза.) Колку пати сум ти го кажала ова, Магдо! Се тоа…
МАГДА: Ако, Милке, ако, сестро мила, се таа мака ти тежи на душата, затоа…
МИЛКА: Оф, Магдо, шго би правела јас да те немам тебе… Кого имам јас? Него, мајка, и тебе! Тој — далеку…
МАГДА: Далеку…
МИЛКА: Мајка стара, и самата скршена од жал… Само тебе можам да ти се исплачам и да ти кажам се што ќе помислам… А какви ли мисли не ми идат на ум, Магдо! Од некои од нив страв ме фаќа. Сама себе си се чинам како улава, како да сум се мрднала од ум… Ете, пред малку, предејќи, се загледав во ракава како лета како некое крило. Ми дојде на ум песната за таа што се преправила во пиле. И одеднаш ми се стори дека и јас можам така да се преправам, да летнам и — кај него!
МАГДА: Е, веруваш во она што ти го сака душата.
МИЛКА: Душата! Зошто е така врзана, затворена, стегната’ Зошто човек да не може да појде таму каде што сака!
МАГДА: Ти не можеш таму, кај него, туку тој, тој — ќе си дојде!
МИЛКА: Ќе си дојде! Колку пати си ми го рекла тоа, Магдо! Ќе си дојде! Та камо еднаш да си дојде! Вистински да си дојде! Да видам дека си дошол, да го видам! Да го гледам вака, како тебе што те гледам! Очите да му ги видам, тие очи, што од првиот поглед запалија во мене, првпат, најсилни, најслатки, најубави трепети… Камо, камо… Камо ја таа голема радост! Толку чекана, толку…
МАГДА: Ќе ја исчекаш! Ќе дојде!
МИЛКА: Кога! Кога ќе биде веќе доцна…
МАГДА: Човек може да се радува и да биде среќен се дури е жив.
МИЛКА: Кој знае! Види ја јаболкницата, Магдо! (Ја разгрнува завесата од прозорецот низ кој во дворот се гледа осушена јаболкница.) Пролет е, се се раззеленува, се расцутува, а таа… оголена, сува… Сонцето ја грее, туку не може да и го врати зеленилото, цутот, плодот… Поминаа многу години откако фати да се суши. До лани, сирота таа, некако се бореше, се држеше, се отимаше… Пушташе по некое гранче, понекое ластарче, понекое јаболко… А годинава веќе — ништо… Јас во неа си ја гледам некако мојата судба…
МАГДА: Е, што ти… Зошто се вели, човекот е потврд и од дрво и од камен.
МИЛКА: Не е така, Магдо! Години се… седумнаесет години! Не, тоа не се години. Тоа се студени, темни магли, што се тегнат по ридишта и долови… Тоа не е време! Тоа е нешто големо, тешко, страшно, како некоја долга, без крај издолжена стоногалка, што денизден се подлабоко се вовлекува во душата, ја разјадува однатре, ја разништува. И се повеќе ти се чини, остануваш празна лушпа, шуплива, без јатка, без…
МАГДА: Не, Милке! Не мачи си ја душата со такви отровни мисли! Лошата мисла го јаде човекот како ’рѓата железото.
МИЛКА: Како може толку време да не дојде, Магдо!
МАГДА: Далеку е, Милке! Да дојде, пак да оди — треба само за пат да работи.
МИЛКА: Како можеше толку далеку да отиде!
МАГДА: Секој кој сака повеќе да спечали…
МИЛКА: Се повеќе ми се чини дека, да ме сакаше онака… вистински… многу… како јас што го сакам, одамна ќе се вратеше… Дури не ќе можеше ни да се раздели од мене и да отиде толку далеку… Кога бевме свршени, ми велеше: „Не можам ни да помислам ни еден ден да бидам без тебе, ни еден ден далеку од тебе…“
МАГДА: Е, тој тоа така го сакал… А знаеш каква мака го натера да појде во таа пуста Америка.
МИЛКА: А таму можеби си нашол некоја…
МАГДА: Што зборуваш, Милке! Да е така, би се знаело, би се чуло!
МИЛКА: А, далеку е…
МАГДА: Лошиот глас море препливува. Често се враќаат од таму…
МИЛКА: Тие си се кријат еден со друг; мажи се, мислат, имаат право и можат да прават што сакаат.
МАГДА: Не, за по некој таков се знае, кажуваат кој се оженил за Американка, кој веке не мисли за враќање и заборавил за свои… А Стефе наш! Тој да заборави мајка, сестра, жена! Тебе да те заборави! На таква љубов ваша! Што во песна дури влезе! Таква љубов трае до гроба!
МИЛКА: На туѓина се заборава: далеку од очите…
МАГДА: Не можат нигде да се заборават мили спомени!
МИЛКА: Оф, Магдо, спомени! Јас овде живеам само со тие спомени! Какви спомени! Овде мене се ме потсетува на него… Ќе погледам на езероно, ќе го видам наведнат во чунот; ќе излезам в градинче, ќе го видам на јаболкницата како насмеан бере јаболка и ми ги фрла в скутина… Спомени, спомени! Па соништа! Секоја поќ го сонувам…
МАГДА: Е, сонуваш што мислиш, што таиш…
МИЛКА: Уште не сум заспала сосем, туку ќе го видам на вратата, затворена… После пак сонувам: гледам море, големо езеро. На морето брод, голем чун… Одеднаш, ќе се крене бура… Се ќе се замрачи… И него ќе го снема… А понекогаш — си дошол… Првпат сме сами заедно в одаја… како првата вечер по свадбата… И, пак, срам, срам срамежливост повеќе отколку тогаш… А кога ќе се разбудам, уште не верувам дека не беше… Пипам — празно! Само перницата изнасолзена, жива вода од солзи… Така ме лажат, ме мачат тие пусти соништа!
МАГДА: Кога ќе ти дојде Стефан, ќе престанат…
МИЛКА: Понекогаш се вовлекол некој друг… Се обидува… со убаво, со сила… Се бранам се отимам… Удирам со тупаници, ги заривам ноктите, гризам со забите… Кога ќе се разбудам, продолжувам… удирам — на самата себе… Ми иде да се убијам! Да сонувам — туѓ човек!
МАГДА: Сонот е лага…
МИЛКА: Најстрашното е што е на јаве… Кога излегувам, сретнувам мажи. Да наведнам глава, ќе речат лажна срамежливост или страв од својата слабост… Но, кога ќе вкрстам поглед, ми се случува нешто, нешто… како тоа да ти го кажам… како да пламнала некоја искра и… по сета крв… жешки трпки по сета снага… Тогаш, се згнасувам од самата себе… се мразам, се мразам!
МАГДА: Не, Милке! Зошто? Крвта… Како да ти речам… Се гледа што е во срцето, во умот… Што се сака и што се може… Ти можеш да бидеш, и си — чиста! Праша] ја за тоа мајка. Таа се тресе колку за животот, толку, и повеќе, за честа на синот: нејзиното мајчинско срце насетува и најмалку нешто… Ти си таква каква што таа те гледа. А како те гледа, како ге колне во тебе, ти тоа го знаеш.
МИЛКА: Знам. Јас и само за неа не можам да сторам, ни да помислам нешто срамно и лошо…
МАГДА: Ете, гледаш?
МИЛКА: (Ослушнува: тапи неравномерни удари.) Капакот од пенцерето на темничавата одаја. Заборавила мајка да го прикачи. Ветар излегол. (Излегува)
ПЕТНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МАГДА
МАГДА: Ветар… (Гледа по неа со длабоко сожалување.) Сиромашката, ништо не знае!…
ШЕСНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МАГДА И МИЛКА
МИЛКА: (Од вратата фрла на Магда брз, продорен поглед и сета се исполнува со силно неспокојство.) Магдо, што си таква замислена, стемнета во лицето?…
МАГДА: (Се мачи неосетно да го промени изразот.) А… Што… Ништо. Еве, не сум…
МИЛКА: Беше, кога влегов…
МАГДА: Ами… Така ти се сторило…
МИЛКА: Не, Магдо, се преправаш… Нешто криеш од мене… Си чула нешто…
МАГДА: Не… ништо…
МИЛКА: Од некое време. сеќавам, имаш нешто да ми кажеш, а…
МАГДА: Не, немам…
МИЛКА: Кажи ми, Магдо..
МАГДА: (Да би го скршнала разговорот, побрзува да ја испревари со своето прашање, загледана во чекрикот.) Туку сакав да те прашам, Милке, колку уште имаш за предење?
МИЛКА: Уште четири-пет вретена.
МАГДА: Леле, Милке! Ти и ноќта ја правиш ден! Само што ќе дојде брат ми, ќе го натерам да го искрши чекрикот, парчиња да го стори.
МИЛКА: Само нека дојде тој… Туку, друго нешто, Магдо…
МАГДА: Што, душо?
МИЛКА: Ако не се врати побргу, не ќе можеме да имаме…
МАГДА: Детуле? Ќе ви даде господ, душо, ќе имате.
МИЛКА: Ми е страв, Магдо ле! Кога ќе се остарее, ќе помине време…
МАГДА: У-у-у! Што зборуваш, мори Милке! Каква старост! Колку постари од вас, па имаат… Ич ти за тоа, Милке ле… Ќе имате! И повеќе!
МИЛКА: Камо таа среќа! И само едно да биде! (Воздивнува со длабока болка.) Е, да беше ни дал господ пред да отиде на туѓина! Сега ќе имавме син за женење… Да си имав дете, барем едно, животот не ќе ми беше толку празен…
МАГДА: Е, не би среќа, снао мила… Отиде бргу по свадбата… Туку, што не било порано, ќе биде подоцна. А подоцнежната среќа е поголема… Зашто е повеќе чекана…
МАГДА: (Го отклучува ковчегот и вади волнено капче за бебе. Сета се стресуеа.) Види, Магдо, сестро, молци!
МАГДА: Молци.
МИЛКА: Може да е и од само себе. Времето како да има заби… И ова како да е некоја коб… Како јаболкницата…
МАГДА: Ами, коб! Што не ќе измислиш уште, Милке! Капче сплетено уште веднаш по свадбата… А и јаболкницата! И таа си има век колку може да трае. Стара е. Уште дедо ми, ни кажуваше татко, ја посадил.
МИЛКА: Знам. Ми кажувал Стефан. Многу ја сака. „Уште од малечок, најголема радост ми беше, велеше, да се изјазам на неа, да седнам на онаа дебела чаталеста гранка што е како седло, да кинам јаболка и — од гранка в уста…“ Во секое писмо прашува за неа, знаеш дали раѓа.. колку раѓа…
МАГДА: Знам.
МИЛКА: Никако не ми дава срцето да му кажам дека низ нејзините исушени жили веќе не тече сок, и дека тој никогаш веќе не ќе седне под нејзината ладна сенка и не ќе касне од нејзиниот благ плод…
МАГДА: Ништо, тој нејзе и се радувал како дете, момче… А кога ќе се врати ќе посади. со тебе заедно, за вашите деца, за внучиња…
МИЛКА: (Понесена од далечни надежи.) О, Магдо!
МАГДА: Така ќе биде, снао ле, мила. Мене ти слушај ме.., Туку треба веќе да си одам!
МИЛКА: Поседи уште малце, Магдо!
МАГДА: Е, колку би ти седела јас! Туку треба да одам на село: золва ми се разболела, а сама сиромашката со ситни деца. Да и се најдам… Дури да стасам, ќе ме фати ноќ.
МИЛКА: Сиромошката!… Оди, Магдо побрзај!
МАГДА: (Ја прегрнува и ја бацува нежно.) Ај седи ми со здравје. Милке! (Поаѓа.)
МИЛКА: (По неа.): Со здравје, Магдо! (Молезливо.) Пак да ми дојдеш, Магдо ле! Побргу да ми дојдеш! Ти многу ми требаш! Секој твој збор ми паѓа право на душата како благ мелем на лута рана! Ти ми ја крепиш надежта! (Излегува.)
СЕДУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: (Се враќа, оди до ковчегот, го отклучува.) Да не се вовлекол некој молец. (Вади машка, нова неносепа облека, ја раширува и ја разгледува.) Прав! Од каде се ќе напаѓа! Толку вардено! Секој ден тресено… Се покриено, затворено… (Ја тресе поминувајќи по неа со раката од горе на долу. Постепено тоа движење преминува во нежно мазнење, милување.) И се така… Секој ден, денизден, со години, години! Оф, Стефане! Мили мој Стефе! Ке ми се вратиш ли? Ќе ми дојдеш ли еднаш! Ќе те видам ли уште еднаш во зетовското, Стефче ле! Оф, сето го испокапав со солзи! (Си ги брише солзите со крпче. Бргу и со крајна внимателност и нежност ја здиплува облеката, ја затвора во ковчегот и, останувајќи со незадоволена желба да и се нагледа, поради што болката, тагата и нарастува се повеќе, — клекната на колена, се спрострува преку ковчегот како над најголема драгоценост, преминува со рацете по него како да сака нешто да истргне, да зграби, да прегрне, да стегне на градите; го залепува едниот образ на капакот, а од очите широко отворени, управени. негде далеку, далеку,им бликаат солзи, од грлото и се откинуваат липања и придушени извици и сета се тресе, се превиткува како луто ранета. Ја тргнуваат чекори.) Мајка! (Стануеа, ги избришува солзите.)
ОСУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА
МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Влегува криејќи го погледот од Милка, оди до камарата и стои таму долго време свртена со плеќите, пребројувајќи ситни пари.)
МИЛКА: Што, мајко…
ВАНЃА: Ништо, добро ле… Ми расипа Манче рибарот, се ситни ми даде, па да не нешто згрешил… (Пауза.)
МИЛКА: (И приоѓа близу, и се вгледува в лице испитувачки.) Мајко.
ВАНЃА: (Го прекинува броењето, поаѓа кои вратата.) Токму… токму се… Да одам за…
МИЛКА: Чекај малце, мајко, ти си ми некако чудна, откако се врати од чаршија. Ти нешто таиш од мене…
ВАНЃА: Мислев… Сакав… Туку каде можам јас, пуста, да скријам нешто од тебе, душо… Па и поарно од мене да чуеш, отколку од светот…
МИЛКА: Што, мајко?
ВАНЃА: Некој поган јазик пуштил лош збор…
МИЛКА: Што?
ВАНЃА: Уште пред неколку недели… Туку не сме чуле…
МИЛКА: Што…
ВАНЃА: Гнасна лага! Гнасна, што повеќе не може да биде!
МИЛКА: Што! Кажи, мајко!
ВАНЃА: Лага. За тебе… со поп Наум!
МИЛКА: (Кака прострелана.) Леле! Леле, јас сирота!
ВАНЃА: Како немаше малце душа, како не му беше малце грев! Како можеше…
МИЛКА: Тоа!… Леле, јас сирота! Леле!… (Сета се стресе од силен плач.)
ВАНЃА: На чиста како сонце… Туку сонцето не може да го извалка, не може да го досегне кој сака, колку сака да фрла кал на него… Молчи ми, невесто, молчи ми, душо, молчи ми, добро мое!
МИЛКА: Може некој да поверува, мајко. А тој… Ако чуе тој!
ВАНЃА: Тој… Тој ќе и верува на мајка си своја, не ќе му верува на светот.
МИЛКА: (Утешена, умирена донекаде, со силно чувство на благодарност, ја прегрнува.) Оф, мајко! Мајко мила, милозлива!… Туку… (Нов бран силна болка избива во незадржливи солзи и липања.) Ќе ти верува ли, мајко!…
(3АВЕСА)
[/av_tab]
[av_tab title=’ВТОР ЧИН’ icon_select=’no’ icon=’ue800′ font=’entypo-fontello’ av_uid=’av-lji7o’]
Мала, стара и накривеиа рибарска меана близу до езерото. Десно врата; во дното прозорци, низ кои се гледа езерото; во левиот агол шанк; насреде четири чамови, масичиња и столови.

ПРВА ПОЈАВА

СТАВРЕ

СТАВРЕ: (Седи и дреме со главата потпрепа па едната рака, налактена на шанкот; одедпаш се помрднува малце, ги отвора дополу очите и лутито мавнува со слободната рака преку носот.) Иш мори, ѓавол ве изел! (Пак паѓа во дремка и по малку време, пак истиот гест.) Е, напасници ниедни. Не го оставате човекот да дремне малце… кога и така нема работа… (Пак истиот гест.) Бре, врашки сој! Одовде, одонде — пак на носот мој! Ама не сум го пикнал во мед, та… (Сосем се расонува.) Бура ќе иде… (Станува, оди до прозорците, гледа во небото.) А-а, бура! Затоа се осилиле овие врашки боцкалки, жими крст! Облаци летаат како некои црни орлишта. Сега ќе ги втераат овде рибарите… (Оди до шанкот и приготвува шише и тенекиени чаши со рачка, „стодрамничиња“.)
ВТОРА ПОЈАВА
СТАВРЕ И БАБА МЕНДА
БАБА МЕНДА: (Однадвор.) Не можам, не можа-а-ам! Се стемни-и-и!
СТАВРЕ: А, баба Менда! Чекај да ја гибнам малце, вештерката. (Застанува на прагот и викнува.) Чекај малце баба Мендо-о-о!
БАБА МЕНДА: Е, што ги учел, како ги учел, стемни веќе, Ставре-е-е!
СТАВРЕ: Па ти е страв да не те начека некој во некое темно сокаче, па да ти го исцелива белото лице…
БАБА МЕНДА: Чекан да те удри тебе, Ставре, што ме задираш!
СТАВРЕ: Е, не лути се пак ти толку. Влези, да ти дам да се напиеш една лута ракија, ќе те разблажам, жими крст!
БАБА МЕНДА: Што си улав, Ставре! Која жена пие в меана!
СТАВРЕ: Жените нека пијат дома, а ти, ти не си жена, ти си — баба, баба Мендо, жими крст, баба!
БАБА МЕНДА: Бапки те надуле, Ставре! Не си ни ти… Веќе си се сторил старо аро, Ставре!
СТАВРЕ: Ништо, да си ми жива ти, баба Мендо, ќе ме подмладиш со маѓии… Како поп Наум… Сега без брадата е помлад…
БАБА МЕНДА: Брадата нему му ја избричи владиката, сполај му, да му ја имаме молитвата…
СТАВРЕ: (Сосем тихо и шепоти, во увото.) Велат, ти си му била маша на владиката, за пари…
БАБА МЕНДА: Маша, вжештена, да ги искорне тие погани јазици, што така зборуваат за мене сиромашката… Што имам јас со поп Наум… што работа…
СТАВРЕ: Велат, ти ја расипувал работата, ги учел печалбарските жени да не веруваат во твоето гледање и баење и во твоите маѓии, зашто си ги лажела дека ќе им ги вратиш мажите, само да им ги земеш парите, што тие им ги праќаат колку за леб и СОЛ.
БАБА МЕНДА: Е, што ги учел, како ги учел, тоа си е негова работа… Секој си бае, како си знае… Ако зборувал за мене така, грев ќе го фати!
СТАВРЕ: Убаво си му забајала ти нему, стара лисицо! Ајде за него веќе, ти нагазил на опашката!… Туку за сиротите жени печалбарски, грев голем си сторила, а најголем за Стефаница.
БАБА МЕНДА: Тебе пак многу ти е жал — што не си на местото од попот! На Стефаница, најголем грев и сторил нејзе мажот и што ја оставил така, да го чека цел еден век! А јас и сторив добрина: ете пред малку бев кај неа, и гледав, ја зарадував: ќе и го вратам…
СТАВРЕ: (Зајадливо.) А — а, сите печалбари што си идат дома, ти ги враќаш… А што не стори некоја маѓија да не одат на печалба!
БАБА МЕНДА: Та ти да имаш повеќе муштерии!
СТАВРЕ: Вистина. А ти би си ги загубила. Не си будала како Настрадин-оџа, да си ја сечеш гранката на која седиш! Сите печалбари работат за тебе. Печалбарските жени ти се тебе крави молзници. Од сиот Охрид и од сите села охридски.
БАБА МЕНДА: Ти е мака што не си на моето место, со млади невести! Пукни, Ставре, тресни! Ај пушти ме да си одам, се стемни! (Си отидува со брзи чекори.)
СТАВРЕ: (Вика по неа.) Оди си, баба Мендо! Побргу! Да не те начека некој во мракот, не за лицето, туку за ќесето, за парите нагнетени во пазувата…
БАБА МЕНДА: (Оддалеку.) Слана те попарила-а-а!…
ТРЕТА ПОЈАВА
СТАВРЕ
СТАВРЕ: (Се враќа зад шанкот.) Маѓосница! Пари прави! Само со шетање низ градот по жените… А ти седи овде — дреми цел ден и биди им мезе на мувите…
ЧЕТВРТА ПОЈАВА
СТАВРЕ И ЈОСИФ
ЈОСИФ: (Костенлив, од сонцето испечен старец, влегува со уморни. чекори, седнува на првиот стол и. тешко воздивнува.) Оф…
СТАВРЕ: (Со сочувство.) Ништо, дедо Јосифе?
ЈОСИФ: Ништо, бре Ставре, ништо! Вечерва — сува кора без чорба…
СТАВРЕ: Бура ќе не покваси? Дувна лош ветер, елешник.
ЈОСИФ: Море, полошиот — сметење, виор. Пајките туку се нуркаат во вода, другите пилци со писок прелетуваат на брег. А и рибите сетиле, па бегај на дно!
СТАВРЕ: И мувиве ја сетиле бурата, па а! на носов мој, жими крст! Разбирам зошто рибите бараат дно: таму е мирно. Ама мувиве… И зошто касаат толку?
ЈОСИФ: Кој враг ги знае… Јас, за рибите, ако ме прашаш…
СТАВРЕ: Ќе го прашам Никола. Него за се го учи распопот Наум, има секакви бубачки во главата, па ќе знае и за мувите…
ЈОСИФ: Е, Никола и сам: шетан човек — како учен.
СТАВРЕ: А нејќеш ли да тргнеш малце, дедо Јосифе?
ЈОСИФ: (Во големо искушение.) Ама… не оти да речеш нејќам, бре Ставре… Како сум капнат уморен… Грлово ми загорело… Туку кога не се уловило ништо… Не излезе ни колку за една ракија…
СТАВРЕ: Е, ама пак си ја заслужил, си се мачел, жими крст! (Му подава стодрамче.) На, тргни, раскваси го грлото!
ЈОСИФ: Ама… Е, колку пари чини што сум се мачел, кога не сум извадил. Знаеш како живееме: ден и комат, купи ден, помини…
СТАВРЕ: Е, де, можеш и на вересија,
ЈОСИФ: (Го зема стодрамчето.) Ајде нека се пусти! (Пие.)
СТАВРЕ: (Ослушнува: однадвор допираат груби, разжестени гласови.) Еве ги Јанко и Петруш. (Готви за нив ракија.) Разлутени се: ќе пијат…
ЈОСИФ: А-а! Пак се караат за таа пуста Америка.
ПЕТТА ПОЈАВА
СТАВРЕ, ЈОСИФ, ПЕТРУШ И ЈАНКО
ЈАНКО: (Влегува замислен и негде далеку занесен; седнува до Јосиф.) Море, пак велам јас: Америка, па Америка!
ПЕТРУШ: (Влегува по него силно, длабоко огорчен и злобен; седнуеа од другата страна на истото масиче.) Ракија, па ракија! Така велам јас.
СТАВРЕ: (Им подава ракија.) Ракија, ракија! Ај тргнете! Не можете вие без ракија, како рибите без вода, жими крст!
ЈАНКО: Е, Америка… Да е нешто поблизу!… Кој би си играл играчки овде со лигавиве плашици, што ти се измиголуваат низ прсти и остануваш голорак, кога таму имаш суво, жежено злато!…
ПЕТРУШ: (Зајадливо.) А—а! Таму златото се рине со лопата, лопато дрвена!
ЈАНКО: Ти скуси ја малце таа твоја лопата во устата, зашто…
ЈОСИФ: Не така, бре деца!
ЈАНКО: (Воздивува тешко, одејќи по својата мисла.) Е, да имам пусти пари за пат!…
ПЕТРУШ: И да немаш страв да си ја оставиш жената… Толку млада и убава…
ЈАНКО: (Пламнува.) Сега и за жената ќе ме задираш, бре… (Замавнува со стодрамничето.)
СТАВРЕ: (Вешто му го истргнува од раката.) Да го наполнам, Јанкула? (Се смее да го одоброволи.)
ЈАНКО: (Притивнат.) Тје, наполни го, кога остана несплескано од онаа дрвена глава…
ПЕТРУШ: Ништо лошо јас не реков, само ти ја пофалив жената… Туку, за кој сака да оди во Америка… Е, тоа ти е како во песната; „Кому му е грда жената, нему му е мирна главата…“.
СТАВРЕ: (Му подава полно стодрамче.) На, ова е за тебе, не да си ја цепиш главата!
ПЕТРУШ: Кој е крив што мозокот никако не ми запира, туку се врти, длаби како сврдел…
СТАВРЕ: Крив е Никола што отиде во Влашко на печалба, падна од скеле и си ја скрши ногата. (Сам си се смее на досетката, иако на другите не им е ни најмалку смешно.) Откако му се фатило коленото, фатила главата повеќе да му работи. (На Петруш.) Тој и тебе те научи…
ЈОСИФ: Не си уловил ништо… Децата чекаат гладни, а нема што да им се однесе… Маката те учи и те тера да мислиш. Е, пусти тешки времиња живееме! Тешки времиња!
ШЕСТА ПОЈАВА
СТАВРЕ, ПЕТРУШ, ЈАНКО, ЈОСИФ И НИКОЛА
НИКОЛА: (Влегува куцајќи јако: левата нога му е сосем укочена во коленото; се потпира со дебел бастум; седиува до Петруш.) Страшна бура иде! Ракија, Ставре.
СТАВРЕ: (Му подава стодрамниче.) Еве Никола. Со душа те чекам. Да те прашам нешто. Зошто мувите пред бура боцкаат како бесни?
НИКОЛА: Бурата е збеснато време, беснило на природата. Беснеат ветрови, води, облаци… Кршат, корнат дрвја, уриваат куќи, поплавуваат села, градови…
СТАВРЕ: Ама јас те прашав за мувите…
ПЕТРУШ: Море бре, и Ставренце везден си ја Цепи главата со големи работи — со муви!
НИКОЛА: Се што е живо, и најситна животинка, е врзано со природата. И човекот, колку да се откинал и да се оддалечил од неа… И во луѓето влегува нешто од тоа беснило…
СТАВРЕ: (Потврдува.) А — а! Ете и Петруш и Јанко вечерва… Им влегол ѓаволот… Само се караат… Та кажи им нешто од ванѓелијата, да ги посмириш. Ајде чтението за рибарите, што го научи од поп Наум.
ЈОСИФ: Кажи ки го, Никола.
НИКОЛА: Па… Еве… (Со мала нијанса. на карикиран црквен напев.) „Еден ден тргнаа рибари во чуновите свои по Морето Тиберијанско да ловат риба. Целиот ден ги фрлаа мрежите и ништо не уловија. Тогаш застана Исус на брегот и им рече: „Што имате за јадење?“ „Ништо“ одговорија, „ништо не сме уловиле.“. И им рече Исус: „Фрлете мрежа од десната страна на чунот!“ Фрлија, и одвај ја извлекоа од мноштво риби. И тогаш познаа дека е Исус. А тој им рече: „Елате и ручајте!“
ПЕТРУШ: Хе-хе-хе! Елате, ручајте. Тоа како нашиов Ставре: елате, пијте… да заборавите дека ништо не сте уловиле и дека не сте ручале… Вангелијата ти излегува некако како ракијата, за залажување, за опијување… Туку, слаба е и едната и другата! Правена…
СТАВРЕ: А, колку за ракијата моја, чиста е, некрстена, жими крст!
СЕДМА ПОЈАВА
СТАВРЕ, ЈОСИФ, ПЕТРУШ, ЈАНКО, НИКОЛА И СТЕФАН
СТЕФАН: (Со длабоко и остро врежани траги од тешки долгогодишни маки и страдања на лицето и со страшма бура во душата, криена од другше со привиден и напрегнато одржуван израз на душевна отапеност и примиреност со се, влегува со крената јака од палтото, со куфер в рака, седнува во аголот, каде е скоро сосем темно.) Добро вечер.
СИТЕ: (Со љубопитни погледи управепи на него.) Добро вечер.
ЈАНКО: (Со шепот.) „Американец“!
СТАВРЕ: (Му приоѓа на Стефан.) Патник?
СТЕФАН: Патник. Да се одморам малце.
СТАВРЕ: Ракија?
СТЕФАН: Може.
ЈАНКО: „Америѕанец“, се обложувам!
СТАВРЕ: (Му подава ракија на Стефан.) Од каде си брату?
СТЕФАН: Од Струшко.
СТАВРЕ: Од Америка се враќаш?
СТЕФАН: Од Америка.
ЈАНКО: Ете! Од Америка!
ПЕТРУШ: Е, ујгун работа! Токму на овој наш Јанко, што умира за Америка, за да му раскажеш како таму се рине злато со лопата.
СТЕФАН: Такви убави приказни не знам.
ПЕТРУШ: Како се печали…
СТЕФАН: Тје, тешко.
ПЕТРУШ: (На Јанко.) Ете, чу? Го гледаш братов? (Со иронија.) Наредил се златни заби!
ЈАНКО: Се враќаат и со златни заби. Ене, Глигор. Си спечалил.
СТЕФАН: Може, ако фатил некое дуќанче, ќоше, и други да работат за него. А ако работиш сам со своите две раце по рудници, фабрики, фарми, железници, кланици, градилишта, тогаш работиш за капиталисти, за компании, за фармери, предземачи…
ПЕТРУШ: Како овде за закупецот.
СТЕФАН: Така. Не им требаш повеќе — оди си! Скиташ од место во место; менуваш работи, се потешки од потешки; остануваш и без работа, и дури да најдеш друга, си ги изјадуваш парите што си ги печалил со години и после, ајде пак одново…
ПЕТРУШ: (На Јанко.) Ете, чу сега, главо дебела?
ЈАНКО: Јас, кога би отишол, дуќан…
СТЕФАН: А, ретко кој може, на стоте еден. Ни толку. Затоа, ако сакаш нешто да спечалиш, да донесеш дома, треба амалски да работиш, кучешки да живееш и многу, многу време да останеш таму…
ПЕТРУШ: А кога ќе се вратиш, ќе ти ја пеат песната:
Отиде момче на туѓина,
ми печали, што ми, печали,
на годината по три пари,
и од нив двете испросени.
ЈОСИФ: (На Стефан.) Ти колку време беше во Америка, синко?
СТЕФАН: Многу, многу!…
СТАВРЕ: Па, па! Не си женет?
СТЕФАН: Женет сум.
ПЕТРУШ: Оставил жена да го чека со години!
НИКОЛА: Јака и душа! Арно вели поп Наум дека печалбарските жени се јунаци, поголеми од Сирма Војвотка.
ПЕТРУШ: Е, од Сирма Војвотка.
НИКОЛА: Не помала јунаштина и треба на жената со години да си го чека мажот верно и да си ја дочува честа, отколку да гони арамии и да го брани народот од нив. Лесно ли и е да ги поднесува сожаливите погледи со кои ја гледаат… А кога понекој ќе ја погледа со похота… распалувана од самата помисла дека е сама жена без маж… Се мачи така, сиромашката како жива риба на жар, како… Е, кој може да ги измери и да ги искаже тешките маки и страдања на нашите печалбарски жени! Како тие со години, со години им остануваат верни на своите мажи, тоа е само за чудо и за сказна!
ПЕТРУШ: Море, жена ли е, не е многу за верување. Жената ти е ѓавол. Што вели прижазната, од ѓаволешка опашка направена… А распопот, и тој ѓавол и пол. И онака навидум: со брадата, како арсланот со гривата.
СТЕФАН: (Кој се што се зборува на таа тема го следи со пајдлабока заинтересираност, прави огромни напори да го задржи, привидното спокојство, но последните зборови како убоди со нож му го нарануваат срцето, та да 6и го скрил искривеното од болка лице, се свртува кон ѕидот со еден придавен звук.) А…
ПЕТРУШ: Туку, затоа владиката сам со својата рака со ножиците: штрак!
НИКОЛА: А, тој стар прч! Тој ќе ја вардел честа, што има осумнаесет деца се удавени и фрлени… што дури ендеците во Ресен смрдат од него, како што рече Антим Дебарски. Тој што натрупал на себе руба од триесет илјади, се само свила, злато и срма, — за полесно да ги засенува и да ги прелажува жените.
ПЕТРУШ: Тје, што ќе прави, кога не е млад и убав како поп Наум.
НИКОЛА: Поп Наума не сака да го види, зашто тој сакаше да чита в црква славјанско писмо, на наш јазик, што ни останал од стари времиња, од нашите први учители, солунските браќа Кирил и Методија, од свети Климент и Наум. Му ја даде еноријата негова на свој човек, туѓинец, што кога ти чита, на грчки јазик, и мајката да ти ја опсуе, да му речеш: „Амин, попе!“
ЈОСИФ: Така е. И, полошото: за една молитва, ти ја зема последната пара… А поп Наум знаеше од немаштина, чекаше. И без пари…
НИКОЛА: А за жените печалбарски, поп Наум нив ги разбираше, ги жалеше… Им беше како брат…
ЈАНКО: Повеќе би верувал да ја имаше брадата…
НИКОЛА: Море, ѓавол нека ја носи брадата! „Не ја жалам, вели, ич, само кога нема повеќе да ги венчавам тие страдалници. Тоа ми беше најтешко. Дошле пред олтар, се врзуваат, божем, за цел живот, а цел живот ќе бидат разделени. Тој од венчање — на печалба. Ако не сконча на туѓина, ќе се врати дома згрбавен, кашличав старец… А таа не ќе може да го познае, ќе се срамува и ќе се плаши од него како од туѓ човек… Колку пати ми дошло, вели, да му викнам на таков венчаник; „Што бре, се жениш! Што ја врзуваш со тешки синџири, пранги, оваа сиротица, кога мислиш утре да ја оставиш сама како сина кукавица… Жива в гроб… Што се венчаш!“
ЈАНКО: Ќе се венча човек, сака-нејќе! Треба да се врзе појако за своето, за татковото огниште.
НИКОЛА: „Кому му е толку мил родниот крај, вели, тој нека остане во него да живее“.
ЈАНКО: Да се живее, треба да се јаде. А оваа наша земја не не рани…
НИКОЛА: Рани нашава црна земја македонска, туку рани, турски аги и бегови, грчки патрици и попови и наши чорбаџии…
СТАВРЕ: (Се поисплашува.) Аман, бре Никола, ако тебе ти се лежи во дебарските затвори, немој мене да ми ја затвориш меаната! И ѕидовите имаат уши…
НИКОЛА: (Продолжува пак како да не го чул.) Тие се сити и прсеити. Во нивните кули, сараи, високи куќи се е полно и преполно…
ПЕТРУШ: Најубави јадења, пиења, жени…
НИКОЛА: А најарните, највредните синови на оваа земја одат на туѓина и таму си ја оставаат снагата, младоста…
ПЕТРУШ: А овде жените си ги оставаат на — најрасипаните, бесните…
СТАВРЕ: А, сега, пак и ти! Доста…
ПЕТРУШ: Доста. Ќе ги сонувам. А нив да ги сонувам, пострашно ми е отколку ѓаволи и вампири…
ЈАНКО: (Гледа надвор.) Дождот попрестана, може да се оди.
ЈОСИФ: И треба, зашто пак ќе плусне. Пиши, Ставре! Ај добра ноќ. (Излегува.)
ПЕТРУШ: Добра ноќ. (Излегува.)
ЈАНКО: Јас имам две стодрамчиња, Ставре! Добра ноќ! (Излегува.)
ОСМА ПОЈАВА
СТАВРЕ, НИКОЛА И СТЕФАН
СТАВРЕ: Добра ви ноќ! Ај да си купам плашици за вечера и малце леблебии и шеќерчиња за внучето дури не затвориле. (На Никола.) Чини малце мукает, Никола! (Излегува.)
ДЕВЕТТА ПОЈАВА
НИКОЛА И СТЕФАН
НИКОЛА: Ајде, ајде, Ставре!
СТЕФАН: Никола!
НИКОЛА: Што… кој…
СТЕФАН: Не ме познаваш? (Му приоѓа близу.)
НИКОЛА: (Го загледува.) Не… Само гласот некако…
СТЕФАН: Стефан… шура ти…
НИКОЛА: Стефане! Ти! (Го прегрнуѕа радосно.)
СТЕФАН: Како е Магда, мајка…
НИКОЛА: Добро. Сите сме добро. А ти… Е, бре Стефане! Колку си се изменил! Толку години! Многу седе, Стефане, многу брате!
СТЕФАН: Требаше уште… Малку спечалив…
НИКОЛА: А јас еве што спечалив!… (Се удира по осакатеното колено.)
СТЕФАН: Гледам… Е, Никола!…
НИКОЛА: Туку да зборуваме за тебе. Те разбрав… Се познава… Си чул…
СТЕФАН: Чув. Климе ми кажа…
НИКОЛА: Климе. И… поверува?
СТЕФАН: Пов… Не… Не сакав да верувам… Не сакам… Не можам… Туку пак… Еве. Еве… Дојдов…
НИКОЛА: Така… Те разбирам… Еј, Стефане!
СТЕФАН: А ти… Никола… Стар, верен другар… Што ќе ми кажеш? Само, те молам како брат… искрено?
НИКОЛА: Јас? Чу што реков преѓе за тој стар развратник?
СТЕФАН: Чув.
НИКОЛА: Налетија — кој рече, не згреши. Милка убава… а тој, од некое време, очите се во неа… Седнал среде в црква, на оној извишен владички престол, ги изврголил очите, сиот народ гледа, а тој — се во неа… И вангелијата кога ја чита, како на лицето нејзино да е напишано… Таа, сиромашката, премира од срам… И, престана да оди в црква. Арно ама тој, песот, од бес и од пизма, пуштил преку вештерката Менда збор… за со поп Наум… И, се размандараа зли јазици… Па и добри, чесни а лесноверни луѓе, токму затоа што се тресат за честа, заслепени и заблудени, — удри каде не треба. И инаку за најубавите жени најлошо се зборува. Уште повеќе кога честа ја брани убавината и не ја дава во
туѓи раце… Тогаш, што не можат да извалкаат рацете, — јазиците… Јазикот се може да извалка. И честа.
СТЕФАН: Честа!… Се е во тоа… Јас неа ја зедов повеќе заради нејината чистота, отколку заради убавината. Верувај, што ќе ти кажам, Никола, близу една година, дури пособрав пари за свадбата, бевме свршени, а таа ни еднаш за сето тоа време не ми даде да ја доближам устата до нејзината уста. Уста румена, набабрена, како малината до која седевме во градинчето… „Ако ти се брза, побрзај со свадбата…“ Еднаш се обидов онака малку и на сила… А таа така пламна од лутина и од болка, така ме стрелна со очите, полни со искри и со солзи… што повеќе и не помислив… До венчавањето… Веруваш ли, Никола?
НИКОЛА: Како не ќе верувам. Има кај нас такви. И тоа многу.
СТЕФАН: И уште со мајка ми покрај неа… Таа пак… Не сум ти кажувал, Никола?
НИКОЛА: Не знам, сум заборавил. Кажи.
СТЕФАН: Како девојка имала маки со еден пес бег, не смеела од дома да излезе. Еднаш и се разболело братчето и, да не го остави дедо, татко и, гладен, се решила таа да му однесе ручек на лозје. Оној пес да ја начека на пат, па да ја одвлече во еден густеш… А таа со каленикот, земјен, тежок, по глава и — го свалкала онесвестен на зсмја… Таква е мајка ми… Туку како и да е, се стои до самата неа… Никој не може да го дочува оној што не сака да се чува… А таа… Животот си го нејќам!
НИКОЛА: Немој така, Стефане, а брате! Држи се, не давај се! Е, Стефане, Стефане! Многу танчиш, длабиш… Многу црно гледаш!
СТЕФАН: Црно ми е во душата, Никола, многу црно!
НИКОЛА: Гледам… Болна ти е душата, израскината… Пустата туѓина никого не остава да се врати како што отишол: некој ќе се врати сакат, со рака, нога, а некој — со осакатена душа… Е, толку години разделен и да живееш! И таму, и овде. Телото таму, душата овде… Страшно е кога душа од тело се дели! Сум гледал на три пати луѓе на умирање: она тргање, она тресење, грчење, дури душата да се откине, да излета — мачење… Туку, колку да трае, пак бргу ќе се сврши, смртта ќе стави крај… А оваа разделба, ова раскинување со години, со години!…
СТЕФАН: Години!
НИКОЛА: Туку и на тоа има крај. Еве, си дојде најпосле, ќе ти се смири душата. Родниот крај залечува рани, го враќа загубеното здравје, преродува…
СТЕФАН: Не знам… Живеев само со една мисла: да спечалам колку треба. И кога ќе се вратам, парите да ги истурам пред неа и да и речам: „За тебе! Живот да живееш, човечки! Да бидеш најадена, наоблечена, нашетана!“. А сега… Ако е… Се со злато да ја наредиш од глава до петици, срамотата не ќе ја покриеш… Загубената чест не ќе ја вратиш!
НИКОЛА: Чест! Чест! Во Влашко имаше еден бакал. Жена му си ги мењаваше пријателите, како фустаните! Тој се гледа, знае и — ништо… И тоа што и е дома, везден до неа… А ние, сме ги оставиле нашите со години сами… И пак им бараме верност…
СТЕФАН: Јас — барам! Јас не сум заслужил да бидам посрамотен! Јас не се наоѓам крив што сум ја оставил!… Не сум јас крив, не!
НИКОЛА: Не си. Крива е немаштината и робувачката наша! Да си само ти… Сите раштркани по целиот свет, сите гурбетчии, печалбари… А колку се! Колку многу!… Никој, сакав да речам, од бес и од узур не си остава татково огниште, мајка, жена, свршеница… А за честа, таа е за нас… нешто… како варта во
малтерот, во зградата, таа спојува и држи цврсто, таа ни го држи татковото огниште, домот; без неа ни жените би не чекале нас, ни ние би се враќале дома… За сите нас честа е нешто големо, свето!… Туку кај тебе, Стефане има и друго…
СТЕФАН: Што, Никола…
НИКОЛА: Ти… како да речам… во се одиш најдалеку, го бараш најголемото, најубавото, најчистото… Кога ловевме риба на езерото, го тераше чунот кадешто има најубава белвица, во најдлабокото; кога дојде она со закупецот, ти бараше најмногу и се бореше вајмногу, кога пред тоа, се ожени, ја зеде најубавата девојка, на туѓина — ти најдалеку, и најмногу седе… Е, Стефане, пред седумнаесет години за твојата љубов песна се испеа! И за твојата разделба со жената… Ми се чини дека и твоето враќање е такво, што во песната ќе влезе… Од се срце те сакам, Стефане, Стефане, таа песна да биде радосна, радосна! Ајде оди си дома, Стефане, да си зарадуваш жена, мајка! Како те чекаат тие! Како можеш да седиш овде вака!…
СТЕФАН: Ми е страв, Никола… Кога ќе помислам дека е како што треба, ми иде веднаш да летнам, дома да се најдам… туку онаа друга мисла… ме тера да се вратам… Или — право в езеро…
НИКОЛА: Е, Стефане! Дотаму! Има овде за што да се живее, па и да се умре, ако затреба, Стефане! Ние започнавме борба со фанариотите.
СТЕФАН: Слушав за тоа. И се радував…
НИКОЛА: Со нив е и твојот стар душман закупецот, а главатар им е пак твој душман, владиката… сите народни душмани! Ти, каков те знам тебе, ќе бидеш со нас, меѓу првите.
СТЕФАН: (Силно ги стега вилиците и тупаниците и сета омраза и жед за одмазда ја излева во еден извик.) А!…
НИКОЛА: Сите чесни луѓе и сите сиромаси се со нас.
СТЕФАН: Убаво е тоа што ми го зборуваш, Никола, светло… Туку во мене е темнина, бура… Само една мисла свети, не, болска како молња, шиба, пали како огнен бич… Сакам да знам! Сакам да ја дознам вистината!… Само како, од кого… Еве, ти ми велиш вака, рибарите велат инаку… Мајка — таа може да затаи, од страв да не се отпадам, да не сторам нешто… Сестра ми исто така… А таа, самата… Е, жена… крие како змија нозе… Змија! Што рекоа рибарите, од ѓаволот!… Ти кажува ли…
НИКОЛА: Сам ќе видиш, ќе познаеш, по погледот, по гласот, по…
СТЕФАН: Жената умее да се преправа!… (Замислувајќи се интезивио и одејќи по своја скриена мисла.) А ти, Никола. не ме позна… Ни дедо Јосиф, со кого најмногу време ловев риби…
НИКОЛА: Многу си се изменил, Стефане! Каков беше! Лицето — опнато, мазно, како пастрмка полна со икра… А сега, бразди — бразди, длабоки, како да ги длабел со длето некој наш резбар.
СТЕФАН: Ги длабела туѓината, тешката работа, маката и тагата, мислата за дома, за… А и една несреќа во рудник. Ме извадоа со лицето сето израскинато. Докторите го искрпија… Кога се ѕидов во огледалото, сам не се познав. После и полошо: паднав тешко болен, многу време не можев да работам. Сите пари си ги дадов по доктори и лекови. А бев присобрал и мислев доста е, да се вратам дома И, пак од почеток!… (Извикува со повишен глас.) Не сум јас крив што останав толку време на печалба! (Посшвнато.) Не сум крив, нели Никола?
НИКОЛА: Не си, Стефане. Како крив? И јас ќе останев повеќе, да не ја скршив ногава… Ајде дома, Стефане! Каква радост ќе биде! Јас да ја зарадувам сестра ти. На село е. Сестра ми се разболе. Ајде, да го јавнам кончето. Што ќе
рече сестра ти да не и кажам веднаш… Ајде, утре рано сме кај вас! Сите заедно да се радуваме!…
ДЕСЕТТА ПОЈАВА
НИКОЛА, СТЕФАН И СТАВРЕ
СТАВРЕ: (Влегува. Му дава ќибрит на Никола.) Се забавив малку, Никола: чекав пресни риби…
НИКОЛА: Ако. Добра ти ноќ. (Поаѓа.)
СТЕФАН: (По него.) Добра ноќ.
ЕДИНАЕСЕТТА ПОЈАВАСТАВРЕ
СТАВРЕ: Ваша подобра! (Го зема тефтерот. Од далеку зататнува грмеж.) Ете ја!… (Нагло се смрачува.) Сосем се стемни… А „Американецот“ чуден… како од пекол да излегол… Како да не се враќа дома, туку — пак в пекол…
(3АВЕСА)
[/av_tab]
[av_tab title=’ТРЕТ ЧИН’ icon_select=’no’ icon=’ue800′ font=’entypo-fontello’ av_uid=’av-3odk6s’]
Сцената како во првиот чин. Бурна ноќ. Одајата е исполнета со темнина, низ која одвај се пробиеа слаба, треперлива светлост од кандилото. Одвреме навреме блесок на светкавица јарко осветлува се. Бурата беснее од почетокот со мали стивнувања, а при последната сцена достигнува кулминација.

ПРВА ПОЈАВА

ВАНЃА И МИЛКА

ВАНЃА: (Клекната пред иконата шепоти, молитва, отпрвин нечујно, а после се појако.)… ти, света пречисто, чувај го од лошо!… Дај му ум, мајко божја, да и се врати на мајка!… А ти, свети Никола, ако е на пат, на вода, чувај ми го, да ми стигне здрав и жив!… И ти клај рака, златен свети Клименте!… Врати ми го синот, господе, ти татко наш, што си на небото… и…
МИЛКА: (Стои крај прозорецот и се вслушува во бурното, кипнатото езеро; молитвата на Ванѓа и пречи и дури ја раздразнува и разжестува.) Кипи, езеро, бучи!… Доста со тие молитви и метании! Доста! Никој не ги слуша! Никој не ги гледа!
ВАНЃА: Не, ќерко! Не така! Не хули на господа, невесто! Прости и господе милостив! (Се крсти.)
МИЛКА: Господ! Да имаше господ, да беше малце милостив, ќе се смилуваше! Толку молитви, толку солзи пролеани, толку години! И ништо! Само верувај, надевај се и чекај! Чекање, само чекање! Господ!
ВАНЃА: Не така, ќерко. Реки солзи треба да пролееш, дури една да капне на неговата света десница. На мнозина на веков таа треба да се спушти, да помогне… Не сме само ние… Секој треба да си го чека редот и денот дури да му дојде…
МИЛКА: Така… Ами тој? Кого има тој? Една мајка, една сестра, и една… жена.,. Толку писма облеанн со солзи, толку молби: „Врати се! Дојди си!…“ И — ништо! Оф, да можам, колку што го сакам да го мразам! И уште повеќе да мразам! Да не сакам да знам за него… Како тој што не сака… Да можам да го колнам, наместо да се молам за него! Да го колнам, луто да го проколнам: да…
ВАНЃА: (Разгневена, и, повеќе, исплашена, сета во власта на мајчински инстинкт за одбрана на својата рожба.) Не! Уште само еден лош збор ако кажеш за него, за Стефе мој!… (Се прекинува, се стреснува од своето викање, од својот глас и од солзите и липањето на Милка, која исто така осетила каква болка му нанесла на мајчиното срце.) Не, ќерко! Јас, знаеш, лош збор не сакам да чујам за него… од никого, а од тебе…
МИЛКА: (Низ липања,) Јас… мајко… јас…
ВАНЃА: Прости ми, ќерко! Така да се изнавикам на тебе… А ти тоа… онака… од мака, од…
МИЛКА: Јас сакав друго… Инаку да го кажам… Туку не знаев како.. Се кипеше во мене… Ме тераше да викам да… Дури езерото да го надвикам. Дури тој да чуе таму далеку… Сакав него да го викнам, да си дојде!… Тоа беше пак молба, само посилна, многу силна. (Мала пауза. Го протрива челото со врвовите од прстите.) Се некако ми се меша во главата, ми се кине, ми се замрсува, ми се заврзува во јазли…
ВАНЃА: Не гледај го, невесто… езерото… како да те замајува некако… Ти ја завлекува мислата..
МИЛКА: Не се гледа… Темно… црна смола… само се слуша како врие, клокоти како некој грамаден котел на оган… Темно… ниедна ѕвезда на небо! Само светкавици се извиваат, беснеат по него… како огнени змии полни со зелен лут отров…
ВАНЃА: Не, добро ле, не мило на мајка, не така… не гледај… (Со бавно и благо движење ја навлекува завесата на прозорецот.) Така… гледај во кандилото, во иконана, во света пречиста… (Оди кон иконата и ја води за рака.) Ела, добро ле, да се помолиме… да ни го донесе… да си дојде… да молиме..
МИЛКА: (Како хипнотисапа, оди по неа.) Да си дојде… да молиме… (Одеднаш застанува, ја истргнува раката.) Кого?… Само него… Со писмата — ништо! Да има кој да помогне: гласот да му го однесе, зборовите, воздивките, липањата и плачовите да ги чуе! (Се занесува, како да е сама.) Дојди си, Стефе мил! Тешка тежина е цел век без тебе[ Темна темнина! Катран и отров е животот без тебе! Грдо и празно е овде се без тебе како небоно без ѕвезди! Дојди си Стефче, мил и премил! Сонце да ми светне, да ме огрее, да ме стопли!… Дојди си! Дојди-и-и Дој… (Мислата за грозната клетеа која се од почетокот и рие и копа во мозокот, избива со сета силина и од прекумерната, самозалагувачка, занесеност, ја фрла во безмерна безнадежност и очаеност.)
ВАНЃА: (Понесена, со истата сила на чувството.) Дојди си!… дој… (Се прекинува исто така, гледајќи ја со длабоко разбирање и сочувствување, промената кај Милка.) Што, невесто… Што одеднаш така молкна, гласот ти секна?… Каква мисла те пресече?…
МИЛКА: Ништо, мајко, така…
ВАНЃА: Црна мисла… како темен облак ти го замрачи челото… Криената мисла е илјадапати потешка. Кажи, душо, на мајка!
МИЛКА: Што да кажам… Како да кажам… Како да го искажам, со зборови, она што ме мачи, што ме кине, што ме притискува! Седумнаесет години да чекаш, само да чекаш, да живееш неживеан живот, седумнаесет години само да се надеваш и… одеднаш…
ВАНЃА: (Исчекува да продолжи.) Што?… (Пак исчекува.) Што — одеднаш?
МИЛКА: Одеднаш, да ја загубиш и — надежта!
ВАНЃА: Не разбирам…
МИЛКА: Ми е страв, мајко, ако чуе Стефе… за она… не ќе сака, не ќе може да се врати… Ќе поверува и…
ВАНЃА: Не! Ти реков, мене тој ќе ми верува, мене! Утре веднаш ќе му пратиме писмо за тоа…
МИЛКА: Писмо!… За тоа! (Напрегната обмислува.) Не! Чекај, мајко… да почекаме… да видиме… Можеби не чул, можеби не ќе чуе…
ВАНЃА: Па… да почекаме…
МИЛКА: А пак… ако чуе? Ќе чуе! А ако си дојде, овде бездруго ќе чуе!… И, ќе може ли, да не поверува? Ќе може ли?
ВАНЃА: Ќе може.. мене ќе ми поверува…
МИЛКА: А ако не… Ме фатил страв… Се мислам…
ВАНЃА: Не мисли толку, душо! Мислата крај нема: ум — море! Каде може мислата да те однесе, господ да не те однесе!.. (Ослушнујва: капакот од силниот ветар подмолно, со морничаво шкрипење на резите удира од време навреме.) Капакот од темничавата.
МИЛКА: Пак го откачил ветерот. Како злокобно удира! Како клепало на Велипеток… Како во мозокот да ми удира… (Ги притиснува дланките на слепоочниците.)
ВАНЃА: Ќе одам да го затворам. (Станува.)
ВТОРА ПОЈАВА
ВАНЃА, МИЛКА И СТЕФАН
СТЕФАН: (Тропа на портата и вика.) Отворете!
МИЛКА: (Сета претрнува.) А!… Некој тропа!…
ВАНЃА: (Обземена од радост помисла.) Господе! (Не маже да зборува од возбуда.) Ако е… ако е Стефан!…
СТЕФАН: Отворете, ви се молам!
ВАНЃА: Леле! Како гласот негов!… (Поаѓа кон вратата.) Оф, нозеве ми се пресекоа!… Да му отворам…
МИЛКА: Не, мајко! Чекај! Да прашаме прво кој е! (Го отвора прозорецот, викпува.) Кој е?
СТЕФАН: Патник!
МИЛКА: (Како да закопува уште едпа загубена надеж, го затвора прозорецот.) Виде, мајко?…
ВАНЃА: (Исто така горко разочарана.) Оф, пусто, не е Стефан…
СТЕФАН: Отворете, јас сум Стефанов другар, ви носам поздрав од него!
ВАНЃА: (Зарадувана.) Поздрав од него! О, сполај ти, господе, и на тоа! Бргу да му отворам! (Излегува.)
ТРЕТА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: Стефанов другар, поздрав од него! (Посуредува бргу по одајата.)
ЧЕТВРТА ПОЈАВА
МИЛКА, ВАНЃА И СТЕФАН
СТЕФАН: (Пак однадвор.) Што бура, бабо ле! Небото со земјата се составило и се измешало!
ВАНЃА: (Однадвор.) Синдилија и сила божија, синко ле! Многу си покиснал…
СТЕФАН: Како лилјак! Ова палто овде да го оставиме, жива вода е. И ова… Така. И капава.
ВАНЃА: Повели сега в одаја, таму е снаа ми!
СТЕФАН: (Влегува, фрла на Милка еден брз продорен поглед, полн со силина на здржани чувства и сосем прибрано, обично се поздравува со неа.) Добро вечер, Стефанице.
МИЛКА: Добро дошол…
СТЕФАН: Имаш многу поздрав од домаќин ти Стефан.
МИЛКА: Здравје да имаш.
ВАНЃА: Да си жив, синко ле, повели, седни! Така! (Се ракува со него.) Е, сега добро ни дошол, синко!
СТЕФАН: Добро нашол, бабо.
ВАНЃА: Како си ми со здравјето?
СТЕФАН: Арно сум, арно.
ВАНЃА: Да даде господ! Како Стефе мој да си го слушам! Пак и гласот твој некако ми намислува на неговиот…
СТЕФАН: Не само гласот, туку и инаку, во се многу личиме еден на друг… Другарите не викаат близнаци.
ВАНЃА: Да си жив и здрав, синко ле, што дојде да не зарадуваш! Не чу ти, невесто, Стефан бргу ќе ни дојде!
МИЛКА: Вистина?… (Не може да ја совлада силната радосна возбуда, солзи и полетуваат и, засрамена излегува, оправдуваќи го отидувањето.) Да донесам… Да послужам…
ПЕТТА ПОЈАВА
ВАНЃА И СТЕФАН
ВАНЃА: (И нејзе и се насолзуваат очите.) Е, е, ми се расплака душичката од радост… Ете и јас… (Си ги брише солзите со шамијата.)
СТЕФАН: (Гледајќи ја интензивно, одвај ги запира своите солзи.) Ма… Бабо… мајче намачено… Имаш зошто да се радуваш… Доста веќе си тагувала и јадувала. Син ти е веќе овде… така да се каже… Уште малце и ќе те прегрне, ќе те стегне… вака… (Ја прегрнува, но сало за миг, и веднаш се тргнува назад.) А како ти е… бабо, невестата?
ВАНЃА: Арна ми е, синко, арна ми е со здравјето.
СТЕФАН: Со здравјего… А инаку… онака… Ми рече Стефан да те прашам да ли имаш нешто да се поплачеш од неа?
ВАНЃА: Да се поплачам!…
СТЕФАН: (Ја прекинува.) Е, разбирам, не можеш пред туѓ човек лесно, тоа се знае, туку мене твој Стефе ме има како брат од една мајка роден: ништо од мене не крие. Та затоа ти, се што имаш, да ми кажеш, како нему да му кажуваш, а јас ќс му напиитам во писмо.
ВАНЃА: Ништо! Ништо немам, синко, за неа лошо да кажам!
СТЕФАН: Е, што ќе криеш… му кажуваш на син ти… Реков, преку мене на син ти… А тој и така веќе чул…
ВАНЃА: (Сета претрнува.) Чул…
СТЕФАН: Чул…
ВАНЃА: Чул! Порано од мене! Мене дури денес ми кажаа. Лага, синко! Гнасна лага! Таа е чиста како сонце! Како анѓел небесен!
СТЕФАН: Е, мајче… Анѓел! И самиот ѓавол бил, велат, отпрвин анѓел, па после згрешил, паднал и…
ВАНЃА: Таа не згрешила’ Таа не е падната! Никој неа не може да ја досегне! Ни со око, ни со поглед дури! Таа се затворена — жива закопана!… Таа од порта надвор не излегува! Само на големи празници в црква — со мене, се со мене! А од некое време и в црква не одиме зашто на владичкиот престол седнал самиот ѓавол, ’натема го…
СТЕФАН: Па дури и в црква не и требало да оди, кога попот идел често…
ВАНЃА: Не, синко! Тоа е таа гнасна лага! Попот идеше кај нас како кај сите што одеше, да свети вода…
СТЕФАН: Е, да идел така, не ќе му ја избричеа брадата.
ВАНЃА: И на најчесниот, на најчистиот човек може да се фрли кал. Кога можеа на снаа ми… Неа така да ја оцрнат… Неа, што за честа се тресе повеќе отколку за се друго на веков! Вака е, синко, каќо јас што ти велам! Вака да му напишеш на Стефан!
СТЕФАН: Арно, мајче, ќе му напишам…
ВАНЃА: И да му напишеш да си дојде! Веднаш да си дојде! Колку спечалил, да спечалил… И ние овде нешто сме пособрале, сме клале на страна, од тоа што ни праќаше, од што сме работеле туѓо… Ќе имаме да живееме сиромашки… да јадеме еден залак леб… Само доста веќе сами, разделени! Нека си дојде веќе еднаш! Ти се молам, синко, те заколнувам во што ти е најмило, — така да му напишеш.. И од твоја страна… Еве, гдедаш… (Солзите бујно и течат, таа веќе не ги запира, не ги брише.) Плачам и молам! Немам веќе зборови… Молам… Да си дојде дури е уште со време… дури не ми се згаснало огништето… без искра… Отиде, а не ми остави внуче… Куќата е празна, глува… во неа се темно темнило, сиво сивило… Да си дојде, куќата сосем да не ни се запусти! Сојот да не ни се затре! Да си видам мило внуче — младо фиданче, куќа отворена, од сонце огреана! Да си дојде!
СТЕФАН: (Веќе не може да издржи, готов е да и се открие.) Мајче! Ма… (Ја согледува Милка, пак силно пламнува во него љубомората и желбата да ја открие вистината и пак се повлекува во својата маска.)
ВАНЃА: (Откако слушнува чекори, се прибира бргу, си ги, избришува солзите.) А, ете ја! Не кажувај и за тоа… што чул, синко!
СТЕФАН: Арно, бабо…
ШЕСТА ПОЈАВА
ВАНЃА, СТЕФАН И МИЛКА
МИЛКА: (Влегува, со послужавник, го послужува Стефан со локум и вода.) Повели!
ВАНЃА: Добро ни дојде, синко!
СТЕФАН: Добро ве нашол. (Се послужува.)
МИЛКА И ВАНЃА: На здравје!
СТЕФАН: Здравје да имате.
МИЛКА: (Да ја прекине подолгата, мачна пауза.) Во тремот прокапало, мајко’
ВАНЃА: Нека капе, невесто, кога ќе си дојде Стефе, ќе ја препокриеме куќата. Така е, куќа без машка глава — глава без капа… Кого имаш дома, синко? Од каде си, не те прашав?
СТЕФАН: Од Струшко. Имам мајка и жена.
ВАНЃА: А колку години седе на туѓина?
СТЕФАН: Се… шеснаесет. Без малку колку Стефан ваш.
ВАНЃА: Шеснаесет години! Зошто, бре сиико, и ти и Стефан толку многу… Толку врсме да оставите мајка и домаќинка да ве чекаат, да…
СТЕФАН: Мајка! Домаќинка! Ами за кого седев јас толку таму? За кого појдов? Мајка ми, се работи, откако ја паметам од мал, дење ноќе, туѓо… Се зад чекрик, се в разбој… Кога ќе однесе: „Дебело си ми го испрела: лабаво си ми го исткалта!’’ Ќе се врати дома со малце пари и со многу солзи во шамијата… Сакав баре на староста да види бел ден! И сакав баре жена ми да не работи така цел век. Сакав, кога ќе се вратам да им донесам, да живеам живот, човечки… За нив јас се заробив и се закопав, жив се закопав в земја, во туѓа земја… Само за нив!
ВАНЃА: За нив, синко, за нив, ами за кого! Туку ете, помина и тоа, даде господ им се враќаш… Блазе си им! Е, е, и син ми така да ни дојде! Само да не умрам пред тоа… Само жива да го дочекам! Да не умрам со отворени очи! (Плаче.)
СТЕФАН: (Возбуден до солзи, би ја прегрнал, туку ја погледнува Милка и се савладува.) Ма… Ама… Немој така да плачеш бабо ле! Бргу ќе си дојде…
ВАНЃА: (Ги брише солзите утешена, разведрена.) Оф, да си жив, синко, што ме крепиш! Златен синко, гаспод ми те донесе…
СТЕФАН: Сега веќе треба да си одам. (Погледнува во Милка испитувачки.)
ВАНЃА: А, не! Какво одење! По овој кијамет!
СТЕФАН: Ако, бабо, знаеш како се вели: „Врне, грми, патот врви.“
ВАНЃА: Не, синко, овде ќе ноќеваш, гостин ќе ни бидеш!
СТЕФАН: Ама… (Се така гледа во Милка.)
МИЛКА: Мајко, треба да разбереш, човекот сака побргу да си појде дома, да си ги израдува своите…
СТЕФАН: Така е.
ВАНЃА: Не, доцна е веќе, ноќ… И дење пресретуваат по патиштата, господ да чува, камо ли ноќе…
СТЕФАН: А, кога поминав толку планини полни со арамии…
ВАНЃА: И нашиот крај не е чист… Е, го нема Кузман Капидан, да не брани…
СТЕФАН: В Америка од таа страна — слобода. Ноќе-дење оди каде сакаш.
ВАНЃА: Ќе останеш, синко, ќе ни кажуваш за таму, за Стефан…
СТЕФАН: Е, за тоа… арно, бабо!
ВАНЃА: А, така да си ми жив, синко! (На Милка.) Леле, невесто, го оставивме гостинот толку време в темница, само кандилцето! Запали го виделото.
СТЕФАН: (Веднаш.) Не! Кандилово ми е така некако… мило… ме потсетува на дома… пред да појдам на туѓина… Тогаш немаше друго, само борина и, пред празници, кандило…
ВАНЃА: Е, така… Сега да зготвиме малце вечера. Не можеме како што треба да те гостиме, што дал господ, ќе испржиме малце риба, пастрмка.
СТЕФАН: Риба! Пастрмка! Од кога не сум ја јал!
ВАНЃА: Ајде, невесто…
МИЛКА: (Веднаш излегува.)
ВАНЃА: Проштевај, синко што ќе те оставиме сам! (Излегува.)
СЕДМА ПОЈАВА
СТЕФАН
СТЕФАН: (Како да симнал маска од себе, променува одеднаш израз, глас, гестови.) Не можат да ме познаат. Кандилцево — светулка. Мајка, сирота, и обневидела… А таа… Како што ја оставив. Само, лицето позагаснато, устата подгорена… И тажна, многу тажна… (Гледа се наоколу.) И се како што оставив: камарчево, пернициве, пердињава, само се изветвено, излитено… А чекриков, сиот изискривен… Рачкава — излижана, истанчена од деноноќно, многугодишно триење со рака… Мајкина, па нејзина… (Ја опипнува и рачката како да ја гали.) И душемево, испопукано издлабено од неброени стапки… Се, се старо дотрајано… А пак убаво, мило, слатко татково огниште! Многу поминав многу видов, видов и сам ги ѕидав, палати високи, до небо извишени, — беговските сараи и чорбаџиските куќи — плевни, колиби пред нив. Па и од нив ти си ми поубаво! Во тебе ми се милите спомени, во тебе ми протекоа дни и години со најмилите: дедо, баба, тате, мајка, сестра!… И два мсесца со… неа! Ти си ми најмилото катче насветот! Туку, дали си ми чисто, непосрамотено! Дали отсега ќе ми бидеш рај, или пекол!… (Ја разгрнува завесата на прозорецот и
интензивио се вгледува, да би видел во темнината.) Јаболкницата! Не можам да ја видам јаболкницата! Темно како во рог! (Во тој миг блеснува светкавица и јарко го осветлува дворот со јаболкницата.) А! Се исушила (Како да оплакува најмило.) О мила моја јаболкница! Ни едно ливче на неа! Умрена!… А таа во писмата родила — се турила! Така, ете, знае да — лаже! А, ќе ја кушам! Само да не ме познае! (Се огледува во ѕидното огледало.) Огпедалото! Жолтнато… Се избраздило. Како лицево мое.. (Ја согледува во огледалото Милка, која со свеќа. в рака, помипува низ претсобјето.) А, ене ја! (Се свртува и ја викнува.) Стефанице!
ОСМА ПОЈАВА
СТЕФАН И МИЛКА
МИЛКА: (Застанува на вратата.) Ти треба нешто?
СТЕФАН: Влези!
МИЛКА: Уште не сме…
СТЕФАН: Влези, имам да ти кажам нешто…
МИЛКА: После… И мајка кога ќе…
СТЕФАН: Имам нешто насамо да ти кажам… За Стефан… Пред неа не можев… Од жал излагав… Влези… Да не чуе…
МИЛКА: (Влегува, оставајќи ја вратата отворена.) Што?
СТЕФАН: Затвори ја вратата! Угасни ја свеќата!
МИЛКА: А не, не… Што?
СТЕФАН: (Дувнува и ја угаснува свеќата): Тебе можам да ти ја кажам вистината: Стефан не мисли бргу да се врати.
МИЛКА: (За момент останува замрзната, потоа со грапав, растреперен глас.) Уште колку мисли?…
СТЕФАН: Па, уште две-три години.
МИЛКА: Уште три години!
СТЕФАН: „Жена ми, рече, ако ме чекала верно седумнаесет години, ќе ме чека уште три… А ако не… како сака… Може и да се премажи“.
МИЛКА: Да се премажам! Сега!
СТЕФАН: Што мислиш, си престарела? Не ќе се најде некој за тебе?… За таква, убавина… Каква убавина! Ете и јас… Жената би си ја оставил, а тој, будала!…
МИЛКА: Што зборуваш! Ти рече дека си му другар!
СТЕФАН: Не сум — откако те видов тебе!
МИЛКА: Не си му ни бил! Да си му бил вистински другар, не би така…
СТЕФАН: Не можам инаку! Од првиот поглед ти…
МИЛКА: Сиромашката твоја жена! Зошто чекала со години!
СТЕФАН: Чекала… Чекала, туку како? Дали верно..
МИЛКА: Многу си заслужил!
СТЕФАН: Ќе видиме колку сум заслужил јас, туку прво ти…
МИЛКА: Што јас…
СТЕФАН: Ова… Сакав да кажам… Како си го чекала ти твојот…
МИЛКА: Тоа јас си знам…
СТЕФАН: Ти си знаеш! А јас, јас… И јас сакам да знам! Како си чекала… Сакам да знам! Тоа сакам да знам, само тоа!
МИЛКА: Ти! Што ти… Ти гледај си за тебе и за жената твоја…
СТЕФАН: Мојата жена! Така е… Туку јас не можам веќе да мислам за мојата жена покрај тебе! Ти си таква убавина!… Кој знае колкумина така си… занесла… запалила… А и ти… И во твоите жили тече крв… И ти…
МИЛКА: Јас не знам што да речам, што да мислам… Гостин… Другар на… Не, не не! (Поаѓа да излезе.)
СТЕФАН: (И го препречува патот.) Не, чекај! Не оди си!
МИЛКА: (Гневно и молезливо во исто време.) Оди си ти! По ова… ти не можеш повеќе да останеш овде. Оди си! Веднаш!
СТЕФАН: Не! Не пади ме! Не плаши се: ќе молчам како риба… За Стефан повеќе не сакам да знам… Ни да го видам! А ти… најпосле, не ќе ти биде првпат… Попот…
МИЛКА: (Како прострелана.) Не! Лага! Гнасна лага! {Одеднаш се откинуво од тој што стом пред неа и се пренесува кај оној на тугина со ужасна помисла.) И тој… ја чул?…
СТЕФАН: А ти си мислела не ќе чуе, ништо не ќе се знае… Тје, кога не пазел многу попот… Па луѓето виделе… А сега, со мене, би било лудо да испуштиш ваква згода! Никој не ме познава, во темнина сум дошол, во темнина ќе си одам…
МИЛКА: И сам си темнина!
СТЕФАН: Нека сум! Нека се состави темнината со светлината! Ти си светлина! (Неизмерено зарадуеан и среќен од тоа во што веќе е уверен, неосетно преминува од кушање во пеколна љубомора, во луда игра, во која со еруптивна силина избиваат толку долги, години задржуваните, потиснуваните, копнежи желби, пориви.) Ти си светлина! Ти си пламен. Ме гориш! Изгорев за тебе! Погледај ме еднаш да видиш…
МИЛКА: Доста, се гнасам од тоа што те слушам!
СТЕФАН: Погледај како се топам пред тебе како грутка снегова на сонце! (Ја фаќа за рака.)
МИЛКА: (Ја отима раката.) Пушти ме! Ќе викам!
СТЕФАН: Не те пуштам! Не! Ќе те стегнам, ќе те прегрнам! (Ја опфаќа цврсто. Колку таа повеќе се разгневува и се отима, толку тој повеќе се радува, се радува како луд.) Така! Се браниш! Се отимаш! Така! Таква те сакам!…
МИЛКА: (Прави последен, очајнички напор, сама да се одбрани, да се отме, но напразно, па извикува.) Мајко! Мајко! Бргу!
СТЕФАН: (Надвор од себе од радост.) А викаш! А јас мислив само така… се преправаш… Така! Таква те сакам!… (Ја притегнува силно кон себе, готов веќе да и се открие, и ја пушта раката.)
МИЛКА: (Смртно навредена, во избезуменост од страв и во исто време од гнев, му ги впива прстите од двете раце во аратот.) Не, животот полесно ќе ми го земеш, отколку…
СТЕФАН: (Прави напори да го ослободи, грлото и да извикне, но само може да изговори нешто што би личело на нејзиното име.)
ДЕВЕТТА ПОЈАВА
СТЕФАН, МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Која нечеканото, нечовечно посегање на честа на куќата, сета ја стреснува и како да и ги враќа сите загубени и ослабени од староста сили, влегува со ѓум е рака и јаросно се устремува на Стефан, извикувајќи уште однадвор.) А, песу отпотаен!… Веднаш по нејзиното влегување јак ветар го
угаснува кандилото; одајата ја исполнува густ мрак и во исто време силен грмеж, така што не може ништо да се види ни да се чуе.)
(ЗАВЕСА)
[/av_tab]
[av_tab title=’ЧЕТВРТИ ЧИН’ icon_select=’no’ icon=’ue800′ font=’entypo-fontello’ av_uid=’av-2g0rmc’]
Сцената како во третиот чин.. Првите зраци на зората ја разредуваат густата, темншна и ги осветлуваат призрачно бледите лица на Ванѓа и Милка, кои обземени, обременети од немерлив и неподнослив ужас, натчовечки, измачени, седат на миндерот свиткани и стиснати една до друга.

ПРВА ПОЈАВА

МИЛКА И ВАНЃА

МИЛКА: (Исплашена, со широко отворени очи, викнува придушено, со гробен глас.) А! Мајко!
ВАНЃА: Ќерко ле!
МИЛКА: Пак ми излезе пред очи!…
ВАНЃА: Не плаши ми се, душо ле! Еве се разденува: виделината ги растерува сенките…
МИЛКА: Се разденува! Како секој ден! И по ваква ноќ!… Ноќеска како пеколот да беше се отприштил: како сите нечестиви да се бркаа, рикаа, мафтаа, фучеа со опашките како со огнени камшици… Како пламени јазици од под казаните пеколни да лижеа и да се креваа в небо… А сега — се мирно, тихо!… (Ја разгрнува малку завесата.) Од исток се растила румена светлина… Како самиот рај да се отвора!… Преку небото првите сончеви зраци се испружуваат како издолжени раширени прсти… (Одеднаш грозна асоцијација и го прекинува краткотрајното смирување пред величавиот мир на природата.) Прсти!… Раширени… Спружени и — стегнати… Впиени и… И пак се разденува!… Да би да ми се не раздени! Ден и виделина да не ме види веќе! Што стори леле, црна јас!…
ВАНЃА: Не, невесто! Ти не… Јас…
МИЛКА: Знам, мајко… Сакаш да земеш се на тебе… Туку не се може… Јас, мајко, јас… го…
ВАНЃА: Што зборуваш, ќерко ле! Како би можела ти… Слаба жена… Маж…
МИЛКА: Беше ислабен, изморен од долгиот пат… А јас… И самата се чудам… Рацеве ми се стегаа како клешти… Ми беше дошла не знам каква сила… Некој бес беше ме обзел… Умот беше ми се замрачил… Само една мисла ми светна како светкавица: зар некој така да посегне… Туѓа, машка рака на мене!…
ВАНЃА: И јас со таа мисла… Како го чув викот твој, нешто во мене се крена, ме понесе… Веднаш се сетив за она со песот бегот… Крвта ми зовре… Не знам како го најдов ѓумот, ми се чини сам ми падна в рака… Се стрчав и… Мислев, малку… колку да се тргне и да скрши глава, да си оди…
МИЛКА: И јас така некако… Не мислев… Не сакав… Сакав само да види дека… Да се тргне… А после не можев повеќе да слушам… Какви зборови излегуваа од тоа грло!… И затоа… (Како продолжување на мислата, прстите, сами од себе, се рашируваат и цврсто се стегнуваат свиткани.)
ВАНЃА: И сега кога ќе помислам што сакаше да стори… Арамија да беше, да сакаше куќава цела да ја плени и обере и да ја запали… Ама за честа на куќата, на снаа ми, на син ми!…
МИЛКА: Да сакаше да ме убие не ќе имав таква сила да се бранам и да… Туку сакаше од мене нешто од животот поскапо. Мајко, мајко! Да не му отвори!…
ВАНЃА: Оф, ќерко, Стефанов другар… Да знаев што човек е! Не знаеш што ти носи денот, што ноќта… Е, ни било судено…
МИЛКА: Судено… Осудени… А криви?… Ние не сме криви, мајко, нели?
ВАНЃА: Не сме…
МИЛКА: Срцево ми кажува дека човек може да стори нешто лошо, нешто најстрашно, и пак да не биде лош, и пак да не биде крив!…
ВАНЃА: Туку, душо, така добро мое, ние не сакавме ништо лошо… Немавме ни помисла лоша… Не сме кривн!
МИЛКА: Пак не ни е полесно… Како ќе живееме се со таа мисла, мајко!
ВАНЃА: Не ќе бидеме се вака, душо на мака! Ќе се позаборави… Со време,.. Времето се залечува… Ќе си мислиме пак за Стефе наш, ќе си го чекаме… Таа надеж ќе не крепи, ќе не крева… А кога ќе ни дојде, радоста ќе биде голема, голема и ќе ја потисне оваа црна мисла.
МИЛКА: Да може!… Да може да се заборави, сосем да се заборави! Инаку нема повеќе ни радост, ни среќа за нас!
ВАНЃА: Не.. Зошто… Ние не сме ништо криви…
МИЛКА: Пак.. Преѓе дури седевме и молчевме, одеднаш сосем ми се прекина мислата во главата, како конецот кога предеш, настана некоја празнина некоја темнина, ништо не знаев: ни каде сум, ни која сум, ни што сум сторила… Туку тоа беше само за еден миг. А да може тоа така за секогаш, сосем, сосем да се заборави!….
ВАНЃА: А, такво заборавање! Не дај, боже! Не, не, невесто! Не така! Речи, господ умот да ни го чува и да ни го крепи!… Тоа е и од неспиење: цела ноќ да не се мигне! Тоа што велиш, празнина, темнина… Те видов како за малку клепките сами ти се склопија, сонот…
МИЛКА: Не, мајко, не беше тоа сон! Каков сон! Какво спиење… по тоа!…
ВАНЃА: Сонот е посилен од се, ќерко, и од глад, и од жед, и од страв, и од се… Колку пати така се отимаш, се мачиш да не спиеш, да работиш до зора. А сонот те навасува: раката сама ја испушта рачката, главата климнува на чекрикот како на подзглавница и заспиваш… Да прилегнеш малце, невесто…
МИЛКА: Што зборуваш, мајко! Какво легнување! И да можам да заспијам, и на сон ќе ми дојде! Уште пострашно отколку на јаве… А! Песна!… (Ослушнува: од соседство одвај чујно допира, ведра, бодра мелодија.) Некој може да пее, да се радува! Да биде среќен! (Открива едно крајче од завесата.) Мариче од Недановци… Си го вади цвеќето по пенџерињата и со лице светнато како зора, пее… А невестата долу го мете дворот… Плочите светкаат под метлата како седефи… Како секој пат… Како секое утро… И по таква ноќ!… (Се тргнува од прозорецот.)
ВАНЃА: Се раздени веќе! Да појдам… Да видам… (Излегува.)
ВТОРА ПОЈАВА
МИЛКА
МИЛКА: Ја влече… И мене… Се пред очи ми е… Како да го заборавам! Како да побегнам од него! (Ја поткрева завесата, погледнува на езерото.) Оф, езерото! Какво беше сношти! Како да беше отвор на пеколот! А сега — огледало на небото… Мирно, тихо, Далги, далги, танки, проѕирни, се нижат по него како гердани од бисер!… (Понесена од асоцијација.) Ѓердани!… Врат… Прсти околу вратот… (Прстите и се свиткуваат и стегаат.) Се стегаа, впиваа… И…
ТРЕТА ПОЈАВА
МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Влегува.) Ми е страв да слезам… невесто… Ајде двете…
МИЛКА: И мене ми е страв…
ВАНЃА: Сакав… да го оплачам. Заради црна му мајка…
МИЛКА: И црна му жена…
ВАНЃА: Црни, црни тие и катроносани!… Сношти им заблазувавме… Среќата им беше на пат, близу… пеколот! А сега — огледало на небото… Мирно, тихо.
МИЛКА: Нека чекаат! Нека се надеваат!… Со надеж полесно се живее…
ВАНЃА: А незнаената несреќа, не е несреќа…
МИЛКА: (Се стреснува од својата помисла.) Мајко, да не виде некој сношти кога влезе, да не чу кога тропаше!…
ВАНЃА: Не. Бурата беше силна, темнина беше како катран, прст пред око не се гледаше…
МИЛКА: Кај Томевци светеше: уште седеа. (Одеднаш се стреснува. Погледот, неодоливо привлечен од нешто што таа сака да го избегне, и се приковува на едно место на подот.) Мајко Види!… Овде!…
ВАНЃА: (Се вгледува во исто место.) А… тоа… Гледам… Да покриеме… (Вади од долапот простирка.)
МИЛКА: Еве, овде… И овде.. А овие овде… крупни, темни, како две очи… Ми се чини ме гледаат… Ме горат како жарови…
ВАНЃА: Доста невесто… не гледај повеќе… (Покрива.) Така..
МИЛКА: Пак ги гледам мајко! Пак ме гледаат! Ме горат! Душата ми гори! Душата ме боли! Сета ми е огнени рани! Тешки! Јас да понесам на душа, на се згора, таква страшна тежина!… Најстрашна!… Нема ништо пострашно од тоа што…
ВАНЃА: Има! Пострашно ќе беше, ако тој беше го сторил тоа што сакаше!…
МИЛКА: (Се стресува од самата помисла.) Вистина, мајко! Тоа ќе беше уште пострашно! Вистина! Тогаш јас не ќе имав зошто повеќе да живеам, не ќе можев повеќе да го чекам Стефан! Не ќе имав образ да застанам пред него!… Тогаш само едно ми остануваше — право в езеро!… Вистина, меѓу едното и другото, пак поарно ова… Меѓу честа и смртта, пак поарно смрт! Честа е и над животот и над смртта!
ВАНЃА: Така е, душо! Човек живее на овој свет само за една чест! Ајде…
МИЛКА: (Притивната.) Ајде, мајко… (Излегуваат со бавни чекори.)
ЧЕТВРТА ПОЈАВА
МАГДА И НИКОЛА
МАГДА: (Извесно подолго време потоа, влегува бргу.) Боже! Нема нигде никој!
НИКОЛА: (Влегува полека по неа.) Тоа се знае, вели ти реков, рано е? А ти: ајде, па ајде!
МАГДА: Кога ќе можам да истрпам! Место не ме држи! Пусто сестринско срце не трае! Сакам братчето да си го видам!
НИКОЛА: Ќе го видиш, нели си дојде…
МАГДА: Каде е? Што ги нема?
НИКОЛА: Си спијат луѓето.
МАГДА: Досега да спијат, до ова време!…
НИКОЛА: Е, дошол човек уморен од далечен пат, море препливал, еј, море!
МАГДА: Само кога си дојде! Нека е се просто! Мили мој брате, само кога се врати! А Милка! Милата таа! Колку ли е радосна сега, среќна!
НИКОЛА: Среќна, многу, тоа се разбира.
МАГДА: И мајка, и таа, сирота, да види бел ден!
НИКОЛА: Така е тоа. Печалбата е како некоја долга, тешка, темна ноќ. Туку, ете, ќе дојде овој ден, враќање, а тоа е како најголем, најсветол и најрадосен празник, порадосен и од Велигден. Куќата се радува, куќни, родбина, сите се радуваат… Куќата се исполнува со светлина, со топлина, со милина… Срцето исто така… Очите светнати, лицата осмевнати, од устата се леат топли слатки, мили зборови… Сета тага и горчина, сите тегоби и маки, тргани со години, се прежалуваат, се проштаваат и некако и тие се прелеваат, преминуваат во радост…
МАГДА: Јас не гледам да са радува оваа куќа… Еве, се глуво, немо… Мене ми е некако… и чудно … и студено ми е околу срцево… Се постудено… Мислев ќе не пречекаат уште пред порта, да се испрегрнеме, да се исцеливаме, радоста да си ја разделиме… Маж… син… домаќин — дома! По толку години! Еј, по толку години! Та куќава треба да трешти, сета да трепти и да свети од радост!… А ваму — ништо!…
ПЕТТА ПОЈАВА
МАГДА, НИКОЛА И МИЛКА
МИЛКА: (Влегува и сета претрнува од лошо претчуство.) Магда…
МАГДА: (Скокнува веднаш и, не загледувајќи ја, не забележувајќи како страшпо изгледа, ја прегрнува.) Милке! Добро ни дојде Стефан!
МИЛКА: (Се истргнува од нејзината прегратка, во страшна недоумииа.) Стефан! Дошол! Не! Некој ве излагал!…
МАГДА: (Исто така во недоумица.) Не! Како!… Сношти Никола со свои очи…
НИКОЛА: Го видов… Стефан…
МИЛКА: Сте… Сте… (Не знае што да мисли, што да каже, лицето и, добива израз на неизмерлив очајнички напор да му се отме па кобното сознавање, кое загрозува да и ја помрачи свеста.) Не, не!… Не беше Стефан тој… Кој?… Што?… (Одеднаш се потонува во полна темнина на заборав. Останува со свеста, се одржува само она што така упорно се подржувало и со што се живеело долги години.) Стефан ќе си дојде! Ќе си дојде! Тој мене на разделбата ми ветуваше, ми се колнеше, како да ми пееше:
Не жали, мило либе, не плачи…
јас ќе си дојдам!
Не жали, мило либе, не плачи…
(Со бавни, нерамномерни чекори оди кон, ковчегот.)
МАГДА: (Ја прегрнува, и го трие челото, и се внесува в очи.) Милке ле, душо ле!… Освести се! Погледај ме! Ме гледаш? Јас сум Магда! Твоја Магда! Погледај ме в очи!
МИЛКА: (Пее.)
Твоите очи черешови, филџанови…
ШЕСТА ПОЈАВА
МАГДА, НИКОЛА, МИЛКА И ВАНЃА
ВАНЃА: (Влегува, викајќи уште од надвор.) Боже!
МАГДА: (И притрчува.) Мајко! Што е ова!…
ВАНЃА: (И приоѓа на Милка, ја фаќа за рамената.) Невесто! Душо!… Снао!… Невесто!… Оф!… Златен свети Науме, ти клај рака, врати и го умот!…
МАГДА: Мајко! Како?… Зошто?…
ВАНЃА: Леле, ќерко моја, не прашувај… Дојде сношти еден… Се кажа Стефанов другар… Посегна на невестата… и го… (Одвај чујно, со смртнички шепот.) Убивме…
МАГДА: (Исписнува, се удира со тупаница по глава, си ги трга косите очајнички,.) Леле, тој е! Сакал да ја искуша!… Леле, брате, што стори! Црна мајко, што сторивте! Си ја убивте среќата, што ја чекавте толку години! Го убивте Стефан!
ВАНЃА: (Одбивајќи ја и самата таа ужасна помисла.) Не! Што зборуваш, ќерко!
МАГДА: Леле, брате, мили брате!
ВАНЃА: Ама, Никола, што зборува таа…
НИКОЛА: Вистина Стефан беше… Го видов… Еве го палтото негово… (Го донесува палтото.)
ВАНЃА: (Изгубувајќи ја последната искра надеж дека убиениот не е нејзиниот син, како со палтото да го согледува него, го зграбува, го стиснува на градите и со се него сета вкочанета како покосена, испискувајќи, одеднаш се срушува на подот ничкум.) Стефане, сине! (Со тажачка напевност.) Оф, сине, што стори, што не се кажа… Како мајка да ми те не познае… Оф, Стефче, ле, сине ле, мајка толку да ми те чека, и — мајка да ми те убие, со раката што те лулала, растела и чувала… Зошто мајка девет месеци под срце те носи, крв и месо, живот ти даде, за сама да ти го земе!
МАГДА: Леле, пуста мајко!
ВАНЃА: Оф, да би сојот му се запустил на бездушникот закупец, што ми те натера на туѓина, сине еден на мајка!… Оф, пуста останала туѓина, пуста!… Пусто да му остане името и на тој што ја пушти таа страшна лага!… Зошто така ми се излага, Стефче, сине! Зошто на мајка не и поверува, чедо златно на мајка!… Оф, леле, црна јас!…
МАГДА: Леле, мајко, црна мајко!… Леле Никола, што е ова што се стори!
НИКОЛА: (Не можејќи да ги запре солзите.) Ова, ова… Ужас над ужаси!… Мислата не го побира… Само стегни срце…
МАГДА: Само се стега, запира… Ќе препукне! Пуста мајко, каде е?
ВАНЃА: Долу… Визба… Однесете ме… Над него да издивнам!
МАГДА: В изба!… Таткова куќа — гробнина! Леле, судбо грозна! Леле, пусти брате… За така ли си дојде… (Со Никола ја крева Ванѓа, која е сета вкочанета и вклопчена, неподвижна како труп.) Не можам повеќе ни да те тажам, сине ле… (Сосем омалаксува, гласот и се удушува во солзи и липање.)
МИЛКА: (За тоа време ја вади од ковчегот Стефановата облека, ја тресе, ја милува. Пее низ плач.) Зетовското! Ќе ми се облече Стефче во зетовското!… Ќе ми светне како сонце!…
Не жали, мило либе, не плачи,
јас ќе си дојдам…
ВАНЃА: Оф, црна снао мила, со мене заедно најцрна на веков!
(ЗАВЕСА)
[/av_tab]
[/av_tab_container]