Глаголски форми

Глаголски форми се разликуваат според тоа, дали се менува само глаголот (со наставки) или во склопот на формата има и некој друг збор освен основниот глагол.

Разликуваме прости и сложени.

 

Прости глаголски форми

 

Прости глаголски форми се оние што го содржат само глаголот. Тука глаголот добива различни наставки (флексии) и го среќаваме во различни збороформи. Односно, зборот не го менува своето основно (лексичко) значење, туку само граматичкото.

глагол (менуван по лице, број, време или начин со наставки)

Тоа се:

а) сегашно време (читам, читаш, чита; читаме, читате, читаат),

б) заповеден начин (читај; читајте),

в) минато определено (несвршено и свршено) време (читав, читаше, читаше; читавме, читавте, читаа – прочитав, ппрочита, прочита; прочитавме, прочитавте, прочитаа),

г) глаголска л-форма (читал, читала, читало; читале),

д) глаголска придавка (читан, читана, читано; читани),

ѓ) глаголски прилог (читајќи), и

е) глаголска именка (читање).

 

Сложени глаголски форми

 

Сложени глаголски форми се оние кои освен основниот глагол содржат и друг дел, помошен глагол или честичка.

сум (бев), ќе, би + глагол

Тоа се:

а) минато неопределено (несвршено и свршено) време (сум читал, си читал, читал; сме читале, сте читале, читале),

б) идно време (ќе читам, ќе читаш, ќе чита; ќе читаме, ќе читате, ќе читаат),

в) минато-идно (ќе читав, ќе читаше, ќе читаше; ќе читавме, ќе читавте, ќе читаа),

г) идно прекажано време (ќе сум читал, ќе си читал, ќе читал; ќе сме читале, ќе сте читале, ќе читале),

д) можен начин (би читал, би читале) и

ѓ) сложените форми со има/нема (имам, имав, ќе имам, сум имал, ќе сум имал + читано).


Прочитај повеќе за времињата во македонскиот јазик на следнава ВРСКА.

Прочитај повеќе за глаголите на следните врски:

  1. Морфологија – глаголи (матура)
  2. Глаголски групи и раздели
  3. Граматички категории кај глаголите
  4. Именски форми на глаголот

 

Scroll to Top