Бидејќи основната служба на придавката е да ја определува именката, таа од неа ги добива и своите граматички обележја.
Придавката ги има истите граматички категории како именката: род, број и определеност.
1. Родот кај придавките може да биде машки, женски и среден и зависи од именката до која стои. Односно, ако именката е од машки род, тогаш придавката ќе се прилагоди и ќе биде во машки род (дрвен стол), ако именката е од женски род и придавката ќе го преземе женскиот род (дрвена маса), а ако е од среден род и придавката ќе биде во среден род (дрвено столче).
Родот кај придавката е променлив во зависност од именката која ја определува.
На пр.: м.р. – добар човек; ж.р. – добра жена; ср.р. – добро дете.
(* Најлесен начин за определување и разликување на придавките од именките е родот. Кај именките тој е непроменлив, а кај придавките се менува.
На пр.: работливост – женски род кој не може да се промени (таа работливост); значи е именка;
работлив – машки род, но можеме да го промениме – работлива – женски род; работливо – среден род; значи е придавка.)
2. Бројот кај придавките исто така зависи од бројот на именката што ја определува. Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.
На пр: добар, добра, добро; добри.
3. Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.
Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).
На пр.: (добар) човекот – добриот човек.