Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » „Денови“ од Кочо Рацин

„Денови“ од Кочо Рацин

Песната „Денови“ е дел од стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.

Таа е лирска, социјална песна со аргатски мотив.

Денови

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

 

Според мотивот (аргатски), песната е под директно влијание на народната поезија. Со бавен ритам и патетичен тон се искажани елегичните чувства за тешкиот живот на македонскиот народ.

На почетокот од песната „Денови“, преку компарација, поетот ги опишува тешките аргатски денови. Тие се толку мачни, што како ѓердан од камења постојано висат на вратот од аргатот.

Рацин ги опишува аргатските денови, долги, неиздржливи, денови што започнуваат со надеж дека нешто ќе се смени, но завршуваат со истата тага и очај дека ништо не се сменило.

Употребувајќи го контрастот (наутро радост понеси — навечер тага донеси) тој го засилува чувството на безнадежност. И уште повеќе: со метафората „живот кучешки“ го завршува овој дел.

Врвот на незадоволството и деградацијата на наемните работници е претставена во третиот дел од песната.

Аргатите се принудени да работат за друг за да преживеат. Тие повеќе не се слободни луѓе, туку се робови на експлоататорите кои им плаќаат толку малку, колку да сврзат крај со крај. Повторно употребувајќи го контрастот (бели дворови — црни гробови) ја потенцира огромната социјална разлика (некој може да живее раскошно, а за другите гробот е доволен).

Во завршните стихови, во исчекување на барем малку оптимизам — го дочекуваме крајниот безизлез. Поетот го прикажува постојаното, трајно страдање на аргатите кои до крајот на својот живот ќе си го нижат ѓерданот од тешки денови. Метафорично го претставува како железен синџир од алки ковани.

 

Поетски јазик

 

Освен наведените стилски фигури (контраст и компарација), поетот употребува:

  • епитети (камења студени, маки големи, живот кучешки, скотски живот, бели дворови, црни гробови, синџир железен);
  • како и анафора (повторување на исти зборови на почетокот од стихот – роди се…, за себе…,нижи си…).

Песната ја сочинуваат осум строфи и тоа четири со по четири стиха (катрени) и четири со по два стиха (дистих).

Стихот е осмерец и не е римуван (бели стихови).

 

Прочитај ја целата стихозбирка „Бели мугри“.

 

 

 

Scroll to Top