Идно време е сложена глаголска форма. Со него се означува дејство кое се врши или извршува по моментот на зборувањето. Идноста не мора да се однесува само на моментот на зборувањето, туку и на идност по некој минат момент.
На пример:
Утре ќе одам на Водно.
Минатата недела ти кажав дека ќе одам на Водно.
Идно време може да се образува и од несвршени и од свршени глаголи. Се образува од честичката ќе и сегашно време од глаголот.
ќе + глагол во сегашно време
На пример, со глаголи од трите групи (а, е, и)
еднина
1л. ќе читам, ќе плетам, ќе носам
2л. ќе читаш, ќе плетеш, ќе носиш
3л. ќе чита, ќе плете, ќе носи
множина
1л. ќе читаме, ќе плетеме, ќе носиме
2л. ќе читате, ќе плетете, ќе носите
3л. ќе читаат, ќе плетат, ќе носат
- Одречна форма се образува на тој начин што негацијата не ја ставаме пред целата форма за идно време, односно пред честичката ќе: Не ќе можам да дојдам.
Значењата на идно време
Освен основното значење, со идно време може да искажеме и:
- минатост: Влегов во морето да се капам, и што ќе видам: полно медузи.
- заповед: Ќе направиш како што ти велам!
- претпоставка: Што мислиш, колку дрва има во паркот? Ќе да има илјада.
- севременост, во пословици: Ако си овца, секој ќе те стриже.
- повторливост: Секоја година кога ми доаѓаат гостите, ќе јадат, ќе пијат, ќе пеат и убаво си поминуваат.
- услов: Ако отидеш со него, враќање ќе нема.
За засилување на значењето на идност може да употребиме и форма образувана со: има/нема, честичката да и сегашно време од глаголот.
На пример: Денес има да учам цел ден.
Прочитај повеќе за другите времиња во македонскиот јазик на следнава ВРСКА.
Прочитај повеќе за глаголите на следните врски:
- Морфологија – глаголи (матура)
- Глаголски групи и раздели
- Граматички категории кај глаголите
- Именски форми на глаголот