Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » „Копачите“ од Кочо Рацин

„Копачите“ од Кочо Рацин

„Копачите“ е песна од стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
Таа е лирска песна со експресионистичко-револуционерен мотив.
„Копачите“ е последната песна во збирката и единствената во која поетот јасно повикува на борба против тешкиот аргатски живот, повикува на револуција.
Копачите

 

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

.

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

.

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!

.

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

.

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

.

На работа!
На труд!

.

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел, троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

.

Ораме со рало
но земjата ни златна
колку е богата!

.

На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јaд!

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

.

И в тaјa мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та биjат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јaд!

.

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

.

На работа!
На труд!

.

Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!

.

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!

.

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!

.

Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

.

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

.

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

.

Песната започнува со извична интонација со која се повикуваат работниците (копачките и копачите) да тргнат во новиот ден кој силно ќе светне (слободата).
Поетот ги повикува да се разбудат, да ја кренат главата од ропството во кое се наоѓаат и самите да си го создадат подобриот живот.
Во продолжение го опишува мизерниот живот на работниците, нивните страдања и работа од утро до мрак за да преживеат.
Поетското јас почнува да се поистоветува со работниците (пее во 1л. множина), тој е подготвен да им се придружи во борбата. Симболично, преку работата на копачите е претставена борбата и револуцијата (Да прокопаме меко / полињата родни) — тие треба да го сменат општествениот поредок за да живеат човечки.
Повикот за борба е содржан во стиховите: на работа, на труд! што го повторува трипати како рефрен за да ја потенцира неопходноста од револуција, која поетот ја сфаќа сериозно и сеопфатно.
Тој мисли на светска револуција, на револуција против сите експлоататори (Та не сме саде ние / та не сме саде тука).
Песната, за разлика од претходните, завршува оптимистички, односно со надеж за подобар живот.
На крајот, поетот је повторува првата строфа за да ја искаже својата увереност, а и уште еднаш да поттикне и да нагласи дека времето за револуција е дојдено.

 

Прочитај ја целата стихозбирка „Бели мугри“.

 

 

Scroll to Top