Коса црта (/) е правописен знак. Се пишува со или без белина од двете страни.
Коса црта со белини од двете страни се пишува:
- при одделување стихови кога не се подредени еден под друг;
На пример:
Се к’ти ноќта црна! / Се рути карпа — мрак! / И петли в село пеат / и зората се зори — / над карпа в крв се мие / и темнината пие / силно / светнал / ден!
- при одделување строфи кога не се подредени една под друга, се пишуваат две црти;
На пример:
Како на вратот ѓердани / ниски камења студени, / така на плешки денови / легнале та натежнале // Денови ли се — денови / аргатски маки големи!
Без белина се пишува:
- меѓу два збора наместо зборовите и, или, односно, напоредно;
На пример:
Употреби ги трите вида множина на именката сноп: снопови/снопа/снопје, во реченици.
- при означување два последователни временски интервала: часови, денови, месеци, годишни времиња, години, векови;
На пример:
Учебна 2018/2019 година.
Новата колекција есен/зима излезе во списанието.
- изразување сооднос на величини кога е испуштен предлогот;
На пример:
Дозволената брзина е 50 км/час. (се чита: километри на час)
- во адреси наместо низ;
На пример:
Ул. Социјалистичка зора бр. 2/3/22. (број 2, влез 3, стан 22)