Ликови од драмата „Македонска крвава свадба“ од Чернодрински се: Цвета, Спасе, Осман-бег, Дуко и други.
Како драма на судирот, сите ликови во неа се претставени црно-бело, како претставници на едната или другата страна.
Од една страна се сиромашните македонски селани кои кулучат на нивите од поробувавчите, но иако се поробени, се борат да ја зачуваат честа, името, верата, обичаите, самобитноста и гордоста, а на друга страна се поробувачите на чело со Осман-бег.
Односно, сите македонски селани се претставени позитивно: како чесни, мирни, достојни ликови, а Турците поробувачи, негативно, како: злосторници, насилници, убијци.
Цвета
Цвета е млада убава девојка која е принудена да работи на нива поради сиромаштијата. Таа е вљубена во Спасе и сака да ја оствари таа љубов. Иако ѝ се нуди убав и богат живот, таа не сака да го погази своето достоинство и да се продаде.
Непокорна е во своето решение, храбра во постапките кога му се спротивставува и му удира шлаканица на силникот, чесна и верна на својата љубов, но и на својот народ и вера.
Кај неа расте одлучноста што на почетокот се јавува само како идеја, да го даде животот, но не и честа. На крајот, одбранувајќи ја својата слобода навистина го дава животот истрајувајќи на своето — Турчинка не станува!
Осман-бег
Осман-бег е претставник на поробувачите, насликан целосно негативно. Тој е неприкосновен господар кој не прифаќа некој да му се спротивстави, па дури и поголемите од него (пресудата да ја ослободи Цвета).
Тој смета дека е господар на сѐ — на нивите, ливадите, добитокот, па и на луѓето. Затоа тој ја грабнува Цвета, сметајќи дека треба целосно да му припаѓа, како што му припаѓаат и други македонски девојки во харемот. Тој со сите насилнички средства сака да го добие она што мисли дека е негово. Толку е суетен и осветољубив што оди повторно да ја грабне Цвета.
Дуко
Дуко е претставник на помладата и понапредна генерација. Тој не сака да ги пее старите песни, туку новите — комитски. Неговото размислување дека сестра му треба сама да си го одбере момчето, а не родителите, е помодерно и нептријархално. Во себе носи нешто револуционерно, тој е со немирен дух и му се спротивставува на насилникот.
Дуко ги поведува луѓето да ја бараат правдата за неговата сестра, па дури е подготвен со сила да врати на силата. Сака лично да влезе во сарајот на Осман-бег, да се пресмета со него, да ја ослободи сестра си и на тој начин да ја истера правдата. Неговата решителност, храброст и подготвеност веднаш да реагира, ќе резултира со смрт — Осман-бег прв ќе го убие него.
Спасе
Спасе е сличен на Дуко, подготвен да ја одбрани неговата сакана. Ги мрази насилниците особено зашто се сеќава на смртта на татка си кој е убиен од турски силник. Иако во драмата Дуко е поизразито револуционерен, на крајот Спасе останува жив, го напушта селото и оди во планините за да им се придружи на комитите.