Чувството е основниот елемент на сите лирски песни. Народните лирски песни најчесто биле интерпретирани од жени, па затоа се нарекуваат и женски песни.
Македонските народни песни претставуваат дел од богатото фолклорно наследство на нашиот народ.
Народните песни се делат на: лирски, епски и лирско-епски.
→ Прочитај повеќе за народната литература
– обредни;
– митолошки;
– религиски;
– трудови;
– љубовни;
– семејни;
– песни за деца;
– хумористични;
– тажаленки.
Обредни песни
Најстари лирски песни се обредните. Во нив гледаме колку луѓето верувале во магиското дејство на зборот. Овие песни се пееле при прославувањето на празниците.
Коледарски лирски песни
Коледарските песни се меѓу најстарите обредни песни. Тие потекнуваат уште од паганското време (пред христијанството) и се пееле пред почетокот на новата година. Подоцна тие се поврзале со Христовото раѓање. Во нив се изразувале добри желби за здравје, среќа, бериќет, богатство, успех итн. Овие желби се искажувале од група коледари кои биле исклучиво мажи и кои ги импровизирале песните во зависност од ситуацијата.
Песните имаат едноставна содржина и неразвиена мелодија (како скандирање, рецитирање). Коледарите на постарите им посакувале здравје, почит од децата и внуците; на невестите – машко дете; на момите – да се омажат за саканиот… Домаќинките, пак, фрлале пченица врз коледарите и ги дарувале со пари, овошје и др. во зависност од имотната положба.
Песните го најавувале Божиќ, денот кога се празнувало Исусовото раѓање:
Збирајте се дечиња
Збирајте се дечиња
сред село на грејачка,
огон да си палиме,
за да си изгреиме,
оти после ќе одиме
Коледе да викаме
костени да збираме
за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме,
и прасе да јадиме.
Понекогаш коледарските песни имаат хумористична содржина:
Добро утро стара бабо
Добро утро стара бабо!
Дај ми колач и погача,
напи се вино и ракија,
појди в племна – запали ја,
сркни каша – попари се,
косни риба – убоцај се!
Лазарски песни
Лазарските песни се слични со коледарските, но се изведуваат од девојки накитени со венци од цвеќиња. Тие му припаѓаат на циклусот пролетни песни заедно со велигденските и ѓурѓовденските. Се пеат на Лазарова сабота, пред Велигден. Девојките и жените одат во група по улиците или домовите, ги пеат песните и бараат дарови. Најчести мотиви тука се љубовта и семејството. Особено нежни, лирски чувства среќаваме во песните наменети за децата:
Малечкоо, убоо, о Лазаре
Малечкоо, убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше
со јаболко играше.
Мајка ле му викаше:
Малечкоо убоо,
доста седе на диван,
доста играш с` јаболко
да н`те царот догледат,
да н`ти царство поклонит!
Уште речта не рече,
ми го царот догледа,
и му царство поклони.
Додолски песни
Особено интересни се додолските песни, односно песните за дожд. Тука доаѓа до израз вербата во магиската моќ на зборовите и на самиот обред.
Дај ми, Боже, темен облак
Дај ми, Боже, темен облак,
да зароси ситна роса,
да запраши црна земја,
да се роди жито, просо,
да се ранат сирачиња,
сирачиња, сиромаси!
Содржината на песната е едноставна и јасна. Во неа се бара дождот – спасител кој ќе го врзе плодот, кој ќе им овозможи на сиромашните да преживеат.
Песни за раѓањето, стапувањето во брак, смртта
Посебно значајно место во обредните песни заземаат песните поврзани со раѓањето, стапувањето во брак и смртта.
За раѓањето нема многу песни, а и тие најчесто се црковни поврзани со ритуалот на крштевањето. Најбројни се свадбарските песни. Според тематските одлики и обичаите поврзани со нив се издвојуваат песни што се пеат пред свадбата, за време на свадбата и по неа.
Моментот на разделбата на девојката од семејството е проследен со многу совети како таа да се однесува во новиот дом, но во следната песна е потенцирано дека новите роднини никогаш не ќе можат да ги заменат вистинските родители:
Прости ми, прости, еј мили татко
Прости ми, прости, еј мили татко,
оти ќе одам на туѓа куќа,
во туѓа куќа во туѓи луѓе.
Татко не ми је, татко ќе речам,
татко ќе речам, ќерко не велит,
мајка не ми је, мајка ќе речам,
мајка ќе речам, ќерко не велит.
Браќа не ми се, браќа ќе речам,
браќа ќе речам, сестро не велит.
Сестри не ми се, сестро ќе речам,
сестро ќе речам, сестро не велит.
Митолошки песни
Митолошките песни се создавани во паганскиот период, пред христијанизирањето. Словените имале своја митологија, свои богови и разни митолошки суштества, но за жал таа не е доволно проучена, па затоа сметаме дека не била доволно развиена како старогрчката, римската или германската.
Во митолошките песни често се среќаваат: самовили, змејови, ламји, русалки и други суштества кои биле олицетворение на природните појави. Овие песни се сведоштво на креативниот дух на непросветениот човек од минатото кој се обидувал да си ги објасни сите природни појави, болести, несреќи и судбини. Суштествата често имаат човечки облик, како на пример, самовилите кои се прекрасни девојки кои живееле по високите планини, под облаците. Тие често се среќавале со овчарите, па дури и станувале нивни невести.
Во следната песна е претставен немирниот дух на една самовила:
Самовила оро вила,
оро вила на планина.
Свекрва е викум викат:
– Самовило, снао мила
пушчи оро дојди дома,
от` ти плачит м`шко дете!
– А, свекрво, мајко мила!
Ќе ти пушча овца с млеко,
да нацицат м`шко дете:
ќе ти пушча тивка роса,
да иск`пит м`шко дете;
ќе ти пушча тивки ветер,
да заљељат м`шко дете.
Самовилата во оваа песна ги има сите човечки особини, но неодговорноста ја прави нечовечна. Таа оставила друг да се грижи за нејзиниот син, а таа се забавува и продолжува со моминскиот живот несвојствен за мајките.
Болестите биле чести непријатели на луѓето во минатото. Ужасните епидемии кои покосувале голем број животи често биле претставувани како стари баби. Чумата која завладеала во Скопје е претставена како стара, грда баба во песната:
Ќе те питам, бабо
Ќе те питам, бабо, да ми кажеш,
што е Скопје, бабо, умирено,
петли пеат, бабо, пци `рвјачат,
нема луѓе, бабо, да вреворат;
дали оган Скопје го изгоре,
дали Вардар го однесе?
– Ко ме питаш, дете, ќе ти кажа,
што е Скопје, дете, умирено;
нити огон Скопје го изгоре,
нити Вардар Скопје го однесе,
јас сум, дете, Скопје умирала,
за три дена, дете, за три ноќи.
Ја не сум си, дете, стара баба,
тук сум си, дете, црна чума.
Религиски песни
Кај религиските песни главни ликови се христијанските божества и светци. Во овие песни често ја среќаваме врската на митологијата со христијанството, па имаме песни со Св. Ѓорѓија со ламјата, Богородица со самовилите итн. Карактеристично за овие песни е тоа што се пореалистични и затоа, ликовите, иако се Библиски, имаат човечки особини и се занимаваат со вообичаени дејности.
Светецот Никола е многу омилен лик и го среќаваме како старец со бела брада кој се занимава со градење, земјоделие итн.
Цркви гради стар свети Никола
градил ги е со злато и сребро,
оште малко не се доградени,
не стигнало и злато и сребро.
Па се чуди стар свети Никола,
дек7 да најде злато и сребро,
да догради цркви, манастири…
Трудови песни
Трудовите песни играле улога на олеснување на работата на земјоделците, сточарите, дрвосечите, овоштарите, рибарите и др. Подоцна, со појавата на занаетите се појавиле песни поврзани со разните занаетчиски дејности.
Жетварски песни
Најмногубројни се жетварските песни. Во нив е претставен нашиот трудољубив човек, кој жетвата ја сметал за празник, иако е најтешкиот дел од работата, која се вршела без времетраење, на жешко сонце, со особен напор. Истакнат е натпреварувачкиот дух во кој рамноправно учествува и жената.
Македонската жена, не само тука, туку и во сите други песни е прикажана како силна, цврста, издржлива, па дури и како победничка во жетварските натпревари. Таа рамноправно работи на нива, жнее, копа, ора, а истовремено раѓа и се грижи за децата и домот. Иако секаде е потенциран патријархалниот дух, почитта кон главата на семејството, сепак јасно се гледа дека жената е столбот на семејството.
Трудовите песни се често проткаени со љубовни мотиви. Способната, силна, ведра, здрава селска жена е вистински мајстор во жнеењето и предизвикувач на натпреварот. Таа се обложува:
– Ако тебе ја наджнијам,
не ти сакам брза коња,
туку тебе добар јунак,
добар јунак да те земам.
И многу повеќе. Жената си дава слобода да ги изрази своите чувства, да го избере самата својот љубен, и да го каже најважното: дека за неа љубовта е пред материјалните богатства. Така било, така е и денес.
Аргатски песни
Посебен вид трудови песни се аргатските.
Аргатувањето, работењето на туѓ имот била честа дејност на сиромашниот Македонец. И тука учествувале и мажите и жените. Чести се и овчарските песни, но посебно тажен, елегичен тон имаат печалбарските песни кои кај нас се создаваат до ден-денес. Во нив се потенцира неизживеаната младост; оставањето на младата невеста и на уште нероденото дете; тешкиот живот во туѓина; долгогодишното отсуство; честата смрт од напорната работа или лошите услови; тажните носталгични чувства итн.
Печалбарски песни
Печалбарството е неисцрпен мотив, зашто е вековна наша судбина. Во минатото за корка леб, денес за поубав живот, Македонецот често се решава да ја напушти својата татковина. Иницијалниот поттик за тој чекор илјадапати ќе го преколне, ќе ја жали својата судба, но татковината не ќе може да ја преболи. Кај и да е, тој вечно ќе жали по своето огниште.
Зошто си ме мајко родила
Зошто си ме мајко родила, леле ле
цел живот не си ме видела,
ти си машко чедо родила, оф леле
и на друг си радост мајко дарила,
леле оф аман, леле ле
и на друг си радост мајко дарила.
Дење, ноќе одам скитам јас, леле леле
пеам, свирам, играм и плачам,
твојот лик го гледам секој пат,
оф леле леле
на тебе долгови ти враќам јас.
Херој биди мила мајко ти, леле ле
што си среќна ѕвезда родила,
јас ќе светам мајко како сјај, оф леле
за мојот мила мајко роден крај,
леле оф аман, леле ле
за мојот мила мајко роден крај.
Синот се прашува зошто воопшто е роден кога цел живот мора да биде одвоен од семејството, да печали, да ги враќа долговите. Тој пее и игра, но скришно тагува по својот роден крај, каде никогаш нема да се врати.
Овие песни се испеани со многу тажни тонови. Во следната, девојката ја проколнува туѓината, зашто нејзиниот сакан таму си ја пронашол среќата.
Туѓината пуста да остане
Туѓината пуста да остане
Која од либето ме раздели
Што го чекам време три години
Ќе ги прашам млади печалбари
Дали го видовте мојто либе
Од туѓина дома да ми иде
На трета година писмо прати
И ми пиша нема да се врати
Не се враќа друга си заљуби
И за неја тој си се ожени
Љубовни песни
Групата на љубовните песни во нашата народна лирика е најобемна. Основниот мотив во овие песни е љубовното чувство во сите негови варијанти и нијанси. Од првата средба, првиот поглед на улица, од мечтите за заеднички живот, неостварената љубов заради надворешни фактори (немање дозвола од родителите, различна социјална средина), остварена љубов и семејство, губење (смрт) на саканиот, па до верност до гроба, и многу други љубовни ситуации.
Љубовта прикажана во нашата народна песна е чиста, искрена, двострана, копнежлива, страстна, доживотна. Има песни во кои се изразува љубомората, зависта, пресметливоста, но тие се во многу помал број. Особено е истакната првата љубов која се почитува до гроб, и верноста како морална одлика на нашиот народ. Дадената заклетва мора да се почитува, а неразделната љубов е најчест мотив. Кога младите мора да се разделат, тоа никогаш не потекнува од нив туку од некој друг (родителите, маќеата, завидливите роднини, лицемерните пријатели или смртта).
На едноставен, но многу силен начин е претставена невозвратената љубов во следната песна:
Нели ти стига
Откако те млада заљубив
и по тебе памет изгубив.
Нели ти стига мојата младост
кажи ми ти,
и на мојте зборој поверувај им.
Се што имав, се ти подарив,
сета младост си ја изгубив.
Кажи ми, кажи кој те милува,
кој те гали кој те успива.
Со сличен мотив, неостварена љубов и тага за изминатата младост е и песната:
Ајде дали знаеш паметиш Милице
Ајде дали знаеш паметиш Милице
Кога си бевме малечки де-еј
Кога си бевме малечки Милице
Ај кога се двајцата љубевме
Ај кога се двајцата љубевме Милице
Во чичовото градинче де-еј
Во чичовото градинче Милице
Ај кај шарените цвеќиња
Ај кај шарените цвеќиња Милице
Трендафил цвеќе цутеше де-еј
Трендафил цвеќе цутеше Милице
Ај на градите ти паѓаше
Ај на градите ти паѓаше Милице
Ти на скутот ми спиеше де-еј
Ти на скутот ми спиеше Милице
Ај тогаш ти лице целував
Ај тогаш ти лице целував Милице
Лице ти беше спотнато де-еј
Лице ти беше спотнато Милице
Ај на срце оган ти гореше
Ај на срце оган ти гореше Милице
Ти мене жално ме гледаше де-еј
Ти мене жално ме гледаше Милице
Ај од очи солзи ронеше.
Љубовните песни често се поврзани со градскиот живот, како што е песната:
На Струга дуќан да имам
Што ми е мило ем драго
На Струга дуќан да имам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.
На Струга дукан да имам
На кепенците да седам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.
На кепенците да седам
Струшките моми да гледам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.
Струшките моми да гледам
Кога ми одат на вода
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.
Песната е весела, разиграна, но стихот: срцево ми го изгоре, ја покажува силната љубов и страст што ја чувствува момчето, секојдневно чекајќи да помине неговата сакана крај него.
Во љубовните песни, освен љубовта меѓу младите, може да биде прикажана и мајчината љубов.
Најубав пример за тоа е познатата песна Распукала Шар Планина.
Распукала Шар Планина
Распукала, распукала Шар Планина,
Ајде распукала, распукала Шар Планина,
Ми поклопи, ми поклопи три овчара,
Ајде ми поклопи, ми поклопи три овчара.
Први овчар, први овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам жена, имам жена што ме жали,
Ајде имам жена, имам жена што ме жали.
Втори овчар, втори овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам сестра, имам сестра што ме жали,
Ајде имам сестра, имам сестра што ме жали.
Трети овчар, трети овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам мајка, имам мајка што ме жали,
Ајде имам мајка, имам мајка што ме жали.
Жена жали, жена жали ден допладне,
Ајде сестра жали, сестра жали дур је дома,
Мајка жали, мајка жали дур до гроба,
Ајде мајка жали, мајка жали дур до гроба.
Во песната, со градација е претставена љубовта на мајката која жали по своето дете целиот живот.
Песни за деца
Песните за деца се едноставни, куси песнички, често брзозборки кои имаат едукативна содржина (да поучат).
Тука спаѓаат приспивните песни, песните за животните и растенијата, залагалките, бројалките итн.
[av_heading heading=’Хумористични песни’ tag=’h4′ style=” size=” subheading_active=” subheading_size=’15’ padding=’10’ color=” custom_font=” av_uid=’av-7az8u7′][/av_heading]
Смилата за шега јасно се огледа во нашите хумористични песни кои се во голем број.
Зајко младоженец
Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко, токмо младожења
Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко,зајко да се жени, зајко кокорајко
зајко сербеслија упрчил мустаќи
си натресол гаќи, нагрнал џамадан
капа писќулија, море, токмо младожења.
Ми ожеил зајко лиса удовица
свеска испосница, личи на невеста.
Ми поканил зајко, китени сватови
мечка месарија, вучица кумица, ежо тапанџија.
Рефрен:
Дејгиди зајко ерген мераклија
Се накити лиса, лиса удовица,
маза размазана, селска визитарка.
Кога виде зајко, ’рти ем ловџии,
се уплашил зајо, личен младожења.
Па си тргна зајко, низ Солунско поле,
таму си сретнал зајко, до два-три ловџии
ем они си носат пушки сачмајлии,
‘рти ем загари, све одбор ловџии,
море, силни нишанџии.
Па си летнал зајко, зајко да ми бега,
зајко кокорајко, лишен младожења
си искинал гаќи, размрсил мустаќи,
искинал гаќи, расмрсил мустаќи,
искинал џамадан, викнал се, провикнал;
море не сум младожења!
Тажачки песни
Тажачките песни или тажаленките се песни кои се пеат на погреби.