Почетна » македонски јазик » морфологија » Лице, род и број кај глаголите

Лице, род и број кај глаголите

Глаголите имаат повеќе граматички категории меѓу кои: лице, род и број.

 

Граматичка категорија лице

 

Под категоријата лице се подразбира учесникот во говорот.

Глаголите се согласуваат со личните заменки и тие имаат форми за трите лица во еднина и множина.

Прво лице (1л.) е лицето што зборува;
второ лице (2л.) е лицето кому му се зборува;
трето лице (3л.) е лицето за кое се зборува.

Лицето кај заменките се изразува со посебна форма (лексички), а кај глаголите со наставка (морфолошки).

а) Глаголите што имаат промена по лице се викаат лични.

На пример: Денес ќе одам на училиште.

Глаголот оди е личен бидејќи можеме да го менуваме во сите три лица: одам, одиш, оди

б) глаголите што не разликуваат лице се викаат нелични (плетење, плетен, плетејќи).

Всушност се работи за именски форми на глаголот – глаголска именка, глаголска придавка и глаголски прилог. Во јазичниот израз нив може да ги замениме со лични форми.

На пример: Големо задоволство ми причинува плетењето.

Или: Големо задоволство ми причинува да плетам.

в) безлични се оние глаголи кои имаат форма само за трето лице, но всушност не го означуваат лицето (грми, студи, врне).

Кога се употребуваат овие глаголи во реченица, подметот, вршителот на дејството, односно лицето е непознато. Обично, тоа се природни појави.

На пример: Денес многу врнеше.

(ако го побараме подметот со прашањето кој, кој врнеше? – нема да добиеме одговор)

 

Граматичка категорија број

 

Глаголите имаат број, односно имаат форми за еднина и множина.

Личните глаголи имаат форми за трите лица во еднина и трите лица во множина.

На пример:

Во еднина – Јас читам. Ти читаш. Тој чита.

Во множина – Ние читаме. Вие читате. Тие читаат.

 

Граматичка категорија род

 

Глаголите немаат род.

Само неличните глаголски форми имаат род. И тоа:

а) глаголската придавка – плетен (машки род), плетена (женски род), плетено (среден род) и една форма за множина (плетени);

б) глаголската л-форма – плетел (машки род), плетела (женски род), плетело (среден род) и една форма за множина: плетеле;

в) глаголската именка – се јавува само во среден род – плетење, и има една множинска форма: плетења.

 

Scroll to Top