Почетна » македонски јазик » морфологија » Минато определено свршено време (аорист)

Минато определено свршено време (аорист)

Минато определено свршено време е проста глаголска форма. Со него се искажува глаголско дејство кое се извршило во минатото во присуство на лицето што зборува.

Се образува од свршени глаголи.

Минато определено свршено време се образува од општиот дел на глаголот, основниот вокал и наставките:

 

еднина
1л. -в
2л. /
3л. /

множина
1л. – вме
2л. -вте
3л. -а

 

На пример:

Глагол од а-група

 

еднина
1л. прочит-а-в
2л. прочит-а-/
3л. прочит-а-/

множина
1л. прочит-а-вме
2л. прочит-а-вте
3л. прочит-а-а

 

Глагол од и-група

 

еднина
1л. изработ-и-в
2л. изработ-и-/
3л. изработ-и-/

множина
1л. изработ-и-вме
2л. изработ-и-вте
3л. изработ-и-(ј)а

 

Глагол од е-група

 

еднина
1л. запр-е-в
2л. запр-е-/
3л. запр-е-/

множина
запр-е-вме
запр-е-вте
запр-е-а

 

Во примерите се издвоени: општиот дел (коренот), основниот вокал и наставките. За деловите на зборот прочитај на следнава ВРСКА.

 

  • Кај глаголите од и- и е-група чиј општ дел завршува на самогласка, во 3л. множина се јавува наставка – ја (наместо -а): пееја, пиеја, спиеја, итн. (Според правописното правило дека во македонскиот јазик не може да стојат три самогласки една до друга, оваа наставка е логична појава.)
  • Можеме да забележиме дека, за разлика од минато определено несвршено време, глаголите од и-група го задржуваат својот основен вокал и.

 

Други значења на минато определено свршено време

 

Освен основното значење на засведочени завршени дејства, со ова време можеме да искажеме и:

  • идност: Побрзај, те фати ноќ. (Побрзај оти ќе те фати ноќ.)
  • условно значење: Те видов ли со него, тешко тебе. (Ако те видам со него, тешко тебе.)

.

Прочитај повеќе за другите времиња во македонскиот јазик на следнава ВРСКА.

Прочитај повеќе за глаголите на следните врски:

  1. Морфологија – глаголи (матура)
  2. Глаголски групи и раздели
  3. Граматички категории кај глаголите
  4. Именски форми на глаголот

 

 

 

Scroll to Top