Морфеми се делови од зборот со лексичко или граматичко значење. Зборовите имаат коренски и афиксални морфеми (афикси).

Разликуваме повеќе видови афикси.

А. изведбени (зборообразувачки) морфеми:
а) префикс (претставка) – влегува во составот на основата и се наоѓа пред коренот;
б) суфикс (наставка) – се наоѓа зад коренот, а пред флексијата;
в) интерфикс – се наоѓа меѓу две коренски морфеми.

Б. граматичка (формообразувачка) морфема:
г) флексија – се наоѓа на крајот од формата на зборот (ја означува промена на род, број, лице, вид итн.)

 

Вежби за морфеми

 

1. Образувај што повеќе зборови додавајќи афикси на зборот СЕДИ.

седи:

коренот на зборот е СЕД

по-седи, до-седи, сед-не, тро-сед, сед-ло, сед-ало, сед-нат, сед-ење, сед-нува, со-сед, со-седно, со-сед-на-та; итн.

2. Определи го коренот во следните зборови: помали, научен, топка, поштар.

помали: по-МАЛ-и

научен: на-УЧ-ен

топка: ТОПКА

поштар: ПОШТ-ар

3. Кои од следните зборови имаат повеќе од еден префикс: раскина, изнакажа, подзастана, смисли, разграбува, изнасмеа, разнижува, разнебитува.

ИЗ-НА-кажа,

ПОД-ЗА-стана,

ИЗ-НА-смеа,

РАЗ-НЕ-битува

4. Подели ги зборовите на морфеми: претскажуваат, размислувам, смисловен, значенската, класификација, расцветан.

прет-с-каж-ува-ат: КАЖ – е коренска морфема; прет и с се префикси; ува е суфикс; ат (флексија).

раз-МИСЛ-ува-м

с-МИСЛ-ов-ен

ЗНАЧ-ен-ска-та

КЛАСИФИКАЦИ-ја

рас-ЦВЕТ-ан

5. Определи кои зборови на крајот имаат зборообразувачки, а кои формообразувачки морфеми: овчар, седумка, решетка, гледам, очиве, шетајќи, прсти, прстен.

Зборообразувачки (оние што создаваат нови зборови):

овчар, седумка, решетка, прстен.

Формообразувачки (граматички, означуваат некое граматичко својство):

гледам (-м, наставка за означување прво лице сегашно време)

очиве (-и, наставка за множина; – ве, наставка за определеност, член)

шетајќи (-јќи, наставка за образување глаголски прилог)

прсти (-и, наставка за множина).

6. Определи ги и именувај ги морфемите во следните зборови: вратоврска, тросед, двоглед, милозвучен, триаголник.

Примерите се зборови составени од два збора и затоа сите се поврзани со интерфикс.

вратоврска: врат (корен) – о (интерфикс) – врс (корен) – ка (суфикс)

тросед: тр (корен) – о (интерфик) – сед (корен)

двоглед: дв (корен) – о (интерфикс) – глед (корен)

милозвучен: мил (корен) – о (интерфикс) – звуч (корен) – ен (суфикс)

триаголник: тр (корен) – и (интерфикс) – агол (корен) – ик (суфикс)