„Печалбари“ од Антон Панов

„Печалбари“ е драма од Антон Панов. Тоа е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот.

Карактеристики на драмата

 

„Печалбари“ е драма во четири чина и драмско дејство развиено во пет етапи.

Етапите во драмата се:

  • експозиција — запознавање со ликовите и Јордан како носител на семејната трагедија;
  • заплет — Костадин, како носител на новите сфаќања (против купување на невестата и против печалбарството);
  • кулминација — доаѓањето на Јордан да си ги земе парите;
  • перипетија — печалбарскиот живот, болеста и смртта на Костадин;
  • расплет — враќање на печалбарите, предавањето на парите и судбината на печалбарската жена.

„Печалбари“ е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот.

Битово — значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на Македонците; а социјална, бидејќи е прикажан судирот меѓу богатите и сиромашните и печалбарството — како нужност да се спечали.

Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето е принудено да оди на печалба.

Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: печалбарството, мотивот на парите, мотивот на љубовта и на традицијата. Парите се сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за купување невеста, за уништување на семејството, за одење на печалба и смисла за живеење (на Јордан му се и срце и душа).

Идејата во драмата е да го прикаже животот на Македонците во првата половина на XX век.

Дејствието се случува во едно село во Западна Македонија (освен една сцена во Белград) кон крајот на триесеттите години од XX век.

Прочитај ја целата драма „Печалбари“.

 

Содржина на драмата

 

Прв чин

 

Во првиот чин од драмата е претставена богата македонска куќа, домот на девојката Симка.

Преку разговорот на Симка со своето помало братче Стојче, авторот нè воведува во светот на драмата. Таа му дава да јаде и го распрашува што дознал. Тој кажува дека уште утрото се најавиле стројници од две страни: од Ѓурѓиновци за Јован (од богато семејство) и од Итромановци за Костадин (сиромашен, но кого Симка го сака).

Братчето е наклонето кон побогатите бидејќи тие ќе му дадат повеќе подароци, на што Симка му одвраќа: „Магаре ниедно! Уште од малечко со татковите очи гледа…“

Јордан е нивниот татко, богат лихвар, кој гледа сè низ призмата на парите.

Во куќата доаѓа прво Божана, мајката на Костадин. Во разговорот со Рајна, мајката на Симка, дознаваме дека таа е вдовица и дека Костадин е нејзиното единствено дете за кое би направила сè.

Се појавува Јордан, кој е многу љубезен со Божана. Таа веднаш му кажува за што е дојдена — да ја побара Симка за Костадин. Јордан се согласува, го пофалува Костадин како млад, здрав и работлив, но споменува дека тој не бил на печалба, па веројатно нема пари за да гледа семејство и да си ја откупи невестата. Тој ја кажува цената — триесет лири, облека, појас, сребрен саат итн.

Божана го пренесува ставот на Костадин, дека не сака да плаќа за невестата, иако би ги направил сите адети, само да не ја купува жената како добиток. Јордан за тоа не сака ни да слушне. Освен што парите за него се најважни, важна е и традицијата и не сака да ја наруши.

Веднаш по заминувањето на Божана доаѓа Ѓорше, сиромашен селанец, кој бара пари на заем од Јордан. Тој му дава, го запишува во лихварскиот тефтер и се договара по печалба да му ги врати со камата. Стојче, синчето, му помага на својот татко, му го носи тефтерот и всушност го учи занаетот.

На крајот од првиот чин доаѓа стрико Кољо, како стројник за Јован. По вообичаените поздрави и понудената ракија, Кољо го тера редот и кажува за Јован, кој е сè уште во Белград на печалба. Го фали — здрав, млад, работлив.

Јордан веднаш се сложува да ја даде Симка за него, повторно ја кажува својата цена, малку се ценкаат и на крај си подаваат рака. Ја повикуваат Симка, која заради редот ја прашуваат дали сака да се омажи за Јован. Таткото знае дека таа го сака Костадин, но за него тоа ништо не значи. Со солзи во очите, ќерката послушно прифаќа и стрико Кољо ја дарува. Нејзините другарки ја започнуваат обредната песна за свршувачка со што се доловува фолклорниот амбиент.

 

Втор чин

 

Во вториот чин е прикажана сиромашната куќа на Божана и Костадин каде мајката и синот разговараат за Симка. Костадин не може да се помири дека нема да живее со неа и ги проколнува парите — кои се најважни во светот на Јордан. Костадин како носител на новото сфаќање ги искажува следните зборови:

„Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша! Зашто навистина ако таа се праша, право ќе си каже: Костадина го сакам! Сега дали е јасно? Сакам жена, не роб…“

Мајката го советува да оди на печалба, да заработи, за да може да ја оствари својата цел, но Костадин одбива. Не сака и тој како неговиот татко да ги остави коските на печалба. Го искажува својот став кон печалбарството — зло на сиромашните, кое од нив прави робови. Тогаш доаѓа пријателот на Костадин, Зафир, кој му кажува дека ја свршиле Симка за Јован.

Костадин, изреволтиран, трга да ја грабне Симка. Симка, пак, патријархално воспитана, не сака да бега, не сака да се посрамоти, му кажува дека сега е свршена, но сепак љубовта кон Костадин победува, и покрај сè, таа решава да избега за него. Но, во тој момент се појавува Јордан кој го спречува грабнувањето и се пазари со Костадин. Јордан му позајмува пари, а Костадин прифаќа поради молбите на Симка.

Трет чин

 

Во третиот чин е претставена семејната хармонија во домот на Костадин, љубовта меѓу младоженците и среќата заради бебето што го очекуваат.

Доаѓа Божана која најавува дека Јордан сака да ги посети. Тоа предизвикува вознемиреност кај младите. Неговото доаѓање и однесување кулминира во ужасна расправија. Тој си ги сака своите пари по секоја цена. Не му е важна среќата на ќерката, ниту се сожалува на молбите од Костадин да почека уште малку за да го види барем бебето кога ќе се роди. Расправијата го достигнува својот врв на крајот од оваа слика:

Костадин: Ти немаш срце, Јордане!

Јордан (Потсмешливо): Море, парите ти се и срце и душа! Без нив ништо не можеш!… Секој чесен печалбар си ја стега торбата…

Костадин: Молчи, не зборувај!… Тие се толку чесни, та дури и не знаат дека за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане! Засрами се!

Јордан: Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми требаат!…

Костадин: Трај! Во домот си ми!

Јордан: Не траам! Јас, или ти имаш за давање?…(скокнува) Море пари, пари, бре голтар! (крева рака на Костадин).

Костадин (Го зграпчува за гуша): А, куче чорбаџиско! Си дошол огништето да ми го растуриш!…

Јордан (И тој го фаќа Костадина за гуша): Пари, пари, бре!…

Костадин, немоќен, заради Симка и бебето, решава да оди на печалба.

Втората слика од овој чин го претставува обичајот на заминувањето на печалбарите, како и разделбата на Симка и Костадин. Надвор од селото, во природа, покрај прошталната чешма се збира групата печалбари и нивните блиски кои ги испраќаат. Пеат песни и пијат. Групата се зголемува, а водачот, стрико Марко ги собира на едно место, да јадат и да тргнат. На крајот ги испраќаат солзите на жените и девојките.

Костадин се поздравува со жена си, која ја наведнала главата, не може ни да зборува од насобрани солзи и тага, и ѝ ги кажува последните зборови: „Ех, Симке, Симке!…“

Четврти чин

 

Првата слика од четвртиот чин е слика на печалбарскиот живот и се случува во една фурна во Белград. Поминале пет години, а Костадин лежи, облеан во пот и болен од туберкулоза. Неговите другари се грижат за него колку што можат, но лекови не можат да купат бидејќи за нив треба пари.

Суровиот газда Арангел сака да го избрка од фурната, велејќи му дека тоа не е болница. Тој воопшто не чувствува вина за неговата болест која ја добил од неподносливите услови за работа. И тој како Јордан мисли само на парите и загубата што ја трпи чувајќи болен човек кој не може да работи.

Последните зборови на Костадин се носталгични, со желба за последен пат да ја види Симка, но и малку ѝ префрла велејќи:

Костадин: (Силно возбуден). Ах, Симке!… Не се согласи на бегање!… Не, не си ти крива… Требаше на сила!… (Се закашлува. Другарите се загрижуваат за него)

Зафир: (Му помага на Костадина).

Костадин: Што ми прави таа, мајка ми?

Зафир: Мисли на тебе.

Костадин: И плаче… Плаче Зафире… Плаче тивко, со неведена глава… Плаче и солзи рони…

Зафир: И ти плачеш…

Костадин: Дали ќе ја видам? Дали таа ќе ме види?… (Се закашлува силно. Другарите се стрчуваат кон него).

Последната слика е враќањето на печалбарите дома, со песна и радост.

Коле, синчето на Костадин со нетрпение го очекува татка си кој никогаш не го видел. Но, пред куќата на Костадин пеењето престанува. Тоа значи само едно — дека печалбарот умрел. Коле не сфаќа што се случило и кога Зафир, другарот на Костадин, влегува во куќата да ги даде спечалените пари, детето се стрчува кон него, го прегрнува за колената, мислејќи дека тоа е неговиот татко.

Коле: (Трча кон Зафира радосно) Еве го татко, мамо!… (Му ги опфаќа колената на Зафира. Молчење).

Божана: (Како не со свој глас) Каде ми е син ми Костадин?…

Зафир: (Молчи. Потем го вади од торбата појасот Костадинов и ќесето со пари; ги предава).

Симка: (Го прима ќесето и појасот) Ела, Коле… (Го прегрнува Колета). Татко ти не ќе си дојде… Никогаш не ќе си дојде… Ти пратил пари да го викнеш дедо ти Јордан на задуша…

Божана: (Со шепот кон Зафира). Умре?

Зафир: Умре…

 

За ликовите во драмата прочитај на следнава ВРСКА.

Аудио запис на текстот

 

 
Scroll to Top