Сегашно време

Сегашно време е проста глаголска форма.

Се образува од основата на несвршени, трајни глаголи. На општиот дел и основниот вокал се додаваат наставките:

 

еднина
1л. -м
2л. -ш
3л. /

множина
1л. – ме
2л. – те
3л. – ат

 

 

На пример, со глагол од а-група:

 

еднина
1л. вик-а-м
2л. вик-а-ш
3л. вик-а

множина
1л. вик-а-ме
2л. вик-а-те
3л. вик-а-ат

 

 

Со глагол од и-група

 

еднина
1л. нос-а
2л. нос-и-ш
3л. нос-и

множина
1л. нос-и-ме
2л. нос-и-те
3л. нос-/-ат

 

Со глагол од е-група

 

еднина
1л. плет-а
2л. плет-е-ш
3л. плет-е

множина
1л. плет-е-ме
2л. плет-е-те
3л. плет-/-ат

 

  • Во примерите се издвоени општиот дел (коренот), основниот вокал и наставките.
  • Во трето лице еднина сегашно време нема наставка и затоа таа форма е земена за определување на глаголската група. Во македонскиот јазик таа форма е името на глаголот, како што во другите јазици е инфинитивната форма, која кај нас ја нема.

 

Од промените по лице и број кај глаголите од трите групи, можеме да го забележиме следното:

  • глаголите од а-група во 3л. множина имаат две а (викаат);
  • кај глаголите од и-група и е-група во 1л.едн. наместо и или е се појавува а (носам, плетам; не: носим, плетем);
  • кај глаголите од и-група и е-група во 3л.мн. наместо и или е се појавува а (носат, плетат; не: носит, плетет);
  • кај глаголите од и-група и е-група во 3л.мн. нема две а (носат, плетат; не: носаат, плетаат);
  • кај глаголите од е-група чиј општ дел завршува на -а, во 3л. множина, исто така, има две а (знае, трае, кае, лае, ткае: знаат, траат, каат, лаат, ткаат).

 

Провери ги своите знаења за сегашно време со вежбите на следнава ВРСКА.

 

Значењата на сегашното време

 

  • Основното значење на сегашното време е означување глаголско дејство што се врши во моментот на зборувањето.

На пример: Седам во двор и уживам во убавото време.

  • Може да означува минатост, како историско сегашно време.
    На пр.: Втората светска војна трае од 1941 до 1945 година.
  • Може да означува идност.
    На пр.: Вечер патувам за Белград.
  • Може да се употребува описно или квалификативно (со вонвременско значење).
    На пр.: Петре е добар другар.
  • Може да има пословична употреба.
    На пр.: Железото се кове дури е жешко.
  • Означува готовност да се изврши некое дејство.
    На пр.: Се качуваш на Водно за половина час? – Се качувам.
Глаголот СУМ

 

Формите за сегашно време на глаголот сум се:

 

еднина:

1л. сум

2л. си

3л. е

 

 

множина:

1л. сме

2л. сте

3л. се

 

 

Сегашното време на помошниот глагол сум се употребува при формирањето на сложените глаголски форми: минато неопределено свршено и несвршено време (сум одел, сум отишол) и идно прекажано време (ќе сум одел).

Помошниот глагол сум се употребува при формирањето на именскиот прирок.

На пример:

Јас сум изморен.

Ти си ученик.

Тој е висок.

Ние сме Македонци.

Вие сте немирни.

Тие се отсутни.

 

Прочитај повеќе за другите времиња во македонскиот јазик на следнава ВРСКА.

Прочитај повеќе за глаголите на следните врски:

  1. Морфологија – глаголи (матура)
  2. Глаголски групи и раздели
  3. Граматички категории кај глаголите
  4. Именски форми на глаголот

 

 

 

 

 

 

Scroll to Top