„Тутуноберачите“ од Кочо Рацин

„Тутуноберачите“ е една од песните од стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
Таа е лирска, социјална песна, со аргатски мотив.
Вечната македонска мака со тутунот и тутуноберачите Рацин поетски ја преточил во оваа песна.
.
Тутуноберачите
.
На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!
.
Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
.
Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.
.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.
.
Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.
.
Та не знаеш ли?
.
Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.
.
Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!
.
Збор-два за Тутуноберачите
.
На почетокот од песната се прикажани тутуноберачите кои го носат својот тутун на мерење (за откуп), но трудот што е вложен при обработката, никој не може да го плати. Преку реторско прашање поетот ја дава почетната слика на маката и безизлезот (а можат ли да го измерат?).
Во продолжение го потенцира лошото влијание на тутунот врз работниците, нивната работа од утро до мрак и жолтата болест (туберкулозата) која тутунот ја носи поради нивната незаштитеност.
Поетската силина во овој дел е постигната со персонификација на тутунот (оживување) — тој ја пие тагата и животот. Покрај тоа, со инверзија и полисиндетон (нижење на сврзници) тој уште повеќе го засилува страшното влијание на тутунот (и потта и крвта и снагата ни).
Описот на работата на тутуноберачите е најубавиот дел од песната. Поетот со спокоен тон ја раскажува приказната за листот и неговиот пат, за работниците кои својот живот му го посветиле нему и ропски му се предале.
Со употреба на анафората се постигнува силниот впечаток на доминација на листот — тој е главниот носител на преживувањето (заработка), но и на маката и смртта.
Во продолжение, кога доаѓа моментот на откуп, веќе спомнат на почетокот од песната — трудот, маката, деноноќната работа, болеста, замагленоста на очите — никој не може да ја плати.
Песната завршува како и „Денови“, без надеж дека нешто ќе се подобри. Се чувствува само маката и тивкиот револт на тутуноберачот и неговата помиреност со судбината. Горчливоста на животот речиси ја чувствуваме и гледаме преку жолтата боја која е доминантна во песната. Жолти се листовите, тутунот, жолти се лицата, жолта е гостинката во гради, жолта е маката и жолта е потта.
Песната не е организирана во строфи, туку во слободни делови со нерамномерен број стихови.
.
.
Scroll to Top