Почетна » македонска литература » Неволјата викни ја секаде да ти помага

Неволјата викни ја секаде да ти помага

Неволјата викни ја секаде да ти помага

(Македонска народна приказна)

Си бил еден мрзлив дрвар. Еден ден жена му со сила го пратила да оди на дрва и да ја викне Неволјата да му помогне да ги натовари дрвата.
Пошол дрварот в планина и со голема мрза набрал дрва. Арно ама, сега требало да ги натовари. Се вртел-се сукал за да ја види Неволјата од некоја страна, ама ја немало, па почнал да вика:
— Неволјооо, Неволјоооо, ела да ми помогнеш да ги товариме дрвава!
Викал, викал сиромавиот мрзло, ама Неволјата не му се оѕвала. Авкал, авкал, дури се расплакал сиромавиот, а Неволјата ја немало. Тогаш земал и си пресекол една потпорка и си ги натоварил дрвата, та си дошол дома.
— Оти ме излага, мори жено, дека имало Наволја в планина што ќе ми помогне во товарењето? Јас се скинав викајќи по неа и не дојде, дури не пресеков едно потпорче (ластегарче) не можев да товарам.
— Ете, тоа е Неволја домаќине, ластегарчето што си го пресекол и ти помогнало — му рекла со смеа жена му.

Забелешка:

Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.

Приказната е запишана под број 370, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

Scroll to Top