• Градежните, геодетските и геотехничките инженери треба да поседуваат овластување за вршење на својата дејност: нив ги издаваат Комората на овластени архитекти и овластени инженери (https://www.komoraoai.mk/) и Комората на овластени геодети (http://geokomora.mk/).
  • Конструктивните градежни инженери се обучени да проектираат и изведуваат куќи, згради, мостови, спортски и индустриски хали итн. На локации каде има проблем со сеизмичко дејство, инженерите треба да имаат познавање и од земјотресните товари за да правилно ги проектираат конструкциите.
  • Хидротехничките градежни инженери се образуваат за куќни, градски и регионални инсталации за водоснабдување, брани и хидроцентрали, пристаништа, системи за наводнување и одводнување, нудат алтернативи со речни патишта, укажуваат на опасности од поплави, а придонесуваат и кон поздрава животна средина преку предвидување на пречистителни станици.
  • Дел од градежните инженери се обучуваат за проектирање и изведба на брза, но безбедна транспортна инфраструктура, како и одржување и модернизација на постоечката: градски сообраќајници, магистрални и регионални патишта, современи автопатишта, нивни клучки, железници, метроа, трамвајски линии, тунели, аеродромски писти, катни гаражи…
  • Подетално за потребите на квалитетна, но економична изградба, студентите се надградуваат на модулот по организација и менаџмент во градежништвото, каде се запознаат со технологиите на градење на различните видови објекти, формирањето на услови за безбедна изведба, градежната регулатива, менаџирањето на проектите, со сè финансискиот аспект, итн.
  • Најголем дел од објектите се изведуваат на површината на теренот, за што надлежни да ги даваат подлогите за проектирање се геодетските инженери, снимајќи ја локацијата со прецизни, неретко и сателитски, инструменти, што, меѓу другото, редовно го прават и за да ги потврдат стабилностите на браните или, пак, на постоечките објекти при изградбата на нови.
  • Геотехничките инженери (https://www.facebook.com/GF.geotehnika/) теренски и лабораториски ги испитуваат инженерските својства на тлото, што е секогаш важно бидејќи сите конструкции се реализираат на/во/од него, проектираат и безбедно ги изведуваат темелите и подлабоките делови на објектите во урбани средини, вклучувајќи и подземни гаражи, и во реки итн., спречуваат и санираат свлечишта и одрони, ја штитат животната средина и др.
  • Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Градежниот факултет и Друштвото за геотехника на Македонија обезбедуваат школарини за дури 25 студенти што ќе се запишат на студиските програми!

Повеќе информации за студиите на Градежниот факултет при УКИМ може да се најдат на интернет страницата на факултетот: www.gf.ukim.edu.mk