Почетна » македонски јазик » Пишување датуми

Пишување датуми

Пишување датуми

 

Датум (дата) означува точно определено календарско време.

Во македонскиот јазик датумите се пишуваат по овој редослед: ден, месец, година.

Според Правописот, датумите може да се напишат на неколку начини.

  1. Сите броеви за означување ден, месец и година да се напишат со арапски цифри.

На пример: 3.3.2019 година

а) Зад броевите што означуваат ден и месец се пишува точка.

б) Нема белина (не се остава празно место) меѓу денот, месецот и годината.

в) Деновите и месеците не се пишуваат со 0 (нула) пред едноцифрениот број.

НЕ: 03.03.2019 г. Овој начин е дозволен само во администрацијата и книговодството.

  1. Месецот може да го напишеме со римски број.

На пример: 3.III 2019

а) Зад бројот со кој сме го означиле денот пишуваме точка и не оставаме белина.

б) Зад римскиот број со кој сме го означиле месецот не се пишува точка и има белина.

  1. Месецот може да го напишеме со зборови.

На пример: 3 март 2019

а) Во овој случај не пишуваме точка ни зад бројот што означува ден.

 

  • Зад бројот што ја означува годината (2019) може да напишеме ‘година’ или скратено: г. или год.

На пример: 2019 година, 2019 год., 2019 г.

 

Означување временски период

 

За означување временски период ги употребуваме предлозите: од и до. Наместо предлозите може да ставиме црта (—).

Според Правописот, не се дозволува комбинирање на предлозите со цртата. Односно, не може да се употреби ‘од’, а само наместо ‘до’ да ставиме црта.

На пример: од вторник до четврток;

или: вторник – четврток;

НЕ: од вторник – четврток.

  • Кај цртата има белини од двете страни.

На пример:

18  ̶  21 март

Блаже Конески (1921 – 1993).

 

 

Scroll to Top