Римски систем за бележење броеви
Значење на римските броеви
- Основни знаци за запишување броеви според римскиот систем на бележење се иницијални (големи) латинични букви кои имаат бројна вредност. Таа е еднаква на бројната вредност изразена со следниве арапски цифри: I = 1, V = 5, X = 10, L = 50, C = 100, D = 500 и M = 1000.
- Римските броеви се составуваaт и се толкуваат на тој начин што вредноста на знаците се брои од лево на десно, од поголемата вредност кон помалата.
- Ако знакот на помалата вредност е напишан од левата страна на знакот со поголема вредност, во тој случај неговата вредност се одзема од вредноста на знакот со поголема вредност:
I = 1, II = 2, III =3, IV = 4, V = 5, VI = 6, VII =7 , VIII =8, IX = 9, X = 10,
XI = 11, XII = 12, XIII = 13, XIV = 14, XV = 15, XVI = 16, XVII = 17, XVIII = 18, XIX = 19, XX = 20, L = 50, IL = 49, LI = 51, LVIII = 58, LIX = 59,
C = 100, CI = 101, CIC = 199, D = 500, CD = 400, DCCVI = 706, M = 1000, MCMLXXIV = 1974, MMXV = 2015
- Римските броеви се нижат најмногу до три исти знаци (VIII), но се јавуваат и низи од четири исти знаци: DCCCC.
Употреба на римските броеви
Со римските знаци се бележат редни бројни придавки кои се користат во:
- личните имиња (Филип II, Александар III Македонски, Аминта III).
- бележењето на месеците кај датумите (12.I 1968, 23.X 1996).
- стручните изрази: I активен партицип на презентот, II сигматски аорист, III конјугација и сл.
- бележењето на годиштето (кај весници, списанија и сл.). Сп.: Македонски јазик LXIV, 2013, 147–158, Литературен збор LX, 4–6, Скопје 2013.
- во обележувањето на страниците и на посебните оддели во книгите (поглавја, свески и сл.). Сп.: Предговор I – XXV стр., Толковен речник на македонскиот јазик. ред. Кирил Конески. Скопје: ИМЈ (том I (а–Ж), 2003, том II (З–К), 2005, том III (л–О), 2006, том IV (П), 2008, том V (р–С), 2011, том VI (т–Ш) 2014).
- во обележувањето на годините најчесто кога настанала некоја градба, институција или уметничко дело, на пример: Вила Лела MCMXXIV, Велес.
- во наслови на семинари, конгреси, научни симпозиуми, собири, конференции и сл.: XLVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
- за означување настани од историско значење: MCMIII (1903), II светска војна, I балканска војна.