Во македонскиот јазик има неколку карактеристични согласни групи. Според Правописот тие се изговараат и се пишуваат во зборовите напишани подолу.
Согласни групи мн и вн
- Групата (-)мн- во стандардниот јазик се изговара и се пишува во зборовите: гламна, гумно, дамнина, одамна, огламник, самне, рамна, демне, ѕемне, симне, многу, мнозина.
- Со (-)вн- се пишуваат зборовите: внатре, внук, плевна.
Согласни групи со с, з и ш
- Согласките с, з и ш пред наставките -че, -ца, -це најчесто преминуваат во в: гуска – гувче, клас – клавче, колбас – колбавче, коска – ковче, крст – крвче, лист – ливче, маска – мавче, мост – мовче, појас – појавче, воз – вовче, грозд – гровче, железо – желевце, образ – обравче, ориз – оривче, маст – мавца, месо – мевце, белешка – белевче, кокошка – коковче, круша – крувче, опашка – опавче, трошка – тровче, но: глас – гласче.
- Согласката с зад почетното п преминува во ц. Со (-)пц- се изговараат и се пишуваат зборовите: пцала, пцалт, пци, пцовиса, пцост, пцуе; но: псалм, псалтир.
- Согласната група пс- на почетокот се пишува и се изговара во сложенките со псевдо-: псевдоисториски, псевдонаучен, псевдоуметност, псевдокласицизам, псевдоним; со психо-: психијатар, психоанализа, психоза, психолингвистика, психолог, психопат, психопатски, психотерапевт, психотерапија.
- Согласната група -пс- редовно се пишува и се изговара во средината на зборот: апси, уапси, вапса, елипса, елипсовиден, епилепсија, маѓепса, маѓепсник, маѓепсница, папса, прокопса, сепса, скепса, стипса, тепсија.
- Почетната група пш- се изменила во пч-: пченица, пченичен.
- Согласката ш преминува во ч и пред к. Согласната група (-)чк- се изговара и се пишува во зборовите: чкембе, чкорче, чкрапа, чкрапја, чкрипи, чкрта; но школа.
Согласни групи со ц
- Групата (-)цр- се изговара и се пишува во зборовите: црв, црвојадина, се вцрвоса, зацрвени; во сложенките со црвено-: црвенокожец, црвеноперка, црвеношијка; во сложенките со црно-: црномурен, црноок, црноперка.
- Групата (-)цвр- се пишува и се изговара во зборот цврст и во изведенките од него: цврсто, цврстина.
Согласните групи шт и жд
- Групата (-)шт- се пишува во зборовите: вклешти, воопшто, горешт, горештина, гуштер, клешти, маштеа, маштеница, ништовен, ништожен, општ, општествен, паштерка, пештера, приклешти, сношти, што-годе; како и во сложенките со општо-: општокорисен, општообразовен, општопознат, општополезен.
- Групата (-)жд- се пишува во зборовите: глужд, дожд, дождалец, дождлив, нужда.
Согласките ‘т’ и ‘д’ меѓу ‘з’ и ‘р’, ‘ж’ и ‘р’, ‘с’ и ‘р’
- Согласките т, д се изговараат и се пишуваат меѓу з и р, ж и р, с и р во зборовите: здрав, здравје, поздрав, ждребе, страна, страница, стројник.
- Согласките т, д не се изговараат и не се вметнуваат во групите зр- и (-)ср- во зборовите: зрак, зрее, зрел, срам, срамежлив, бесрамен, сребро, во сложенките со сребро-: сребробел, среброглав, среброкос, сребролик, среброљубец, во сложенките со сред-: средзима, средлето, средноќ, сретпат, сретполе, сретсело, сретселски, односно во сложенките со сред(н)о-: средновековен, средноимотен, средношколец, средовечен, средорек, среќа.