Почетна » македонска литература » Кога била наша Мара чиста

Кога била наша Мара чиста

Кога била наша Мара чиста, да и сега да биде

(Македонска народна приказна)

 

Си биле еден маж и една жена. Жената ја викале Чиста Мара. Не оти била многу чиста, ами од што не била чиста.

Што и да направела, дали леб да месела, дали манџа ќе зготвела, сѐ ќе имало нешто гнасно: или влакно, или сламка, или лепешка, или брбушка. Што да види човек нешто и да се згнаси од Мариното готвење.

Секое ручање мажот ѝ на Мара, вечерање, сѐ ќе се згнасел од лебот, или од манџата, чунки ќе нашол нешто гнасно. Сѐ ќе ја карал мажот ѝ и ќе ѝ велел:

— Јаз’к мори Марие, на името што го носиш Чиста Марија, кога секоја манџа што ќе ја зготвиш, сѐ ќе има нешто гнасно внатре. Засучи ги тие пусти ракави и поли до лакти и така меси леб и готви манџа.

.

Од тоа зборување од маж ѝ, Марија се беше засрамила малце и беше го клала во умот поучението негово. Утрото се спремала да меси еден зелник. За да биде зелникот чист, зела та се слекла угул гола, како мајка ѝ што ја родила и фатила да го сучи.

Ја усучила долната кора и го ставила зелјето. Ја усучила и горната кора и станала простум за да ја стави на зелјето. И, вртејќи се, не знам како се сопна и си падна со газот во зелникот.

Во истото време, за таксиратот од Мара, дошол нункото (кумот) и ја нашол со газот во зелникот. Рипнала сирота Мара простум и го пречекала нункото. Го помолила и му рекла:

.

— Ууу, нунко, нунко, како те донесе Господ на овој саат? Те молам нунко, остружи ми го зелјево од газот, чунки ти се тебе почисти рацете од моиве, и стави го во зелников. И јас сама би си го остругала, ако не ми се рацеве зафатени со сукалово кајшто ја имам другата кора. Ако го оставам наземи, може нешто да се огнаси нечисто, а јас пак сакам овој зелник да биде најчист. Чунки мажот ми не јаде како-годе, па затоа сум се слекла угул гола да го месам зелникот најчист.

Кога ги чу нункото тие зборови од кумата и кога ја виде со угул газ падната во зелјето, беше си скинал срце од смеа и раскажал по светот за чистотијата на Мара.

Оттогаш светот ја беше прекрстил Мара со тоа име: „Кога не била наша Мара чиста, да и сега да не биде!“*

 


* Марко Цепенков во фуснота забележал дека овој збор меѓу народот се кажува како пословица за нечистите жени, невести, моми, па дури и за машкиот пол. Исто така, забележува дека оваа приказна ја имаат и Цинцарите, со таа разлика што наместо зелје имаат тиква.

 


Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.

Приказната е запишана под број 385, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

 

Scroll to Top