Од особена важност за студентите е да бидат оспособени, веднаш по завршувањето на студиите, побрзо и полесно да се вклучат на динамичниот пазар на трудот. Градежниот факултет од Скопје води особена грижа за овој аспект, па во студиските програми предвидува време и за практична настава. Таа се одвива на различни начини: дел се изведува во рамките на самите предмети, преку организирани посети на позначајни објекти кои се изведени или се во фаза на изградба; студентите на геотехничко инженерство, освен на тој начин, за работа се обучуваат и преку разновидни лабораториски вежби; оние на геодезија, пак, извршуваат неколкудневна теренска практична настава на различни локации во државата. За сите е заедничко дека се обучуваат и за користење на современ софтвер, што, исто така, ги прави атрактивни за работодавачите.

Во таа насока, на Градежниот факултет се воведени и посебни предмети „Пракса“ во последните семестри од првиот и вториот циклус на студии. Во рамките на нив, студентите волонтираат во градежни фирми, па и пред дипломирањето може да се запознаат со реалните услови на работа. На таков начин, ќе бидат поподготвени, кога ќе ги завршат студиите, веднаш да можат да започнат и со работа. Треба да се истакне дека фирмите за изведување на оваа практична настава се посочени од самите студенти, со што се стекнуваат и со извонредно значајни дополнителни вештини за изнаоѓање на соодветно работно место – елементи кои неретко се занемаруваат во редовниот образовен процес. Преку сите овие активности, студентите на Градежниот факултет во Скопје максимално се оспособуваат, без поголем проблем, веднаш да се вклучат во активностите на градежната индустрија не само кај нас, туку и надвор на границите на нашата држава. Имајќи го во предвид наведеното, како и експанзијата на струката во сите полиња, јасно е дека практично и нема невработени градежни, геодетски и геотехнички инженери.

Повеќе информации за студиите на Градежниот факултет при УКИМ може да се најдат на интернет страницата на факултетот: www.gf.ukim.edu.mk