Царот и философот

Царот и философот

.

(Македонска народна приказна)

.

Еден цар се шетал по чаршија еден ден и шетајќи стоел на патот еден философ што му бил познат на царот.

— Каде вака философе – му рекол царот – си се упатил низ чаршија?

— И јас не знам, честити царе, кај одам – му одговорил философот.

— Земете го философот и клајте го в апсаана (затвор) дури да си дојдам јас, па после ќе му кажам на кого не му кажува каде оди.

Го зеле философот и го однесле апсаана. Откако беше си дошол царот од прошетка, го извадил философот од апсаана и фатил да го суди, и му вели:

— Оти, бре философе, ти прееска не ми кажа кај одиш, кога те сретнав на патот и те прашав?

— Ами кај знаев, честити царе, дека ќе ме клаиш апсаана, па да ти кажам и да ти речам: апсаана одам, честити царе.

Кога го чу тој одговор од философот, царот се зачуди, стана и му даде голем бакшиш.

— Вистина така е, бре философе – му рекол царот – човек не знае каде оди и не знае што прави; човек ја наредува, а Господ му ја одредува работата.

 


Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга трета.

Приказната е запишана под број 284, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

 

Scroll to Top