Почетна » македонска литература » Човекот што викал „Господ да ги отепа правите луѓе“

Човекот што викал „Господ да ги отепа правите луѓе“

Човекот што викал „Господ да ги отепа правите луѓе“

(Македонска народна приказна)

 

Еден човек кај што одел сѐ си викал:

— Господ да ги отепа правите луѓе. Господ да ги отепа правите луѓе!

Денеска, утре, сѐ така викајќи, никој не повтал да го праша зошто вика така. Секој го чинел оти е улав или мерак. Еден човек малце бил како набожен, та му се смачило зошто неправо викал човекот: „Господ да ги отепа правите луѓе, а не кривите“. Чунки тој се мислел за прав и се плашел да не нешто Господ го послуша тој што викал и после него да го отепа.

.

Поминал едно утро човекот што викал „Господ да ги отепа правите!“ пред набожниот човек и си викал:

— Господ да ги отепа правите луѓе. Господ да ги отепа правите луѓе!

— Ја ела ваму, бре човече, ти што туку викаш „Господ да ги отепа правите!“ – му рекол правиот човек – да те прашам зошто викаш и Бога молиш за Господ да ги отепа правите. Ти треба да си и мерак и будала што ништо не знаеш од божевите работи што викаш така. Цел свет знае оти Господ не ги тепа правите, ами кривите ќе ги тепа. Разбра или не разбра што ти кажав? Така треба да викаш, ако си умен и разумен. А, пак ако си некој шуте, како што те гледам оти си шуте, така ќе си викаш и никој лавот не ќе ти го чини, како што не ти го чинат.

.

Откога го ислуша сѐ што му кажа правиот човек на тој што викаше „Господ да ги отепа правите!“, му одговори и му рече:

— Шуќур на Бога чинам оти се најдовте вие за да ме прашате оти така викам. Викам пријателе и ќе викам, оти сите луѓе во нашиов град живеат сѐ со кривина. Најарниот човек и најбогатиот живеат со кривина. Ами оти ќе речеш? За една пара ќе се заколне девет пати. Ами поповите што сите стојат пред Господ и се молат за нас, дали си вникнал во нивниот живот да видиш како живеат? Дали си ги сетил дека од пиење глава не креваат? Од пусто пиење и спиење голема мрза ги фатила, та ги мрзи два збора да проговорат и да кажат на човека да се покае и од гревовите да се остави.

Еј, сега, пријателе, кога нашите првенци се криви, со обете нозе, што останува за калан-кусури (останатите), за како за нас сиромашните! Ја помисли пријателе, да видиш и да преесапиш оти арно е моето викање „Господ да ги отепа правите, а не кривите“. Чунки ти како што велиш „Господ да ги отепа кривите“ да викам, треба Господ сите да нè отепа, чунки сите сме криви, нема ниту еден прав. Ете, тоа ми е зборот, пријателе. Ако не е вака, речи ми и докажи ми за грешката што ја правам, да ја поправам.

.

Откога се позамислил човекот и откога преесапил оти самиот тој бил што се заколнувал на лага деветпати и откога преесапи пак за поповите и чорбаџиите какви грешки правеле, се уверил оти вистина имал право тој што викал „Господ да ги отепа правите а не кривите“. Ашколсун беше му рекол.


Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга трета.

Приказната е запишана под број 286, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

Билјана Богданоска

Scroll to Top