Под современи македонски поети ги подразбираме авторите што создавале по Втората светска војна.
Создавањето македонски литературен јазик и своја, македонска држава по Втората светска војна ги поттикнала младите талентирани луѓе на обемно и ентузијастичко творештво. Дел од нив зеле активно учество во НОБ и Народната револуција, а по завршувањето на Војната тие целосно се посветиле на книжевна и културна дејност.
Современи македонски поети — генерации (фази)
Прва генерација (прва фаза)
Веднаш по војната, 1944/45 година се појавила првата поетска генерација и првата фаза на поетско творештво која се карактеризира со песни задоени со идеите на комунизмот, обновата на земјата, развојот на работничката класа итн.
Официјално, првата генерација современи македонски поети ја сочинуваат: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Блаже Конески, Гого Ивановски и Гане Тодоровски.
Овие поети продолжуваат со своето творештво и во втората и во третата фаза.
Првата збирка песни на литературен (стандарден) македонски јазик е „Песни“ од Ацо Шопов, објавена 1944 година.
Втора генерација (втора фаза)
Во педесеттите години се појавила втората, или средната генерација поети. Тоа е втората фаза во развојот на современата поезија, фаза на интимната лирика – свртувањето кон себеси, кон субјективното, интимното. Оваа фаза трае кратко зашто поетите сфаќаат дека поезијата сепак треба да биде нешто повеќе од приватна исповед.
Освен поетите од првата генерација, тука спаѓаат и: Србо Ивановски, Матеја Матевски, Цане Андреевски и Анте Поповски.
Трета генерација (трета фаза)
Кон крајот на педесеттите години настапила третата фаза која претставува свртување кон објективното, колективното и кон традицијата.
Најистакнати претставници на третата генерација македонски поети се: Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Петар Бошковски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Михо Атанасовски.
Кон третата генерација се приклучуваат и сите оние кои творат до крајот на 20 век.
Во 21 век започнува нов период од развојот на македонската книжевност.