Почетна » македонски јазик » акцент » Акцент (матура)

Акцент (матура)

Акцент (матура) е кратко повторување на темата за подготовка на матурскиот испит.

Според испитната програма во оваа тема се опфатени:

  1. Акцентот во македонскиот литературен јазик
  2. Акцентски целости

 

Акцентот во македонскиот литературен јазик

 

Акцент е нагласеното, посилно изговарање на еден слог во зборот.

Слогот врз кој паѓа акцентот се вика акцентиран слог.

Македонскиот акцент е динамичен и определен. Динамичен акцент значи дека се одликува со силата на издишната струја, а определен значи дека се наоѓа на точно определено место во зборот.

Местото на акцентот во македонскиот јазик е на третиот слог од крајот на зборот кај трисложните и повеќесложните зборови (на зборовите што ѝ припаѓаат на основната, наследена и приспособена неутрална лексика).

 

Правила за акцентирање

(Акцентот се обележува со знакот `  пред нагласената самогласка.)

  1. Кај трисложните и повеќесложните зборови акцентот стои на третиот слог од крајот на зборот (на пр.:слатк`арница).
  2. Кај двосложните зборови акцентот стои на почетниот слог од зборот, односно на вториот слог од крајот на зборот (на пр.: с`eло).
  3. Кај едносложните зборови акцентот стои на единствениот слог (на пр.: с`oн, д`oм, б`oл, в`oл).
  4. Ако зборот се зголемува со додавање претставки и наставки (префикси и суфикси), акцентот се поместува за да застане секогаш на третиот слог од крајот на зборот (на пр.: гр`ад — гр`ади — д`оградба — догр`адбата).

 

Отстапување од третосложното акцентирање

 

а) Отстапување од правилата за акцентирање кај домашните и туѓите прилагодени зборови има кај:

 

  1. Глаголскиот прилог: вик’ајќи, од’ејќи.
  2. Прилозите за време: годин’ава, зим’ава, лет’ово.
  3. Одделните прилози за степен (деминутивни образувања со засилена емоционалност): малк’уцка (и м’алкуцка), олк’уцка, толк’уцка (и т’олкуцка), трош’ичка.
  4. Некои именки од турско потекло: апс’ана, барут’ана, тарап’ана.
  5. Сложени зборови од типот: југоз’апад, југо’исток, североз’апад, северо’исток; (но: југоз’ападен, југо’источен, североз’ападен, северо’источен).
  6. Сложенките со прв елемент полу- и двосложни зборови. Кај овие зборови акцентот најчесто паѓа на вториот слог од крајот на зборот: полул’ево, полу’остров. Но, ако, по првиот елемент полу- следува едносложен збор, акцентот паѓа на третиот слог од крајот на зборот: п’олубог, п’олубрат, п’олуглас, п’олужив, п’олукруг, п’олусвет.
  7. Кај некои имиња и презимиња: Исид’ора, Јулиј’ана, Дрвош’анов, Џамб’аски,
  8. Кај некои топоними: Прд’ејци, Трп’ејца; Кар’иби, Аргент’ина, Гвин’еја, Стразб’ур.

 

б) Отстапување кај зборови со туѓо потекло

 

Голем број зборови преземени од други јазици се акцентираат во согласност со правилата за акцентирање во македонскиот стандарден јазик. Некои од нив се неприспособени, па затоа може да се издвојат акцентски потсистеми со поинаков акцент од тој во македонскиот.

  1. Акцент на првиот слог од крајот: сиж’е, фоај’е, деб’и, жир’и, рел’и, бир’о, деп’о, лаваб’о; генер’ал, журн’ал, иде’ал, интерв’ал, капит’ал итн.
  2. Акцент на вториот слог од крајот: романт’изам, тур’изам, гениј’алец, иде’ален, специј’ален, театр’ален, акту’елен, визу’елен (кај именки и придавки); глаголите на -ира: дискут’ира, лак’ира, парк’ира

 

Акцентски целости

 

Во македонскиот јазик неколку зборови можат да се подведат под ист акцент.

Група зборови поврзани со заеднички акцент се нарекуваат акцентски целости.

Групата зборови всушност ја сфаќаме како еден збор и ја акцентираме според правилото: на третиот слог од крајот на зборот, односно на целината.

Во зависност од тоа какви видови зборови влегуваат во акцентската целост, разликуваме:

акцентски целости од два полнозначни збора, и

акцентски целости со клитика (клитички зборови).

Клитики се зборчиња што немаат свој акцент, неакцентогени.

а) Во акцентските целости со два полнозначни збора најчесто влегуваат: придавка + именка (сув`о-грозје); заменка + именка (м`oј-човек, `oвој-ден); број + именка (п`ет-пари, трет`а-вечер); број + број (п`eт-шест, педесет-и`-пет); прилог + именка (колк`у-време).

б) Кај акцентските целости со клитики, разликуваме:

— акцентски целости со енклитика (клитиката стои зад полнозначниот и акцентоген збор).
На пр.: м`ајка-ми, т`атко-ти, з`еми-го, `оди-си; и

— акцентски целости со проклитика (клитиката стои пред полнозначниот и акцентоген збор). На пр.: н`е-може, не-ми-ј`а-даде (во потврдна форма акцентот стои на глаголот, ми-ја-д`аде); што-ти`-рече? к`ој-дошол?; н`а-раце, в`о-вода, п`од-маса, итн.

акцент (матура)


За темата АКЦЕНТ прочитај ги следните написи:
  1. Акцентот во македонскиот јазик
  2. Отстапување од третосложното акцентирање
  3. Акцентот кај зборовите од туѓо потекло
  4. Акцентски целости
  5. Акцент (матура) – кратко повторување на темата

Scroll to Top