Фонетика (матура) е кратко повторување на темата фонетика за подготовка на матурскиот испит.
Фонетика е наука за гласовите, а фонологија за фонемите.
Зборовите се делат на најмали делови — гласови. На пр. зборот „р а к а“ е составен од четири гласа.
Фонетиката ги проучува гласовите според нивниот изговор, односно артикулација (каде и како се формираат гласовите и кои говорни органи се употребуваат).
Ако првиот глас „р“ го замениме со гласот „м“, тогаш од зборот „рака“ ќе го добиеме зборот „мака“. Тука, гласот има значенска функција, односно со промена на гласот се сменило и значењето на зборот. Во ваков случај зборуваме за фонема.
Фонема е гласовна единка која врши смисловна функција во зборот. Фонологијата ги проучува фонемите.
Буква е знакот со кој се бележи гласот.
Сите гласови на еден јазик го сочинуваат гласовниот систем, а сите букви азбуката.
Македонскиот јазик има 31 глас и 31 буква.
Фонетика (матура)
Поделба на гласовите
Гласовите се делат на: САМОГЛАСКИ (вокали) и СОГЛАСКИ (консонанти).
Самогласките се делат на:
предни средни задни
високи И У
средни Е О
ниски А
н е з а о к р у ж е н и заокружени
— предни (и, е), средни (а) и задни (у, о)
— високи (и, у), средни (е, о) и ниски (а)
— заокружени (о, у) и незаокружени (а, е, о)
Согласките (консонантите) се помалку звучни од самогласките, односно при нивниот изговор воздушната струја не поминува непречено.
Во македонскиот јазик има 26 согласки кои ги делиме според разни критериуми.
Според местото на образување во усната шуплина согласките се делат на:
— уснени: п, б, м, ф, в;
— забновенечни: т, д, н, л, ц, ѕ, с, з;
— венечни: љ, ч, џ, ш, ж, р;
— меконепчени: к, г, х.
Според начинот на образувањето согласките се делат на:
— преградни: п, б, м, т, д, н, њ, к, г;
— теснински: ф, в, с, з, ј, ш, ж, х, л, љ, р;
— преградно-теснински: ц, ѕ, ч, џ, ќ, ѓ.
Според звучноста согласките се делат на:
— звучни: б, в, г, д, ѓ, з, ж, ѕ, џ
— безвучни: п, ф, к, т, ќ, с, ш, ц, ч, х
— сонанти: ј, р, л, љ, м, н, њ
Звучните и безвучните согласки во македонскиот јазик се во парови (секоја звучна си има безвучен парник), освен Х кое е безвучно.
Поделбата на звучни и безвучни согласки е важна за гласовните промени. Тие се случуваат кога ќе се најдат една до друга согласки со различна звучност (едначење по звучност).
Во минатото, кај согласките постоела и опозиција на меки и тврди, која денес е загубена.
Согласката Р може да има слоготворна функција, односно да биде носител на слог. На пример: крв, врв, прв, црвен, прст итн.
Фонетика (матура)
Гласовни промени
1. Едначење по звучност
Кога во зборот ќе се најдат две согласки една до друга различни по звучност тие се изедначуваат, или двете стануваат звучни или двете безвучни. Тоа зависи од звучноста на втората согласка.
звучна + безвучна = две безвучни (б + безвучна = п, г + безвучна = к, д + безвучна = т, итн.)
На пр.: близ + ка = блиска, пред + пријатие = претпријатие, од + скокне = отскокне
безвучна + звучна = две звучни (п + звучна = б, к + звучна = г, т + звучна = д, итн.)
На пр.: сват + ба = свадба, гос + ба = гозба, с + града = зграда
а) Отстапување од правилото за едначење по звучност:
— „б“ не се едначи по звучност во зборот: себство;
— „в“ воопшто не се едначи по звучност:
на пр.: овца, вторник, мравка, бевте, читавте, Славка;
(во изговорот се изедначува и го изговараме како ф, но според правописот, пишуваме в);
—„г“ не се едначи во зборовите: бегство; другпат;
— „д“ не се едначи по звучност пред наставките: -ски, -ствен, -ство, -ствува: судски, судство, производствен, бедствува; пред ц на граница на основата и множинската наставка -и: домородци, крадци, месојадци, очевидци, предци;
— „т“ во сложенките чиј прв дел е број кој завршува на -т, а вториот дел е именка или придавка што почнува на звучна согласка: петгодишнина, петгогишен, деветгодишен, петдневен, шестдневен;
— сите звучни согласки кога со наставката -та се членуваат именки од ж. р. што завршуваат на согласка: заповедта, зобта, надежта, ’ржта;
— кај некои имиња и зборови од туѓо потекло: Вашингтон, Хабсбурговци, Хонгконг, Фејсбук; гангстер, нокдаун, питбул; како и кај зборовите со префиксите дис-, пост-, транс- и сл.: дисбаланс, постдипломски.
2. Обезвучување на согласките на крајот од зборот
На крајот од зборот звучните согласки се изговараат безвучно (но, се пишуваат звучните).
На пр.: леб, град, мраз, роб, грав, прав, млад (се чита: леп, грат, мрас, роп, граф, праф, млат).
(За да знаете како да го напишете, ако се двоумите, членувајте го зборот: леб — лебот, град — градот; тогаш јасно се изговара звучната согласка.)
3. Редување (замена) на гласовите
Појавата кога некои гласови се заменуваат со други се вика редување.
На пр.: рака — раце, раче (к се заменило со: ц, ч); нога – нозе, ноџе (г се заменило со: з, џ); врати – враќа; фати – фаќа.
4. Елизија (испуштање) на гласовите
Испуштањето на гласовите најчесто се случува во множинските форми на зборовите и поради олеснување на изговорот.
На пр.: петел – петли, потомок – потомци, добар – добри, лист – лисје, грозд – грозје.
Фонетика (матура)
Од темата ФОНЕТИКА, прочитај и за:
- Фонетика – наука за гласовите
- Фонологија – наука за фонемите
- Поделба на гласовите (самогласки и согласки)
- Говорни органи
- Гласовни промени
- Едначење по звучност
- Обезвучување на крајот од зборот
- Замена (редување) на гласовите
- Испуштање (елизија) на гласовите