Глаголски групи
Глаголите се делат во групи според тоа на која самогласка завршуваат во 3л. еднина сегашно време.
Во македонскиот јазик нема инфинитивна форма, па затоа се употребува оваа форма на глаголот каде нема наставка.
Разликуваме три глаголски групи:
а) -а група : чита, игра, вика;
б) -и група : носи, моли, коси;
в) -е група : плете, пее, пие.
На пр.: сегашно време
1л. учам
2л. учиш
3л. учи
Во 3. лице еднина завршува на и, значи глаголот е од и – група.
Глаголски подгрупи (раздели)
Во промената на глаголите, освен трите основни самогласки (а, е, и), се јавуваат и други самогласки (о, на пример) или празни места (без основен вокал) пред личните наставки.
Ова особено се забележува при образувањето на минато определено свршено време.
Глаголската подгрупа или раздел се определува според самогласката што стои пред личната наставка во 1л. еднина минато определено време.
а) Кај глаголите од а-група нема раздели, затоа што самогласаката е секогаш а.
На пример: чит – а – в; вика – а – в.
б) Кај глаголите од и-група разликуваме три подгрупи (раздели)
и-раздел: прати-и-в; стор-и-в
е-раздел: изгор-е-в, оздрав-е-в
а-раздел: издрж-а-в, прележ-а-в
в) Кај глаголите од е-група разликуваме четири подгрупи (раздели)
а-раздел: стан-а-в, викн-а-в
е-раздел: запр-е-в, сотр-е-в
о-раздел: дојд-о-в, рек-о-в
без самогласка: чу-/-в, изми-/-в
Граматички категории кај глаголите
1. Лице, род и број кај глаголите
а) Под категоријата лице се подразбира учесникот во говорот.
Глаголите се согласуваат со личните заменки и тие имаат форми за трите лица во еднина и множина.
1л. – лицето што зборува;
2л. – лицето на кое му се зборува;
3л. – лицето за кое се зборува.
Лицето кај заменките се изразува со посебна форма (лексички), а кај глаголите со наставка (морфолошки).
Глаголите што имаат промена по лице се викаат лични; оние што не разликуваат лице се викаат нелични (плетење, плетен, плетејќи); а оние што имаат форма само за трето лице, но всушност не го означуваат лицете се викаат безлични (грми, студи, врне).
б) Глаголите имаат број, односно имаат форми за еднина и множина.
в) Глаголите немаат род, освен некои нелични глаголски форми (глаголска придавка – плетен, глаголска л-форма – плетел и глаголска именка – плетење).
(Прочитај повеќе за лице, број и род кај глаголите на следнава ВРСКА.)
2. Глаголски вид
Со глаголите се искажува дејство кое може да трае подолго или да заврши во истиот миг. Во зависност од ова разликуваме свршени и несвршени глаголи:
а) несвршени глаголи – означуваат дејство кое трае, кое се одвива, кое не е завршено.
– трајни – глаголско дејство кое трае без прекинување (не се знае почетниот ни завршниот момент)
На пр.: чита, пее, плива
– повторливи – означуваат неограничена низа од повеќе свршени дејства што се вршат едно по друго.
На пр.: прелистува, превртува, прескокнува
б) свршени глаголи – дејство кое го сфаќаме како целосно завршено. Тоа дејство може да се извршило во:
– еден момент : тропне, чукне, пукне;
а може да означува и:
– почеток на дејство : заигра, појде;
– крај на дејство : прочита, доплива;
– дел од дејство : поседи, поработи.
(Прочитај повеќе за глаголски вид на следнава ВРСКА.)
3. Преодност на глаголите
Категоријата преодност се однесува на тоа дали дејството е тесно врзано со предметот или не.
а) Преодни глаголи – нивното дејство „преоѓа“ на предметот, односно целосно го опфаќа.
На пр.: носи вода; кажува приказна
Овие глаголи не можат да стојат самостојно, без предмет, бидејќи ќе остане отворено прашањето: што носи? што кажува?
б) Непреодни глаголи – дејството не преоѓа на ништо, односно не мора да се поврзуваат со предмет.
На пр.: Птицата лета, тој оди итн.
в) Повратни глаголи – дејството преоѓа врз лицето што ја врши работата, но не секогаш бидејќи тука влегуваат сите глаголи во чиј состав влегува кратката заменска форма од повратната заменка себе се. Кај овие глаголи не значи дека дејството се враќа на вршителот туку повратноста произлегува од повратната заменка која ја содржат.
На пр.: се чешла, се смее, се радува итн.
4. Глаголски начин
Под глаголски начин го подразбираме нашиот однос кон глаголското дејство во реченицата. Разликуваме:
а) Исказен начин – се искажува реален однос.
На пр.: Петре чита книга.
б) Заповеден начин – искажуваме желбен или заповеден однос.
На пр.: Петре, донеси ми ја книгата!
в) Можен начин – искажува можност да се изврши дејството под некој услов.
На пр.: Кога би имал време, Петре би ја прочитал книгата.
5. Глаголски залог
Со залогот се означува односот на граматичкиот подмет кон глаголското дејство.
а) Актив – подмет е лицето што го врши дејството.
На пр.: Петре чита книга. (Петре е подмет во реченицата.)
б) Пасив – подметот не го врши дејството, туку предметот или лицето врз кои се врши дејството станува граматички подмет. Односно, подметот станува предмет, а предметот – подмет.
На пр.: Книгата беше читана од Петре. (Книгата е подмет во реченицата.)
6. Категорија време
- сегашно (Означува дејство што се врши во моментот на зборувањето.);
- минато определено несвршено и свршено (Искажува глаголско дејство кое се вршело или извршило во минатото во присуство на лицето што зборува.);
- минато неопределено (Има несвршено и свршено во зависност од видот на глаголот. Означува дејство кое е вршено или завршено во минатото, без притоа да се побудува претстава за одреден момент кога се одвивало. Служи за директно кажување или за прекажување.);
- предминато (Искажува дејство што се извршило пред некое друго минато дејство.);
- идно (Означува дејство кое се врши или извршува по моментот на зборувањето.);
- минато-идно ( Означува дејство кое е идно во однос на некој друг минат момент.);
- идно прекажано време (Искажува идно или минато-идно дејство кое сами не можеме да го посведочиме.).
7. Глаголски форми
Глаголски форми се разликуваат според тоа, дали се менува само глаголот (со наставки) или во склопот на формата има и некој друг збор освен основниот глагол. Разликуваме прости и сложени.
Прости глаголски форми
Прости глаголски форми се оние што го содржат само глаголот. Тука глаголот добива различни наставки (флексии) и го среќаваме во различни збороформи. Односно, зборот не го менува своето основно (лексичко) значење, туку само граматичкото.
глагол (менуван по лице, број, време или начин со наставки)
Тоа се:
а) сегашно време (читам, читаш, чита; читаме, читате, читаат),
б) заповеден начин (читај; читајте),
в) минато определено (несвршено и свршено) време (читав, читаше, читаше; читавме, читавте, читаа – прочитав, ппрочита, прочита; прочитавме, прочитавте, прочитаа),
г) глаголска л-форма (читал, читала, читало; читале),
д) глаголска придавка (читан, читана, читано; читани),
ѓ) глаголски прилог (читајќи), и
е) глаголска именка (читање).
Сложени глаголски форми
Сложени глаголски форми се оние кои освен основниот глагол содржат и друг дел, помошен глагол или честичка.
сум (бев), ќе, би + глагол
Тоа се:
а) минато неопределено (несвршено и свршено) време (сум читал, си читал, читал; сме читале, сте читале, читале),
б) идно време (ќе читам, ќе читаш, ќе чита; ќе читаме, ќе читате, ќе читаат),
в) минато-идно (ќе читав, ќе читаше, ќе читаше; ќе читавме, ќе читавте, ќе читаа),
г) идно прекажано време (ќе сум читал, ќе си читал, ќе читал; ќе сме читале, ќе сте читале, ќе читале),
д) можен начин (би читал, би читале) и
ѓ) сложените форми со има/нема (имам, имав, ќе имам, сум имал, ќе сум имал + читано).
8. Именски форми на глаголот
Во простите глаголски форми спаѓаат и именски форми на глаголот (нелични глаголски форми).
Глаголската л-форма нема самостојна употреба во реченицата. Со неа и со помошниот глагол сум се градат некои сложени глаголски форми.
Се образува од глаголот и наставките: -л, -ла, -ло; -ле.
На пр.: викал, викала, викало; викале; носел, носела, носело; носеле; плетел, плетела, плетело; плетеле.
Глаголската придавка врши две служби: глаголска и придавска. Кога е со помошниот глагол сум или има, глаголската придавка врши глаголска служба; а кога стои пред именката и е употребена како атрибут, тогаш врши придавска служба.
Се образува од глаголот и наставките: -н, -на, -но; -не; и: -т, -та, -то; -те.
На пр.: читан, читана, читано; читани; носен, плетен, миен, шиен;
ценет, ранет, пукнат, чукнат, паднат.
Имам плетено таков елек. (глаголска служба)
Таа носи плетен елек. (придавска служба)
Со глаголскиот прилог се искажува дејство кое се врши паралелно со некое друго дејство во реченицата.
Се образува од глаголот и наставката: – јќи
На пр.: читајќи, носејќи, викајќи, плетејќи, одејќи.
Одејќи кон училиштето го сретнав Митре.
Глаголската именка искажува трајно глаголско дејство.
Се образува од несвршен глагол и наставката -ње
На пр.: носење, викање, плетење, читање, седење, пиење, јадење.
Од некои свршени глаголи се образуваат глаголски именки со наставките: -ние, -тие.
На пр.: одделение, издание, решение, покритие.
Прочитај и за:
- Морфологија – именски зборови (матура)
- Морфологија – неменливи зборови (матура)