Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » Наука за јазикот (прва година)

Наука за јазикот (прва година)

Наука за јазикот (скратена тема)

Поими што треба да се усвојат:

  1. Знак (симбол и сигнал)
  2. Семиологија
  3. Комуникација (еднонасочна/заемна; вербална/невербална; сигнална/симболичка)
  4. Јазик (систем од знаци)
  5. Дијалектен (дијалект) и стандарден (литературен) јазик
  6. Вештачки и природен јазик
  7. Јазик, говор, писмо
  8. Видови писма (пиктографско, идеографско, фонетско).

 

Знак (симболи и сигнали)

 

  • ЗНАК е нешто што укажува на нешто друго. (Нив ги восприемаме со сетилата)
  • СИМБОЛИ се знаци што се испраќаат СО намера.
  • СИГНАЛИ се знаци што се испраќаат БЕЗ намера нешто да нè информираат.
  • Науката што ги проучува знаците се вика СЕМИОЛОГИЈА (семиотика).

Прочитај повеќе на следнава ВРСКА.

 

Комуникација (општење)

 

  • Комуникација (општење) е размена на знаци; меѓусебно дејствување со знаци.
  • Во зависност од тоа дали се употребуваат симболи или сигнали, дали се употребува говорот или други знаци, дали зборува само еден или се води дискусија, итн.
Разликуваме неколку вида комуникација:

 

  • Симболичка и сигнална комуникација (Комуникацијата со знаци што СЕ упатени кон нас се вика симболичка. Најсложен систем од симболи е човековиот јазик. Кога восприемаме знаци што НЕ СЕ упатени кон нас (жолтите лисја на дрвјата – есен) станува збор за сигнална комуникација.)
  • Вербална и невербална комуникација (Вербална комуникација е кога употребуваме јазик, зборови (вербално се изразуваме). Невербална комуникација е без зборови, односно кога употребуваме други знаци, како на пример: гестови, мимики, знаци со рацете (прстите), телото (на пр.: кревање раменици – со значење дека нешто не знаеме), правење паузи итн.)
  • Еднонасочна и заемна комуникација (Еднонасочна комуникација е кога комуникацијата се одвива во една насока без можност да се возврати (дискутира, полемизира). На пример, кога гледаме телевизија, слушаме радио и сл. Заемна комуникација е двонасочна, односно повеќенасочна; кога заемно можеме да разговараме со повеќе луѓе.)

Прочитај повеќе на следнава ВРСКА.

 

Јазикот како систем од знаци

 

Човечкиот јазик е најсложен систем од знаци и најсовршено средство за комуникација (Тој содржи правилна артикулација на гласовите што ги спојуваме во зборови и со сложен систем ги подредуваме во реченици за да изразиме мисла.)

Јазикот е АПСТРАКТЕН систем од знаци, но самиот говор (реченицата, мислата што ја кажуваме) е негово КОНКРЕТНО остварување.

Прочитај повеќе на следнава ВРСКА.

 

Дијалектен и стандарден јазик

 

  • Дијалектниот јазик (дијалектот) е јазик што го говори група луѓе географски одделена од друга група луѓе. (Освен географски, таа група луѓе е поврзана историски и општествено.)
  • Стандардниот (литературниот) јазик е официјалното средство за комуникација на една нација. (Изграден е врз основа на дијалектите, има пропишана норма, го знаат сите припадници на нацијата.)

Прочитај повеќе на следнава ВРСКА.

 

Поделба на јазиците

 

Јазиците се делат на:

— живи — јазици што се зборуваат денес;
— мртви — јазици што повеќе не се зборуваат: латински, старогрчки, старословенски и др.

И на:

— природни — јазици што се создале по природен пат, како општествена неопходност за комуникација меѓу луѓето;
— вештачки — јазици создадени од еден човек или група луѓе (есперанто, интерлингва) за полесна комуникација меѓу луѓето.

 

Писмо

 

  • Писмото е визуелно претставување на говорот.
  • Писмото е една од најголемите придобивки на цивилизацијата, бидејќи на тој начин се пренесуваат информациите од генерација на генерација.

 

Видови писма

  • Пиктографско писмо – најстаро. Пиктограмите се цртежи на предметите, кои на јазично ниво одговараат на речениците.
  • Идеографско писмо – поразвиена форма на пиктографското, во кое цртежите добиваат симболичко значење. Идеограмите се цртежи кои имаат преносно (метафоричко) значење, а на јазично ниво тие одговараат на зборовите.
  • Фонетско писмо – гласовно. Секој знак (буква) означува еден глас.

Прочитај повеќе на следнава ВРСКА.

 

Прашања за повторување на темата:

  1. Што е комуникација?
  2. Што е знак?
  3. Што е разликата меѓу симбол и сигнал?
  4. Што е симболичка, а што сигнална комуникација?
  5. Што е еднонасочна, а што заемна комуникација?
  6. Што е вербална, а што невербална комуникација?
  7. Што проучува семиологијата?
  8. Што е јазик?
  9. Што е говор?
  10. Што е писмо?
  11. Какви видови писма има според историскиот развој?
  12. Што е природен, а што вештачки јазик?
  13. Што е дијалектен, а што стандарден јазик?
Scroll to Top