Правопис претставува правилна употреба на графичките знаци.
Правописот е збир од правила и законитости за пишување, односно за пренесување на кажаното по писмен пат.
Правописот го следи развојот на јазикот во сите сфери и затоа доживува измени.
Првиот Правопис на македонскиот литературен јазик е отпечатен 1945 година, а последниот 2016.
Во 2017 година беше објавено второ издание на последниот Правопис кое е достапно на интернет.
Употреба на голема и мала буква
1. САМО географските имиња ако се составени од повеќе зборови, сите зборови во нивниот состав се пишуваат со голема буква.
*заб. Во ниту еден друг случај не се пишуваат сите зборови со големи букви (освен ако не се лични имиња).
На пример: Македонија, Вардар, Скопје, Пелагонија, Шар Планина, Охридско Езеро, Ново Село, Соединети Американски Држави, Европа, Западна Македонија, Далечен Исток.
2. Само првиот збор се пишува со голема буква (осен ако не е лично име) кај:
имињата на институциите, улиците, кејовите, плоштадите, објектите, организациите, фестивалите, имињата на книгите, уметничките творби, весниците, списанијата, написите, законите, прописите, документите, како и називите на востанијата, војните, битките и мировите.
На пример: Архитектонски факултет, Драмски театар, Партизански одреди, Арапска куќа, Младинска организација, Струшки вечери на поезијата, Крпен живот, Бисера, Време, Закон за работни односи, Разловечко востание, Втора светска војна, Версајски мир.
3. Со голема буква се пишуваат празниците, а само првиот збор се пишува со голема буква ако се составени од повеќе зборови.
На пример: Први мај, Нова година, Божиќ, Бајрам, Единаесетти октомври, Осми септември.
Ако празникот е напишан со број, тогаш зборот по бројот се пишува со голема буква. (На бројот не му се додаваат никакви додавки ниту точка. НЕ: 8-ми, 11-ти, 1-ви, 8. 11. и сл.)
На пример: 8 Март, 1 Мај итн.
4. Со мала буква се пишуваат:
имињата на месеците, деновите во неделата, годишните времиња.
На пример: април, јануари, среда, сабота, лето, зима.
5. Со голема буква се пишуваат:
имињата на жители на континенти, држави, области, национална припадност, припадници на племиња.
На пример: Европеец, Американец, Австралиец, Германец, Македонец, Србин, Ром, Албанец, Швајцарец, Мариовец, Горанец.
6. Со мала буква се пишуваат жителите на населени места.
На пример: скопјанец, битолчанец, крушевчанец, драчевец, новоселец.
7. Со мала буква се пишуваат и придавките изведени од лични имиња и географски поими.
На пример: горкиевски (стил), езоповски (начин), скопски, македонски, албански, вардарски, охридски, шарпланински.
8. Со голема буква се пишуваат посвојните придавки изведени од лични имиња со наставките: -ов, -ев и -ин.
На пример: Вчера го видов Игоровиот пријател Зоран.
На Милкиниот прозорец има најмногу цвеќиња.
9. Кога по две точки (:) следува директен говор, се пишува голема буква.
На пример: Дејан рече: „Многу ми е здодевно“.
Слеано, полуслеано и разделено пишување на зборовите
Слеано пишување
1. Префиксите по- и нај- за образување компаратив и суперлатив се пишуваат слеано.
На пр.: подобар, најдобар, повисок, највисок.
2. Слеано се пишуваат и зборовите чија втора компонента е -пат, -пати.
На пр.: првпат, вторпат, двапати, многупати, секојпат, дваесeтпати, сто седумдесетпати.
3. Имињата на празниците во чиј состав влегува зборот ден.
На пр.: Илинден, Ѓурѓовден, Спасовден;
исто и: роденден; роденденот;
како и празниците пред Велигден: Величетврток, Велипеток.
4. Сложените релативни сврзници образувани со спојување на заменките кој, чиј со што: којшто, чијшто.
5. Сложените заменки: секој, секоја, секое, секои; сешто, сенешто; некојси,
некојаси, некоеси, некоиси, понекој, понекоја, понекое, понекои; себеси.
6. Негацијата НЕ се пишува слеано со придавки, прилози и именки.
На пр.: непријатен, несвесен, неумен, неподготвен, недалеку, нечовек, непријател, невистина.
Полуслеано (со цртичка) пишување
1. Две презимиња или прекар.
На пр.: Лилјана Ристовска-Наумовска, Кузман Јосифовски-Питу
2. Сложените прилози.
На пр.: кој-годе, што-годе, кај-годе, бргу-бргу, ден-денес, лека-полека, овде-онде, одвреме-навреме
3. Кога во првиот дел пишуваме број го поврзуваме зборот со цртичка.
На пр.: 20-годишна, 100-годишнина, 10-дневен, 24-часовен, 11-ти, 100-ти.
Разделено пишување
1. Негацијата НЕ пред глаголот се пишува одвоено.
На пример:: не може, не сака, не знае;
не пишува, не размислува;
Исто така, не се пишува заедно негацијата НЕ со глаголскиот прилог:
не сакајќи, не можејќи, не знаејќи.
2. Кратките заменски форми зад именките со роднинско заначење.
На пр.: мајка ми, татко ти, брат му, баба ви
3. Поздравите што се составени од два или повеќе збора.
На пр.: добар ден, добра ноќ, добре дојде, до видување, до гледање, со здравје
4. Разделено се пишуваат и: сè уште, на пример, од сè срце.
Скратеници и скратувања
Во македонскиот јазик под скратеници се подразбираат акронимите – изведени зборови кои се добиваат од почетните букви на зборовите од кои се составени.
А скратувањата на зборовите, т. е. абревијациите се кратења на одделни зборови кои често се употребуваат заради заштеда на време и на простор.
Скратеници
Најголемиот број скратеници се добиваат од почетните букви на составните делови на називот:
ВМРО – Внатрешна македонска револуционерна организација
ЕУ – Европска Унија
ЈСП – Јавно сообраќајно претпријатие
МНТ – Македонски народен театар
ОН – Обединети нации
САД – Соединети Американски Држави
Скратениците по правило се пишуваат со големи букви и без точки, а се читаат или буква по буква (АРМ, ЈСП, МНТ, МПЦ итн.), најчесто тогаш кога во нивниот состав нема самогласка, или се читаат како еден збор (АСНОМ, НОБ, МАНУ, САД, УЕФА итн.).
Скратувања – скратување на зборовите
Зборовите се скратуваат заради заштеда на простор и време.
Скратувањата на зборовите функционираат само при пишувањето, а не и при зборувањето.
1. Најекономични и најчести се скратувањата сведени на првата буква на зборот. Такви се, на пример, следниве:
в. – век; види; весник
г. – година; господин
ж. – женски
с. – село
Мерните единици што се користат често надвор од научната сфера на употреба се пишуваат со кирилски букви и без точка:
м – метар, мм – милиметар, см – сантиметар и центиметар, км – километар, л – литар, мл – милилитар, г – грам, кг – килограм, т – тон итн.
2. Многу зборови се кратат пред првата самогласка:
бр. – број
др. – друго
мн. – множина
3. Некои зборови се кратат пред втората самогласка:
ал. – алинеја
арх. – архитект; архаизам
4. Ретко се среќаваат скратувања кои завршуваат пред третата самогласка во зборот:
геогр. – географија
зоол. – зоологија
5. Сосем ретко зборовите се кратат пред четвртата самогласка:
археол. – археологија
6. Поретко, скратувањата се добиваат со поврзување со цртичка:
г-а – госпоѓа (неутрална форма за означување женско лице)
г-ца – госпоѓица (младо женско лице без оглед на брачен статус)
г-ѓа – госпоѓа (возрасно женско лице без оглед на брачен статус)
д-р – доктор на науки
м-р – магистер
7. Кај сложените зборови скратувањето се образува со примена на принципот кај секоја од компонентите на сложениот збор:
с.р. – своерачно
т.н. – таканаречен
ст.сл. – старословенски
8. Кога се кратат групи зборови, се почитуваат општите принципи и меѓу нив има празно место (белина):
и др. – и друго, и други
и сл. – и слично
ж. р. – женски род
м. р. – машки род
ср. р. – среден род
н. е. – новата/нашата ера
пр. н. е. – пред новата/нашата ера
9. Некои скратувања отстапуваат од македонските принципи:
т. е. – то ест
итн. – и така натаму (вака, главно, за да се разликува од т.н. – таканаречен).
Еднакви согласки во непосреден допир
Ако согласките што се нашле во непосреден допир се наоѓаат меѓу две самогласки, се удвојуваат, а ако не се меѓу две самогласки, не се удвојуваат.
- Согласките меѓу две самогласки се удвојуваат:
нај+јак = најјак, раз+зелени = раззелени; од+далечи = оддалечи. - Истите согласки кога не се меѓу две самогласки, не се удвојуваат:
без+звучен = безвучен, без+смртен (кај без- согласката з се едначи по звучност и добиваме бес-) = бесмртен.
Исклучок од ова правило се:
- префиксите ис- (исели, исвири), и рас- (расели, раскока),
никогаш не се удвојуваат, без разлика дали се или не се меѓу две самогласки, -
Кај именките на -ст во членуваната форма и кај бројот шест, не се удвојува т:
- болест – болеста, жалоста, радоста,
- шест — шесте.
- префиксот против-, кој секогаш се удвојува: противвредност, противвладин.
Пишување на некои согласки
Согласката Ј
3. Кога во зборот ќе се најдат три или повеќе самогласки една до друга, меѓу втората и третата се пишува Ј: доајен, досиеја, крупиеја, фоајеа;
Согласките В и Ф
- на почетокот од зборот кај: влез, внатре, внесе, внук, втор, втораче, вторник, второлигаш, второстепен, вторпат, вчера;
- на други позиции во зборот: був, евтин, евтинија, кожув, мавта, мавне, фреквенција и сл.
Гласот В не се пишува и не се изговара во следниве случаи:
- во почетокот на зборот: заемен, заемно, заемност;
- во глаголите: преземе, заземе;
- во прилогот: однатре;
- во заменката сѐ и во сложенките со неа: сеедно, сеопшт, сеопфатен, сестран и др.
Гласот Ф се пишува:
- сфати, сфаќа, фати, фаќа, фали, фрла.
Согласките Ќ и Ѓ
Ќ се пишува:
- Ќ се пишува во честичката за идно време ЌЕ: ќе учам;
- Пред Е, Ќ се пишува во зборовите:
бериќет, ќебап, ќебапче, ќебе, ќелија, ќерамида, ќесе, ќеф, ќече, шеќер.
Ќ не се пишува:
-
Пред Е и И, не се пишува Ќ во зборовите:
- кенгур, керамика, кеса, кечап, кеш.
- кибрит, килер, килим, килибар, килимарница, кираџија, кирија.
Ѓ се пишува:
- Ѓ се пишува пред Е во зборовите: ѓеврек, ѓеврекчија, ѓезве, ѓердан, ѓерѓеф, калуѓер.
Ѓ не се пишува:
-
Ѓ не се пишува пред Е и И во зборови од несловенско потекло:
- ангел, генерал, генијален, гелендер, Германија;
- гиро, гимназија, гимнастика, гинеколог, магија.
Согласките Л и Љ
Согласката Л се пишува:
1. Пред самогласките А, О и У: чешла, кошула, селанка, грклан, клокоти, клука, клун, клуч, луѓе, лула, лулка, лупи, лушпа, лут, плука, плунка, плускавец.
2. Пред согласка: билка, болка, бришалка, желка, родилка;
со новиот правопис дозволени се двете варијанти на зборовите: детално/детаљно, деталност/детаљност и во личните имиња: Илчо/Иљчо, Илка/Иљка.
3. На крајот од зборот: крал, пријател, родител, учител, сол, чешел итн.
со новиот правопис се дозволени двете варијанти на зборовите: тел/тељ, детал/детаљ, портфел/портфељ, водвил/водвиљ, катил/катиљ, фитил/фитиљ.
4. Пред самогласките Е и И: биле, дале, детален, леб, лево, лесен, лето, млеко, поле, блиску, бели, боли, дели, ливада, лице, личи, слика итн.
Како и во множината на зборовите: биљбили, детали, портфели, водвили, катили, фитили. Исклучок од ова се множините: бељи (од: беља) и рубљи (од: рубља).
Сонантската група лј:
1. Сонантската група лј се изговара слеано, при што л омекнува пред ј: билје, зелје, колје, релјефен, билјар, далјан, илјада, копилјак, лилјак, колја, крилја, Велјан, Силјан, Смилјан, Билјана, Лилјана, баталјон, булјон, медалјон, павилјон, волја, неволја, ролја, фотелја; и во множината: неволји, милји, ролји, фотелји.
Согласката Љ се пишува:
1. Пред У:
- во коренот на зборот љуб-: љубезен, љуби, љубимец, љубител, љубов, љубовник, љубомора, љубопитен, вљубен, заљубен;
- во сопствените имиња: Љуба, Љубица, Љупка, Љубе, Љубен, Љубомир, Љупчо, Љубојно;
- во зборовите: виљушка, виљувче, набљудува.
2. Пред други самогласки:
- во зборовите: беља, иљач, пљачка (мн: пљачки), пљачкоса, рубља, детаљ (мн: детали);
- во личните имиња: Дељо, Иљо, Кољо, Пељо, Суљо итн.
3. Пред согласка:
- во зборовите: фељтон, фељтонист;
- во лични имиња: Иљчо/Илчо, Иљка/Илка.
4. На крајот од зборови од туѓо потекло:
- кељ, прокељ, хмељ;
- како и во зборовите каде се дозволени двете варијанти, и со Л и со Љ: тел/тељ, детал/детаљ, портфел/портфељ, водвил/водвиљ, катил/катиљ, фитил/фитиљ.
Согласките Н и Њ
Согласката Н се пишува:
- во зборовите: вишна, пена, пустина, затина, препина, протина, сопина,
свински, свинче, свинштина, бастун, - во личното име Прохор Пчински и др.;
- пред б во случаите како: бонбона, бонбониера, Истанбул, одбранбен, прехранбен, станбен итн.;
- пред други согласки: инјекција, инјектира, инстинкт, инстинктивно, конјугација, конјункција, конјунктивит, конјунктурен, конфекција и сл.
Согласката Н не се пишува во зборот: величествен.
Согласката Њ се пишува:
- во зборовите: дење, сињак, сукња;
- на крајот од зборот, во зборовите од домашно потекло во стандардниот јазик, се пишува единствено во зборот коњ. Со њ се пишуваат и сите граматички форми, изведенки и сложени зборови во чие образување влегува оваа именка: коњи, коњче, коњски, коњушница, коњушар, коњаник, коњокрадец, коњоштип итн.
- во зборовите: бања, диња, дуња, молња, Пчиња, свиња, тиња;
- во граматичките форми и изведенките од посочените зборови: бањи, бањач, бањарка, бањски, дињи, молњи, молњоса, свињи, свињар, свињарче, свињарски, свињарство, тињест итн.;
- при образувањето на глаголски именки и нивните граматички форми: берење, варење, движење, облекување, пешачење, пишување, спиење, спортување и др.;
- при образувањето збирна множина кај именките чија основа завршува на -н: камен – камење, камења, корен – корење, корења, планина – планиње, прстен – прстење, прстења, ремен – ремење, ремења, трн – трње, трња и др.;
- при образувањето множина со наставката -иња кај некои именки од среден род што завршуваат на -е: врапче – врапчиња, дете – деца/дечиња, дрвце – дрвца/дрвциња, мезе – мезиња, окце – окца/окциња, ќебе – ќебиња, ќоше – ќошиња, цвеќе – цвеќиња и др.;
- во зборови, лични имиња и топоними од туѓо потекло и нивните изведенки: њоки, шампињони, Њу Делхи, Њујорк, њујоршки, Њутн и др.
Надреден знак (`)
Надреден знак се пишува само во три случаи:
1. Над самогласката Е во кратката заменска форма од нас нè, за да се разликува од негацијата не.
На пример: Кога влеговме не нè забележаа веднаш.
2. Над самогласката Е во прилогот сè за да се разликува од кратката заменска форма од повратната заменка себе се која често ја употребуваме со повратните глаголи; како и од помошниот глагол сум во трето лице множина (тие се).
На пример: Сè се случи многу брзо.
3. Над самогласката И кај кратката заменска форма од нејзе ѝ за да се разликува од сврзникот и.
На пример: Не ѝ рече ништо и не ѝ дозволи да зборува.