Драмата е еден од трите литературни рода чија главна карактеристика е дијалогот.
Таа е претставувачка уметност. Претставувањето на ликовите и настаните е преку дијалошка форма.
Драмата е поблиска до епиката, бидејќи има настани (фабула), може да ја раскажеме, има ликови, тема, идеја, мотиви итн. Сепак, таа се разликува од епиката, особено по дијалошката форма, но и другите специфики што ги носи.
Драмата е тесно поврзана со театарот, бидејќи таа е предвидена да се изведува пред публика. Драмскиот текст, може да го читаме, но може и да го гледаме изведен на сцената.
Видови драми
Драмите можат да бидат во проза, во стих и комбинирани во проза и стих.
Разликуваме:
- Трагедија е драмска творба во која се прикажува несреќната судбина на јунакот кој трага по некоја возвишена, но недостижна цел. Во трагедијата се прикажуваат мрачни, жестоки и тажни настани, ненадејни промени од среќа во несреќа, немоќта на човекот да ја промени својата зла судбина и речиси секогаш завршуваат со смртта на јунакот. Јазикот во трагедиите обично е возвишен. Најпознати автори на трагедии се: Софокле, Есхил, Шекспир и др.
- Комедија е драмска творба во која се прикажува смешното во животот, односно се подложуваат на потсмев негативните особини на луѓето или негативните појави во општеството. Јазикот во комедиите е пообичен, погруб, вулгарен. Во зависност од она што се исмева во комедијата, разликуваме: комедија на карактери, нарави, на интригата, фарса и гротеска.
- Трагикомедијата е драмска творба во која се испреплетуваат трагични и комични елементи.
Драмските дејства и заплетот се сериозни и со возвишен стил, но расплетот е комичен. - Драма (во потесна смисла на зборот) како посебен вид не е ниту трагична, ниту комична, туку реална.
Во неа доминираат теми и мотиви од секојдневниот живот.
Тука преовладува внатрешниот свет на ликовите, нивните дилеми, маки и страдања.
Елементи на драмата
Заеднички елементи на драмата со епиката се: темата, идејата, време и место, настани (фабула), ликовите; но таа има свои специфичности.
Дијалогот е основниот белег на драмата.
Дијалогот е разговор меѓу два или повеќе лика во текот на драмското дејство.
Драмското дејство, пак, е клучниот елемент во драмата под кој ги подразбираме постапките на ликовите.
Ликовите може да зборуваат сами со себе, или да ѝ се обраќаат на публиката.
Ваквиот говор на еден лик се нарекува монолог. Постојот и цели драми со еден единствен лик, кој е носител на драмското дејство и претставувач на настаните. Тие драми се викаат монодрами.
Специфичности на драмата се просторот и времето.
Кажавме дека драмата може да се чита, но може и да се гледа изведена на сцена. Еден конкретен простор и време се претставени во самата драма.
На пример, во драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски е претставено Куманово на почетокот од дваесеттиот век. Тоа се просторот и времето на самата драма.
Но, кога се изведува на сцена, на пример во Драмскиот театар во Скопје, во дваесет и првиот век, имаме поинакво време и простор. Односно тогаш, времето на драмата, претставена со костумите и други елементи, се испреплетува со времето на случувањето на претставата – сега. Гледачот е свесен и за сегашниот момент, но и за времето претставено во драмата. Додека ја гледа претставата тој има впечаток дека драмското дејство се случува сега (иако тоа дејство може да биде од најдалечното минато или од иднината). Според ова, разликуваме простор и време кои се прикажани со драмското дејство и простор и време на театарската претстава.
Други специфични елементи од драмата, кои може, а и не мора да ги содржи се:
Афиша (театарска листа) се наоѓа на почетокот од драмата и во неа се даваат неопходните податоци за ликовите (возраста, семејните релации, изгледот, облеката итн.), за времето и местото на случување (слично на прологот); но може да има информации и за: режисерот, актерите, сценографот, костимографот и сл.
Прологот се јавува на почетокот од драмата и ја информира публиката (читателите) за времето и просторот каде ќе се одвива драмското дејство.
Драмата е составена од чинови. Во минатото имало строги правила за чиновите, односно драмата морала да има пет чина, што за современата драма не важи. Денес, среќаваме драми од само еден чин (едночинки) или без чинови (само со слики).
Чинот е заокружена целина на драмата. Тој се дели на:
Слика, која е краток временски дел каде се заокружува едно дејство на ликовите, и
Сцена, која е заокружена целина, дел од сликата, и која завршува со влегување на нови ликови во драмското дејство.
Дидаскалии (ремарки, забелешки) се упатства кои ги дава нараторот во загради, а се наменети за читателите, актерите и режисерот. Во нив има податоци за времето, сцената, местото, костумите, движењето итн.
Епилогот се јавува на крајот од драмата и во него се кажува што се случува натаму со ликовите или се искажува пораката на авторот.
Композиција на драмата
Композицијата на драмата е сложена структура. Драмското дејство се одвива во пет основни композициски етапи (обично во пет чина):
1. Експозицијата е вовед во драмското дејство и запознавање со ликовите. Тука се дава почетното дејство кое има цел да го заинтересира читателот (гледачот).
2. Заплетот е развивање на судирот, конфликтот меѓу ликовите.
3. Кулминацијата е врвот на конфликтот и оттука започнува неговото разрешување.
4. Перипетијата е првиот чекор кон разјаснувањето и разрешувањето на конфликтот. Тука се случува пресврт на настаните, односно се случува нешто непредвидено за да се разјасни конфликтот.
5. Расплетот е последната етапа на драмското дејство. Тука се разрешува конфликтот.
Конфликтот, како што кажува самиот збор, претставува судир. Судирот во драмата најчесто се случува меѓу два лика кои имаат различни ставови, кои потекнуваат од различни социјални средини, политички партии итн. Но, конфликтот може да биде и во внатрешноста на еден лик.