Данте Алигиери
(1265-1321)
Во 15 и 16 век на територијата на денешна Италија егзистирале неколку градови-држави кои биле предводници во новиот ренесансен начин на живот, но сепак Фиренца се смета за центар.
Таму работеле Донатело, Ботичели, потоа Микеланџело, Макијавели, Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј и др.
Таму е роден и големиот поет Данте Алигиери во духот на предренесансното време каде се изградил во сестрана личност, занимавајќи се со поезија, сликарство, архитектура, политика итн.
Му се восхитувал на античкиот поет Вергилиј, кој станал негов идол.
Втората, не помалку важна личност во неговиот живот е Беатриче со која се сретнал кога имал 9 години.
Детската љубов подоцна прераснала во животен занес. Но, таа се омажила за дворјанин, а набргу и починала.
Тоа предизвикало големо растројство и криза во животот на Данте.
Излез побарал во науката и политиката, но тие ќе го разочараат уште повеќе.
Прва збирка песни на Данте е „Нов живот“ во која ја искажал својата љубов кон Беатриче.
Делото „Пир“ („Гозба“) содржи 14 алегорични песни поврзани со раскажување каде Данте ги искажува своите ставови за човековиот разум, за задгробниот живот, ангелите и Бог.
Негово најзначајно литературно дело е „Божествена комедија“.
Божествена комедија
Инспирација за создавањето на ова ремек-дело на Данте му дала љубовта кон Беатриче која сакал да ја овековечи.
„Божествената комедија“ е религиозно-филозофски еп.
Темата во делото е задгробниот живот, односно наградите и казните што ќе ги добие човекот по смртта според заслугите во животот.
Идејата е да ја прикаже состојбата на човечките души по завршениот животен пат и да му укаже на човекот дека треба прво да изврши сопствена преродба, а потоа да врши преродба на човештвото (општеството).
Композиција на „Божестената комедија“
Композициски „Божествената комедија“ се состои од 3 дела: „Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“.
Секој дел се состои од 33 песни од строфи со по 3 стиха (терцини), а заедно со воведната песна сочинуваат 100 песни.
Освен бројот 3 кој игра посебна улога како христијански симбол (Отецот, Синот и Светиот дух – светото тројство), застапен е и бројот 9 (3 X 3) во истата улога.
Во сите три дела има: 9 круга во пеколот, 9 степени на усовршување во чистилиштето и 9 неба во рајот.
Бројот на стихови во сите три дела е еднаков и сите завршуваат со зборот ѕвезда.
Данте раскажува (нараторот) во прво лице, тој е присутен во делото и сè видел со свои очи. Ова е карактеристично за жанрот видение присутен во средновековната литература.
Во „Божествената комедија“ има многу ликови и тоа: негови современици – важни личности од политичкиот и културниот живот; историски личности – јунаци, уметници, поети; како и митолошки суштества, ликови и божества.
Сите овие ликови суштествуваат паралелно, без разлика на кое време им припаѓаат и дали се вистински или измислени.
Пеколот
Пеколот, Данте го претставил како инка чиј крај завршува во центарот на земјата каде се наоѓа Луцифер (ѓаволот).
Пеколот има 9 круга, но во подолните кругови има повеќе јами каде се сместени грешниците.
Влезот на Пеколот е опкружен со реката Ахерон која го одвојува „предворјето“ од вистинскиот пекол.
Таму се наоѓаат неодлучните — луѓе што ништо не направиле во својот живот, ни добро ни зло.
Преку реката ги превезува Харон со својот чамец.
На влезот од пеколот пишувало:
Но, ти, што ќе го стапнеш овој праг
— ЗАСЕКОГАШ ОТКАЖИ СЕ ОД НАДЕЖ!
Воведна песна
Прочитај ја целата Воведна песна.
На почетокот од епот Данте дава податоци за нараторот (за себе), дека е на средината од животот (35-годишен според тогашните сфаќања) и дека е заскитан во темна шума што го симболизира неговото беспаќе (протеран од родниот град) и неговите заблуди (дека со политика може да го промени општеството во кое живеел).
Шумата ја симболизира и самата Фиренца, односно општествено-политичката положба во која се наоѓала. Заблудите и грешките не му дозволуваат да го најде вистинскиот пат (изгубен е), а искачувањето на ридот (симбол на душевниот мир и блаженство) е тешко, непроодно и полно со пречки.
Пречките се повторно претставени преку симболични слики. Прво го сретнува пантерот кој ја симболизира зависта, но и Фиренца.
Потоа го сретнува лавот, кој ја симболизира гордоста, но и Франција (која и попречувала на Италија).
И на крајот ја сретнува волчицата која го симболизира среброљубието, алчноста по пари, но и папите.
Спас од беспаќето и дивите животни му праќа Беатриче во ликот на Вергилиј, кој ќе го поведе Данте и ќе биде негов постојан придружник, водач, помошник и толкувач на стравотиите што следуваат.
*Илустрациите се на Густав Доре (познат француски уметник кој има направено илустрации за Библијата, Дон Кихот и др.)