Почетна » прва година » Климент Охридски (прва година)

Климент Охридски (прва година)

Климент Охридски
(830/835—916)

Во житијата на Климент нема податоци за неговото раѓање, детство и образование.

Во нив дознаваме дека учествувал во Моравската мисија, но по смртта на Методиј, бил протеран од Велика Моравија.

Во тоа време бугарскиот кнез Борис сакал да го шири христијанството на словенски јазик, па затоа љубезно ги пречекал Климент, Наум, Ангелариј, Сава и други Кирилови ученици.

Набрзо, најверојатно поради несогласувањето со употребата на новата азбука – кирилицата, Климент бил испратен во Кутмичевица.

Во Кутмичевица, Климент ја организирал Охридската книжевна школа во која работел 7 години (886-893) како учител и надзорник на црковните работи.

 

Охридската книжевна школа е првиот словенски универзитет.

Оваа школа броела 3500 ученика, од кои по 120 ученика годишно Климент оспособувал за учители и свештеници.

Одлики на оваа школа се:
  –           доследно чување на делото на Кирил и Методиј;
  –           употреба на глаголицата;
  –           чување на јазикот на Кирил и Методиј;
  –           отпор против грчкиот јазик и елинизацијата на словенското население.
Климент, не само што бил учен човек, туку сестрано им помагал на сиромашните и на селаните во земјоделието (калемел овошки), носел од грчката област нови видови овошки, градел цркви и манастири итн.

Во 893 година тој бил испратен во Величката епископија (Дебар, Кичево) каде бил поставен за прв словенски епископ. На негово место во Охрид од Преслав дошол Наум.

 

Климент напишал околу 50 дела од кои само на 15 се потпишал. Сите дела ги оставил во манастирот Св. Пантелејмон (на Плаошник) што го изградил тој, во Охрид.

Освен што пишувал поучни и пофални слова со стил близок на народните маси, се занимавал и со преведувачка дејност.

Умрел на 26 јуни 916 година и е погребан во својот манастир, во гробот што самиот си го подготвил.
Неговите мошти сѐ уште се наоѓаат во манастирот Св. Пантелејмон на Плаошник.

 

Пофалба на нашиот татко и учител словенски Кирил Филозоф 

 

Овој текст од Климент Охридски е една од најпоетичните творби од старословенската литература.

Словото претставува химна во која се искажува топлата љубов и благодарност кон учителот (тема).

Идејата е пофалба на Кирил и повикот да се слави неговото име и дело.

Композициски текстот е составен од четири дела:

1. Обраќање кон народот за големината и славната победа на Кирил.

 

Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен татко Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет…

2. Откажувањата на Кирил од животните радости.

 

.. овој преблажен отец и учител наш ја остави сета убавина на овој живот, домот и богатството, татка си и мајка си, браќата и сестрите…

 

3. Подвизите и заслугите на Кирил во борбата против тријазичниците.

 

…И им ги затна устите на волците, на тријазичните еретици, пророчки укажувајќи на тревливиот јазик и упатувајќи ги сите со писмо кон спасение…

 

4. Пофалба за Кирил, каде во вид на химна го слави Кириловото дело.

 

            …Затоа, да биде блажена твојата уста…
            …Блажен го нарекуваме твојот многугласен јазик…
            …Блажено да е твоето пресветло лице…
            …Блажени да се твоите златозрачни очи…
            …Блажени да се твоите ангеловидни зеници…
            …Блажени да се твоите пречесни раце…твоите богодвижни прсти…
            …Блажена да е твојата златозрачна утроба…
            …Блажени да се твоите свети нозе…твоите златозрачни стапки…
            …Блажена да е твојата пресвета душа…
            И со ангелите беше како ангел и со пророците пророк, со сите свети толкувач на славата божја.

 

Прашања за повторување:

 

  1. Во која мисија учествувал Климент Охридски?
  2. Каде бил испратен Климент Охридски од Бугарија (во која област)?
  3. Што основал (организирал) Климент во таа област?
  4. Во кое време (век) работела Охридската книжевна школа и колку ученици имала?
  5. Кои се главните одлики на Охридската книжевна школа?
  6. За што бил поставен Климент во Величката епископија?
  7. Колку текстови напишал Климент?
  8. Каков вид текст е „Пофалното слово“ од Климент?
  9. Што е претставено во текстот „Пофално слово“?
Scroll to Top