Почетна » прва година » Предмет и прилошки определби (прва година)

Предмет и прилошки определби (прва година)

Предмет (директен, индиректен и предлошки)

 

Предмет е именски член во реченицата врз кој преминува или е насочено глаголското дејство. Разликуваме: директен, индиректен и предлошки предмет.

1. Директниот предмет е трпител (подносител) на дејството и се наоѓа со прашањата ШТО или КОГО?

На пример:

Тој игра кошарка. (што игра? – „кошарка“ е директен предмет)

Јас почитувам постари луѓе. (кого почитувам? – „постари луѓе“ е директен предмет)

 

Карактеристика на македонскиот јазик е удвојувањето на предметот.

Тоа се прави со кратките заменски форми за директен предмет (акузативни форми): едн.:ме; те; го; ја: мн.: нè; ве; ги.

На пример:

Јас ги почитувам постарите луѓе.

 

2. Кај индиректниот предмет дејството е упатено или насочено кон предметот и со него често се употребува предлогот НА.

Се наоѓа со прашањето КОМУ? (на кого?)

Удвојувањето на индиректниот предмет е уште почесто отколку на директниот.

Удвојувањето се врши со кратките заменки форми на личните заменки за индиректен предмет (дативни форми): едн.: ми; ти; му; ѝ ; мн.: ни; ви; им.

На пример:

Јане ѝ подари цвет на Марија. (кому? – на Марија ѝ – индиректен предмет; што? – цвет – директен предмет)

 

3. Предлошкиот предмет (предмет со предлог) е реченичен член кој се врзува со прирокот со кој било предлог.

Се наоѓа со прашањата: предлогот што е употребен + што? или кого?

На пример:
Ќе одам на роденден кај него. (кај кого? – кај него).
Не можам да живеам без тебе. (без кого? – без тебе).
Ме удри со камен. (со што? – со камен).

 

Прилошки определби (додатоци на прирокот за време, место, начин итн.)

 

Прилошките определби се додатоци на прирокот за околностите во кои или под кои се врши дејството.

Се даваат податоци за тоа: кога, каде, како, колку, зошто, со каква цел, под кој услов се врши дејството.

Како прилошки определби најчесто се јавуваат: прилозите, именките и глаголскиот прилог.

На пример:
Марија чита книга во кревет. (каде?во кревет ) – додаток за место;
Марија денес чита книга. (кога? – денес) – додаток за време;
Марија ја чита книгата со особено внимание. (како? – со особено внимание) – додаток за начин;
Марија многу чита книги. (колку? – многу) – додаток за количество;
Марија чита книга заради мајка ѝ. (зошто?заради мајка ѝ) – додаток за причина;
Марија ја чита книгата за да ја напише лектирата. (со каква цел? – за да ја напише лектирата) – додаток за цел;
Без лектирата Марија нема да добие петка. (под кој услов? – да ја напише лектирата) – додаток за услов.

Прашања и вежби за повторување:

1. Каков реченичен член е предметот?
2. Какви видови предмет разликуваме и со кои прашања ги наоѓаме?
3. Што значи тоа – удвоен предмет?
4. Со кои заменки се удвојува директниот предмет?
5. Со кои заменки се удвојува индиректниот предмет?

6. Што определуваат прилошките определби (додатоците на прирокот)?

7. Наброј неколку прилошки определби!

8. Во следните реченици определи го: подметот, прирокот, предметот и прилошките определби:

а) Полковникот не ги прочита насловите.
б) Што сакате да кажете?
в) Никогаш не е предоцна.
г) Ги успа роморењето на дождот.
д) Не се во прашање парите.
ѓ) Но сега не е ни важно.
е) Чадорот има врска со смртта.
ж) Кога би можел јас да го речам истото.
з) Тој се обиде да ги израмни посивените бели влакна со еден коскен чешел.
ѕ) Не кажуваат ништо за ветераните.
и) Од оваа жештина му зоврива мозокот на човека.
ј) Белите алишта не беа пеглани поради астмата на жената.

 

 

 

 

Scroll to Top