Почетна » втора година » Просветителството во Македонија (втора година)

Просветителството во Македонија (втора година)

Просветителството кај јужнословенските народи

 

Во 18 век, дел од јужнословенските народи: Хрватите, Словенците и дел од Србите (Војводина) биле во составот на Австриската Империја; а останатиот дел: Македонците, Црногорците, Босанците и дел од Србите биле во составот на Турската Империја.

Во вакви услови немало големи можности за развој на просветителството, но сепак подобри биле условите под австриската власт.

Литературата што се создала се разликува од онаа кај развиените европски држави бидејќи главна цел на овие просветители била зацврстување на народниот јазик во литературата и училиштата, односно отпор кон асимилацијата.

Затоа делата во овој период се со поучен карактер, дела кои ќе ја засилат националната свест и културното ниво на народот.

Претставник на српското просветителство е Доситеј Обрадовиќ.

 

Запомни!

 

Просветителството кај јужнословенските народи се јавува подоцна и е со помал обем заради нивната потчинетост под туѓа власт.

Главна цел на овие просветители била зацврстување на народниот јазик во литературата и училиштата, односно отпор кон асимилацијата.

Делата во овој период се со поучен карактер кои ќе ја засилат националната свест и културното ниво на народот.

Претставник на српското просветителство е Доситеј Обрадовиќ.

 

Просветителството во Македонија

 

Во Македонија Просветителството се јавува еден век подоцна со свои специфики заради општествените прилики.

Во првата половина на 19 век Македонија била под турска власт, но Турската Империја веќе била ослабната, па затоа пашите и беговите се прогласувале за самостојни господари во своите пашалаци.

Така започнале силни самоволија и малтретирања на македонското население, особено во селата. Животот таму станал толку неподнослив, што тие почнале масовно да се селат во градовите. Луѓето морале да го сменат начинот на живот и работа, па почнале да се занимаваат со занаетчиство и трговија.

До крајот на 18 век во градовите живеело претежно турско, грчко и влашко население, но со преселбата таа ситуација се изменила. Така се појавила новата македонска граѓанска класа која била предуслов за појавата на културно-просветната дејност во Македонија. Таа класа почнува да се интересира за градење цркви и манастири и за отворање училишта. Тие го помагаат црковното сликарство и резбарство, печатењето книги, отворањето печатници и училишта (во Скопје, Велес, Охрид, Штип, Прилеп, Куманово).

Истовремено се развива и учебникарската дејност.
Литературната дејност во првата половина на 19 век е многу скромна и по обем и по уметнички достигнувања.

Претставници на македонското просветителство се:

 

Запомни!

 

На почетокот од 19 век се појавила новата македонска граѓанска класа која била предуслов за појавата на културно-просветната дејност во Македонија.

Таа класа почнала да се интересира за градење цркви и манастири, за отворање училишта и печатење учебници.

Литературната дејност во овој период е многу скромна и по обем и по уметнички достигнувања.

Претставници на македонското просветителство се: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски и Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

Scroll to Top