Јордан Хаџи Константинов-Џинот (1821 — 1882) живеел и работел на преминот од просветителскиот кон преродбенскиот (романтичарскиот) период во Македонија.
За животот на Џинот
Јордан Хаџи Константинов-Џинот е роден во Велес, во сиромашно семејство на црковен клисар. Таму завршил основно ќелијно училиште.
Учел во Самоков и Солун, а по завршувањето на школувањето се вратил во Велес каде отворил училиште и предавал на народен јазик. Но, гркоманите го изгониле, па тој отишол во Скопје каде развил широка дејност (меѓу другото и театарска), а училиштето се стекнало со голем углед.
Во скопското училиште доаѓале ученици од Куманово, Дебар, Прилеп и други градови. Но, и тука им пречел на гркоманите, па повторно бил изгонет.
Отишол во Белград, каде се запознал со тамошната преродба и успех во културниот и националниот просперитет. Охрабрен, се вратил во Скопје каде ја продолжил својата работа уште позасилено. Овојпат, гркоманите преку Турците успеваат да го затворат прво во Призрен, а потоа во Битола.
По излегување од затворот барал учителско место и конечно го нашол во Прилеп. Не можел слободно да работи, бил наклеветен дека е српски шпион и повторно бил затворен и прогонет во Мала Азија (на 101 година). По патот бил малтретиран од турските војници кои му го извадиле едното око.
Во прогонство останал три години бидејќи неговите роднини и пријатели успеале да соберат пари и да го откупат.
Се вратил во родниот Велес, неуморен и непокорлив, отворил приватно училиште каде работел до крајот на својот живот.
Погледни го кусиот аматерски документарен филм за животот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот:
Запомни!
Јордан Хаџи Константинов-Џинот (1821 — 1882) е роден во Велес каде завршил основно ќелијно училиште.
Образованието го продолжил во Самоков и Солун, а потоа се вратил во Велес и отворил училиште во кое почнал да предава на народен јазик.
Изгонет од гркоманите, тој отишол во Скопје, но не се откажал, туку таму развил уште поширока просветителска дејност, а училиштето стекнало голем углед. Затоа, повторно бил изгонет.
Заминал за Белград каде се запознал со тамошниот успех на преродбата, па кога се вратил, охрабрен, уште позасилено работел. Го гонеле и затворале, го осудиле на 101 година, го малтретирале и му го извадиле едното око, но Џинот не се откажал. Отворил приватно училиште во родниот град каде работел до крајот на својот живот.
Творештвото и дејноста на Џинот
Освен со учителска, Џинот се занимавал и со други дејности:
1. Пишување учебници.
Го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, по углед на Доситеевата „Ижица“;
2. Пишувал статии за весници во Белград и Цариград;
3. Се занимавал со јазични прашања;
4. Собирал народни умотворби;
5. Пишувал литературни творби — песни и драми за потребите на училиштето кои немаат уметничка вредност.
Песни: „Плач на скопското училиште многотрудное“ (за напорната борба да го одржи училиштето поради нападите на грчкото свештенство), „Аурора“ (за патриотската функција на просветата), „Труд ми е името“ (за благодетите од трудот), „Горка чаша кнеза Лазара“ — последна тајна вечера (најдолгата песна).
Драмски текстови: „Минерва и девет музи“, „Сербија шетаетсја в земељ своих“, „Разговор или прави человек“, „Училиште и учение“, „Басни“.
Сфаќајќи дека театарските претстави се многу погодни како образовно средство, а особено во време кога македонскиот народ не бил многу образован (ретко кој читал книги, луѓето биле неписмени во поголем број), тој пишувал драмски текстови со морализаторско-дидактичен карактер. Тие немаат уметничка вредност, но ја одиграле улогата која им била наменета. Како и да е, Џинот ја започнува театарската традиција во Македонија.
Труд ми е името
Песната „Труд ми е името“ нема уметничка вредност. Составена е од 11 строфи од по четири стиха (катрени). Мотивот во песната е размислувањето на авторот за човековите добродетели: мудроста, љубовта и трудот. Песната е дидактична, бидејќи нејзината цел е да подучи.
Содржински може да ја поделиме на три дела.
Во првиот дел (пет строфи), тој ни ги претставува мудроста, љубовта и трудот како три убави девојки кои пеат и свират на флејта. Трите му се претставуваат на најубав начин.
Првата ми изрече:
„Аз сум мудрост, рече,
та погледни хубаво
и расуди здраво!“
Втората ме погледна
за мене побледна:
„Афродита бесрамна
аз сум и огромна!“
Третата ми привика:
„Труд аз сум, извика,
ти мене примај
и Богу слава дај!“
Во вториот дел (три строфи), Џинот го искажува својот став кон мудроста, љубовта и трудот, кажувајќи дека ги сака сите три, но ако мора да одбере, ќе го одбере трудот.
Во третиот дел (три строфи), тој ќе ја истакне полезноста на трудот, со што ќе ја постигне својата цел – да поучува.
Труд ште вас научи
и ште вас обучи
блажено да ступате
добро да творите.
Запомни!
Освен со учителска, Џинот се занимавал и со други дејности.
Пишувал учебници и го напишал првиот буквар на народен македонски јазик „Таблица перваја“.
Пишувал песни, драми и ги поставил првите театарски претстави, па затоа се смета за зачетник на македонската театарска традиција.
Исто така, пишувал статии за весници, се занимавал со јазични прашања и собирал народни умотворби.
Песната „Труд ми е името“ е дидактичка, поучна и нема уметничка вредност. Мотивот е размислувањето за човековите добродетели: мудроста, љубовта и трудот. Претставени се како три убави девојки: Атина, Афродита и Труд. Сите се добри и посакувани, но изборот е Трудот, зашто со труд се` може да се постигне.
Прочитај повеќе
Труд ми е името
Три девојки поеха
коло играеха,
уз флаута свиреха,
чино поступаха,
От далече аз гледах
они што твореха.
На столици седнаха,
мене ме познаха.
Првата ми изрече:
„Аз сум мудрост, рече,
та погледни хубаво
и расуди здраво!“
Втората ме погледна
за мене побледна:
„Афродита бесрамна
аз сум и огромна!“
Третата ми привика:
„Труд аз сум, извика,
ти мене примај
и Богу слава дај!“
Но аз прел’штен од трите,
сакам ги и трите –
они абе станаха,
сја преобразиха.
Три јаболки бидоха,
во мене дојдоха,
во срце ми влегоха –
гнездо сотвориха.
Зато денеска и трите
ги љубам во дните,
најпаче се трудим,
труд да ме зоват судим.
Но трудот е бесцено
дело совршено,
благородна чест носи,
бел образ приноси.
……………………………
Трудот ште вас научи
и ште вас обучи
блажено да ступате
добро да творите.
За подобро разбирање на општествено-политичките прилики во средината на 19 век, прочитајте го текстот на следнава ВРСКА.