„Богородичната црква во Париз“ е дело на светски познатиот француски писател Виктор Иго.
Тоа е историски роман, зашто во преден план не се историските личности и измислените ликови, туку животот на средновековниот Париз, како и прекрасната готска палата – Богородичната црква (Нотр дам – Богородица; Нашата дама), која е симбол на вечната и неминлива уметност.
Романот „Богородичната црква во Париз“ е поделен на 11 книги, секоја со свои заглавија (од две до осум).
-
Македонски Јазик
Прирачник за матура – НОВО ИЗДАНИЕ
Original price was: 700 ден.560 денCurrent price is: 560 ден. Додај во кошница
Пред првата книга има белешка на авторот, односно пролог, каде може да прочитаме како и зошто настанал романот.
Поводот да го напише романот бил зборот „судбина“ напишан на грчки јазик, со готски букви, некаде во темните простории на Богородичната црква, кои авторот ги видел како бледеат кога тој ја истражувал црквата. Човекот што го напишал тој збор одамна го нема, зборот почнал да бледее, и авторот се плашел дека, исто така, и црквата ќе исчезне. Од невремињата, од негрижата, од новите архитекти и од нападите на народот. За да ја зачува оваа скапоцена црква, Виктор Иго го напишал својот роман, сметајќи дека зборот, во овој случај е поцврст и од каменот.
Романот е пишуван во 1830 година, но дејството се случува во 1482, три и половина века порано.
Прочитај повеќе за ликовите во романот на следнава ВРСКА.
-
Македонски Јазик
Прирачник за матура – НОВО ИЗДАНИЕ
Original price was: 700 ден.560 денCurrent price is: 560 ден. Додај во кошница
Содржина на романот „Богородичната црква во Париз“
Книга прва
-
Големата сала
Дејството на романот „Богородичната црква во Париз“ започнува на 6 јануари 1482 година, кога цел Париз се собрал на двојна свеченост: Празникот на лудите и Светите три крала.
Обичајот за Празникот на лудите бил сите членови на разните здруженија да изберат свој папа. Потоа, „папата“ го маскирале, го крунисувале и го воделе низ градот за да му се смеат и да го исмеваат. Тој ден се собрале многу луѓе пред Палатата на правдата, за да го гледаат тоа, како и пиесата (моралитет – поучна драма) на Пјер Гренгоар.
-
Пјер Гренгоар
Пјер Гренгоар бил воспитан, крепок, човек со мирен дух, кој бил умерен во сѐ. Не бил надмен (иако се гордеел со своето „ремек-дело“), ниту немоќен. Повеќе бил честољубив отколку користољубив. Затоа останал со изветвен плашт и без пара во ќесето.
-
Господин Кардиналот; 4. Жак Копенол
Изведувањето на пиесата било попречувано, прво од немирните и палави ученици, меѓу кои се истакнувал итриот Жан Фроло (де Мулен); потоа од доаѓањето на Кардиналот од Бурбон, од неговите гости, како мајсторот чорапар Жак Копенол, како и од просјачкиот крал Клопен Трујфу.
-
Квазимодо
Изборот на лудиот папа се изведувал така што сите кандидати правеле страшна гримаса, па за папа го избрале Квазимодо, чие вистинско лице било страшна гримаса.
„Или, подобро речено, целата негова личност беше една гримаса. Јадра глава обрасната со лисеста коса; меѓу рамењата една огромна грпка, поради која и градите се истакнуваа напред; еден толку необичен систем на бедрата и нозете што тие можеа да се допрат само на колената, а гледани однапред личеа на два српа сосатвени преку држалките; големи стапала, чудовишни раце; и заедно со сиве овие грдотии, некаков страшен од што беше измешан од сила, подвижност и решителност; необичен исклучок од вечното правило, според кое силата како и убавината произлегуваат од хармонијата. Таков беше папата што го избраа за себе лудите.
Би се рекло дека е тој еден џин, претходно разбиен, а потоа составен.“
-
Есмералда
Претставата на Гренгоар конечно била завршена со интересот на сите присутни за танцот на Есмералда. Гренгоар, незадоволен и лут поради својот неуспех се упатил да види што е тоа Есмералда.
Книга втора
-
Од Харибда во Сцила; 2. Плоштадот Грев
Во овие две глави се опишани темните улички на Париз и плоштадот Грев со неговата прекрасна кула која набргу ќе ја снема од новите куќи и фасади. Тука започнува критиката за уништувањето на старата уметност која особено ќе биде нагласена при описот на Богородичната црква.
Освен тоа, при описот на Гревскиот плоштад, Иго го искажува својот став против смртната казна.
-
Бакнежот задава маки
На плоштадот танцувала Есмералда, прекрасната шестнаесетгодишна Ромка, во придружба на нејзината коза Џали. Сите, своето внимание го насочиле кон танцот на преубавата Есмералда, кон нејзината вонземна убавина, самовилски движења, продорни очи и сите ѝ се восхитувале. Танцот го гледал и архиѓаконот Клод Фроло.
За време на нејзината претстава со козата Џали, женскиот глас на испосничката затворена во Роландовата кула, почнал да ја проколнува. Испосничката самата се заѕидала во една камена просторија и само низ прозорецот добрите луѓе ѝ фрлале леб и вода. Таа особено ги мразела и колнела Ромите, зашто тие ѝ го украле нејзиното бебе уште пред 15 години.
Оваа сцена ја прекинува доаѓањето на новиот лудачки папа – Квазимодо, кој уживал во вниманието, ракоплескањето, славата, што во суштина била лажна и краткотрајна. Нему му се приближил Клод Фроло, му ја симнал круната, му го одзел жезолот и само со движења, без говор, му наредил да си оди. Квазимодо, без приговор, веднаш го послушал.
-
Незгодите на кои човек се изложува кога навечер следи по улиците некоја убава жена
Вечерта, Пјер Гренгоар, по неуспешноста на пиесата и без пари, гладен и премрзнат, талкал низ темните улици на Париз, ја здогледал Есмералда и нејзината коза и почнал да ја следи. Тогаш, неа ја нападнале двајца, од кои едниот бил Квазимодо. Во намерата да ја грабнат Есмералда, ги спречил Фебус де Шатопер. Поради неговата храброст, убавина и блескава облека, Есмералда веднаш се вљубила во него.
-
Продолжение на незгодите
Гренгоар, малку заешеметен од ударот што го примил, бидејќи и тој помогнал при спасувањето на Есмералда, некако дотетеравел до плоштадот Чудо, кој бил собиралиште на скитниците, просјаците и разбојниците. Таму го заробила една група крадци која го однела пред нивниот крал – Клопен Труфју.
-
Скршената стомна
Труфју го осудил Гренгоар на смрт со бесење, освен ако, според обичојот, не го посака некоја од жените за себе. За да му го спаси животот, Есмералда се мажи за него за време од четири години, како што одлучил Труфју. Женидбата се извршила со кршење на една стомна.
-
Брачна ноќ
Есмералда ќе го прими Гренгоар во својот дом, но нема да му обрнува внимание и нема вистински да стане негова жена, туку ќе живеат како брат и сестра.
Книга трета
-
Богородичната црква; 2. Париз од птичја преспектива
Во овие две поглавја Иго во детали ги опишува Богородичната црква и Париз.
Книга четврта
-
Добрите души
Шеснаесет години пред случувањата опишани во романот, за време на Квазимодовата недела (недела по Велигден), на клупата за најдени деца Клод Фроло ќе го здогледа наказното суштество од кое сите се згрозувале и сметале дека треба да се убие. Но, Клод ќе се сожали, мислејќи на својот брат кој можел исто вака да заврши, фрлен во немилост, и ќе го земе под своја закрила четиригодишното чудовиште. Ќе му го даде името Квазимодо, не само заради времето на наоѓање, туку и поради значењето (квазимодо на латински значи „скоро“, „какво било“). Зашто тоа суштество било нецелосно – еднооко, грбаво, кривоного, било нешто како „божем-човек“.
-
Клод Фроло
Клод Фроло не бил обичен човек. Неговите родители го насочиле кон свештенството, но тој ги изучил сите науки – многу јазици, медицината, природните науки итн. Кога имал 19 години, неговите родители починале од страшна чума, но малото братче Жан останало живо. И нему сосема му се изменил животот. Од целосно посветен на науката и книгите, тој морал да му се посвети на животот. На своето мало братче тој му станал мајка и давајќи му ја сета своја љубов целосно го разгалил. Имајќи цел во животот, тогаш Клод решил да нема сопствена жена и деца и му се посветил на свештенството. Неговата ученост и посветеност му ги отвориле црковните двери и со специјална папска дозвола, тој станал најмлад свештеник што служел во Богородичната црква. Тогаш, тој го посвојува и Квазимодо.
-
Чуварот на страшно стадо од страшен слој е
Квазимодо, на четиринаесетгодишна возраст станал ѕвонар на црквата.
Целиот свој живот го минувал во ѕидините на црквата, па таа на почетокот за него била „првин јајце, потоа гнездо, дом, татковина, вселена.“ Тој постепено сраснал со црквата, почнал да личи на неа, не само надворешно, туху и духовно.
Тоа еднооко, грбаво и куцо суштество, Клод Фроло со мака го научил да зборува, но откако станал ѕвонар, единствената врата кон светот, единствената светлина во неговиот живот се затворила. Од бучавата му пукнале учните тапанчиња и тој оглувел.
Тогаш престанал и да зборува.
Несомнено, во изобличеното тело и духот станува спечен. Надворешниот свет за него бил многу далечен. Тој станал злобен, затоа што бил див, а бил див зашто бил грд. Неговата злоба не била вродена. Таа била последица на односот на луѓето кон него, нивниот презир, понижување, одбивање.
Единствено чувствувал љубов кон камбаните, од најмалите до најголемите ѕвона – сите ги сакал, ги милувал, а понекогаш и зборувал со нив. Само уште нивниот глас можел да го слушне.
Квазимодо всушност бил душата на Богородичната црква. Години подоцна, без него, таа останала како празна лушпа, како череп на кој уште стојат очните глобови, но погледот повеќе го нема.
-
Песот и неговиот господар
Сепак, постоел еден човек кон кого Квазимодо чувствувал љубов, кон кого не чувствувал злоба и кого го сакал дури повеќе од црквата – тоа бил Клод Фроло.
Се разбира, Клод Фроло го зел, го одгледал, го заштитувал од злобните луѓе, го хранел, го научил да зборува, чита и пишува и на крајот го поставил за ѕвонар, што било најголемо задоволство за Квазимодо.
Благодарноста на Квазимодо била длабока, силна и страсна. Па иако Фроло често бил намуртен, студен и суров, благодарноста на Квазимодо не слабеела. Тој бил како послушен син, како нејверен пес.
-
Продолжение за Клод Фроло
Во 1482 година, кога се случува дејството во романот, Квазимодо имал 20, а Фроло 36 години. Едниот веќе пораснал, другиот почнал да старее.
Горчина во животот на Фроло предизвикувал неговиот помлад брат Жан, наречен де Мулен (воденица). Наместо да стане набожен, послушен, почитуван и учен, Жан станувал мрзелив, наук, распуштен и расипан. Клод Фроло често го карал и советувал својот брат да го смени односот, но веднаш потоа тој си продолжувал со своите палавости. Жан имал добро срце, но бил премногу разгален, а парите што му ги давал неговиот постар брат ги трошел на алкохол и жени.
Клод, пак, напротив, станувал сѐ построг и попримерен. Се држел настрана од жените, па дури и ги мразел, а особено се гледала неговата омраза кон Египќанките и Циганките и барал да се забрани нивното танцување на плоштадот пред црквата.
-
Непопуларност
Двајцата жители на црквата, Квазимодо и архиѓаконот Клод Фроло не биле многу сакани, ни од почитувачите, ни од обичните луѓе. Често, при нивните прошетки, луѓето го покажувале својот презир со злобни дофрлувања, но и двајцата не го ни забележувале тоа, Квазимодо зашто бил глув, а Фроло зашто бил премногу замислен.
Книга петта
-
Опатот на манастирот
Опатот на манастирот Свети Мартин, односно кралот на Франција, му доаѓа на посета на Клод Фроло. Разговараат за науките, литературата, алхемијата.
-
Ова ќе го убие она
Во еден момент Фроло ќе каже: „Ова ќе го убие она.“ покажувајќи на книга и Богородичната црква (книгата ќе ја убие градбата). Тука, Иго ги искажува своите ставови во врска со умирањето на архитектурата како човечки предизвик и испишана историја, давајќи ѝ предност на печатената книга, за која смета дека е иднината на човештвото. Дека на полесен и поедноставен начин човечката мисла ќе се зачува со книгата. Но, исто така, дека мора да се зачува старата мисла и историјата испишана во архитектурата, зачувувајќи ги старите градби.
Книга шеста
-
Непристрастен поглед на некогашното правосудство
Дејството се враќа на судењето на Квазимодо кој е обвинет дека се обидел да ја грабне Есмералда. Глувиот судија го суди глувиот обвинет и во таа бизарна сцена, Квазимодо е осуден на мачење и бичување, јавно, на столбот на срамот, на плоштадот Грев.
-
Дупката на стаорците
Дупката на стаорците била една ќелија, една заѕидана соба без врата, само со еден прозорец кој секогаш бил отворен. Тој жив гроб бил создаден пред три века од госпоѓата Роланда де ла Тур-Ролан, која дваесет години чекала таму да умре, заради жал по татко ѝ кој загинал во крстоносен поход.
По нејзината смрт, ќелијата ретко кога била празна. Таму доаѓале разни жени за до смртта да ги оплакуваат своите блиски или своите гревови.
Народот на оваа црна ќелија ѝ го дал името Дупка на стаорците.
-
Историјата на еден пченкарен кравај
Во ова глава е раскажана приказната за Пакет Шантфлери (испосницата Гудула). Таа во младоста била многу убава, со прекрасна насмевка, но уште на четиринаесет години веќе била готова. Починал татко ѝ, па таа со мајка ѝ едвај заработувале за да преживеат. Тогаш ја забележале со златен крст на вратот и знаеле дека е загубена. На почетокот имала богати љубовници, па сѐ посиромашни, и на крајот, за неколку години никој не ја сакал. Таа излезот го барала во раѓањето дете, невино суштество кому ќе му подари љубов и од кого ќе биде сакана. Станала многу набожна, постојано се молела и по неколку години желбата ѝ се исполнила. Родила преубаво девојче. Сета љубов ја насочила кон бебето, кон нејзиното дотерување, постојано бакнувајќи ѝ ги слатките ноџиња. Таа самата ѝ сошила и извезла розови чевлиња какви ни принцезите немале.
Тогаш во градот дошле група чергари-скитници, од чии мургави лица сите се плашеле. Пакет, сакајќи да ја дознае светлата иднина на својата ќерка, ја однела кај Циганките да ѝ ја претскажат иднината. Тие биле воодушевени од убавината на девојчето кое немало ни полна годинка. Ја бакнувале по рачињата и ноџињата со нивните црни усни и им се восхитувале на прекрасните чевлиња.
По неколку дена, кога бебето заспало, Пакет отишла кај сосетката да ѝ се пофали каква среќна иднина ѝ претскажале на ќерката. Но, кога се вратила – бебето го немало; Циганите го украле.
Оттогаш Пакет како да споулавела, секаде ја барала својата ќерка, трагала по Циганите и ги замразила од дното на душата. По многу години потрага, дошла во Париз и се затворила во Дупката на стаорците, страдајќи и чекајќи да умре. Таму била позната како испосницата Гудула. Во својата ќелија таа го чувала едното розово чевличе што останало по грабнувањето на нејзината ќерка.
-
Една солза за една капка вода
Народот многу сакал да гледа извршување казни, измачување и бесење, затоа се собирал во големи толпи при вакви настани.
За време на измачувањето на Квазимодо, кој бил казнет за грабнувањето на Есмералда, народот го исмевал, а кога барал капка вода да ја згасне својата жед, никој не сакал да му помогне. Дури ни неговиот заштитник Клод Фроло не го направил тоа. Единствена која се сожалила била Есмералда, неговата жртва, која му пришла и му дала вода, а на лицето на Квазимодо се појавила солза. Првата негова солза.
-
Крај на приказната за кравајот
Оваа постапка на Есмералда народот ја поддржал со аплауз, само испосницата од својата ќелија ѝ фрлала клетви, мразејќи ја и понатаму.
Книга седма
-
Опасно е да ѝ ја довериш својата тајна на една коза
Дејството продолжува неколку недели подоцна, во првите денови на март.
Капетанот Фебус бил да ја посети својата свршеница. Таа со своите пријателки ја гледале Есмералда како танцува на плоштадот. Одлучиле да ја повикаат да танцува за нив. Тогаш Есмералда повторно се сретнува со Фебус и не можела да ја скрие својата воодушевеност од него.
Козата на Есмералда знаела неколку убави и паметни трикови, меѓу кои – од азбуката да ги издвои буквите и да го напише зборот Ф Е Б У С. Тоа се случило пред ова друштво, од кои едни сметале дека Есмералда е маѓосница, таа самата се засрамила и поруменела од откривањето на тајната, а Фебус си ја видел својата прилика.
-
Свештеникот и филозофот не се едно; 3. Камбаните
Есмералда била толку убава, што ни Фебус не можел да биде рамнодушен.
Фебус воопшто не бил добар и чесен човек каков што си го замислувала Есмералда. Тој често бил со лесни жени, во кафеана, се пијанчел и повеќе му се допаѓал уличниот живот отколку светот на благородниците.
Затоа, кога ќе ја забележи заинтересираноста на Есмералда, тој нема да ја пропушти приликата да закаже состанок со неа иако веќе имал свршеница со договорен брак од интерес.
Сето ова од прозореците на високите кули на црквата го набљудувале Квазимодо и архиѓаконот Фроло.
Клод Фроло сѐ повеќе се опседнувал со мислите за Есмералда. Од Гренгоар дознавал сѐ што го интересирало, а дознал и за кожената вреќичка што таа ја носела секогаш околу вратот. Дека таа ќе ја одведе до нејзините вистински родители.
-
Судбина; 5. Двајца облечени во црно
Жан Фроло ќе дојде кај својот брат Клод да го моли за пари, иако ќе мора да ги слуша неговите долги проповеди и поуки. Фроло ќе зборува, ќе блада, ќе ја искаже својата забранета страст што ја чувствува кон Есералда и својата љубомора кон Фебус, но од тоа бладање Жан ништо нема да разбере. Фроло е ликот што во овој момент ќе го напише на грчки зборот „судбина“ на ѕидот од црквата (оној избледен збор што авторот векови подоцна ќе го прочита и ќе го мотивира да го напише романот).
Во разговорот со својот брат Клод ќе дознае за договорениот состанок на Есмералда со Фебус.
-
Дејството што го предизвикуваат седум пцости на отворен простор
Со парите од својот брат Жан ќе отиде право во кафеана, заедно со Фебус кого го сретнал патем. Откако ќе испијат сѐ, Фебус без скршена пара ќе тргне на договорениот состанок со Есмералда.
-
Привидението од монах
Фроло на улица ќе го пресретне Фебус, ќе му ги даде потребните пари за изнајмување соба, но под услов да го гледа неговиот состанок со Есмералда.
-
Добро е кога прозорците гледаат накај реката
Клод Фроло се сместил во мала, темна просторија без прозорци и од таму гледал во собата каде се одвивала средбата меѓу Есмералда и Фебус. Есмералда, во својата наивност му изјавила љубов на Фебус и ја искажала својата желба да се венча со него, додека тој ја гледал во деколтето и полека ја соблекувал. Ѝ кажал дека не може да се ожени со неа и продолжил телесно да ѝ се нафрла. Таа прифатила да биде негова љубовница до крајот на животот, само да биде со него, а тој мислел само на сегашниот момент и на задоволување на сопствените страсти.
Фроло сето ова го гледал и слушал од своето засолниште. Љубомората во него растела и тој не можел да издржи, влегол во собата и го прободел со нож Фебус. Есмералда се онесвестила. Кога се разбудила, била опкружена со војници и веќе обвинета за убиство.
Книга осма
-
Талирот што се престорил во сув лист
На судењето на Есмералда сведочела и старицата што му ја изнајмила собата на Фебус. Таа раскажала дека дошле двајца мажи, едниот облечен во црно, другиот убав официр кои ја закупиле собата што гледала кон реката. Потоа убавиот офоцир дошол со многу убава девојка со својот јарец. По некое време, слушнала крик, како паѓа нешто и здогледала како од прозорецот во реката скокнал призракот во свештеничка облека и пливал кон градот. Потоа ги викнала војниците. А кога следниот ден сакала да го земе талирот за да си купи чкембиња, на негово место нашла само сув лист. Тоа за судот било доказ за магија.
Уште подолем доказ за волшепствата на Есмералда и нејзината вина била кога „повампирената“ коза Џали со буквите го напишала името Фебус. Есмералда, пак, за време на судењето била полусвесна и единствено нешто што ја интересирало дали Фебус е мртов или не. Бидејќи не ја признава својата вина, судењето се прекинува за да ја измачуваат додека не признае.
-
Продолжение на талирот што се престорил во сув лист
На Есмералда ѝ стават шпанска чизма, и од болка таа веднаш признава сѐ – и дека е вештерка, и маѓосница и дека го убила Фебус.
-
Крај на талирот што се престорил во сув лист
Иако Фебус не умрел од убодот со нож, Есмералда сепак била осудена на смрт со бесење.
-
Откажи се од секаква надеж
Фроло одлучил да ја посети Есмералда во затворот. Ѝ понудил да ја ослободи, но под услов да биде негова и само негова. Есмералда тоа со гадење го одбила.
-
Мајка
Во Дупката на стаорците, испосницата од минувачите дознала дека на плоштадот ќе ја бесат Циганката. Таа со нетрпение го очекувала овој чин на одмазда и во срцето почувствувала радост.
-
Три различно создадени срца
Фебус, пак, жив, опоравен, воопшто не ни помислувал на Есмералда и не направил ништо за да ја ослободи. Тој ѝ се вратил на својата свршеница, која дури почнала да му се допаѓа.
На плоштадот ја донеле врзаната Есмералда. Во еден момент таа ќе погледне кон терасата и ќе го здогледа живиот и дотеран Фебус со својата свршеница. Наместо од очај, таа ќе крикне од среќа гледајќи го жив.
Кога дошол моментот на бесењето, ненадејно се појавил Квазимодо кој ја грабнал Есмералда и ја засолнил во црквата. Законот бил таков што сите што се наоѓаат во ѕидините на црквата се заштитени, таа била еден вид прибежиште.
Книга деветта
-
Треска
Клод Фроло не ја видел акцијата на Квазимодо и мислел дека Есмералда е веќе мртва. Талкал низ улиците без да знае каде се наоѓа. Меѓу сонот и јавето, посакувал да се ослободи од љубовта, а особено од страста што ја чувствувал кон Есмералда. Се надевал дека со нејзината смрт и љубовта ќе умре.
Во темните улички, кај блудниците, го видел брата си Жан, со некоја жена и празното, испиено шише. Едвај успеал да се скрие од него и неговото длабоко пропаѓање.
Потоа се прибрал во црквата, каде го здогледал сеништето, облечено во бело, со превез, со распуштена коса и бидејќи не ни помислувал дека е жива – си помислил дека тоа е мртвата Есмералда.
-
Грбав, ќор, куц
Квазимодо ја засолнил Есмералда во црквата, во една просторија кај ѕвоната. Ѝ кажал дека дење мора да седи само таму, а ноќе може да оди низ целата црква – зашто ако биде поинаку, таа ќе биде изгубена, ќе ја убијат, а тој ќе умре.
-
Глув
Квазимодо знаејќи колку е грд, постојано се тргал од погледот на Есмералда. Се криел зад столбовите додека зборувале, а таа не сакајќи да го навреди, воздржувајќи го гадењето го повикувала да стои пред неа. Освен очигледната грдотија, таа дознала дека Кавзимодо е и глув, па во разговорот морала да применува и знаци со рацете.
Тие разговарале многу пријатно и отворено, Квазимодо ѝ кажува дека за првпат ја чувствува својата грдотија толку силно, токму како спротивност на нејзината убавина.
Кога таа го прашала зошто ја спасил, тој ѝ кажал дека никогаш нема да ја заборави нејзината добрина и водата што таа му ја подала на плоштадот кога го измачувале.
Поради неговата глувост, тој ѝ дал една пишталка на Есмералда, која можел да ја чуе. Кога и да имала потреба таа можела да го повика.
-
Песочник и кристал
Поминувале деновите и Есмералда започнала да го наоѓа својот мир по бурните настани. Мислела на живиот Фебус, и единствено нешто за кое го обвинувала било тоа што не можела да верува дека тој помислил дека таа се обидела да го убие.
Чувствувала голема благодарност кон Квазимодо и нежни чувства кон него, но иако се трудела, не можела да се навикне на неговата грдотија. Затоа тој продолжил да бега од нејзиниот поглед, па храната почнал да ѝ ја носи ноќе, кога таа спиела. При една средба тој ќе ѝ каже:
„Мојата несреќа е во тоа што јас сѐ уште многу личам на човек. Колку би сакал да бидам сосем едно животно, како оваа коза!“
Или уште посликовито, тој на една од камените фигури со кои често си разговарал ѝ се обратил: „Зошто не сум камен како ти!“
Квазимодо сакал да ѝ угоди на Есмералда на сите начини, а за да ја развесели ѝ ветил дека ќе го доведе Фебус, откако ја видел со каква љубов и восхит го гледала. Но, Фебус не сакал да дојде, па Квазимодо ја излажал Есмералда дека не можел да го најде. Тоа го направил за да не ѝ биде тешко и да не страда.
Оттогаш таа почнала воопшто да не го забележува Квазимодо и мислела само на својот убав капетан. И кога Квазимодо ѝ оставил две вазни со цвеќе, едната кристална, но скршена, во која цвеќето без вода овенало, а другата камена и цврста, со свежо цвеќе; таа го зела овенатото цвеќе и го носела на градите.
-
Клучот од црвената врата
Клод Фроло од народот дознал дека Есмералда е во кулата на Богородичната црква, се затворил во својата просторија и со недели воопшто не излегувал. Сите мислеле дека е болен, што всушност и бил.
-
Продолжение за клучот од црвената врата
Со својот клуч Фроло ја отворил вратата и ноќе отишол кај Есмералда. Тој веднаш ѝ се нафрлил и повторно ја посакувал за себе. Таа совладана од посилниот од себе, веќе почнала да му се предава кога се појавил Квазимодо кој го спречил насилничкиот напад. Распнат меѓу двајцата кон кои чувствувал љубов и приврзаност, Квазимодо сепак ја одбрал Есмералда.
Книга десетта
-
На Гренгоар една по друга му доаѓаат блескави идеи во улицата на бернардинците
Гренгоар одлучил да остане да живее меѓу разбојниците, сметајќи ги за најдобро друштво во Париз.
Клод Фроло се сретнал со Гренгоар и го известил дека за три дена ќе дојдат по Есмералда во црквата и ќе ја однесат на бесење. Така одлучил парламентот.
-
Станете шмеќар
При враќањето во црквата, пред вратата, Клод се сретнал со својот брат Жан, кој лицемерно покајнички му кажува дека нема излез и дека ќе им се приклучи на разбојниците. На почетокот тоа го правел за да извлече уште пари од својот брат, но откако Клод не реагирал, тој навистина решил да оди кај шмеќарите.
-
Да живее веселбата
Гренгоар ќе го поттикне и организира париското подземје – крадците, питачите и разбојниците; во марш за спасување на Есмералда.
-
Невештиот пријател
Маршот, во кој учествувал и Жан, братот на Клод Фроло, ќе прерасне во бунт против кралот и државата. Квазимодо на сфаќајќи дека луѓето под црквата се дојдени да ја спасат Есмералда, ги нападнал од ѕидините на црквата. Врз нив фрлал диреци, камења и вжештено олово, од што многумина настрадале.
Со висока скала многумина сакале да се искачат на цркавата, но и во тоа Квазимодо ги спречил, туркајќи ја скалата од која летале човечките тела. Само Жан Фроло успеал да се искачи, но паднал директно во рацете на Квазимодо, кој прво како на орев му ги излупил сите делови на оклопот што го носел.
„Квазимодо стоеше простум на оградата од галеријата, со едната рака го држеше за нозете ученикот и како прачка го вртеше над страшната урва. Потоа се слушна тресок, како кога од ѕид се разбива кутија со коски и сите видоа како паѓа нешто кое на третината од падот се запре врз една архитектонска подаденост. Тоа беше едно мртво тело, кое остана да виси, надве свиткано, со скршени колкови и со празен череп.“
-
Ќелијата во која се моли господинот Луј Француски
На почетокот на маршот и побуната на народот, кралот Луј XI не реагирал, мислејќи дека народот е против судијата.
-
Мал клинкар ѕвечка
Клод Фроло и Гренгоар се нашле и се упатиле кон кулата за да ја грабнат Есмералда. (Лозунгот за минување низ бариерите на бунтовниците бил „мал клинкар ѕвечка“.)
-
Шатопер стигнува на помош
Кога кралот сфатил дека бунтот бил против него, ја испратил својата војска на чие чело бил Фебус де Шатопер и бунтот набрзо бил задушен.
По својата борба Квазимодо ја побарал Есмералда во црквата, но неа веќе ја немало.
Книга единаесетта
-
Чевлето
Гренгоар помогнал Есмералда да избега, но за жал, ги следел Клод Фроло, па заедно ќе се обидат да избегаат со чамец. Гренгоар се грижел само за козата Џали, а Есмералда му ја препуштил на Фроло. Симнувајќи се од чамецот, Гренгоар со Џали се загубиле во темнината, а Есмералда останала сама со Фроло.
Тој повторно ќе ја моли таа да биде со него, ѝ ветува дека ќе ја заштити, а ако не се согласи, тогаш ќе им ја предаде на стражарите. Есмералда повторно го одбила.
Тогаш тој ѝ ја оставил на чување Есмералда на испосницата Гудула, која сите знаеле колку многу ја мрази. Во таа средба, Гудула и Есмералда заради бебешкото чевличе од кое по едно имале и двете, сфаќаат дека се мајка и ќерка. Но веќе било доцна. Гудула се обидува да ја спаси својата долго изгубена и конечно најдена ќерка. Се обидува да ја скрие во својата мала камена просторија, но чуварите сепак ќе ја најдат. Всушност, Есмералда ќе го чуе гласот на Фебус, и верувајќи дека тој ќе ѝ помогне, самата излегува од засолништето. Но Фебус веќе си заминал и стражарите ја фаќаат Есмералда и ја носат право на бесилка.
-
Суштество убаво облечено во бело
Квазимодо го забележал Фроло како влегол во цркавата и право се упатил кон кулата што гледала кон плоштадот. Од таму тој ќе го види бесењето на Есмералда, но ќе го забележи и Фроло како се смее. Ќе заклучи дека тој е виновен за нејзината смрт и по нивна кратка борба, Фроло ќе падне од црката. Ќе успее да се фати за некоја од статуите на црквата, молејќи го Квазимодо да му помогне, но Квазимодо ќе гледа само во обесената Есмералда и ќе го остави да падне.
-
Женидбата на Фебус
Разбиеното тело на Клод Фроло не го закопале во осветена земја, зашто се верувало дека Квазимодо (ѓаволот) го убил и му ја зел душата.
Пјер Гренгоар ја спасил козата Џали и успеал со пишувањето трагедија.
Кралот Луј XI умрел следната година.
Фебус де Шатопер се оженил.
4. Женидбата на Квазимодо
По смртта на Есмералда и архиѓаконот Фроло исчезнал и Квазимодо. Долго време никој не знаел каде е. По две години, во костурницата забележале дека женски костур на кој имало остатоци од бела облека бил гушнат од искривен костур на човек што дошол тука и умрел.