Почетна » втора година » Ликови во романот „Богородичната црква во Париз“

Ликови во романот „Богородичната црква во Париз“

Во романот „Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго има многу ликови. Главни и споредни, поврзани меѓу себе или, пак, онакви што само ја раскажуваат туѓата приказна.

 

Црквата

 

Мотивот Виктор Иго да го напише романот било уништувањето и постепеното пропаѓање на прекрасната готска палата – Богородичната црква. Таа била разурната и ограбена за време на Француската револуција, оставена потоа да пропаѓа. Новите архитекти сакале сосема да ѝ го изменат изгледот и да ја модернизираат. Потоа, витражите од големите розетни прозорци сакале да ги заменат со обично стакло, зашто во црквата било темно, и сл.

Иго црквата ја сметал за архотектонски споменик, сведок на историјата, симбол на издржливоста и трајноста. Затоа, со цел да ја спаси – го напишал романот, и затоа тој Богородичната црква ја смета за главен лик.

 

 

Квазимодо

 

Романот „Богородичната црква во Париз“, често е преведуван како „ѕвонарот“ или „грбавецот“ на Богородичната црква. Така Квазимодо е во преден план, сплотен со вистинскиот главен лик – црквата.

Квазимодо ги има сите можни надворешни недостатоци. Грбав, куц, слеп на едното око, а подоцна и глув. Тој наликува на страшните камени статуи сместени во црквата кои му се едниствени пријатели целиот живот.

Неговата грдотија е толку голема што за него е подобро воопшто да не се појавува пред луѓето. Сепак, тоа ќе го направи на Празникот на лудите, при изборот на нивниот „крал“, и ќе победи – како најгрд во цел Париз. И иако знае дека го исмеваат, тој ќе ужива во вниманието и аплаузите од толпата, затоа што никогаш претходно не доживеал такво нешто – да биде меѓу народот.

.

Најголема почит, дури и љубов, чувствува кон својот воспитувач, архиѓаконот Клод Фроло. Тој го одгледал, го исчувал, го хранел, го заштитувал од народот, го научил да зборува, да пишува и на крајот го поставил за ѕвонар во цркавата, што била најголема Квазимодова желба. Му бил верен како пес на својот господар.

Но, овие чувства кај Квазимодо ќе почнат да се поматуваат кога ќе се појави Есмералда. Тој ќе ја засака нејзината добрина, ќе се восхитува од нејзината убавина, ќе посака да биде нејзин роб. Свесен за својата грдотија ќе се обиде таа да не го гледа криејќи се зад столбовите на црквата или, пак, гледајќи ја додека спие. Во ретките моменти на разговор со неа, тој прво ќе посака да биде барем животно (како козата Џали кон која Есмералда чувствува чиста љубов), зашто така Есмералда би можела да го сака; или, пак, да биде камен, како камените статуи, за да не чувствува ништо – ни љубов ни болка. За жал, тој не е ниту животно, ниту камен – туку човек со срце и душа.

.

Квазимодо како лав, дури двапати, ќе се бори да ѝ го спаси животот на Есмералда. Ќе ја заштити во црквата, но не ќе може да ја заштити од подмолниот Клод Фроло. Затоа, иако го сака и почитува, во моментот кога ја бесат Есмералда, знаејќи дека Фроло е највиновен за тоа, го остава да падне од цркавата и да умре. Тогаш ќе каже: „И двајцата што ги сакав“. Да, единствените двајца што го сметале за човечко суштество и што ги сакал до дното на душата, умреле во ист ден.

По нивната смрт и Квазимодо исчезнал засекогаш. Нему не му преостанало ништо друго, освен и самиот да умре, гушкајќи го мртвото тело на Есмералда. Во оваа последна, симболична сцена на крајот од романот го гледаме конечниот избор на Квазимодо – Есмералда. Таа му е поважна од Фроло. Но, исто така, го гледаме и остварувањето на желбата – да ја гушне и да биде до неа, па макар и мртва.

 

Есмералда

 

Во духот на романтизмот и култот кон жената како една од неговите карактеристики, главниот женски лик во романот, Есмералда, е совршена жена.

Освен со нејзината прекрасна надворешност, необична ориентална убавина, таа блика и со својата внатрешна убавина. Таа е единствената што барем ќе се обиде да го погледне Квазимодо и да го смета за човек. Таа е единствена што ќе се сожали врз него и ќе му даде капка вода кога тој моли и страда од жед.

.

Романтично и детски ќе се вљуби во убавиот Фебус, кој не е достоен за нејзината љубов. Ќе се восхити од неговата сјајна облека и надворешност. Таа нема да сфати дека се работи за развратен, површен човек кого го водат само страстите и кој не знае што е љубов.

Во светот во којшто живее, меѓу разбојниците, крадците и просјаците, Есмералда е сакана и почитувана. Не само заради нејзината убавина и прекрасна става, нејзиното танцување, туку и заради нејзината сочувствителност и праведност.

За да го спаси од смрт, таа ќе се сожали и ќе се омажи (според законот на разбојниците со кршење стомна и во траење од четири години) со Пјер Гренгоар. Ќе живеат со него како брат и сестра, а тој ќе ја почитува неа и нејзината волја. Што е право, Гренгоар повеќе ќе ја засака козата Џали, која била многу паметна и со која Есмералда правела разни трикови за да спечали пари.

Во Есмералда ќе се вљуби дури и свештеникот Клод Фроло, подготвен да го погази дадениот завет само за да биде со неа. Неговиот изглед, нападност, насилност и самоволие ќе предизвикуваат страв кај Есмералда, па таа упорно ќе го одбива и по цена на својот живот.

Иако многумина ќе се обидат да ја спасат од бесилка, осудена неправедно за убиство на Фебус (кој останал жив, а бил прободен од Фроло), таа го завршува својот живот на плоштадот, предадена од Фроло, чија љубов не ја прифаќа по ниедна цена.

 

Клод Фроло

 

Клод Фроло е комлексен лик, кој на почетокот е достоен за почит, а на крајот за осуда.

Тој својата младост ја посветил на образованието, стекнал знаења од сите области, ги изучил сите науки, учел јазици и станал најмлад свештеник, откако решил да се откаже од формирање семејство. Таа празнина ја пополнил со одгледување на својот мал брат, по починувањето на родителите. И како тоа да не било доволно, херојски го посвоил и малиот Квазимодо. Воспитувањето и одгледувањето на брат му Жан не било многу успешно, зашто претерано го разгалил, му дозволувал сѐ, му давал пари иако знаел дека ги троши на пиење, коцка и жени.

Кон Квазимодо бил многу построг и поупорен. Иако изгледало невозможно, тој го научил да зборува, да пишува и да чита. Не знаел како поинаку да го заштити од луѓето, па го советувал никогаш да не излегува од црквата, освен понекогаш заедно со него. Клод не поднесувал непослушност, па затоа ќе го осуди „крунисувањето“ на Квазимодо за лудачки крал, ќе го гледа со презир и омраза.

Нема да му подаде ни капка вода, кога Квазимодо ќе биде измачуван и камшикуван на плоштадот заради грабнувањето на Есмералда. И тоа негово изложување пред светот ќе го гледа со презир.

.

Цврстината, сигурноста, посветеноста кон Бога, кај Клод Фроло целосно ќе се пореметат кога ќе ја види Есмералда, нејзиното танцување, нејзината убавина. Душата ќе му се подели надве. Не ќе може да го најде вистинскиот пат растргнат од страста што ја чувстува кон неа. Од светот криејќи се под својата црна мантија, целосно ќе се отвори со своите ниски страсти кон Есмералда. Ќе ја моли, ќе ја преколнува, ќе биде подготвен на сѐ – да се откаже и од Бог и да му се предаде на ѓаволот, само да биде со неа. Кога таа згрозено го отфрла кај него се јавува желбата за одмазда. И не само заради тоа, тој сака да ја види мртва и затоа што мисли дека така ќе се ослободи од својот грев. Дека со нејзината смрт ќе умре и неговиот срам, ќе умрат страстите, желбите и љубовта.

Густината на црните чувства, огорченост и незадоволство; презирот и омразата кон луѓето, ненаоѓањето на вистинската цел во животот и скршнувањето од господовиот пат, целосно ќе го здробат Фроло. Квазимодо сето тоа ќе го види во очите на својот спасител кога го моли да му подаде рака и да го спаси од смртоносниот пад. Но, Квазимодо ќе гледа само во обесената Есмералда и не погледнувајќи го, не слушајќи го и не помагајќи му на Фроло, ќе го остави да умре заедно со сите свои црнила.

 

Scroll to Top